Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 37

Потпирај се на Јехова по примерот на Самсон

Потпирај се на Јехова по примерот на Самсон

Севишен Господару Јехова, сети се на мене, те молам, и дај ми сила (СУД. 16:28)

ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. Зошто е корисно да го разгледаме примерот на Самсон?

 ШТО ти доаѓа на ум кога ќе го слушнеш името Самсон? Веројатно помислуваш на тоа дека бил човек со несекојдневна сила. И тоа навистина било така. Но, Самсон донел погрешна одлука поради која претрпел болни последици. Сепак, Јехова се концентрирал на тоа колку верен му бил Самсон во текот на целиот свој живот. Бог дозволил неговиот пример да биде запишан во Библијата за наша поука.

2 Јехова го користел Самсон за да постигне извонредни работи со цел да им помогне на Израелците, кои биле негов избран народ. Стотици години по смртта на Самсон, Јехова со својот дух го поттикнал апостол Павле да го спомне и Самсон заедно со други луѓе кои покажале голема вера (Евр. 11:32-34). Примерот на Самсон може многу да нѐ охрабри. Тој се потпирал на Јехова дури и кога се наоѓал во особено тешки околности. Во оваа статија ќе видиме што можеме да научиме од Самсон, и како неговиот пример може да нѐ охрабри.

САМСОН ИМАЛ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА

3. Каква задача добил Самсон?

3 Кога се родил Самсон, со Израелците владееле Филистејците, кои ги угнетувале (Суд. 13:1). Нивното сурово владеење им носело големо страдање на Израелците. Јехова го избрал Самсон да „предводи во избавувањето на Израел од рацете на Филистејците“ (Суд. 13:5). Ова било многу тешка задача. За да може да ја изврши, Самсон морал да се потпира на Јехова.

Самсон имал доверба во Јехова и бил приспособлив. Тој го употребил она што му било на располагање за да ја изврши Божјата волја (види во пасуси 4-5)

4. Како Јехова му помогнал на Самсон да се ослободи од Филистејците? (Судиите 15:14-16).

4 Да разгледаме еден пример од кој се гледа дека Самсон имал доверба во Јехова и дека се потпирал на него за помош. Во една прилика, филистејската војска дошла за да го фати Самсон кај Лехи, место кое веројатно се наоѓало во Јуда. Јудејците се уплашиле и одлучиле да им го предадат Самсон на непријателите. Тие му ги врзале рацете на Самсон со две нови јажиња, и така неговиот сопствен народ го предал на Филистејците (Суд. 15:9-13). Сепак, Јеховиниот дух дошол врз Самсон и тој се ослободил така што ги искинал јажињата. Потоа нашол магарешка челуст и со неа убил илјада Филистејци. (Прочитај Судиите 15:14-16.)

5. Како Самсон покажал дека има доверба во Јехова?

5 Зошто Самсон употребил толку невообичаено оружје каква што била магарешката челуст? Без сомнение, тој знаел дека неговиот успех зависи од Јехова, а не од тоа какво оружје ќе користи. Овој верен Божји слуга го искористил она што му стоело на располагање за да ја исполни Јеховината волја. Јасно е дека Самсон имал голем успех затоа што се потпирал на Јехова.

6. Која поука можеме да ја извлечеме од Самсон во врска со нашите теократски задачи?

6 Јехова и нам може да ни даде сила да ги извршиме нашите задачи, дури и оние кои ни изгледаат претешки. Тој може да го направи тоа на начин што можеби ќе нѐ изненади. Имај доверба дека Јехова, кој му дал сила на Самсон, ќе ти помага и тебе да ја вршиш неговата волја сѐ додека се потпираш на него за помош (Изр. 16:3).

7. Кој пример покажува дека е важно да бараме водство од Јехова?

7 Многу браќа и сестри кои се вклучени во теократските градежни проекти покажале доверба во Јехова. Во минатото, обично нашите браќа ги проектираа и ги градеа поголемиот број од салите за состаноци и другите теократски објекти. Но, поради тоа што сѐ повеќе луѓе се крштаваат, Јеховината организација мораше да направи некои промени. Одговорните браќа го молеа Јехова за водство и испробаа нови методи. На пример, купуваа објекти и ги реновираа. Роберт, кој последниве години работел на многу наши градежни проекти низ светот, вели: „На почеток, на некои им беше тешко да го прифатат овој нов метод“. Роберт додава: „Овој метод беше многу поразличен од она што го правевме со години. Но браќата спремно се приспособија. Беше очигледно дека Јехова ја благословува оваа промена“. Ова е само еден пример како Јехова го води својот народ за да ја исполни својата намера. Одвреме-навреме, секој од нас би било добро да се запраша: „Дали барам водство од Јехова, и дали спремно правам промени за да можам да му служам на најдобар начин?“

САМСОН ГО КОРИСТЕЛ СЕТО ОНА ШТО ЈЕХОВА МУ ГО ДАВАЛ

8. Што направил Самсон во една прилика кога многу ожеднел?

8 Можеби си читал и за други неверојатни работи што ги направил Самсон. Тој со голи раце убил еден лав, а подоцна убил 30 мажи во филистејскиот град Аскалон (Суд. 14:5, 6, 19). Самсон знаел дека никогаш нема да може да направи вакви работи без помошта од Јехова. Тоа било очигледно во една прилика кога многу ожеднел откако убил илјада Филистејци. Што направил во таа прилика? Наместо сам да бара вода за да ја згаси својата жед, тој побарал помош од Јехова (Суд. 15:18).

9. Што направил Јехова кога Самсон го молел за помош? (Судиите 15:19).

9 Јехова одговорил на молитвата на Самсон така што со чудо направил извор од кој потекла вода. Извештајот вели: „Кога Самсон се напи, му се врати силата и живна“. (Прочитај Судиите 15:19.) По сѐ изгледа, овој нов извор постоел и со години подоцна, кога пророкот Самоил под водство на светиот дух ја напишал книгата за Судиите. Кога ќе го виделе тој извор, Израелците можеби се потсетувале дека, ако се потпираат на Јехова, тој ќе им помага на своите верни слуги кога имаат некаква потреба.

Самсон добил сила откако се напил од водата што му ја дал Јехова. Слично како Самсон, и ние треба да го користиме сето она што Јехова ни го дава за да останеме духовно јаки (види во пасус 10)

10. Што мора да правиме за да добиеме помош од Јехова? (Види ја и сликата.)

10 И ние треба да бараме помош од Јехова без разлика какви способности или таленти имаме и без разлика што сме постигнале во службата за него. Треба да бидеме скромни и да признаеме дека ќе можеме да го направиме она што Јехова го бара од нас само ако се потпираме на него за помош. Исто како што Самсон добил сила кога се напил од водата што Јехова му ја дал, и ние ќе бидеме духовно зајакнати ако го користиме сето она што Јехова ни го дава за да ни помага (Мат. 11:28).

11. Како можеме да се потпираме на Јехова кога ни треба помош? Наведи пример.

11 Размисли за примерот на Алексеј, еден наш брат од Русија кој трпи жестоко прогонство. Што му помага да остане цврст и покрај тешките околности? Тој и неговата жена имаат добри духовни навики. Алексеј вели: „Се трудам редовно да проучувам и секој ден да ја читам Библијата. Секое утро јас и жена ми заедно го разгледуваме дневниот стих и му се молиме на Јехова“. Што учиме од нивниот пример? Наместо да се потпираме на себеси, секогаш треба да се потпираме на Јехова. Како? Така што редовно ќе го правиме сето она што може да ја зајакне нашата вера, односно ќе ја проучуваме Библијата, ќе се молиме, ќе присуствуваме на состаноците и ќе проповедаме. За возврат, Јехова богато ќе го благослови сиот наш труд што го вложуваме за да му служиме. Тој го зајакнал Самсон, а сигурно ќе нѐ зајакне и нас.

САМСОН НЕ СЕ ОТКАЖАЛ

12. Каква лоша одлука донел Самсон, и како тоа се разликувало од неговите претходни одлуки?

12 Самсон бил несовршен човек како нас. Затоа понекогаш носел лоши одлуки. Особено една од тие лоши одлуки водела до трагични последици. Откако некое време служел како судија, Самсон се вљубил во една жена од долината на Сорек која се викала Делила (Суд. 16:4). Претходно, Самсон сакал да се ожени со една Филистејка. Јехова го водел Самсон да го направи тоа за да може да влезе во судир со Филистејците. Подоцна, Самсон влегол во куќата на една блудница во филистејскиот град Газа. Во таа прилика, Бог му дал сила на Самсон да ги откорне градските порти и да ги однесе на врвот на една планина оставајќи го градот без заштита (Суд. 14:1-4; 16:1-3). Но, случајот со Делила бил поинаков. Зошто? Таа веројатно била Израелка, и врската со неа немало да му даде можност на Самсон да се бори со Филистејците.

13. Како Делила го довела Самсон во една тешка ситуација?

13 Делила прифатила голема сума пари од Филистејците за да го предаде Самсон. Можеби тој толку бил заслепен од љубовта кон Делила што не сфатил каква е нејзината намера. Како и да е, таа постојано му вршела притисок на Самсон да ѝ каже од каде доаѓа неговата сила. На крајот, тој попуштил и ѝ кажал. За жал, поради својата грешка, Самсон некое време ја изгубил својата сила и наклоноста од Јехова (Суд. 16:16-20).

14. Какви последици претрпел Самсон поради тоа што ѝ верувал на Делила?

14 Самсон претрпел горки последици бидејќи повеќе ѝ верувал на Делила отколку на Јехова. Филистејците го фатиле Самсон и го ослепиле. Тие го затвориле во Газа, чии жители тој претходно ги понижил, и го принудиле да ја врти мелницата во затворот. Потоа, Филистејците го понижиле кога биле собрани на една прослава. Тие му принеле голема жртва на својот лажен бог Дагон бидејќи верувале дека тој им помогнал да го фатат Самсон. Филистејците го извеле Самсон од затворот и го донеле на прославата за да ги забавува со тоа што ќе му се потсмеваат (Суд. 16:21-25).

Јехова го зајакнал Самсон за да ја изврши Неговата осуда врз Филистејците (види во пасус 15)

15. Како Самсон покажал дека повторно се потпира на Јехова? (Судиите 16:28-30; види ја сликата на насловната страница.)

15 Самсон направил сериозна грешка, но не се откажал. Тој барал прилика да ја изврши задачата што му ја дал Бог — да се бори против Филистејците. (Прочитај Судиите 16:28-30.) Самсон сесрдно му се помолил на Јехова со зборовите: „Дозволи ми да им се одмаздам на Филистејците“. Вистинскиот Бог одговорил на молитвата на Самсон и уште еднаш му дал надчовечка сила. Како резултат на тоа, Самсон во таа прилика убил повеќе Филистејци отколку што убил во текот на целиот свој живот.

16. Што може да научиме од грешката на Самсон?

16 Иако трпел горки последици поради својата грешка, Самсон не се откажал, туку се трудел и понатаму да ја врши Јеховината волја. Што учиме од ова? Дури и ако направиме некоја грешка и добиеме укор, или пак ни биде одземена некоја одговорност, не треба да се откажеме. Не заборавај, Јехова не се откажува од нас (Пс. 103:8-10). И покрај нашите грешки, Јехова може да ни ја дава силата што ни е потребна за да ја вршиме неговата волја исто како што било случај и со Самсон.

Самсон веројатно се чувствувал ужасно поради грешката што ја направил, но тој не се откажал, а не треба да се откажеме ни ние (види во пасуси 17-18)

17-18. Зошто те охрабрува примерот на Мајкл? (Види ја и сликата.)

17 Размисли за примерот на еден млад брат по име Мајкл. Тој извршувал многу теократски задачи, служејќи како слуга-помошник и општ пионер. За жал, направил една грешка поради која му биле одземени одговорностите во собранието. Тој вели: „До тој момент имав полни раце работа во службата за Јехова. Но, наеднаш се почувствував како да изгубив сѐ. Никогаш не мислев дека Јехова ме напушти. Но, се прашував дали мојот однос со него повторно ќе биде како порано и дали некогаш ќе можам да служам во собранието до онаа мера како што служев порано“.

18 Пофално е што Мајкл не се откажал. Тој додава: „Се концентрирав на тоа да го подобрам мојот однос со Јехова така што редовно му се молев од срце, проучував и длабоко размислував“. Со текот на времето, Мајкл повторно добил одговорности во собранието. Тој сега служи како старешина и општ пионер. Мајкл вели: „Поддршката и охрабрувањето што ги добив, особено од старешините, ми помогнаа да сфатам дека Јехова сѐ уште ме сака. Повторно можам да служам во собранието со чиста совест. Од ова искуство научив дека Јехова ќе му прости на секој што вистински се кае“. Можеме да бидеме уверени дека, дури и ако сме направиле грешки, Јехова ќе нѐ користи и ќе нѐ благословува доколку даваме сѐ од себе за да се поправиме и доколку продолжиме да се потпираме на него (Пс. 86:5; Изр. 28:13).

19. Како те охрабри примерот на Самсон?

19 Во оваа статија разгледавме неколку впечатливи настани од животот на Самсон. Тој не бил совршен. Сепак, не се откажал, туку продолжил да му служи на Јехова дури и откако ја направил грешката со Делила. А и Јехова не се откажал од него. Бог уште еднаш го употребил Самсон на моќен начин. Јехова сѐ уште го сметал за човек со извонредна вера и дозволил да биде спомнат меѓу верните Божји слуги кои се запишани во Евреите поглавје 11. Колку е охрабрувачки што знаеме дека му служиме на нашиот небесен Татко кој е полн со љубов и кој многу сака да нѐ зајакне, особено кога сме слаби. Затоа, исто како Самсон, да го молиме Јехова: „Сети се на мене, те молам, и дај ми сила“ (Суд. 16:28).

ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба

a Самсон е библиска личност која им е позната на многу луѓе, дури и на некои кои имаат мало познавање за Библијата. За него се зборува во многу драми, песни и филмови. Но, извештајот за неговиот живот не е само една обична интересна приказна. Ние можеме многу да научиме од овој човек кој имал голема вера.