Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Слави го Јехова со својот спремен дух!

Слави го Јехова со својот спремен дух!

Народот доброволно се одѕва, затоа благословувајте го Јехова! (СУД. 5:2)

ПЕСНИ: 150, 10

1, 2. а) Што тврделе Елифаз и Вилдад во врска со тоа како гледа Јехова на нашата служба? б) Како гледа Јехова на она што го правиме за него?

ПРЕД повеќе од три илјади години, тројца луѓе отишле кај верниот Божји слуга Јов. Еден од нив, Елифаз од Теман, му поставил на Јов некои интересни прашања: „Има ли Бог некаква корист од човекот? Има ли тој некаква корист од разборитиот човек? Зар се радува Семоќниот затоа што си праведен и зар има добивка од тоа што живееш непорочно?“ (Јов 22:1-3). Елифаз очигледно верувал дека одговорот на овие прашања е не. Потоа, Вилдад од Суј кажал дека не е возможно луѓето да бидат праведни во Божји очи. (Прочитај Јов 25:4.)

2 Елифаз и Вилдад се обиделе да го убедат Јов дека залудно се труди да му служи на Јехова. Тие сакале Јов да мисли дека за Бог не вредиме повеќе од еден молец или црв (Јов 4:19; 25:6). На прв поглед, она што го кажале можеби остава впечаток дека биле понизни (Јов 22:29). Точно е дека Јехова е највозвишената личност во вселената и дека ние сме многу мали во споредба со него. Ако се наоѓаме на врвот од некоја планина или гледаме низ прозорец од авион, сфаќаме колку е незначително она што го прават луѓето. Но, дали Јехова гледа така на сето она што го правиме за него и за Царството? Не. Јехова им рекол на Елифаз, Вилдад и Софар дека кажуваат лаги. Потоа рекол дека се радува поради Јов и го нарекол „мојот слуга“ (Јов 42:7, 8). Тоа нѐ уверува дека несовршените луѓе можат да направат нешто за Бог.

ШТО МУ ДАВАШ НА БОГ?

3. Што рекол Елиу во врска со трудот што го вложуваме за да му служиме на Бог, и што мислел со тоа?

3 Еден млад човек, по име Елиу, го слушал разговорот меѓу Јов и овие тројца мажи. Кога завршиле, Елиу му го поставил следново прашање на Јов: „Ако си праведен, што му даваш со тоа [на Бог] и што прима тој од твојата рака?“ (Јов 35:7). Дали и тој сакал да му каже на Јов дека трудот што го вложува за да му служи на Бог е безначаен? Не. Јехова не го исправил Елиу како другите тројца мажи. Елиу сакал да каже дека на Бог ништо не му недостига и затоа не зависи од тоа дали ние ќе му служиме. Ние не можеме да го направиме побогат или посилен. Всушност, секоја добра особина или способност што ја имаме ни ја дал Бог, и тој забележува како ја користиме.

4. Како гледа Јехова на добрите дела што ги правиме за другите?

4 Кога им правиме добри дела на оние што му служат на Јехова, тој гледа на нив како на нешто што сме му го направиле нему. Во Изреки 19:17 пишува: „Кој е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова, и Тој ќе му плати за неговите дела“. Дали ова значи дека Јехова го забележува секое добро дело што ќе го направиме за другите? Можеме ли да заклучиме дека Творецот на целиот универзум ги смета таквите дела за заем што му го даваме нему и дека ќе ни го врати така што ќе нѐ награди? Одговорот е да, а тоа го потврдил и Божјиот Син, Исус. (Прочитај Лука 14:13, 14.)

5. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

5 Во минатото, Јехова го повикал пророкот Исаија да зборува во негово име. Со тоа покажал дека се радува кога неговите верни слуги имаат удел во исполнувањето на неговата намера (Иса. 6:8-10). Исаија спремно ја прифатил поканата и рекол: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ И денес Јехова им дава можност на своите верни слуги да учествуваат во неговото дело. Илјадници покажуваат дека го имаат истиот став како Исаија со тоа што спремно прифаќаат да му служат на Јехова на разни начини и на разни места, без разлика на какви предизвици ќе наидат. Сепак, некој би можел да си рече: „Дали мојот труд навистина вреди? Иако ја ценам можноста да се ставам на располагање и да правам повеќе за Јехова, зарем тој нема да го изврши своето дело и без мене?“ Да разгледаме некои настани што се случиле во времето на Девора и Варак кои ќе ни помогнат да добиеме одговор на овие прашања.

ХРАБРОСТА ШТО ЈА ДАЛ ЈЕХОВА ГО ПОБЕДИЛА СТРАВОТ

6. Зошто изгледало дека војската на Јавин можела лесно да ги победи Израелците?

6 Израелците биле свирепо угнетувани од ханаанскиот цар Јавин цели 20 години. Луѓето се плашеле да излезат од местата каде што се криеле. Војската на Јавин имала 900 бојни коли со железни сечила, а Израелците немале оружје ниту за да се борат ниту, пак, за да се заштитат себеси (Суд. 4:1-3, 13; 5:6-8). *

7, 8. а) Која јасна заповед му ја дал Јехова на Варак? б) Како Израелците ја победиле војската на Јавин? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

7 Сепак, преку пророчицата Девора, Јехова му ја дал следнава јасна заповед на Варак: „Оди и рашири се на планината Тавор. Земи со себе десет илјади луѓе од синовите на Нефталим и од синовите на Завулон, па кај тебе во долината на Кисон, ќе ти го доведам Сисара, заповедникот на Јавиновата војска, со неговите бојни коли и со неговото мноштво, и ќе го предадам во твои раце“ (Суд. 4:4-7).

8 Веднаш бил пуштен повик за доброволци, и како резултат на тоа 10.000 луѓе се собрале на планината Тавор. Потоа, Варак и неговите луѓе без одложување ги послушале упатствата што им ги дал Јехова, а се запишани во Судиите 4:14-16. (Прочитај.) За време на главната битка во Танах започнало да врне силен дожд кој го претворил бојното поле во кал. Ова било во корист на Израелците. Варак ја гонел војската на Сисара 24 километри, сѐ до Аросет. Во еден момент, колата на Сисара се заглавила во калта, па затоа тој излегол и почнал да трча до Сананим. Таму Сисара се скрил во шаторот на една жена по име Јаила. Исцрпен од битката, тој заспал. Додека спиел, Јаила храбро го убила (Суд. 4:17-21). Јехова им помогнал на Израелците да извојуваат победа над своите непријатели. *

РАЗЛИЧНИ СТАВОВИ

9. Што учиме од Судиите 5:20, 21 во врска со битката против Сисара?

9 Повеќе детали за настаните кои се опишани во Судиите поглавје 4 можеме да дознаеме од наредното поглавје. На пример, во Судиите 5:20, 21 пишува: „Ѕвездите од небото се бореа, од своите патеки се бореа против Сисара. Потокот Кисон ги однесе сите“. Дали ова значи дека ангелите им помогнале на Израелците за време на битката или, пак, дека имало метеорски дожд? Библијата не ни го кажува тоа. Но, разумно е да заклучиме дека Јехова го спасил својот народ така што предизвикал да падне обилен дожд токму на тоа место и во тоа време, поради што 900-те бојни коли на Сисара не можеле лесно да се движат. Во Судиите 4:14, 15 три пати пишува дека Јехова е заслужен за победата. Според тоа, ниту еден од 10-те илјади доброволци не можел да си ја присвои таа заслуга.

10, 11. Зошто Мероз бил проколнат?

10 Интересно е дека, во песната со која го фалеле Јехова за победата, Девора и Варак го спомнале следново: „‚Проколнувајте го Мероз!‘ — рече Јеховиниот ангел. ‚Проколнувајте ги неговите жители, зашто не му дојдоа на помош на Јехова, не му помогнаа на Јехова со јунаците!‘“ (Суд. 5:23).

11 Очигледно, последиците од клетвата врз Мероз биле толку големи што не останала никаква трага од тоа место. Можеби жителите на Мероз не се одѕвале на повикот да му се придружат на Варак во битката. Тие сигурно чуле за тој повик со оглед на фактот дека 10.000 луѓе од нивниот регион се собрале за да се борат против Ханаанците. Или можеби Мероз бил град низ кој поминал Сисара додека бегал од Варак. Ако било така, тогаш жителите на овој град веројатно имале можност да го заробат. Но, наместо да го направат тоа, тие можеби си седеле настрана и само гледале како овој злобен војсководец бега низ нивните улици за да си го спаси животот. Бидејќи во оваа прилика не направиле ништо за Јехова, тие ја пропуштиле можноста да имаат удел во исполнувањето на неговата намера и да добијат благослов од него. Изгледа дека луѓето од Мероз имале сосема поинаков став од Јаила, која постапила многу храбро (Суд. 5:24-27).

12. а) Каква разлика има во ставовите на луѓето кои се опишани во Судиите 5:9, 10? б) Каква поука можеме да извлечеме од тоа?

12 Во Судиите 5:9, 10, гледаме уште една разлика меѓу ставот на десетте илјади Израелци кои доброволно му се придружиле на Варак и ставот на оние што не го сториле тоа. Девора и Варак ги пофалиле заповедниците на Израел, кои доброволно се одѕвале од народот. Тие многу се разликувале од оние што јавале „на лисести магарици“, кои биле премногу горди за да учествуваат во таа битка, и од оние што седеле на „раскошни килими“ и оделе „по патиштата“, односно сакале удобен и лесен живот. За разлика од нив, Израелците што доброволно се одѕвале, отишле да се борат на карпестите падини на Тавор и во мочурливата долина на Кисон. А Израелците кои мислеле само на својата удобност биле поттикнати да размислат зошто ја пропуштиле можноста да имаат удел во исполнувањето на Јеховината намера. Денес, и ние треба да се преиспитаме дали сме спремни да правиме повеќе за Јехова.

13. Како ставот на племињата Рувим, Дан и Асер се разликувал од ставот на племињата Завулон и Нефталим?

13 Десетте илјади доброволци имале можност самите да се уверат дека Јехова е Севишен Владетел. Тие можеле да им раскажуваат на другите за тоа што го виделе со свои очи кога им зборувале за „праведните дела на Јехова“ (Суд. 5:11). Од друга страна, на племињата Рувим, Дан и Асер поважни им биле материјалните работи — нивните стада, бродови и пристаништа — отколку исполнувањето на Јеховината намера (Суд. 5:15-17). За разлика од нив, племињата Завулон и Нефталим си го ризикувале животот за да ги поддржат Девора и Варак (Суд. 5:18). Можеме да извлечеме важна поука од различните ставови што овие луѓе од минатото ги покажале кон доброволната служба за Јехова.

„БЛАГОСЛОВУВАЈТЕ ГО ЈЕХОВА!“

14. На кој начин денес покажуваме дека го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел?

14 Денес, Јехова не бара од нас да учествуваме во дословна војна, туку ни дава можност да го поддржиме како Севишен Владетел така што храбро и ревносно ќе проповедаме. Никогаш порано немало толку голема потреба од доброволци во Јеховината организација. Милиони браќа и сестри доброволно се пријавуваат за различни видови полновремена служба. Некои од нив служат како пионери, во Бетел или на изградба на сали за состаноци. Исто така, многумина, меѓу кои има и млади и стари, помагаат на собирите и конгресите. Некои старешини вложуваат голем труд додека организираат конгреси или додека служат во Одборите за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци. Можеме да бидеме уверени дека Јехова ја цени нашата спремност да служиме секаде каде што е потребно и дека нема да го заборави нашиот труд (Евр. 6:10).

Пред да донесеш некоја одлука, размисли како таа ќе влијае врз твоето семејство и врз собранието (Види во пасус 15)

15. Што ќе ни помогне да утврдиме дали правиме сѐ што можеме за Јехова?

15 Добро е секој од нас да го преиспита својот став кон доброволната служба. Прашај се: „Дали им оставам на другите да го извршат поголемиот дел од работата? Дали ми е поважно да стекнам материјални работи или да правам повеќе за Јехова? Дали покажувам вера и храброст како Варак, Девора, Јаила и 10-те илјади доброволци така што користам сѐ што имам за да му служам на Јехова? Ако размислувам да се преселам во друг град или земја за да заработам повеќе пари и да имам подобар живот, дали му се молам на Јехова да ми помогне да увидам како тоа ќе влијае врз моето семејство и врз собранието?“ *

16. Што можеме да му дадеме на Јехова иако тој веќе има сѐ?

16 Јехова ни укажува огромна чест со тоа што ни дозволува да го поддржуваме како Севишен Владетел. Уште од времето на Адам и Ева, Сатана сака луѓето да застанат на негова страна во побуната против Јехова. Кога го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел, јасно му покажуваме на Сатана на чија страна сме. Верата и послушноста кон Бог нѐ поттикнуваат спремно да се даваме во службата за него, а тоа многу го радува (Изр. 23:15, 16). На тој начин му даваме можност да ги побие обвиненијата на Сатана (Изр. 27:11). Значи, кога сме му послушни на Јехова, ние му даваме нешто скапоцено и многу го радуваме.

17. Што дознаваме од Судиите 5:31 во врска со иднината?

17 Наскоро секој човек што ќе живее на Земјата ќе го поддржува Јехова како Севишен Владетел. Со душа чекаме да дојде тоа време! Се согласуваме со зборовите од песната што ја испеале Девора и Варак: „Така нека пропаднат сите твои непријатели, Јехова! А оние што те сакаат нека бидат како сонцето кога излегува во својата сила!“ (Суд. 5:31). Ова ќе се исполни кога Јехова ќе му стави крај на злобниот свет на Сатана. Кога ќе започне војната Армагедон, на Јехова нема да му требаат доброволци од луѓето за да ги уништи своите непријатели. Наместо тоа, ќе стоиме и ќе гледаме како Јехова ќе нѐ спаси (2. Лет. 20:17). Во меѓувреме, имаме многубројни можности храбро и ревносно да го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел.

18. Како може нашиот спремен дух да влијае врз другите?

18 Девора и Варак својата победничка песна ја започнале фалејќи го Јехова, а не луѓето. Тие пееле: „Народот доброволно се одѕва, затоа благословувајте го Јехова!“ (Суд. 5:1, 2). Слично на тоа, нашиот спремен дух може да ги поттикне оние на кои им користи нашата доброволна служба да го слават Јехова.

^ пас. 6 Железните сечила на бојните коли биле остри, долги и понекогаш свиени. Тие биле прикачени на колата, веројатно на надворешниот дел од оските од тркалата. Овие коли биле вистински машини за уништување.

^ пас. 8 Повеќе информации за овој возбудлив извештај има во статијата „Станав како мајка во Израел“ во Стражарска кула од 1 август 2015.

^ пас. 15 Види ја статијата „Како да се справиме со грижите — пари“ која излезе во Стражарска кула од 1 јули 2015.