Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Во кој период Божјиот народ бил во ропството на Големиот Вавилон?

Ова духовно ропство траело од вториот век од н.е. до 1919 год. На што се темели ова појаснето разбирање?

Сите докази покажуваат дека ова ропство завршило во 1919 год., кога помазаните христијани почнале да се собираат во очистеното христијанско собрание. Размисли за следново: Во годините што следеле откако во 1914 год. било воспоставено месијанското Царство на небото, Божјите слуги постепено биле испитани и пречистени * (Мал. 3:1-4). Потоа, во 1919 год., Исус го поставил „верниот и разборит роб“ за да му дава на Јеховиниот народ духовна „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45-47). Истата година, Божјите слуги биле ослободени од симболичното ропство на Големиот Вавилон (Отк. 18:4). Но, кога започнало ова ропство?

Во минатото беше објаснето дека тоа започнало во 1918 год. и дека траело кратко време. На пример, во Стражарска кула од 15 март 1992 год. пишуваше дека во 1918 год. Јеховините слуги се нашле во ропство на Големиот Вавилон, исто како што Израелците некое време биле во ропство на древниот Вавилон. Сепак, подлабокото истражување на оваа тема покажа дека ова ропство започнало со векови пред 1918 год.

Да го разгледаме пророштвото запишано во Езекиел 37:1-14, каде што било претскажано ропството и ослободувањето на Божјиот народ. Во едно видение, на Езекиел му била покажана долина со коски. Јехова му објаснил дека коските го претставуваат „целиот дом на Израел“. Ова пророштво се исполнило на родените Израелци, но и на „Израелот Божји“ (Гал. 6:16; Дела 3:21). Потоа Езекиел видел како коските оживуваат и стануваат голема војска. Тоа е многу соодветен опис на избавувањето на Божјите слуги од ропството на Големиот Вавилон кое се случило во 1919 год. Но, како ова видение ни открива дека Јеховините слуги биле заробени долго време?

Прво, Езекиел забележал дека коските биле „многу суви“ или ,исушени‘ (Езек. 37:2, 11). Ова покажува дека луѓето биле мртви долго време. Второ, Езекиел видел дека мртвите се вратиле во живот постепено, а не наеднаш. Најпрво тој слушнал ,звук, шушкање и коските почнале да се доближуваат, секоја коска до својата коска‘. Потоа видел ,како на нив се појавиле жили и месо и како ги покрила кожа‘. На крајот, ,во нив влегол здив и тие оживеале‘. Откако овој народ бил вратен во живот, Јехова го населил во неговата земја. Но, за да се случи сето ова, било потребно време (Езек. 37:7-10, 14).

Древниот израелски народ бил во ропство долго време. Тоа почнало во 740 год. пр.н.е., кога десетте израелски племиња — односно северното царство — биле присилени да ја напуштат својата земја. Подоцна, во 607 год. пр.н.е., Ерусалим бил уништен и жителите на јужното царство Јуда исто така биле одведени во изгнанство. Ропството завршило во 537 год. пр.н.е, кога мал број Евреи се вратиле во Ерусалим за да го изградат храмот и да го обноват обожавањето на вистинскиот Бог.

Сите овие детали од Библијата укажуваат дека и помазаните христијани биле во ропство на Големиот Вавилон долго време, а не само од 1918 до 1919 год. Самиот Исус зборувал за овој долг временски период, и рекол дека лажните христијани, претставени со каколот, ќе растат заедно со „синовите на царството“, односно пченицата (Мат. 13:36-43). Во тој период, на Земјата имало многу малку вистински христијани. Повеќето од оние кои тврделе дека се Христови ученици прифатиле лажни учења и станале отпадници. Затоа може да се каже дека христијанското собрание се нашло во ропство на Големиот Вавилон. Ова ропство започнало во вториот век од н.е. и траело сѐ додека не бил пречистен духовниот храм во времето на крајот (Дела 20:29, 30; 2. Сол. 2:3, 6; 1. Јов. 2:18, 19).

Во текот на тој подолг период на духовно ропство, свештениците имале огромна моќ и влијание, дури и врз политичките водачи, и сакале да го држат народот под своја контрола. Од таа причина, не им дозволувале на луѓето да ја поседуваат Библијата или да ја читаат на јазик што го разбираат. Некои што ја читале Божјата Реч дури биле запалени на клада. Секој што зборувал против учењата на свештенството бил сурово казнуван. На тој начин биле задушени сите обиди да се рашири светлината на библиската вистина.

Но, видението на Езекиел исто така покажува дека Божјиот народ требало да оживее и да биде ослободен од духовното ропство на Големиот Вавилон. Кога и како се случило тоа? Од видението се гледа дека ова бил постепен процес. Во симболична смисла, тој бил проследен со „шушкање“ кое се слушало низ вековите што воделе до времето на крајот. Во тие години, имало верни поединци кои сакале да ја дознаат вистината и да му служат на Бог, и покрај тоа што биле опкружени со лажни учења. Некои од нив ја проучувале Божјата Реч и правеле сѐ што можеле за да ги објавуваат вистините кои ги откриле. Други, пак, вложиле огромен труд за да ја преведат Библијата на јазици кои луѓето можеле да ги разберат.

При крајот на 19 век, Чарлс Расел и неговите соработници почнале ревносно да ја истражуваат Библијата и да ги откриваат духовните вистини. На некој начин, тоа било како да се појавиле месо и кожа на духовните скелети. Преку списанието Сионска Стражарска кула и други публикации, овие Истражувачи на Библијата им помагале на искрените лица да ги дознаат библиските вистини. Подоцна, „Фотодрамата за создавањето“, која почнала да се прикажува во 1914 год., и книгата Тајната е разоткриена, која излегла во 1917 год., ја зајакнале верата на Јеховиниот народ. На крајот, во 1919 год., Божјиот народ оживеал во духовна смисла и почнал да се населува во една нова, духовна земја. Со текот на времето, на овие преостанати помазаници им се придружиле оние кои имаат надеж за вечен живот на Земјата. Сите тие заедно сочинуваат ,мошне голема војска‘ * (Езек. 37:10; Зах. 8:20-23).

Според тоа, јасно е дека Божјиот народ паднал во ропство на Големиот Вавилон во вториот век од н.е., кога се развило отпадништвото. Ова бил мрачен период, сличен на времето кое древните Израелци го поминале во ропство. Но, денес вистината се проповеда насекаде. Колку сме среќни што живееме во времето кога „оние што се разборити блескаат“ и кога ,мнозина можат да се избелат, да се пречистат‘ и да му служат на Бог на исправен начин! (Дан. 12:3, 10).

Кога Сатана го искушувал Исус, дали дословно го однел во храмот?

Не сме сигурни дали Исус навистина стоел во храмот или тоа било само видение. Низ годините, во нашите публикации беа спомнати и двете можности.

Да видиме најпрво што вели Библијата. Во своето евангелие, апостол Матеј напишал: „Тогаш Ѓаволот го одведе [Исус] во светиот град, го постави на врвот од храмскиот ѕид“ (Мат. 4:5). И во паралелниот извештај, Лука напишал: „Тогаш го одведе во Ерусалим, го постави на врвот од храмскиот ѕид“ (Лука 4:9).

Порано во нашите публикации беше објаснето дека можеби ова не се случило во дословна смисла. На пример, во врска со искушенијата на Исус во пустината, во Стражарска кула од 1 март 1961 год. пишуваше: „Не би било разумно да заклучиме дека дословно му се случиле сите работи кои се запишани во извештаите. На пример, факт е дека не постои планина од која некој може да ги види сите царства на светот и нивната слава“. Во продолжение стоеше дека, слично на тоа, Сатана веројатно не го поставил Исус дословно на храмот во Ерусалим. Меѓутоа, во некои други статии кои излегоа подоцна пишуваше дека, ако Христос го направел она што го барал Сатана, ќе извршел самоубиство.

Некои тврдат дека Исус немал право да стои на врвот на храмот затоа што не бил левит. Од таа причина, велат дека Исус сигурно бил однесен во храмот во видение. Со векови пред тоа, такво нешто му се случило на пророкот Езекиел (Езек. 8:3, 7-10; 11:1, 24; 37:1, 2).

Но, ако Исус бил однесен во храмот во видение, се поставуваат следниве прашања:

  • Дали тогаш може да се каже дека тоа било вистинско искушение за него?

  • Ако со другите искушенија Ѓаволот се обидел да го намами Исус да направи нешто дословно — како, на пример, да претвори вистински камења во лебови или дословно да падне и да му се поклони — можно ли е и ова искушение да било слично? Можно ли е Сатана да побарал од Исус навистина да се фрли од храмот?

Меѓутоа, ако Исус дословно стоел на врвот од храмскиот ѕид, се поставуваат други прашања:

  • Дали го прекршил Законот со тоа што застанал на врвот на храмот?

  • Како Исус дошол од пустината до Ерусалим?

Да разгледаме уште некои работи кои ќе ни помогнат да ги одговориме последните две прашања.

Прво, професор Карсон напишал дека грчкиот збор хиерон, кој во двата извештаја од евангелијата е преведен со „храм“, „веројатно се однесува на целиот комплекс, а не само на главната храмска зграда“. Според тоа, не мора да значи дека Исус стоел на врвот на самиот храм. На пример, тој можел да стои на една градба која се наоѓала во југоисточниот агол од храмскиот ѕид и која имала рамен покрив со ниска ѕидана ограда. Тоа било највисокото место во храмот. Веднаш под него нагло се спуштала провалија до долината на Кедрон. Древниот историчар Јосиф напишал дека, ако човек застанел таму и погледнел надолу, ќе му се свртела свеста поради големата височина од околу 140 метри. Иако не бил левит, Исус смеел да стои на ова место и со тоа немало да ги вознемири другите.

Но, како Исус стигнал од пустината до храмот? Не можеме да бидеме сигурни. Од краткиот опис на искушенијата не се гледа колку долго траеле тие, и каде точно бил Исус во пустината. Можно е да одел пешки до Ерусалим, иако за тоа ќе му било потребно некое време. Извештајот не кажува конкретно дека тој останал во пустината сето време додека Ѓаволот го искушувал. Наместо тоа, едноставно вели дека бил одведен во Ерусалим.

Кога му ги покажал на Исус „сите царства на светот“, Сатана веројатно се послужил со видение бидејќи нема планина од која тие би можеле да се видат. Ова може да се спореди со начинот на кој се прикажуваат слики од различни делови на светот со помош на проектор. Сепак, иако можеби станувало збор за видение, Сатана побарал од Исус дословно да падне и да му се поклони (Мат. 4:8, 9). Според тоа, би можело да се каже дека, кога го искушал да се фрли од врвот на храмскиот ѕид, Ѓаволот барал од Исус дословно да го направи тоа. На тој начин би претрпел и дословни последици. Во таков случај, ова искушение би било многу потешко за Исус отколку само да му било дадено во видение.

Како што беше кажано во почетокот, не сме сигурни дали Исус дословно стоел во храмот или тоа било само видение. Не може да се исклучи можноста дека тој навистина бил одведен во Ерусалим и дека стоел на врвот од храмскиот ѕид. Но, сигурни сме дека овие искушенија биле вистински, и дека Исус во секое од нив му дал непобитен одговор на Ѓаволот.

^ пас. 1 И во Езекиел 37:1-14 и во Откровение 11:7-12 се зборува за духовна обнова која настапила во 1919 год. Но, пророштвото на Езекиел се однесува на целиот Божји народ, кој во 1919 год. бил избавен од духовното ропство што траело долг период. А пророштвото во библиската книга Откровение се однесува на една мала група помазаници кои предводеле во делото, и кои во 1919 год. духовно оживеале по еден релативно краток период на неактивност.