Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 40

Биди како Петар и не се откажувај

Биди како Петар и не се откажувај

Оди си од мене, Господару, бидејќи сум грешен човек! (ЛУКА 5:8)

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Како реагирал Петар кога Исус му помогнал со чудо да улови многу риби?

 ПЕТАР ловел риби цела ноќ, но не уловил ништо. Затоа се изненадил кога Исус му рекол: „Отплови таму каде што е длабоко, фрлете ги своите мрежи и ловете!“ (Лука 5:4). Петар не верувал дека ќе уловат нешто, но постапил како што му рекол Исус. Мрежите толку многу се наполниле со риби што почнале да се кинат. Кога сфатиле дека Исус тукушто направил чудо, Петар и оние што биле со него се вчудовиделе. Петар рекол: „Оди си од мене, Господару, бидејќи сум грешен човек!“ (Лука 5:6-9). Очигледно, Петар не се чувствувал достоен дури ни да биде во присуство на Исус.

2. Зошто ќе ни користи тоа што ќе го разгледаме примерот на Петар?

2 Петар имал право — тој бил „грешен човек“. Од Библијата дознаваме дека тој понекогаш правел и кажувал работи за кои подоцна се каел. Дали и ти, како Петар, се бориш со некоја своја негативна особина или веќе подолго време се трудиш да совладаш некоја своја слабост? Ако е така, тогаш многу може да те утеши тоа што ќе го проучуваш примерот на Петар. Зошто? Размисли за следново: Јехова можел да одлучи да не бидат запишани во Библијата грешките што ги направил Петар. Но, Јехова се погрижил тие да бидат запишани за наша поука (2. Тим. 3:16, 17). Тоа што ќе дознаеме нешто повеќе за овој човек кој имал слабости и чувства како нашите, ќе ни помогне да сфатиме дека Јехова не очекува совршенство од нас. Тој сака да продолжиме да му служиме и покрај нашите слабости.

3. Зошто треба да продолжиме да му служиме на Јехова и покрај нашите слабости?

3 Зошто е важно да продолжиме да му служиме на Јехова и покрај нашите слабости? Познато е дека, за да совладаме некоја вештина, потребно е многу да вежбаме. Да разгледаме еден пример: Еден музичар може со години да се труди да научи добро да свири на некој инструмент. За сето тоа време, тој може погрешно да отсвири илјадници ноти, но ако не се откаже, туку продолжи да вежба, ќе се подобри. Дури и ако стане вешт музичар, одвреме-навреме можеби ќе направи некоја грешка. Сепак, тој нема да се откаже. Ќе продолжи да ја подобрува својата вештина. На сличен начин, дури и кога мислиме дека сме надминале некоја слабост, може повторно да ја направиме истата грешка. Сепак, ќе продолжиме да работиме на нашата цел. Сите ние кажуваме или правиме работи за кои подоцна жалиме, но ако не се откажеме, Јехова ќе ни помогне да стануваме сѐ подобри (1. Пет. 5:10). Да го разгледаме примерот на Петар кој, и покрај своите слабости, не се откажал, туку продолжил да му служи на Јехова. Сочувството што Исус го покажал кон Петар и покрај неговите пропусти може да нѐ поттикне да продолжиме да му служиме на Јехова.

БОРБАТА НА ПЕТАР И БЛАГОСЛОВИТЕ ШТО ГИ ДОБИЛ

Како ќе реагираш доколку имаш слично искуство како она на Петар? (види во пасус 4)

4. Според Лука 5:5-10, што рекол Петар за себе, но како го охрабрил Исус?

4 Библијата не ни кажува зошто Петар за себе рекол дека е „грешен човек“ или кои гревови ги имал на ум. (Прочитај Лука 5:5-10.) Но, можеби имал направено некои сериозни грешки. Исус знаел дека Петар се плаши и дека тој страв можеби произлегува од чувство на безвредност. Исто така, Исус знаел дека Петар може да остане верен. Затоа, Исус благо му рекол: „Не плаши се“. Довербата што Исус ја покажал кон него, од корен му го сменила животот на Петар. Подоцна, тој и неговиот брат Андреј го оставиле рибарењето и постојано го придружувале Исус во службата — одлука што им донела прекрасни благослови (Мар. 1:16-18).

5. Какви благослови добил Петар затоа што не дозволил негативните чувства да го спречат да го следи Исус?

5 Како следбеник на Исус, Петар доживеал голем број прекрасни искуства. Тој гледал како Исус лекува болни, истерува демони, па дури и воскреснува мртви b (Мат. 8:14-17; Мар. 5:37, 41, 42). Исто така, Петар имал можност да биде сведок на едно видение за идната улога на Исус како Цар на Божјето Царство. Тој настан оставил силен впечаток врз Петар! (Мар. 9:1-8; 2. Пет. 1:16-18). Доколку не го следел Исус, тој никогаш немало да ги види овие работи. Сигурно му било многу мило што не дозволил негативните чувства што ги имал за себе да го спречат да ги доживее тие благослови!

6. Дали Петар брзо ги надминал своите слабости? Објасни.

6 И покрај сето она што го видел и чул, Петар сѐ уште се борел со своите слабости. Да разгледаме неколку примери. Кога Исус објаснил дека ќе страда и ќе умре, токму онака како што било проречено во Библијата, Петар го прекорил (Мар. 8:31-33). Одново и одново, Петар и другите апостоли се расправале околу тоа кој од нив е најголем (Мар. 9:33, 34). Последната ноќ пред смртта на Исус, Петар постапил непромислено и му го отсекол увото на еден човек (Јован 18:10). Истата ноќ, Петар му подлегнал на стравот и три пати одрекол дека го познава својот пријател Исус (Мар. 14:66-72). Поради тоа, Петар горко заплакал (Мат. 26:75).

7. Каква можност му била дадена на Петар по воскресението на Исус?

7 Исус не кренал раце од својот обесхрабрен апостол. Откако воскреснал, Исус му дал можност на Петар да покаже дека сѐ уште го сака. Тој го поттикнал Петар понизно да служи како пастир на неговите овчички (Јован 21:15-17). Петар бил спремен да го направи она што Исус му го кажал. Овој апостол бил во Ерусалим на Педесетница, и бил меѓу првите што биле помазани со свет дух.

8. Каква сериозна грешка направил Петар во Антиохија?

8 Дури и откако станал помазан христијанин, Петар морал да се бори со своите слабости. Во 36 год. од н.е., Бог го испратил Петар кај Корнелиј, кој не бил Евреин. Тогаш, Јехова го помазал Корнелиј, што било јасен доказ дека Бог „не е пристрасен“ и дека не-Евреите можат да бидат дел од христијанското собрание (Дела 10:34, 44, 45). Потоа, Петар почнал да јаде со браќата што не биле Евреи — нешто што никогаш порано не би го направил (Гал. 2:12). Меѓутоа, некои христијани со еврејско потекло сметале дека Евреите и не-Евреите не треба да јадат заедно. Кога некои што имале таков став дошле во Антиохија, Петар престанал да јаде со браќата кои не биле Евреи, од страв да не ги навреди христијаните со еврејско потекло. Апостол Павле го видел ова лицемерие и пред сите го прекорил Петар (Гал. 2:13, 14). И покрај тоа што ја направил оваа грешка, Петар не се разочарал, туку продолжил да му служи на Јехова. Што му помогнало во тоа?

ШТО МУ ПОМОГНАЛО НА ПЕТАР ДА НЕ СЕ ОТКАЖУВА И ПОКРАЈ РАЗОЧАРУВАЊАТА?

9. Како зборовите од Јован 6:68, 69 покажуваат дека Петар бил лојален?

9 Петар бил лојален. Тој не дозволил ништо да го спречи да го следи Исус. На пример, во една прилика Исус кажал нешто што неговите ученици не го разбрале. (Прочитај Јован 6:68, 69.) Без да чекаат или да бараат објаснување, многумина престанале да го следат Исус. Но, не и Петар. Тој знаел дека само Исус ги има „зборовите на вечниот живот“.

Како те охрабрува тоа што Исус имал доверба во Петар? (види во пасус 10)

10. Како Исус покажал доверба во Петар? (Види ја и сликата.)

10 Исус не го оставил Петар. Последната ноќ од неговиот живот на Земјата, Исус знаел дека Петар и другите апостоли ќе го напуштат. Сепак, Исус изразил доверба дека Петар ќе зајакне во духовен поглед и ќе му остане верен (Лука 22:31, 32). Исус бил свесен дека „духот... е спремен, но телото е слабо“ (Мар. 14:38). Затоа, дури и откако Петар одрекол дека го познава, Исус не се откажал од својот апостол. Откако воскреснал, Исус му се појавил на Петар — очигледно додека Петар бил сам (Мар. 16:7; Лука 24:34; 1. Кор. 15:5). Замисли колку тоа го охрабрило овој разочаран апостол!

11. Како Исус го уверил Петар дека Јехова ќе се грижи за неговите потреби?

11 Исус го уверил Петар дека Јехова ќе се грижи за неговите потреби. Воскреснатиот Исус повторно им помогнал на Петар и на другите апостоли со чудо да уловат риби (Јован 21:4-6). Без сомнение, ова чудо го уверило Петар дека Јехова лесно може да се грижи за неговите материјални потреби. Можеби апостолот тогаш се потсетил на зборовите од Исус дека Јехова ќе се грижи за оние кои најнапред го бараат Царството (Мат. 6:33). Сето ова му помогнало на Петар на прво место да ја стави службата на проповедање, а не рибарењето. Тој храбро проповедал на Педесетница 33 год. од н.е., и со тоа им помогнал на илјадници да ја прифатат добрата вест (Дела 2:14, 37-41). А потоа, им помогнал на Самарјаните и на не-Евреите да го прифатат Исус и да го следат (Дела 8:14-17; 10:44-48). Без сомнение, Јехова го употребил Петар на моќен начин за да доведе во собранието најразлични луѓе.

ШТО УЧИМЕ НИЕ?

12. Како може да ни помогне примерот на Петар ако подолго време се бориме со некоја наша слабост?

12 Јехова може да ни помогне да не се откажеме, туку да продолжиме да му служиме. Се разбира, може да не ни биде секогаш лесно, особено ако подолго време се бориме со некоја наша слабост. Понекогаш, нашите слабости може да ни изгледаат потешки од оние што ги имал Петар. Но, Јехова може да ни ја даде силата да не се откажеме (Пс. 94:17-19). На пример, пред да ја дознае вистината, еден брат живеел како хомосексуалец многу години. Тој потполно го сменил својот начин на живот и почнал да живее во склад со Библијата. Сепак, понекогаш се борел со погрешни желби. Што му помогнало да не се откажува? Тој објаснува: „Јехова ми дава сила“. Потоа додава: „Со Јеховиниот дух... научив дека е можно да продолжам да живеам во склад со вистината... Јехова ми дозволува да му служам и постојано ме зајакнува и покрај моите слабости“.

Хорст Хеншел почнал со полновремена служба на 1 јануари 1950. Што мислиш, дали зажалил затоа што го користел својот живот за да му служи на Јехова? (види во пасуси 13, 15) d

13. Според Дела 4:13, 29, 31, како можеме да го следиме примерот на Петар? (Види ја и сликата.)

13 Како што видовме, Петар повеќе пати направил сериозни грешки поради стравот од човек. Но, бидејќи се молел за смелост, Петар успеал да постапува храбро. (Прочитај Дела 4:13, 29, 31.) И ние можеме да ги совладаме нашите стравови. Размисли што му се случило на Хорст, еден млад брат кој живеел во нацистичка Германија. Тој повеќе пати подлегнал на притисокот на училиште и кажал „Хајл Хитлер!“ Наместо да го прекорат, родителите на Хорст, заедно со него, во молитва барале од Јехова да му даде храброст. Со помош од неговите родители и потпирајќи се на Јехова, со текот на времето Хорст стекнал храброст да му биде верен на Јехова. Подоцна, тој кажал: „Јехова никогаш не ме напушти“. c

14. Како можат грижливите старешини да им помогнат на оние кои се обесхрабрени?

14 Јехова и Исус нема да се откажат од нас. Тоа го гледаме од примерот со апостол Петар. Откако се одрекол од Исус, Петар морал да донесе една важна одлука — дали да престане да го следи Исус или и понатаму да биде негов ученик? Исус сесрдно го молел Јехова да не ослабне верата на Петар. Исус му кажал на Петар дека се молел за него и изразил доверба дека овој апостол подоцна ќе може да ги зајакне своите браќа (Лука 22:31, 32). Секогаш кога ќе помислел на тие зборови, Петар сигурно многу се охрабрувал! Кога ние треба да донесеме важна одлука во нашиот живот, Јехова може преку грижливите пастири да ни го даде охрабрувањето што ни е потребно за да останеме верни (Еф. 4:8, 11). Пол, еден брат кој долги години служи како старешина, се труди да им пружи такво охрабрување на браќата и сестрите. Оние кои се двоумат дали да продолжат да му служат на Јехова, Пол ги поттикнува да се потсетат како Јехова ги привлекол кон вистината. Потоа тој ги уверува дека, поради својата верна љубов, Јехова нема да се откаже од нив. Пол вели: „Видов како многу обесхрабрени браќа и сестри, со помош од Јехова, продолжија верно да му служат“.

15. Како примерите на апостол Петар и на брат Хорст ја потврдуваат вистинитоста на зборовите од Матеј 6:33?

15 Исто како што се грижел за материјалните потреби на Петар и на другите апостоли, Јехова ќе се грижи и за нашите материјални потреби ако ја ставиме службата на проповедање на прво место во нашиот живот (Мат. 6:33). Откако завршила Втората светска војна, Хорст, кого го спомнавме претходно, размислувал дали да започне со пионерска служба. Но, тој бил многу сиромашен и не бил сигурен дали ќе може финансиски да се издржува и да остане во полновремена служба. Хорст одлучил да го испита Јехова така што цела седмица ќе учествува во службата за проповедање за време на посетата од покраинскиот надгледник. На крајот од седмицата, тој бил многу изненаден кога покраинскиот надгледник му дал еден плик, но не му кажал од кого е. Во него имало доволно пари за да се издржува неколку месеци во пионерската служба. На овој подарок Хорст гледал како на доказ дека Јехова ќе се грижи за него. До крајот на својот живот тој продолжил да го става Царството на прво место (Мал. 3:10).

16. Зошто е добро да научиме повеќе за примерот што ни го оставил Петар и за она што го напишал во своите писма?

16 Колку само мора да бил радосен Петар што Исус не постапил според неговото барање кога во една прилика му рекол: „Оди си од мене, Господару“. Исус продолжил да го обучува Петар да биде верен апостол и извонреден пример за христијаните. И ние можеме да извлечеме скапоцени поуки од таквата обука. Некои од овие поуки Петар ги запишал во двете писма што им ги напишал на собранијата во првиот век, а кои сега се дел од Библијата. Во следната статија ќе разгледаме неколку совети од овие писма и ќе видиме како можеме да ги примениме денес.

ПЕСНА 126 Бдејте, сите бидете јаки!

a Целта на оваа статија е да ги увери оние кои се борат со некои слабости дека можат да ги надминат и дека можат да продолжат верно да му служат на Јехова.

b Многу од стиховите што се наведени во оваа статија се од евангелието според Марко. Изгледа дека тој го запишал она што го чул од Петар, кој бил очевидец на настаните.

c Види ја животната приказна на Хорст Хеншел „Мотивиран од лојалноста на моето семејство кон Бог“, која излезе во Разбудете се! од 8 јуни 1998.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Како што се гледа на оваа одглумена сцена, родителите на Хорст Хеншел се молеле заедно со него и му помагале да биде цврсто решен да му остане верен на Јехова.