Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Потруди се да сфатиш како можеш да им пружиш практична, емоционална и духовна помош на твоите браќа и сестри

Можеш ли да помагаш во твоето собрание?

Можеш ли да помагаш во твоето собрание?

ПРЕД да се вознесе на небото, Исус им рекол на своите ученици: „Ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Како можеле првите христијани да ја исполнат таа важна задача?

Мартин Гудман, професор на универзитетот Оксфорд, вели дека првите христијани, кои живееле во Римското Царство, се разликувале по својот мисионерски дух од сите други верски групи, вклучувајќи ги и Евреите. Самиот Исус патувал од место до место за да им проповеда на луѓето (Лука 4:43). Вистинските христијани сфатиле дека мора да го следат неговиот пример — и тие требало да одат и да ги бараат луѓето кои се жедни за библиската вистина. Затоа во христијанското собрание во првиот век имало „апостоли“, израз кој дословно значи „испратени“, односно пратеници (Мар. 3:14). Исус им заповедал на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Мат. 28:18-20).

Иако денес ниту еден од 12-те апостоли на Исус не е на Земјата, многу Јеховини слуги имаат мисионерски дух. Кога се поканети да служат каде што има поголема потреба, тие одговараат со зборовите на пророкот Исаија: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Иса. 6:8). На пример, многу браќа и сестри се преселиле во далечни земји. Во нив спаѓаат и илјадниците мисионери кои дипломирале на Школата Гилеад. Некои, пак, се преселиле во друг дел од својата земја. Многумина научиле нов јазик за да служат во собранија и групи кои им проповедаат на луѓето што го зборуваат тој јазик. Оние што се селат каде што има поголема потреба или учат нов јазик можеби немаат идеални околности и не им е секогаш лесно. Тие прават многу жртви за да ја покажат својата љубов кон Јехова и кон ближните. Откако внимателно размислиле и направиле добар план, се ставиле на располагање да помагаат (Лука 14:28-30). Браќата и сестрите кои преземаат вакви чекори навистина вршат голема работа.

Сепак, околностите не му дозволуваат на секој Јеховин сведок да учи нов јазик или да се пресели во место каде што има поголема потреба од објавители. Тогаш, дали може да покажеме мисионерски дух во нашето собрание?

БИДИ МИСИОНЕР ВО ТВОЕТО СОБРАНИЕ!

Искористи ги твоите моментални околности за да ги задоволиш потребите на браќата

Очигледно, христијаните во првиот век имале мисионерски дух. Сепак, веројатно повеќето од нив останале да служат во своите родни места. Павле го советувал Тимотеј: „Проповедај ја добрата вест, потполно изврши ја својата служба“ (2. Тим. 4:5). Овој совет важел за првите христијани, но важи и за сите Божји слуги денес. Сите ние, сеедно каде живееме, треба да ја послушаме заповедта да ја проповедаме добрата вест и да им помагаме на луѓето да станат Христови ученици. Освен тоа, во нашите собранија може да примениме многу од работите што ги прават мисионерите.

На пример, мисионерите кои служат во друга земја мора да се приспособат на новите околности, кои честопати многу се разликуваат од местото каде што служеле пред тоа. Што да правиме ние ако не можеме да се преселиме онаму каде што има поголема потреба од објавители? Треба ли да заклучиме дека веќе знаеме сѐ за нашето подрачје? Дали можеби треба да пробаме да им проповедаме на луѓето користејќи поинакви методи? На пример, во 1940 год., браќата биле поттикнати да сведочат на улица еднаш седмично. Дали и ти би можел да го правиш тоа? Дали би можел да учествуваш во службата со колички за сведочење? Со други зборови, дали си размислувал да ја објавуваш добрата вест на некои од овие начини кои можеби се нови за тебе?

Охрабри ги ,да ја проповедаат добрата вест‘

Позитивниот став ќе ни помогне да проповедаме воодушевено и ревносно. Во многу случаи, оние што се ставаат на располагање да служат на места каде што има поголема потреба или да проповедаат на друг јазик се зрели и способни објавители. На тој начин, тие можат да им помагаат на многумина, особено со тоа што ќе предводат во службата. Освен тоа, мисионерите честопати преземаат водство во собранието сѐ додека не се обучат некои од локалните браќа. Ако си крстен брат, дали се ставаш на располагање спремно да им служиш на соверниците во твоето собрание? (1. Тим. 3:1).

ЗАЈАКНУВАЈ ГИ ДРУГИТЕ

Пружи им практична помош

Освен што ревносно ќе проповедаме и ќе се ставиме на располагање да вршиме повеќе одговорности во собранието, можеме да помагаме и на други начини. Сите ние — сеедно дали сме млади или стари, мажи или жени — можеме да ги зајакнуваме браќата и сестрите на кои им е потребна помош (Кол. 4:11).

За да им помагаме на нашите соверници, треба добро да ги запознаеме. Библијата нѐ поттикнува да „размислуваме еден за друг“ кога одиме на состаноци (Евр. 10:24). Иако не треба да им се мешаме во личните работи на нашите браќа, треба да ги познаваме и да бидеме свесни за нивните потреби. Можеби им е неопходна практична, емоционална или духовна помош. Старешините и слуга-помошниците не се единствените кои имаат одговорност да им помагаат на соверниците. Се разбира, понекогаш можеби е најсоодветно токму тие браќа да пружат помош (Гал. 6:1). Сепак, сите ние можеме да им помагаме на постарите браќа и сестри или на семејствата кои се соочуваат со разни тешкотии.

Давај им емоционална поддршка на оние што се борат со животните грижи

На пример, Салваторе имал финансиски проблеми поради кои морал да ја продаде фирмата, својот дом и многу од работите што ги поседувало неговото семејство. Тој се прашувал како ќе врзат крај со крај. Едно друго семејство во собранието забележало дека им треба помош. Тие им пружиле материјална поддршка и им помогнале на Салваторе и на жена му да најдат работа. Освен тоа, честопати седеле навечер заедно со целото семејство на Салваторе, и спремно ги слушале и ги охрабрувале. Меѓу нив се развило пријателство кое трае со години. И покрај големите грижи со кои се соочиле во почетокот, денес и двете семејства имаат убави спомени од времето што го поминувале заедно.

Вистинските христијани со радост ги споделуваат своите верувања со другите. Ние мора да се угледаме на Исус така што на сите ќе им зборуваме за прекрасните ветувања запишани во Библијата. Дури и да не можеме да се преселиме, можеме да даваме сѐ од себе за да им правиме добро на сите, особено на браќата во собранието каде што веќе служиме (Гал. 6:10). Така ќе ја почувствуваме радоста што ја причинува давањето и ќе ,донесуваме плод во секое добро дело‘ (Кол. 1:10; Дела 20:35).