Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Тоа што си го заветувал, исполни го“

„Тоа што си го заветувал, исполни го“

Исполнувај ги своите завети пред Јехова (МАТ. 5:33)

ПЕСНИ: 63, 59

1. а) Што им било заедничко на Јефтај и на Ана? (Види ги сликите на почетокот од статијата.) б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

ЈЕФТАЈ бил смел водач и храбар воин. Ана била понизна сопруга и домаќинка. И двајцата му служеле на Јехова. Но, има уште нешто што им било заедничко. И Јефтај и Ана му дале завет на Јехова и верно го исполниле. Тие оставиле добар пример за оние што денес сакаат да му да дадат некаков завет на Јехова. Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве три прашања: Што е завет? Колку е сериозно да му се даде завет на Бог? Што можеме да научиме од Јефтај и од Ана?

2, 3. а) Што е завет? б) Што ни кажува Библијата во врска со заветите што му се даваат на Бог?

2 Според Библијата, завет е свечено ветување кое му се дава на Бог. На пример, некој може да му вети на Јехова дека ќе направи нешто, дека ќе даде некаков дар, дека ќе почне со некаков вид служба или дека ќе се воздржува од некои работи. Секој сам доброволно одлучува дали ќе даде завет. Никој не е присилен да го направи тоа. Сепак, кога некој ќе даде завет, Јехова го смета тоа за сериозно ветување кое мора да се почитува и да се исполни. Во Божји очи заветот е исто толку важен колку и заклетвата. Заклетва е изјава со која едно лице се заколнува дека ќе направи или, пак, дека нема да направи нешто (1. Мој. 14:22, 23; Евр. 6:16, 17). Што ни кажува Библијата за тоа колку е сериозно да му се даде завет на Бог?

3 Во Мојсеевиот закон пишува: „Ако некој човек му се заветува на Јехова или со заклетва ја обврзе својата душа... не смее да го прекрши својот збор. Нека направи сѐ што ќе излезе од неговата уста“ (4. Мој. 30:2). Подоцна, под водство на светиот дух, Соломон напишал: „Кога ќе му се заветуваш на Бог, не колебај се да го исполниш тоа, зашто безумниците никому не му се мили. Тоа што си го заветувал, исполни го“ (Проп. 5:4). И Исус потврдил дека заветите што му се даваат на Бог се нешто сериозно. Тој рекол: „Сте го чуле уште и тоа дека на старите им било речено: ‚Не заколнувај се лажно, туку исполнувај ги своите завети пред Јехова‘“ (Мат. 5:33).

4. а) Колку е сериозно да му се даде завет на Бог? б) Што ќе дознаеме во врска со Јефтај и Ана?

4 Според тоа, јасно е дека мора многу сериозно да го сфатиме секое ветување што му го даваме на Јехова. Начинот на кој што гледаме на нашите завети влијае врз нашиот однос со него. Давид напишал: „Кој може да се искачи на Јеховината гора и кој може да застане на неговото свето место? Оној чии раце се невини и чие срце е чисто... и не се заколнува лажно“ (Пс. 24:3, 4). Каков завет дале Јефтај и Ана? Дали им било лесно да го исполнат својот завет?

ТИЕ ГО ИСПОЛНИЛЕ ЗАВЕТОТ ШТО МУ ГО ДАЛЕ НА БОГ

5. Каков завет дал Јефтај, и што се случило?

5 Јефтај му дал едно ветување на Јехова кога требало да се бори со Амонците кои биле непријатели на Божјиот народ (Суд. 10:7-9). Бидејќи многу сакал да извојува победа, тој му го дал следниов завет на Бог: „Ако ми ги предадеш в раце синовите на Амон, на Јехова нека му припадне оној што ќе излезе на вратата од мојот дом, кој ќе ми излезе во пресрет кога ќе се вратам како победник откај синовите на Амон“. Што се случило? Бог му ја услишил молитвата и му помогнал да извојува победа. Кога Јефтај се вратил дома, неговата сакана ќерка излегла да го пречека. Поради тоа, токму таа требало да му припадне на Јехова (Суд. 11:30-34). Што ќе значело тоа за неа?

6. а) Дали на Јефтај и на неговата ќерка им било лесно да го исполнат заветот што тој му го дал на Бог? б) Што учиме за заветите од она што е запишано во 5. Мојсеева 23:21, 23 и Псалм 15:4?

6 За да го исполни заветот на својот татко, ќерката на Јефтај требало потполно да се посвети на службата за Јехова во светиот шатор. Дали Јефтај не размислил добро пред да го даде заветот? Не. Всушност, тој веројатно знаел дека ќерка му може да биде првата која ќе излезе од неговиот дом за да го пречека. Како и да е, ниту на Јефтај ниту на неговата ќерка не им било лесно да го исполнат овој завет. Кога ја видел, Јефтај бил скршен од болка, а ќерка му отишла да ја оплакува својата девственост. Зошто им било толку тешко? Јефтај немал син, а поради заветот што го дал и неговата единствена ќерка никогаш немало да се омажи и да има деца. Тоа ќе значело крај за семејната лоза на Јефтај. Но, и Јефтај и ќерка му знаеле дека во оваа ситуација имало нешто поважно од нивните чувства. Јефтај рекол: „Му се заветував на Јехова и не можам да го одречам она што го заветував“. А неговата ќерка рекла: „Ако си му се заветувал на Јехова, постапи со мене според својот завет“ (Суд. 11:35-39). Јефтај и ќерка му биле верни луѓе кои никогаш не би помислиле да не исполнат завет кој му бил даден на Бог, без разлика колку голема жртва ќе барало тоа од нив. (Прочитај 5. Мојсеева 23:21, 23; Псалм 15:4.)

7. а) Каков завет дала Ана, и зошто? б) Што се случило потоа? в) Што значел заветот на Ана за Самоил? (Види ја фуснотата.)

7 Ана исто така му дала завет на Јехова кога минувала низ тежок период во животот. Таа била очајна бидејќи не можела да има деца, а поради тоа и постојано била исмевана (1. Сам. 1:4-7, 10, 16). Ана му кажала на Јехова како се чувствува и му го дала следниов завет: „Јехова над војските, ако погледнеш на неволјата на својата робинка и ако се сетиш на мене, ако не ја заборавиш својата робинка и ако ѝ дадеш машко дете на својата робинка, јас ќе ти го дадам тебе, Јехова, за сите денови од неговиот живот, и брич нема да помине преку неговата глава“ * (1. Сам. 1:11). Јехова ја услишил молитвата на Ана и следната година ѝ се родил син, Самоил. Таа била пресреќна! Но, не заборавила што му ветила на Бог. Кога се родил Самоил, Ана рекла: „Го измолив од Јехова“ (1. Сам. 1:20).

8. а) Дали на Ана ѝ било лесно да го исполни својот завет? б) Зошто зборовите запишани во Псалм 61 те потсетуваат на добриот пример што го дала Ана?

8 Кога Самоил имал околу три години, Ана го исполнила заветот што му го дала на Јехова. Таа го однела својот син кај првосвештеникот Илиј во светиот шатор во Сило и му рекла: „За ова дете се молев, Јехова да ми ја услиши молитвата што му ја упатив. Затоа сега му го дарувам на Јехова. Во сите денови од неговиот живот нека му биде посветен на Јехова“ (1. Сам. 1:24-28). Оттогаш, Самоил живеел во светиот шатор. Во Библијата пишува дека момчето Самоил растело пред Јехова (1. Сам. 2:21). На Ана сигурно не ѝ било лесно да го одржи заветот. Тоа значело дека нема да може секој ден да поминува време со своето мило синче кое многу го сакала и дека нема да може да му се радува додека расте. Но, Ана сериозно гледала на ветувањето што му го дала на Јехова. За да го исполни својот завет, таа била спремна да жртвува нешто што за неа било многу вредно (1. Сам. 2:1, 2; прочитај Псалм 61:1, 5, 8).

Дали ги исполнуваш заветите што си му ги дал на Јехова?

9. На кои прашања ќе добиеме одговор?

9 Откако видовме колку е сериозно да му се даде завет на Јехова, да ги разгледаме следниве прашања: Какви завети можеме да дадеме денес? Зошто треба да бидеме решени да ги исполниме?

ТВОЈОТ НАЈВАЖЕН ЗАВЕТ

Заветот дека ќе му служиш на Бог засекогаш (Види во пасус 10)

10. Кој е најважниот завет што може да го даде еден христијанин, и што е вклучено во него?

10 Најважниот завет што може да го даде еден христијанин е оној со кој му го заветува својот живот на Јехова. Насамо во молитва, тој му ветува на Бог дека ќе му служи засекогаш, без оглед на сѐ. Во склад со зборовите на Исус, со тој завет се одрекува од себеси и ветува дека најважно во животот ќе му биде да ја врши Јеховината волја (Мат. 16:24). Од тогаш па натаму, всушност, тој му припаѓа на Јехова (Рим. 14:8). Секој што дал таков завет, треба да гледа многу сериозно на него, исто како псалмистот, кој рекол: „Со што да му возвратам на Јехова за сите добра што ми ги направи? Ќе му ги исполнам на Јехова своите завети, пред целиот негов народ“ (Пс. 116:12, 14).

11. Што си покажал со твоето крштавање?

11 Дали ти си му го заветувал твојот живот на Јехова и си се крстил во вода? Ако да, сигурно се сеќаваш дека братот што го држеше говорот за крштавање те праша дали си му се заветувал на Бог и дали си сфатил дека „со своето заветување и крштавање стануваш Јеховин сведок и дел од Божјата организација водена од светиот дух“. Со твоите потврдни одговори пред сите што биле присутни јасно си покажал дека си му го заветувал животот на Бог и дека си ги исполнил условите да се крстиш како негов слуга. Со тоа сигурно многу си го израдувал Јехова!

12. а) Кои прашања треба да си ги поставиме? б) Кои особини нѐ поттикнал апостол Петар да ги развиеме?

12 Но, крштавањето е само почеток. Ние сакаме да продолжиме да живееме според нашиот завет и верно да му служиме на Бог. Затоа, добро е да се прашаме: „Дали сега сум поблизок со Јехова отколку кога се крстив? Дали сѐ уште му служам на Јехова со цело срце? (Кол. 3:23). Дали редовно се молам? Дали секој ден ја читам Библијата? Дали сум редовен на состаноците? Дали ја користам секоја прилика да одам во служба? Или, пак, можеби сега во помала мера учествувам во овие активности?“ Апостол Петар нѐ предупредил дека постои опасност да станеме „бесплодни“ во службата за Јехова. Можеме да го избегнеме тоа ако се трудиме нашата вера да ја надополниме со знаење, истрајност и оддаденост на Бог. (Прочитај 2. Петрово 1:5-8.)

13. Што треба да има на ум секој крстен христијанин?

13 Ако сме му се заветувале на Бог, не можеме да го поништиме тој завет. Ако на едно лице му стане тешко да му служи на Јехова или да живее како вистински христијанин, тој не може да тврди дека неговиот завет кон Бог не важи или дека неговото крштавање е неважечко. * Доколку некој што му се заветувал на Јехова направи грев, тој ќе поднесе сметка за себе пред Бог и пред собранието (Рим. 14:12). Никогаш да не бидеме како оние на кои Исус им рекол: „Ја остави својата прва љубов“. Наместо тоа, сакаме тој да може да го каже следново за нас: „Ги знам твоите дела, и твојата љубов, верата, службата и истрајноста, и дека твоите последни дела се побројни од претходните“ (Отк. 2:4, 19). Сакаме да го радуваме Јехова со тоа што ќе даваме сѐ од себе за да продолжиме да живееме во склад со нашиот завет.

ТВОЈОТ БРАЧЕН ЗАВЕТ

Брачниот завет (Види во пасус 14)

14. Кој е вториот многу важен завет што некој може да го даде, и зошто?

14 Вториот многу важен завет што некој би можел да го даде е брачниот завет. Зошто? Затоа што бракот е свет. За Јехова брачниот завет е нешто многу сериозно. Кога невестата и младоженецот ги кажуваат своите завети, тие даваат ветување пред Јехова и пред сите што се присутни. Тие си ветуваат дека ќе се сакаат, ценат и почитуваат еден со друг сѐ додека обајцата живеат на Земјата во склад со Божјето уредување за бракот. Иако можеби некои не ги кажуваат потполно истите зборови, тие сепак даваат завет пред Бог. Со тоа стануваат маж и жена, и нивниот брак треба да биде доживотна врска (1. Мој. 2:24; 1. Кор. 7:39). Исус рекол: „Бог што составил, човек да не разделува“. Според тоа, оние што стапуваат во брак не треба да гледаат на разводот како на решение за проблемите во бракот (Мар. 10:9).

15. Зошто христијаните не треба да гледаат на бракот како луѓето во светот?

15 Се разбира, бидејќи сите луѓе се несовршени, денес не постои ниту еден совршен брак. Токму затоа во Библијата пишува дека оние што стапуваат во брак понекогаш „ќе имаат телесни неволји“ (1. Кор. 7:28). Многумина во светот не гледаат на бракот како на нешто сериозно. Доколку се појават несогласувања, тие едноставно се разведуваат од својот брачен другар. Но, христијаните имаат сосем поинаков став. Тие се свесни дека, кога стапиле во брак, дале завет пред Бог. Ако го прекршат тој завет, всушност, како да го излажале Бог, а тој ги мрази лажливците (3. Мој. 19:12; Изр. 6:16-19). Апостол Павле напишал: „Дали си врзан за жена? Не барај развод!“ (1. Кор. 7:27). Павле можел да го каже тоа бидејќи знаел дека Јехова го мрази и разводот добиен на подмолен начин (Мал. 2:13-16).

16. Што вели Библијата за разводот и за одвоеното живеење?

16 Исус рекол дека единствената причина за развод која има библиска основа е доколку едниот сопружник изврши прељуба, а невиниот брачен другар одлучи да не му прости (Мат. 19:9; Евр. 13:4). А дали е погрешно некој да живее одвоено од својот брачен другар? Библијата дава јасен одговор на тоа. (Прочитај 1. Коринќаните 7:10, 11.) Во неа не се спомнати конкретни причини поради кои некој би можел да живее одвоено од својот сопружник. Сепак, во одредени ситуации еден христијанин можеби ќе смета дека е навистина неопходно да се одвои од брачниот другар. На пример, некој можеби е цврсто уверен дека неговиот живот или однос со Јехова ќе биде потполно загрозен ако остане со својот сопружник кој е насилен или е отпадник. *

17. Што можат да направат сопружниците за да имаат траен и среќен брак?

17 Ако еден брачен пар побара совет од собраниските старешини за своите брачни проблеми, тие можат да ги прашаат сопружниците дали скоро го гледале филмот Што е вистинска љубов? и дали ја проучувале заедно брошурата Твоето семејство може да биде среќно. Во нив се истакнуваат библиски начела кои на многумина им помогнале да си го зајакнат бракот. Еден брачен пар рекол: „Откако ја проучувавме оваа брошура, нашиот брак стана многу посреќен“. Една сестра, по 22 години брак, мислела дека нејзиниот брак е пред распаѓање. Таа рекла: „И двајцата сме крстени, но во емоционален поглед бевме два различни света. Филмот излезе токму навреме. Сега нашиот брак е многу поубав“. Дали и ти си во брак? Ако да, дај сѐ од себе за да ги применуваш Јеховините начела во твојот брачен живот. Тоа ќе ти помогне да го исполниш својот брачен завет и да имаш посреќен брак.

ЗАВЕТОТ НА СПЕЦИЈАЛНИТЕ ПОЛНОВРЕМЕНИ СЛУГИ

18, 19. а) Што прават многу родители кои се Сведоци? б) Каков завет даваат оние што се во специјална полновремена служба?

18 Во оваа статија зборувавме за заветите што ги дале Јефтај и Ана. Поради овие завети, и ќерката на Јефтај и синот на Ана му служеле на Јехова на посебен начин во светиот шатор. Тоа им носело многу благослови. Денес, голем број родители кои се Сведоци ги поттикнуваат своите деца да започнат со полновремена служба и на прво место да ја стават службата за Бог. Сите ние можеме да ги пофалуваме и охрабруваме овие млади да продолжат со таквиот начин на живот (Суд. 11:40; Пс. 110:3).

Заветот на специјалните полновремени слуги (Види во пасус 19)

19 Денес има околу 67.000 членови на Меѓународниот ред на специјални полновремени слуги на Јеховините сведоци. Некои од нив служат во Бетел, учествуваат во градежни проекти или, пак, служат во патувачкото дело. Други служат како инструктори на теократските школи, како специјални пионери, мисионери, слуги за одржување на конгресни сали или слуги за одржување на објекти за теократски школи. Овие браќа и сестри, иако вршат ваков вид служба, не сметаат дека се подобри од своите соверници. Сите тие дале „Завет за послушност и сиромаштво“ со кој ветиле дека најдобро што можат ќе ја вршат секоја задача што ќе им биде доделена во службата за Јехова, дека ќе водат едноставен живот и дека нема да вршат никаква световна работа, освен ако не добијат дозвола за тоа. Овие понизни браќа и сестри сфаќаат колку е сериозно да го одржат овој завет сѐ додека се во специјална полновремена служба.

20. Како треба да гледаме на заветите што сме му ги дале на Бог, и зошто?

20 Во оваа статија разгледавме три завети што можеме да му ги дадеме на Бог. Можеби ти си дал некој од нив. Знаеме дека треба сериозно да гледаме на овие завети и дека треба да направиме сѐ што можеме за да ги исполниме (Изр. 20:25). Ако не ги исполниме заветите што сме му ги дале на Јехова, може да сносиме сериозни последици (Проп. 5:6). Исто како псалмистот, да му кажеме на Јехова: „Јас засекогаш ќе го славам твоето име со песна, за да ги исполнувам моите завети од ден на ден“ (Пс. 61:8).

^ пас. 7 Ана му ветила на Јехова дека, ако добие син, тој ќе служи како назареец до крајот на својот живот. Ова значело дека нејзиниот син требало да биде издвоен и посветен за служба на Јехова (4. Мој. 6:2, 5, 8).

^ пас. 13 Старешините преземаат повеќе чекори за да се уверат дали некое лице ги исполнува условите за крштавање. Со оглед на тоа, во многу ретки случаи би можело да се каже дека нечие крштавање е неважечко.

^ пас. 16 Види во Додатокот под темата „Што вели Библијата за разводот и за одвоеното живеење“ во книгата Зачувај ја Божјата љубов.