СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 38
Млади — каков живот сакате да имате?
Проникливоста ќе те чува (ИЗР. 2:11)
ПЕСНА 135 „Биди мудар, сине мој“
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Со која тешка ситуација се соочиле Јоас, Озија и Јосија?
ЗАМИСЛИ дека си станал цар на Божјиот народ, а сѐ уште си само дете или тинејџер. Како ќе ги користиш власта и моќта што ги имаш? Во Библијата се спомнати неколку Божји слуги кои станале цареви на млада возраст. На пример, Јоас имал само 7 години, Озија имал 16, а Јосија 8. Замисли колкав притисок чувствувале. Иако не им било лесно, сите тие ја добиле потребната помош за да можат да се справат со своите предизвици и да водат исполнет живот.
2. Зошто е корисно да го разгледаме примерот на Јоас, Озија и Јосија?
2 Никој од нас не е цар или царица, но секој од нас може многу да научи од животот на Јоас, Озија и Јосија. Тие донеле добри, но и лоши одлуки. Од нивниот пример ќе видиме зошто треба да си избереме добри пријатели, да останеме понизни и постојано да се трудиме да бидеме блиски со Јехова.
ИЗБЕРИ СИ ДОБРИ ПРИЈАТЕЛИ
3. Како влијаеле врз цар Јоас поуките од првосвештеникот Јодај?
3 Носи мудри одлуки како Јоас. Кога бил млад, цар Јоас донел мудра одлука. Бидејќи немал татко, тој го следел водството на првосвештеникот Јодај, кој бил верен Божји слуга. Овој свештеник го поучувал Јоас како да е негов сопствен син. Како резултат на тоа, Јоас донел мудра одлука да му служи на Јехова и да му помага на народот да го прави истото. Јоас дури се погрижил да биде обновен Јеховиниот храм (2. Лет. 24:1, 2, 4, 13, 14).
4. Зошто е корисно да ги сакаме и да им бидеме послушни на Јеховините заповеди? (Изреки 2:1, 10-12).
4 Ако твоите родители, или некој друг, те поучуваат да го сакаш Јехова и да живееш според неговите мерила, тогаш си добил еден скапоцен подарок. (Прочитај Изреки 2:1, .) Родителите можат да те поучуваат на многу начини. Размисли како таткото на една сестра по име Катја ѝ помогнал да носи добри одлуки. Секој ден кога тој ја носел на училиште, тие разговарале за дневниот стих. Катја вели: „Таквите разговори ми помагаа да се справам со тешките ситуации со кои се соочував во текот на денот“. Но, што ако ти се чини дека твојата слобода е ограничена поради правилата што ти ги поставуваат родителите на темел на Библијата? Што може да ти помогне да им бидеш послушен? Една сестра по име Анастасија се сеќава дека нејзините родители одвојувале време за да ѝ објаснат зошто поставиле одредени правила. Таа вели: „Тоа ми помогна да сфатам дека родителите ми поставуваат правила не затоа што сакаат да ме контролираат, туку затоа што со љубов сакаат да ме заштитат“. 10-12
5. Како твоите постапки влијаат врз твоите родители и врз Јехова? (Изреки 22:6; 23:15, 24, 25).
5 Твоите родители ќе бидат многу среќни ако ги применуваш библиските совети што ти ги даваат. Што е уште поважно, ќе го радуваш Бог, и твоето пријателство со него ќе стане уште поцврсто. (Прочитај Изреки 22:6; 23:15, 24, 25.) Ова навистина се добри причини поради кои треба да го следиш примерот што го оставил Јоас кога бил млад.
6. Чии совети почнал Јоас да ги слуша, и каков бил резултатот од тоа? (2. Летописи 24:17, 18).
6 Учи од лошите одлуки на Јоас. Откако Јодај умрел, Јоас си избрал лошо друштво. (Прочитај 2. Летописи 24:17, 18.) Тој одлучил да ги слуша кнезовите на Јуда кои не го сакале Јехова. Веројатно се согласуваш дека Јоас требало да стои настрана од нив бидејќи тие правеле лоши работи (Изр. 1:10). Наместо тоа, тој ги слушал нивните лоши совети. Всушност, кога Захарија, кој му бил роднина, сакал да го исправи, Јоас наредил да биде убиен (2. Лет. 24:20, 21; Мат. 23:35). Колку ужасна и безумна постапка! Животот на Јоас имал добар почеток, но за жал тој станал отпадник и убиец. На крајот бил убиен од неговите сопствени слуги (2. Лет. 24:22-25). Колку подобар живот ќе имал доколку продолжел да ги слуша Јехова и оние што го сакале Бог. Каква поука извлекуваш од овој пример?
7. Какви пријатели треба да си избереш? (Види ја и сликата.)
7 Која е една поука што можеме да ја извлечеме од лошата одлука на Јоас? Треба да си избираме пријатели кои добро ќе влијаат врз нас — пријатели кои го сакаат Јехова и имаат желба да го радуваат. Нашиот круг на пријатели не треба да го ограничиме само на оние кои се на наша возраст. Јоас бил многу помлад од својот пријател Јодај. Кога станува збор за твоите пријатели, прашај се: „Дали ми помагаат да си ја зајакнам верата во Јехова? Дали ме поттикнуваат да живеам според Божјите мерила? Дали зборуваат за Јехова и за она што го учат од Библијата? Дали ги почитуваат Божјите мерила? Дали ми го кажуваат само она што сакам да го чујам или имаат храброст да ме исправат кога тоа е потребно?“ (Изр. 27:5, 6, 17). Отворено кажано, ако твоите пријатели не го сакаат Јехова, тогаш тие не ти се потребни. Но, ако твоите пријатели го сакаат Јехова, остани близок со нив бидејќи тие добро ќе влијаат врз тебе (Изр. 13:20).
8. Ако користиме социјални мрежи, што треба да се прашаме?
8 Социјалните мрежи ни помагаат да останеме во контакт со семејството и пријателите. Но, многу луѓе го користат овој вид на комуникација за да ги импресионираат другите така што објавуваат слики и видеоклипови на кои се гледа што купиле или што направиле. Ако користиш социјални мрежи, прашај се: „Дали сакам да ги импресионирам другите? Дали целта ми е да споделам нешто добро со другите, или пак да се истакнам себеси? Дали им дозволувам на луѓето што ја користат оваа социјална мрежа негативно да влијаат врз моето размислување, врз мојот говор и врз моите постапки?“ Брат Натан Нор, кој служел како член на Водечкото тело, го дал следниов совет: „Не обидувајте се да им угодите на луѓе. На крај, нема да му угодите на никого. Угодете му на Јехова, и ќе им угодите на сите што го сакаат“.
ПОНИЗНОСТА Е МНОГУ ВАЖНА
9. Што направил Озија со помош на Јехова? (2. Летописи 26:1-5).
9 Носи мудри одлуки како Озија. Кога бил млад, цар Озија бил понизен. Тој стекнал страв од Бог. Озија живеел 68 години, и Јехова го благословувал во поголемиот дел од неговиот живот. (Прочитај 2. Летописи 26:1-5.) Тој поразил многу од непријателите на Божјиот народ и ја зајакнал одбраната на Ерусалим (2. Лет. 26:6-15). Озија сигурно бил многу среќен поради сето она што Бог му помогнал да го направи (Проп. 3:12, 13).
10. Што се случило со Озија?
10 Учи од лошите одлуки на Озија. Цар Озија бил навикнат другите да го прават она што тој ќе им го каже. Можеби поради тоа мислел дека може да прави сѐ што ќе посака. Еден ден, Озија решил да влезе во Јеховиниот храм и дрско се обидел да запали темјан на кадилниот жртвеник, нешто што на царевите не им било дозволено да го прават (2. Лет. 26:16-18). Првосвештеникот Азарија се обидел да го исправи, но Озија многу се разгневил. За жал, Озија не останал верен и затоа Јехова го казнил со лепра (2. Лет. 26:19-21). Колку подобар живот ќе имал доколку останел понизен!
11. Од кои постапки може да се види дали сме понизни? (Види ја и сликата.)
11 Кога станал моќен, Озија заборавил дека Јехова е тој што му дава сила и успех. Што учиме од ова? Никогаш не треба да заборавиме дека сите благослови, како и задачите што ги имаме во службата за Јехова, доаѓаат од него. Наместо да се фалиме за сето она што сме го направиле, заслугата треба да му ја припишеме на Јехова b (1. Кор. 4:7). Треба да бидеме понизни и да признаеме дека сме несовршени и дека ни треба исправка. Еден брат кој има околу 60 години напишал: „Научив да не се сфаќам себеси премногу сериозно. Кога ќе добијам исправка за детинестите грешки што понекогаш ги правам, се обидувам да се подобрам и да продолжам да му служам на Јехова најдобро што можам“. Ако сме му послушни на Јехова и ако останеме понизни, ќе имаме вистински среќен живот (Изр. 22:4).
ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ЗБЛИЖУВАШ СО ЈЕХОВА
12. Како Јосија, кога бил млад, покажал дека го бара Јехова? (2. Летописи 34:1-3).
12 Носи мудри одлуки како Јосија. Јосија имал 16 години кога почнал да го бара Јехова. Тој сакал да учи за Јехова и да ја врши Божјата волја. Но, животот на овој млад цар не бил лесен. Во тоа време, повеќето луѓе обожавале лажни богови. Затоа, на Јосија му била потребна храброст за да ги спречи да го прават тоа. И, Јосија навистина бил храбар! Уште пред да наполни 20 години, тој почнал да ја чисти земјата од обожавањето на лажните богови. (Прочитај 2. Летописи 34:1-3.)
13. Како ќе влијае врз твојот живот тоа што ќе му се заветуваш на Јехова?
13 Дури и ако си многу млад, ти можеш да одлучиш да го следиш примерот на Јосија така што ќе учиш за Јехова и за неговите прекрасни особини. Тоа може да те поттикне да му го заветуваш својот живот. Како тој завет ќе влијае врз твојот секојдневен живот? Лука, кој се крстил на 14 години, рекол: „Отсега натаму, службата за Јехова ќе ја ставам на прво место во мојот живот и ќе правам сѐ што можам за да го радувам“ (Мар. 12:30). Ако и ти ја имаш истата цел, ќе добиеш многу благослови од Јехова.
14. Наведи примери за тоа како некои млади го следат примерот на цар Јосија.
14 Со какви предизвици може да се соочат младите кои му служат на Јехова? Јохан, кој се крстил на 12 години, вели дека неговите соученици му вршат притисок да користи електронски цигари. За да може да се спротивстави на притисокот, Јохан се потсетува дека, ако користи електронски цигари, тоа негативно ќе влијае и врз неговото здравје и врз неговото пријателство со Јехова. Рејчел, која се крстила на 14 години, објаснува што ѝ помага да се справи со предизвиците што ги има на училиште. Таа вели: „Она што го гледам околу мене, се трудам да го поврзам со Библијата и со Јехова. На пример, некоја лекција по историја може да ме потсети на некој библиски извештај или на некое пророштво. Или, кога разговарам со некого на училиште, се обидувам да се сетам на некој библиски стих што би можела да го споделам“. Предизвиците со кои ти се соочуваш можеби се разликуваат од оние на цар Јосија, но и ти можеш да бидеш мудар и верен како него. Ако успешно се справиш со предизвиците што ги имаш додека си млад, тоа ќе те подготви за тешкотиите со кои ќе се соочиш во иднина.
15. Што му помогнало на Јосија верно да му служи на Јехова? (2. Летописи 34:14, 18-21).
15 Кога имал 26 години, цар Јосија почнал да го обновува храмот. Додека траела обновата, била најдена „книгата на Јеховиниот закон, добиена преку Мојсеј“. Кога слушнал што било запишано таму, цар Јосија веднаш ги направил потребните промени во склад со тоа што го прочитал. (Прочитај 2. Летописи 34:14, 18-21.) Можеби веќе се трудиш да ја читаш Библијата секој ден. Дали уживаш во тоа? Дали си ги запишуваш стиховите што можат да ти помогнат тебе лично? Лука, кого го спомнавме претходно, си води дневник во кој си ги запишува интересните мисли што ги наоѓа. Ако правиш нешто слично, тоа би можело да ти помогне да се сетиш на библиските стихови или на поуките што ти се допаднале. Колку повеќе учиш од Библијата и колку повеќе расте твојата љубов кон неа, толку поголема желба ќе имаш да му служиш на Јехова. И, исто како цар Јосија, ќе бидеш поттикнат да постапуваш во склад со Божјата Реч.
16. Зошто Јосија направил сериозна грешка, и која е поуката за нас?
16 Учи од лошите одлуки на Јосија. Кога имал околу 39 години, Јосија направил една грешка поради која го изгубил животот. Тој се потпирал на себеси наместо да бара водство од Јехова (2. Лет. 35:20-25). Од ова може да извлечеме една поука. Без разлика на која возраст сме или колку долго време ја проучуваме Библијата, мора да продолжиме да го бараме Јехова. Во тоа е вклучено редовно да го молиме да ни дава водство, да ја проучуваме неговата Реч и да ги слушаме советите од зрелите христијани. На тој начин, помала е веројатноста дека ќе направиме сериозни грешки, а поголема е веројатноста дека ќе бидеме среќни (Јак. 1:25).
МЛАДИ — ВИЕ МОЖЕТЕ ДА ИМАТЕ СРЕЌЕН ЖИВОТ
17. Што можеме да заклучиме од библиските извештаи за тројцата цареви на Јуда?
17 Младоста е период кој нуди многу можности. Библиските извештаи за Јоас, Озија и Јосија покажуваат дека младите можат да носат мудри одлуки и дека со својот живот можат да го радуваат Јехова. Точно е дека, кога биле млади, тие направиле некои грешки поради кои трпеле лоши последици. Но, ако ние се угледаме на добрите работи што ги направиле овие цареви и ако не ги повториме нивните грешки, можеме да се надеваме на среќен и исполнет живот.
18. Кои библиски примери покажуваат дека можеш да имаш среќен живот? (Види ја и сликата.)
18 Во Библијата има извештаи и за други млади кои се зближиле со Јехова, го стекнале неговото одобрување и воделе исполнет живот. Давид бил еден од нив. Кога бил млад, тој одлучил да му биде пријател на Бог, а потоа станал цар и му останал верен на Јехова. Точно е дека понекогаш правел грешки, но Бог го сметал за свој верен слуга (1. Цар. 3:6; 9:4, 5; 14:8). Ако го проучуваш извештајот за Давид, неговиот пример ќе те поттикне верно да му служиш на Јехова. Или, би можел да го проучуваш библискиот извештај за Марко или за Тимотеј. Тие почнале да му служат на Јехова додека биле млади и му останале верни целиот свој живот. Затоа што донеле одлука да му служат на Јехова, тие го израдувале него, а и самите биле среќни.
19. Каков живот можеш да имаш?
19 Начинот на кој го користиш својот живот сега, ќе влијае врз тоа каков ќе биде твојот живот во иднина. Ако се потпираш на Јехова наместо на своето размислување, тој ќе ти помогне да носиш мудри одлуки (Изр. 20:24). Ти можеш да имаш среќен и исполнет живот! Не заборавај дека Јехова го цени сето она што го правиш за него. Навистина, нема подобар начин на кој би можел да го користиш својот живот отколку да му служиш на својот небесен Татко кој многу те сака!
ПЕСНА 144 Гледај ја наградата!
a Млади, Јехова знае дека се соочувате со предизвици поради кои понекогаш може да ви биде тешко да го правите она што е исправно и да останете негови пријатели. Како можете да носите мудри одлуки со кои ќе го радувате вашиот небесен Татко? Во оваа статија ќе го разгледаме примерот на три млади личности кои станале цареви на Јуда. Потруди се да извлечеш поуки од нивните одлуки.
b На jw.org види ја рамката „Чувај се од лажна скромност“, која се наоѓа во статијата „Колку е важна популарноста на социјалните мрежи?“