Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 39

Кога си благ, тогаш си силен

Кога си благ, тогаш си силен

Робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ кон сите (2. ТИМ. 2:24)

ПЕСНА 120 Да бидеме благи како Исус

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Какви прашања можат да ни постават колегите или соучениците?

 КАКО се чувствуваш кога некој твој колега или соученик ќе те праша нешто во врска со твоите верувања? Дали имаш трема? Тоа е случај со повеќето од нас. Но едно такво прашање може да ни даде увид во тоа како размислува лицето или во што верува, и да ни даде можност да ја пренесеме добрата вест. Сепак, некој може да ни постави некое прашање затоа што не се согласува со нашите верувања или сака да се расправа со нас. Ова не треба да нѐ изненади бидејќи некои луѓе имаат слушнато погрешни информации за нашите верувања (Дела 28:22). Освен тоа, ние живееме во „последните денови“ — време во кое многу луѓе се „неспремни за каков и да било договор“, па дури и се сурови (2. Тим. 3:1, 3).

2. Зошто ни е потребна благоста?

2 Можеби се прашуваш: „Како можам да бидам љубезен и тактичен кога некој сака да се расправа со мене во врска со моите верувања?“ Што ќе ти помогне? Со еден збор, благоста. Оној што е благ не се вознемирува лесно, туку може да се контролира себеси кога некој го провоцира или кога не е сигурен како да одговори во некоја ситуација (Изр. 16:32). Но, можеби си мислиш: „Тоа е полесно да се каже отколку да се направи“. Како можеш да развиеш благост? Како можеш да одговориш благо кога некој ти приговара во врска со твоите верувања? И, ако си родител, како можеш да им помогнеш на твоите деца да научат да ги бранат своите верувања со благост? Да видиме.

КАКО МОЖЕМЕ ДА РАЗВИЕМЕ БЛАГОСТ

3. Зошто може да се каже дека благоста не е знак на слабост? (2. Тимотеј 2:24, 25).

3 Благоста не е знак на слабост. Напротив, потребна е внатрешна сила за да останеме смирени кога се соочуваме со тешка ситуација. Благоста е еден од „плодовите на духот“ (Гал. 5:22, 23). Грчкиот збор кој се преведува со „благост“ понекогаш се користел за да се опише еден див коњ кој бил припитомен. Замисли си еден див коњ како станува питом и кроток. Иако е кроток, тој сепак е силен. На кој начин можеме ние луѓето да развиеме благост, а во исто време да бидеме силни? Сами не можеме да успееме во тоа. Треба да го молиме Бог да ни даде свет дух и да ни помогне да ја развиеме оваа прекрасна особина. Искуството покажува дека е можно да се стекне благост. Многу наши браќа и сестри ја покажале оваа особина кога некои луѓе ги провоцирале. Со тоа успеале да остават добар впечаток кај оние што го набљудувале нивното однесување. (Прочитај 2. Тимотеј 2:24, 25.) Што можеш да правиш за благоста да стане една од твоите јаки страни?

4. Што може да научиме од Исак за благоста?

4 Во Библијата има многу извештаи кои покажуваат колку скапоцена особина е благоста. Да го разгледаме примерот на Исак. Кога се населил во филистејското подрачје Герар, неговите завидливи соседи ги затрупале бунарите што ги ископале слугите на неговиот татко. Наместо да се бори за своите права, Исак со целото свое домаќинство се преселил на друго место и ископал нови бунари (1. Мој. 26:12-18). Но, Филистејците тврделе дека водата и од тие бунари е нивна. И покрај сѐ, Исак постапил мирољубиво (1. Мој. 26:19-25). Што му помогнало да остане благ дури и кога, очигледно, другите биле решени да го провоцираат? Тој сигурно гледал како постапуваат неговите родители и многу учел од мирољубивото однесување на Авраам и од „мирниот и благ дух“ на Сара (1. Пет. 3:4-6; 1. Мој. 21:22-34).

5. Кој пример покажува дека родителите можат да им помогнат на своите деца да сфатат колку е важна благоста?

5 Родители, бидете уверени дека и вие можете да ги поучите своите деца да сфатат колку е важна благоста. Размисли за примерот на Максонс, кој има 17 години. Тој требало да се справи со гневни луѓе на училиште и во службата на проповедање. Неговите родители стрпливо му помагале да развие благост. Тие велат: „Максонс сфати дека, кога некој е провоциран, потребна му е поголема сила да остане смирен отколку да реагира гневно или насилно“. Колку е убаво што благоста станала дел од личноста на Максонс.

6. На кој начин може молитвата да ни помогне да покажуваме благост во уште поголема мера?

6 Што може да правиме кога ќе се најдеме во некоја напната ситуација, како на пример кога некој кажува лоши работи за нашиот Бог или ја исмева Библијата? Треба да го молиме Јехова да ни даде свет дух и мудрост за да реагираме на благ начин. Што може да правиме ако подоцна сфатиме дека не сме реагирале исправно? Можеме повторно да се молиме во врска со тоа и да размислиме како би можеле следен пат да постапиме на подобар начин. За возврат, Јехова ќе ни даде свет дух за да можеме да останеме смирени и да покажеме благост.

7. Како тоа што ќе запомниме одредени стихови ќе ни помогне да зборуваме и да реагираме смирено во тешки ситуации? (Изреки 15:1, 18).

7 Некои библиски стихови можат да ни помогнат да зборуваме смирено кога се наоѓаме во тешки ситуации. Божјиот дух може да нѐ потсети на тие стихови (Јован 14:26). На пример, начелата што се наоѓаат во книгата Изреки можат да ни помогнат да бидеме благи. (Прочитај Изреки 15:1, 18.) Оваа библиска книга исто така ни помага да сфатиме зошто е добро за нас да останеме смирени во стресни ситуации (Изр. 10:19; 17:27; 21:23; 25:15).

РАЗБИРАЊЕТО НИ ПОМАГА ДА БИДЕМЕ БЛАГИ

8. Зошто е добро да размислиме што можеби го поттикнало лицето да ни постави прашање во врска со нашите верувања?

8 Друго нешто што може да ни помогне е разбирањето, односно проникливоста (Изр. 19:11). Оној што е прониклив, покажува самоконтрола кога некој сака да се расправа со него околу неговите верувања. Некои прашања или приговори се како санта мраз — поголемиот дел се крие под површината. На пример, кога некој ќе постави некое прашање, тоа можеби го прави затоа што нешто го загрижува или има некој скриен мотив. Затоа, пред да одговориме, би било добро да имаме на ум дека можеби не знаеме што го поттикнало лицето да го постави прашањето (Изр. 16:23).

9. Како Гедеон покажал разбирање и благост кон луѓето од племето на Ефрем?

9 Размисли како им одговорил Гедеон на луѓето од племето на Ефрем. Тие гневно му приговарале затоа што не ги повикал порано да му се придружат во битката против непријателите на Израел. Но, која била вистинската причина зошто биле толку гневни? Дали можеби им била повредена гордоста? Која и да била причината, Гедеон постапил мудро така што ги зел предвид нивните чувства и им одговорил на благ начин. Кој бил резултатот? Во Библијата пишува: „Кога им ги кажа тие зборови, стивна нивниот гнев“ (Суд. 8:1-3).

10. Што ќе ни помогне да знаеме што да им одговориме на оние кои ни приговараат затоа што живееме според библиските мерила? (1. Петрово 3:15).

10 Можеби некој наш колега или соученик ќе ни приговара затоа што живееме според библиските мерила. Ние ќе се потрудиме најдобро што можеме да ги објасниме нашите верувања. Но, во исто време, ќе покажеме почит кон неговото мислење. (Прочитај 1. Петрово 3:15.) Наместо да гледаме на неговото прашање како на напад или критика, треба да размислиме како тоа прашање може да ни помогне да дознаеме што му е важно на тоа лице. Без разлика од која причина некој ни поставил прашање, убаво е да одговориме љубезно и благо. На тој начин, нашиот одговор можеби ќе го поттикне да го преиспита своето гледиште. Дури и ако е груб или саркастичен, наша цел треба да биде да одговориме на љубезен начин (Рим. 12:17).

Тоа што најпрво ќе размислиш од кои причини некој сака да присуствуваш на роденденска забава, ќе ти помогне да реагираш на подобар начин (види во пасуси 11-12)

11-12. а) Што треба да земеме предвид пред да одговориме на некое прашање за одредена осетлива тема? (Види ја и сликата.) б) Како тоа што некој ќе ни постави прашање може да води до пријателски разговор? Наведи пример.

11 На пример, ако некој колега те праша зошто не славиш роденден, размисли за следниве прашања: Дали можеби си мисли дека на Јеховините сведоци не им е дозволено да се забавуваат? Дали можеби мисли дека твојот став негативно ќе влијае врз пријателската атмосфера меѓу колегите? Би можел да го пофалиш затоа што сака сите колеги да се чувствуваат убаво, а потоа да го увериш дека и ти го мислиш истото. Тоа би можело да ти даде прилика во еден опуштен разговор да му објасниш на твојот колега што дознаваме од Библијата во врска со родендените.

12 На сличен начин може да постапиме кога ќе се најдеме во дискусија за некоја друга спорна тема. Некој твој соученик може да тврди дека Јеховините сведоци треба да го сменат своето гледиште за хомосексуалноста. Дали тоа го кажува затоа што не знае точно во што веруваат Јеховините сведоци? Дали можеби има пријател или роднина кој е хомосексуалец? Дали си мисли дека ги мразиме хомосексуалците? Можеби ќе треба да го увериме дека ние ги сакаме сите луѓе и дека го почитуваме правото на секој човек сам да носи одлуки за себе b (1. Пет. 2:17). Потоа, можеби ќе ни се укаже прилика да му кажеме што вели Библијата и како нејзините мерила ни помагаат да имаме подобар живот.

13. Како би можел да му помогнеш на некој кој тврди дека е бесмислено да се верува во Бог?

13 Кога некој има цврст став и не се согласува со некое наше верување, не треба веднаш да заклучиме дека ние знаеме во што тој верува (Тит 3:2). На пример, што ако некој твој соученик вели дека е бесмислено да се верува во Бог? Дали треба да заклучиш дека тој цврсто верува во еволуција и дека знае многу работи во врска со неа? Всушност, тој можеби не ни размислувал многу околу тоа, туку само го повторува она што го чул. Наместо да почнеш да дискутираш за еволуција, би можел да кажеш нешто за што твојот соученик ќе може да размислува подоцна. На пример, би можел да го упатиш на нашата страница jw.org каде што може да најде повеќе информации за творештвото. Можеби подоцна ќе сака да разговарате за некоја статија или видеоклип што се наоѓа таму. Ако зборуваш со почит, тоа можеби ќе го поттикне да дознае нешто повеќе за Библијата.

14. Како Нил ја употребил нашата интернет-страница за да му помогне на еден соученик кој имал погрешно мислење за Јеховините сведоци?

14 Еден тинејџер по име Нил ја искористил нашата интернет-страница за да покаже дека она што го велат некои луѓе во врска со Јеховините сведоци не е вистина. Тој вели: „Еден мој соученик често ми кажуваше дека јас не верувам во наука затоа што имам доверба во една книга со приказни наместо да верувам во факти“. Бидејќи соученикот не му дозволувал да ги објасни своите верувања, Нил го упатил на нашата интернет-страница jw.org во делот „Науката и Библијата“. Подоцна, Нил сфатил дека неговиот соученик го прочитал материјалот и затоа бил поспремен да разговара со него во врска со потеклото на животот. И ти би можел да доживееш слично искуство.

ПОДГОТВЕТЕ СЕ КАКО СЕМЕЈСТВО

15. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да одговорат на благ начин кога ќе треба да ги одбранат своите верувања?

15 Родителите можат делотворно да ги поучат своите деца како да одговорат на благ начин кога ќе треба да ги одбранат своите верувања (Јак. 3:13). Некои родители, за време на Семејната вечер, прават практични вежби во врска со тоа. Заедно со своите деца, тие разгледуваат теми кои би можеле да се појават на училиште, разговараат и вежбаат за тоа како да дадат одговор на некое прашање, и ги поучуваат своите деца како да зборуваат на благ и љубезен начин. (Види ја рамката „ Практични вежби кои можат да му помогнат на твоето семејство“.)

16-17. Како можат практичните вежби да им помогнат на младите?

16 Ваквите практични вежби можат да им помогнат на младите христијани да изнесат уверливи аргументи, а и самите да се уверат дека имаат цврст темел за своите верувања. Во серијата „Младите прашуваат“ на jw.org има и работни листови за тинејџери. Нивна цел е да им помогнат на младите да ја зајакнат својата вера и да подготват одговори со свои зборови. Тоа што ќе ги проучуваме овие рубрики како семејство, ќе ни помогне на сите нас да научиме да ја браниме нашата вера на благ и љубезен начин.

17 Еден млад брат по име Метју објаснува како му помага тоа што со неговото семејство прават практични вежби. За време на нивната Семејна вечер, Метју и неговите родители често истражуваат за некои теми кои би можеле да бидат предмет на дискусија на училиште. Тој вели: „Размислуваме какви прашања би можел некој да постави и потоа вежбаме како да одговориме на нив на темел на истражувањето што сме го направиле. Кога ми е јасно зошто верувам во нешто, се чувствувам сигурно и полесно ми е да бидам благ кога разговарам со другите“.

18. На која важна работа нѐ поттикнуваат зборовите од Колошаните 4:6?

18 Се разбира, дури и кога ќе ги објасниме работите на јасен и уверлив начин, тоа не значи дека секој ќе го прифати она што му го кажуваме. Но, тоа што ќе зборуваме тактично и благо, може да помогне. (Прочитај Колошаните 4:6.) Споделувањето на нашите верувања може да се спореди со фрлање топка. Топката може да ја фрлиме нежно, а може да ја фрлиме и грубо. Ако ја фрлиме нежно, поголема е веројатноста другиот играч да ја фати топката и да продолжи да игра. Слично на тоа, ако зборуваме тактично и благо, поголема е веројатноста луѓето да нѐ слушаат и да продолжат со разговорот. Се разбира, ако некој сака да се расправа или да ги исмева нашите верувања, тогаш не сме обврзани да продолжиме да му одговараме (Изр. 26:4). Но, нема секој да реагира на таков начин. Всушност, многумина веројатно ќе сакаат да нѐ слушаат.

19. Што треба да нѐ поттикне да бидеме благи кога ги браниме нашите верувања?

19 Јасно е дека многу ќе ни користи тоа што ќе се трудиме да учиме да бидеме благи. Моли го Јехова да ти даде сила да останеш благ кога некој ќе ти постави прашање во врска со некоја спорна тема или кога неправедно ќе те критикува. Имај на ум дека, тоа што ќе бидеш благ, може да спречи разликите во мислењата да се претворат во расправии. Освен тоа, ако одговориш благо и со почит, можеби ќе ги поттикнеш оние што те слушаат да го сменат своето гледиште за нас и за библиските вистини. Секогаш биди спремен да ги одбраниш своите верувања и прави го тоа „благо и со длабока почит“ (1. Пет. 3:15). Навистина, кога си благ, тогаш си силен!

ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки

a Во оваа статија има предлози за тоа како да ги браниме нашите верувања со благост кога некој нѐ провоцира или ни приговара.

b Практични предлози има во статијата „Што вели Библијата за хомосексуалноста?“, која излезе во Разбудете се! бр. 4, 2016.

c Корисни предлози можеш да најдеш на jw.org во рубриките „Младите прашуваат“ и „Најчесто поставувани прашања во врска со Јеховините сведоци“.