Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 41

Поуки од двете писма на Петар

Поуки од двете писма на Петар

Секогаш ќе ве потсетувам на ова (2. ПЕТ. 1:12)

ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Каква задача добил Петар кратко пред својата смрт?

 АПОСТОЛ Петар верно му служел на Јехова многу години. Тој го придружувал Исус додека проповедал, го започнал проповедничкото дело меѓу не-Евреите, а подоцна станал член на водечкото тело. Кон крајот на неговиот живот, кога бил свесен дека наскоро ќе умре, Јехова му дал уште една задача. Во периодот околу 62-64 год. од н.е., под водство на светиот дух тој напишал две писма — библиските книги Прво и Второ Петрово. Петар се надевал дека овие писма ќе им помогнат на христијаните по неговата смрт (2. Пет. 1:12-15).

2. Зошто писмата на Петар биле навремени за христијаните во првиот век?

2 Петар ги напишал своите писма во време кога неговите соверници биле разжалостени поради разни искушенија (1. Пет. 1:6). Злобни луѓе се обидувале да воведат лажни учења и нечисто однесување во христијанското собрание (2. Пет. 2:1, 2, 14). Христијаните кои живееле во Ерусалим наскоро ќе се соочеле со „крајот на сѐ“ — уништувањето на тој град и неговиот храм од страна на римската војска (1. Пет. 4:7). Без сомнение, писмата на Петар им помогнале на христијаните да сфатат што можат да прават за да останат верни и покрај искушенијата што ги имале, и како да се подготват за идните искушенија. b

3. Зошто треба да ги разгледаме писмата на Петар?

3 Иако Петар ги напишал овие писма за христијаните во првиот век, Јехова се погрижил тие да бидат дел од неговата Реч. Затоа, ние денес можеме да извлечеме корист од тие писма (Рим. 15:4). Со оглед на тоа што живееме во свет во кој нечистото однесување е многу раширено, ние исто така се соочуваме со искушенија кои можат да ни го отежнат служењето на Јехова. Освен тоа, наскоро ќе се соочиме со неволја која ќе биде уште поголема од онаа со која се соочиле Евреите кога биле уништени Ерусалим и неговиот храм. Во двете писма на Петар можеме да најдеме неколку важни совети. Тие ќе ни помогнат да продолжиме да го чекаме Јеховиниот ден, да го совладаме стравот од човек и да развиеме силна љубов еден кон друг. Таквите потсетувања можат да им помогнат и на старешините да согледаат како можат да се грижат за браќата и сестрите во собранието.

ПРОДОЛЖИ ДА ГО ЧЕКАШ ЈЕХОВИНИОТ ДЕН

4. Според 2. Петрово 3:3, 4, што би можело да ја разниша нашата вера?

4 Живееме во свет во кој повеќето луѓе не веруваат во библиските пророштва. Некои противници нѐ исмејуваат бидејќи веќе со години го очекуваме крајот. А некои луѓе тврдат дека тој никогаш нема да дојде. (Прочитај 2. Петрово 3:3, 4.) Кога слушаме вакви изјави од некој кому му проповедаме, од некој колега или член на семејството, нашата вера може да се разниша. Петар објаснил што може да ни помогне.

5. Што ќе ни помогне да задржиме исправен став во врска со крајот на овој свет? (2. Петрово 3:8, 9).

5 На некои можеби им се чини дека Јехова премногу чека за да му стави крај на овој злобен свет. Зборовите на Петар можат да ни помогнат да задржиме исправен став бидејќи нѐ потсетуваат дека Јеховиното гледиште за времето многу се разликува од гледиштето на луѓето. (Прочитај 2. Петрово 3:8, 9.) За Јехова, илјада години се како еден ден. Тој е стрплив и не сака никој да биде уништен. Но, кога ќе дојде Јеховиниот ден, на овој свет ќе му дојде крајот. Навистина имаме голема чест да го користиме преостанатото време за да им сведочиме на луѓето од сите народи.

6. Што ќе ни помогне да го имаме на ум Јеховиниот ден? (2. Петрово 3:11, 12).

6 Петар нѐ поттикнува да го имаме на ум Јеховиниот ден. (Прочитај 2. Петрово 3:11, 12.) Како можеме да го правиме тоа? Би било добро — ако е можно и секој ден — да размислуваме за благословите што ќе ги донесе новиот свет. Замисли си како вдишуваш вистински чист воздух, како јадеш здрава храна, како ги пречекуваш своите најблиски кои воскреснале и како ги поучуваш луѓето кои живееле со векови претходно за исполнувањето на библиските пророштва. Ако размислуваш за овие работи, тоа ќе ти помогне со нетрпение да го очекуваш тоа време и да бидеш уверен дека навистина живееме во последните денови. Тоа што однапред знаеме што нѐ очекува во иднина, ќе ни помогне да не бидеме заведени од лажни учители (2. Пет. 3:17).

СОВЛАДАЈ ГО СТРАВОТ ОД ЧОВЕК

7. Како може врз нас да влијае стравот од човек?

7 Бидејќи го имаме на ум Јеховиниот ден, ние сме поттикнати да им ја објавуваме добрата вест на другите. Но, понекогаш можеби немаме храброст да го правиме тоа. Зошто? Затоа што може да подлегнеме на стравот од човек. Тоа му се случило на Петар. Ноќта кога било судењето на Исус, Петар се плашел да каже дека е ученик на Исус и три пати рекол дека воопшто не го познава (Мат. 26:69-75). Но, истиот овој апостол подоцна можел со увереност да каже: „Не плашете се од она од кое се плашат тие и не вознемирувајте се“ (1. Пет. 3:14). Зборовите на Петар нѐ уверуваат дека и ние можеме да го совладаме стравот од човек.

8. Што може да ни помогне да го совладаме стравот од човек? (1. Петрово 3:15).

8 Што може да ни помогне да го совладаме стравот од човек? Петар ни го дава одговорот: „Христос, како Господар, нека биде свет во вашите срца“. (Прочитај 1. Петрово 3:15.) Можеме да се потсетуваме дека Исус Христос е нашиот Цар и дека тој има голема моќ. Ако имаш трема или чувствуваш страв кога ќе ти се укаже прилика да им ја пренесеш добрата вест на другите, сети се на нашиот Цар. Замисли си го како владее на небото, опкружен со безброј ангели. Сети се дека тој ја има „сета власт на небото и на земјата“ и дека тој ќе биде со тебе „во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:18-20). Петар нѐ поттикнува секогаш да бидеме спремни да зборуваме за нашите верувања. Дали би сакал да сведочиш на работа, на училиште или на некое друго место? Однапред размисли во која прилика би можел да сведочиш и потоа подготви се што да кажеш. Моли се за храброст и имај доверба дека Јехова ќе ти помогне да го совладаш стравот од човек (Дела 4:29).

„ГОРЛИВО САКАЈТЕ СЕ ЕДЕН СО ДРУГ“

Петар ја прифатил исправката од Павле. Двете писма на Петар нѐ поучуваат да покажуваме љубов кон нашите браќа и сестри (види во пасус 9)

9. Како Петар пропуштил да покаже љубов во една прилика? (Види ја и сликата.)

9 Петар научил да покажува љубов. Тој бил присутен кога Исус рекол: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг“ (Јован 13:34). И покрај тоа, Петар подоцна одбил да јаде со своите браќа и сестри кои не биле Евреи бидејќи имал страв од христијаните кои биле Евреи. Кога апостол Павле ја опишувал оваа ситуација, рекол дека Петар се преправал, односно дека постапил лицемерно (Гал. 2:11-14). Петар ја прифатил таа исправка и извлекол поука од неа. И во двете свои писма тој нагласил дека не треба само да чувствуваме љубов кон нашите браќа и сестри туку треба и да ја покажуваме таа љубов.

10. Објасни што нѐ поттикнува да покажуваме „нелицемерна братска љубов“ (1. Петрово 1:22).

10 Петар вели дека треба да покажуваме „нелицемерна братска љубов“ кон браќата и сестрите. (Прочитај 1. Петрово 1:22.) Таквата љубов е поттикната од „послушноста кон вистината“. Во оваа вистина спаѓа и учењето дека „Бог не е пристрасен“ (Дела 10:34, 35). Не можеме да бидеме послушни на заповедта на Исус во врска со љубовта ако покажуваме љубов само кон одредени браќа и сестри во собранието. Се разбира, можеби со некои ќе се чувствуваме поблиски отколку со други, исто како што било случај и со Исус (Јован 13:23; 20:2). Но, Петар нѐ потсетува дека треба да се трудиме да покажуваме „братска љубов“, односно срдечна семејна приврзаност кон сите наши браќа и сестри (1. Пет. 2:17).

11. Што значи да ги сакаме другите „силно и од срце“?

11 Петар нѐ поттикнал: „Сакајте се еден со друг силно и од срце“. Во овој контекст, да сакаме некого силно, значи да покажуваме љубов дури и кон некого кон кого ни е тешко да покажуваме љубов. На пример, што ако некој брат нѐ навреди или нѐ повреди на некој начин? Можеби природно ни доаѓа да му вратиме со иста мера наместо да му покажеме љубов. Сепак, Петар научил од Исус дека Бог не сака да се одмаздуваме (Јован 18:10, 11). Петар напишал: „Не враќајте зло за зло, ни навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте“ (1. Пет. 3:9). Ако имаш силна љубов кон другите, тоа ќе те поттикне да бидеш љубезен и обѕирен дури и со оние што те повредиле.

12. а) На што друго ќе бидеме поттикнати ако силно се сакаме еден со друг? б) Што си решен да правиш во склад со видеоклипот Чувај го единството кое е скапоцен дар?

12 Во своето прво писмо, Петар го употребил и изразот „горливо сакајте се“. Таквата силна љубов не покрива само неколку гревови туку покрива „мноштво гревови“ (1. Пет. 4:8). Можеби Петар се присетил на поуката во врска со простувањето што Исус му ја дал неколку години претходно. Во тоа време, Петар веројатно си мислел дека е великодушен кога рекол дека би му простил на својот брат „до седум пати“. Но, Исус го поучил него — а и нас — да простуваме „до седумдесет и седум пати“, односно без ограничување (Мат. 18:21, 22). Ако ти е тешко да го примениш овој совет, не се обесхрабрувај! На сите несовршени слуги на Јехова понекогаш им е тешко да простуваат. Но, многу е важно да направиш сѐ што можеш за да му простиш на твојот брат и да се смириш со него. c

СТАРЕШИНИ, ПАСЕТЕ ГО БОЖЈЕТО СТАДО

13. Зошто за старешините може да биде предизвик да најдат време за да ги храбрат браќата и сестрите?

13 Петар сигурно никогаш не заборавил што му кажал Исус откако воскреснал: „Паси ги моите овчички“ (Јован 21:16). Ако си старешина, знаеш дека ова упатство се однесува и на тебе. Но, за еден старешина може да биде предизвик да најде време за оваа важна задача. Пред сѐ, старешините мора да се грижат за своето семејство во физички, емоционален и во духовен поглед. Исто така, тие предводат во службата на проповедање. Освен тоа, подготвуваат и изнесуваат точки на состаноците, собирите и конгресите. Некои од нив служат и како членови на Одборот за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци или во Локалниот оддел за проектирање и изградба. Навистина, старешините имаат многу обврски!

И покрај тоа што имаат многу обврски, грижливите старешини прават сѐ што можат за да го пасат Божјето стадо (види во пасуси 14-15)

14. Што можат да направат старешините ако сметаат дека се премногу зафатени или уморни за да се грижат за стадото? (1. Петрово 5:1-4).

14 Петар ги поттикнал старешините: „Пасете го Божјето стадо“. (Прочитај 1. Петрово 5:1-4.) Ако си старешина, знаеме дека ги сакаш браќата и сестрите и дека сакаш да се грижиш за нив. Но, можеби понекогаш сметаш дека си премногу зафатен или премногу уморен за да ја извршуваш оваа задача. Што можеш да направиш? Кажи му на Јехова што те загрижува и колку многу сакаш да им помогнеш на твоите браќа и сестри. Петар напишал: „Ако некој служи, нека се потпира на силата што ја дава Бог“ (1. Пет. 4:11). Твоите браќа и сестри можеби се соочуваат со проблеми кои не можат потполно да се решат во овој свет. Но, не заборавај дека врховниот пастир, Исус Христос, може да направи за нив многу повеќе од кој и да било друг. Тој може да им помага и денес и во новиот свет. Она што Бог го бара од старешините е да ги сакаат своите браќа, да се грижат за нив и да му бидат „пример на стадото“.

15. Како еден старешина се грижи за Божјето стадо? (Види ја и сликата.)

15 Вилијам, еден брат кој многу години служи како старешина, сфаќа колку е важно да се грижи за браќата и сестрите. Кога почнала пандемијата со КОВИД-19, тој и другите старешини од неговото собрание си поставиле за цел секоја седмица да контактираат со секој поединец од групата што им била доделена. Тој објаснува зошто: „Многу браќа беа сами во својот дом, и затоа нивните мисли лесно можеа да се свртат во негативен правец“. Кога некој соверник има проблеми, Вилијам внимателно го слуша за да утврди какви потреби има и што го загрижува. Потоа се обидува да најде некоја публикација или некој видеоклип од нашата интернет-страница што би можеле да го охрабрат тој соверник. Вилијам вели: „Пастирската грижа е потребна повеќе од кога и да било порано. Ние вложуваме голем труд за да им помогнеме на луѓето да учат за Јехова. Ист таков труд треба да вложуваме и за да се грижиме за стадото со тоа што ќе им помагаме на Јеховините овчички да останат во вистината“.

ДОЗВОЛИ МУ НА ЈЕХОВА ДА ГО ДОВРШИ ТВОЕТО ОБУЧУВАЊЕ

16. На кои начини би можеле да ги примениме поуките што ги научивме од писмата на Петар?

16 Разгледавме само неколку поуки од двете писма на Петар. Можеби забележа некое подрачје на кое би сакал да се подобриш. На пример, дали би сакал почесто да размислуваш за благословите што ќе ги донесе новиот свет? Дали си имаш поставено за цел да сведочиш на работа, на училиште или во друга неформална прилика? Дали има начини на кои би можел во уште поголема мера да покажеш љубов кон браќата и сестрите? Ако си старешина, дали си решен да се грижиш за Јеховините овчички спремно и со љубов? Доколку искрено се преиспитаме, можеби ќе откриеме некои слабости кај себе, но не треба да се обесхрабруваме. Нашиот Господар Исус е добар и ќе ни помогне да ги направиме потребните промени (1. Пет. 2:3). Петар нѐ уверува: „[Бог] ќе го доврши вашето обучување, ќе ве зацврсти, ќе ве зајакне“ (1. Пет. 5:10).

17. Кој ќе биде резултатот ако продолжиме верно да му служиме на Јехова и ако дозволиме тој да нѐ обучува?

17 На почеток, Петар се чувствувал недостоен да биде во присуство на Божјиот Син (Лука 5:8). Но, благодарение на помошта од Јехова и од Исус, Петар продолжил верно да го следи Исус. Поради тоа, на Петар му било овозможено да влезе „во вечното царство на нашиот Господар и Спасител Исус Христос“ (2. Пет. 1:11). Каква прекрасна награда! Ако и ти, како Петар, продолжиш верно да му служиш на Јехова и му дозволиш да те обучува, ќе добиеш вечен живот како награда. „Поради својата вера“, ќе бидеш награден со спасение (1. Пет. 1:9).

ПЕСНА 109 Да се сакаме силно и од срце!

a Во оваа статија ќе видиме како поуките од писмата на Петар можат да ни помогнат да останеме верни кога се соочуваме со искушенија. Тие поуки ќе им помогнат на старешините да ја исполнат својата одговорност како пастири.

b Христијаните кои живееле во Палестина веројатно ги добиле двете писма на Петар пред првиот напад на Римјаните врз Ерусалим во 66 год. од н.е.

c На jw.org види го видеоклипот Чувај го единството кое е скапоцен дар.