Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Среќата навистина е во давањето

Среќата навистина е во давањето

ИМАВ 12 години кога сфатив дека поседувам нешто скапоцено што можам да им го дадам на другите. За време на еден собир, еден брат ме праша дали би сакал да одам во служба со него. Иако никогаш порано немав проповедано, му реков дека би сакал. Појдовме на подрачјето, и тој ми даде неколку брошурки за Божјето Царство. А потоа ми рече: „Ти сведочи од оваа страна на улицата, а јас ќе сведочам од другата страна“. Иако имав многу трема, почнав да одам од куќа до куќа. Се изненадив кога за кратко време ги дадов сите брошурки! Очигледно, многумина сакаа да го добијат она што јас можев да им го дадам.

Роден сум во 1923 год., во гратчето Четам во областа Кент (Англија). Во годините по Првата светска војна, луѓето се надеваа дека работите во светот конечно ќе тргнат на подобро. Но, бидејќи тоа не се случи, многумина, меѓу кои беа и моите родители, се разочараа. Татко ми и мајка ми беа разочарани и од верските водачи во Баптистичката црква на кои им беше најважно да добијат повисока свештеничка положба. Кога имав околу девет години, мајка ми почна да оди на состаноците кои ги одржуваа Истражувачите на Библијата. Таму една сестра ни држеше часови за Библијата со помош на книгата Божја харфа. Многу ми се допаѓаше тоа што го учев.

УЧАМ ОД ПОСТАРИТЕ БРАЌА

Како тинејџер, имав голема желба да зборувам со луѓето за надежта од Божјата Реч. Честопати сведочев сам од куќа до куќа, но кога проповедав со другите, учев многу од нив. На пример, еднаш додека бев во служба со еден постар брат, поминавме покрај еден свештеник. Тогаш јас реков: „Еве еден јарец!“ Братот застана со својот велосипед и ме замоли да седнеме на едно трупче. А потоа ми рече: „Ние немаме право да судиме кој е јарец, а кој не. Наше е да им ја носиме добрата вест на луѓето. Да бидеме среќни поради тоа, а судот да му го препуштиме на Јехова“. Во тоа време, почнав да сфаќам колку многу усреќува давањето (Мат. 25:31-33; Дела 20:35).

Од еден друг постар брат научив дека, за да ја почувствуваме среќата која доаѓа од давањето, понекогаш мора да бидеме стрпливи и истрајни. Жена му не ги сакаше Јеховините сведоци. Еднаш, кога ме покани на гости кај нив, таа беше многу лута затоа што бил во служба, и почна да фрла по нас со кутивчиња чај. Братот воопшто не се изнервира, туку остана смирен и ги врати чаевите на своето место. Со години подоцна, жена му се крсти како Јеховин сведок. Неговата стрпливост беше наградена.

Во септември 1939 год., кога имав 16 години, Британија ѝ објави војна на Германија. Во март 1940 год., јас и мајка ми се крстивме во Довер. Во јуни 1940 год., од прагот на нашата куќа гледав како поминуваат камиони со илјадници војници кои се враќаа од битката кај Данкирк. Беше очигледно дека овие војници доживеале многу страдања и дека се во длабок очај. Многу сакав да им кажам за Божјето Царство и да им дадам зрак надеж за иднината. Нешто подоцна истата година, Германија почна да ја бомбардира Британија. Секоја ноќ, германските бомбардери ја надлетуваа нашата област. Бевме преплашени од звукот на бомбите кои паѓаа на сите страни. Кога ќе се разденеше, насекаде можеа да се видат разрушени куќи. Сѐ повеќе сфаќав дека Царството е мојата единствена надеж за иднината.

ПОЧНУВАМ СО ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА

Во 1941 год., започнав со полновремена служба. Таквиот начин на живот ми донесе голема радост. Пред тоа работев на Кралското бродоградилиште во Четам, каде што учев како се прават бродови. Тоа беше многу добра работа која мнозина ја посакуваа. На Божјите слуги веќе долго време им беше јасно дека, како христијани, не треба да учествуваат во војните. Но, до 1941 год., ни стана јасно и дека не треба да работиме во воената индустрија (Јован 18:36). Бидејќи на градилиштето се правеа подморници, решив да ја напуштам работата и да започнам со полновремена служба. Прва задача ми беше да служам во Сајренсестер, прекрасно гратче во областа Коцволдс.

Кога имав 18 години, бев во затвор девет месеци затоа што одбив да одам во војска. Се чувствував ужасно кога вратата на ќелијата се затвори зад мене. Сепак, кога стражарите и другите затвореници по некое време почнаа да ме прашуваат зошто сум во затвор, бев радосен што можам да им зборувам за мојата вера.

Откако ме пуштија од затвор, му се придружив на Леонард Смит *, со кого проповедавме во многу гратчиња во нашиот роден крај, Кент. Кога го бомбардираа Лондон, нацистичките авиони прелетуваа над нашата област. Во почетокот на 1944 год., повеќе од илјада летечки бомби паднаа врз Кент. Всушност, овие бомби беа беспилотни млазни авиони полни со експлозив. Кога ќе слушневме дека моторот на авионот престанува да работи, знаевме дека по неколку секунди тој ќе падне и ќе експлодира. Сите беа преплашени до смрт. Во тоа време, проучувавме со едно семејство од пет души. Понекогаш го правевме тоа седејќи под една железна маса која беше направена да нѐ заштити во случај куќата да се урне. На крајот, сите од семејството се крстија.

ПРОПОВЕДАМ ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ

Најава за еден конгрес додека служев како пионер во Ирска

По војната, служев две години како пионер во јужна Ирска. Воопшто не бевме свесни колку оваа земја се разликува од Англија. Одевме од врата до врата за да најдеме сместување, кажувавме дека сме мисионери и ги нудевме нашите списанија на улица. Ова беше многу немудро затоа што луѓето во Ирска се тешки католици. Кога еден човек ни се закани дека ќе нѐ истепа, му се пожалив на еден полицаец. Но, тој рече: „А што друго очекувате вие?“ Не знаевме дека свештениците имаат толку големо влијание. Ако некој земеше книга од нас, можеше да биде избркан од работа. Освен тоа, честопати моравме да си заминеме од куќите каде што бевме сместени.

Наскоро сфативме дека, кога ќе дојдеме во некое ново место, најдобро е да одиме во служба онаму каде што свештеникот не знаеше за нас. Затоа, најпрво проповедавме што подалеку од местото каде што престојувавме. На крајот, им сведочевме на луѓето во нашата околина. Во Килкени, ја проучувавме Библијата со еден млад човек трипати седмично иако ни се закануваа насилни толпи. Бидејќи имав голема желба да ги поучувам луѓето, сакав да добијам мисионерска обука. Решив да подадам молба за Школата Гилеад, и бев примен.

Едреникот Сибиа ни беше мисионерски дом од 1948 до 1953

Кога завршија петте месеци обука во Њујорк, јас и уште тројца други браќа од класот бевме испратени да служиме на островчињата во Карипското Море. Во ноември 1948 год., отпловивме од Њујорк со едреникот Сибиа, кој беше долг 18 метри. Бидејќи никогаш порано немав пловено со брод, бев многу возбуден. Гаст Маки, еден од тројцата браќа, беше искусен морепловец. Тој нѐ научи на некои основни морнарски вештини, на пример, како да ги креваме и спуштаме едрата, како да користиме компас за да го управуваме бродот и како да пловиме спроти ветрот. Цели 30 дена, Гаст вешто управуваше со едреникот дури и кога имаше силно невреме. На крајот, пристигнавме на Бахамите.

ПРОПОВЕДАМ НА ДАЛЕЧНИТЕ ОСТРОВИ

Откако неколку месеци проповедавме на помалите острови на овој архипелаг, отпловивме кон островите кои се протегаат во должина од околу 800 километри меѓу Девствените Острови и Тринидад. Цели пет години сведочевме на изолирани островчиња на кои немаше Сведоци. Понекогаш, со недели не можевме да испратиме или да добиеме пошта. Но, бевме многу радосни што проповедаме за Јехова на „далечните острови“ (Ерем. 31:10).

Мисионерите на едреникот Сибиа (од лево кон десно): Рон Паркин, Дик Рајд, Гаст Маки и Стенли Картер

Кога ќе го закотвевме бродот во некој залив, селаните возбудено ќе се собереа на пристаништето за да видат кои сме. Некои од нив никогаш во животот немаа видено бел човек ниту, пак, брод како нашиот. Луѓето на островите беа пријателски настроени и многу добро ја познаваа Библијата. Честопати ни даваа свежа риба, авокадо и кикиритки. Иако нашиот брод беше мал, на него можевме да готвиме, да спиеме и да си ја переме облеката.

Наутро одевме со чамец до брегот и по цел ден ги посетувавме луѓето. Им кажувавме дека приквечер ќе се одржи еден библиски говор. Кога ќе дојдеше време за говорот, ќе почневме да ѕвониме на бродското ѕвоно. Беше прекрасно да се гледа како селаните се спуштаат од околните ритчиња. Нивните газиени ламби светкаа како трепетливи ѕвезди додека полека пристигнуваа на брегот. Понекогаш доаѓаа и по сто луѓе кои ни поставуваа прашања до доцна во ноќта. Тие многу сакаа да пеат. Затоа им ги дававме текстовите од теократските песни кои ги чукавме на машина за пишување. Ние четворицата се трудевме да пееме најдобро што можеме. Кога селаните ќе ни се придружеа, песните звучеа прекрасно. Тоа навистина беа убави времиња!

Откако ќе проучувавме со некои заинтересирани лица, тие доаѓаа со нас кај следното семејство со кое планиравме да проучуваме. Бидејќи по неколку недели моравме да заминеме на друго место, честопати ги замолувавме лицата кои покажуваа најголем интерес да продолжат да ја проучуваат Библијата со другите додека не се вратиме. Некои од нив навистина сериозно си ја сфаќаа оваа задача!

Денес, многу од овие острови се преполни со туристи, но во тоа време беа тивки места со тиркизни лагуни, песочни плажи и прекрасни палми. Обично пловевме ноќе од еден остров до друг. Околу нас разиграно пливаа делфини, и единственото нешто што можеше да се чуе беше звукот на едреникот кој ја сечеше водата. Месечината ја фрлаше својата светлина врз мирното море, правејќи сребрена патека која се протегаше кон хоризонтот.

По пет години на островите, отпловивме за Порторико за да го замениме едреникот со моторен брод. Кога пристигнавме таму, се запознав со Максин Бојд, една многу убава сестра која беше мисионерка. Веднаш се заљубив во неа. Таа уште од мала ревносно ја проповедала добрата вест. Подоцна служела како мисионерка во Доминиканската Република сѐ до 1950 год., кога прокатоличката влада ја протерала од земјата. Бидејќи бев член на бродски екипаж, имав дозвола да останам во Порторико само еден месец. Потоа требаше да отпловиме на островите каде што ќе останевме следните неколку години. Затоа си реков: „Роналд, ако ја сакаш оваа сестра, не смееш да губиш време“. Откако поминаа три седмици, ја запросив, а по шест седмици се венчавме. Јас и Максин потоа бевме доделени да служиме како мисионери во Порторико. Никогаш не стапнав на новиот брод.

Во 1956 год., започнавме со покраинска служба. Многу сакавме да ги посетуваме браќата и сестрите. Мнозина од нив беа сиромашни. На пример, во селото Потала Пастиљо имаше две семејства Јеховини сведоци со многу деца. Честопати им свирев на флејта. Еднаш ја прашав Хилда, едно од девојчињата, дали сака да проповеда со нас. Таа ми рече: „Сакам, ама не можам. Немам чевли“. Ние ѝ купивме, и можевме да ја носиме во служба. Со години подоцна, кога јас и Максин бевме во посета на Бруклин во 1972 год., ни пристапи една сестра која штотуку ја заврши Школата Гилеад. Таа требаше да замине на својата задача во Еквадор. Ни рече: „Се сеќавате ли на мене? Јас сум девојчето од Пастиљо кое немаше чевли“. Тоа беше Хилда! Толку бевме трогнати што заплакавме од радост!

Во 1960 год., почнавме да служиме во подружницата во Порторико, која се наоѓаше во една мала куќа во градот Сан Хуан. Отпрвин, јас и Ленарт Џонсон вршевме најголем дел од работата. Тој и жена му биле првите Сведоци во Доминиканската Република. Но, во 1957 год., тие се преселија во Порторико. Мојата жена, Максин, им ги испраќаше нашите списанија на луѓето кои имаа направено претплата. Секоја седмица, таа испраќаше повеќе од илјада списанија. Максин уживаше во ова затоа што размислуваше за сите тие луѓе кои учеа за Јехова.

Уживам во бетелската служба затоа што тука можам да давам многу за Јехова. Но, не е секогаш лесно. На пример, за време на првиот меѓународен конгрес во Порторико, во 1967 год., требаше да организирам многу работи и затоа бев под голем стрес. Натан Нор, кој тогаш го предводеше делото, дојде во Порторико. Тој мислеше дека не сум го организирал превозот на мисионерите кои дојдоа на конгресот, иако јас го направив тоа. Подоцна ми даде строг совет дека треба да бидам поорганизиран и ми рече дека сум го разочарал. Не сакав да се објаснувам, но сметав дека постапи неправедно со мене, и некое време се чувствував вознемирено. Сепак, кога во следна прилика јас и Максин се сретнавме со брат Нор, тој нѐ покани на гости во својата соба и ни направи јадење.

Неколкупати ги посетивме моите во Англија. Татко ми не ја прифати вистината кога јас и мајка ми станавме Сведоци. Но, кога браќата од Бетел доаѓале во тој крај, мајка ми често ги канела да преспијат кај нас. Татко ми, кој беше многу разочаран од свештениците, видел дека има голема разлика меѓу нив и овие понизни надгледници од Бетел. Конечно, во 1962 год., тој се крсти како Јеховин сведок.

Јас и Максин во Порторико кратко по нашата венчавка, и на 50-годишнината од нашиот брак во 2003

Мојата сакана жена почина во 2011 год. Едвај чекам повторно да ја видам кога ќе воскресне! Тоа ми влева голема утеха. Бевме во брак 58 години, и за тоа време видовме како бројот на Јеховини сведоци во Порторико порасна од 650 на 26.000. Во 2013 год., кога подружницата во Порторико се спои со подружницата во САД, бев замолен да служам во Волкил (Њујорк). Откако минав 60 години на островот, се чувствував како прав Порториканец. Таму бев многу среќен, но морав да продолжам напред.

„БОГ ГО САКА ВЕСЕЛИОТ ДАРИТЕЛ“

Сѐ уште со радост служам во Бетел. Сега имам над 90 години, и моја задача е да правам пастирски посети кај членовите на бетелското семејство за да ги охрабрам. Откако дојдов во Волкил, успеав да посетам повеќе од 600 браќа и сестри. Некои од оние што доаѓаат кај мене сакаат да разговараат за своите лични или семејни проблеми. Други сакаат да добијат совет за тоа како радосно да служат во Бетел. Трети бараат совети бидејќи неодамна стапиле во брак или, пак, добиле задача да служат како пионери. Внимателно ги слушам сите што доаѓаат кај мене и, кога е соодветно, велам: „,Бог го сака веселиот дарител‘. Затоа, радосно врши ја својата задача — сѐ што правиш е за Јехова“ (2. Кор. 9:7).

Ако сакаш да бидеш среќен во Бетел и на кое и да било друго место, никогаш не заборавај зошто е важно тоа што го правиш. Сѐ што правиме во Бетел е света служба. Со нашата работа му помагаме на „верниот и разборит роб“ да им дава духовна храна на сите браќа и сестри по светот (Мат. 24:45). Без разлика каде му служиме на Јехова, сите имаме можност да го славиме. Затоа, со радост да ја вршиме секоја задача што ја добиваме бидејќи „Бог го сака веселиот дарител“.

^ пас. 13 Животната приказна на Леонард Смит излезе во Стражарска кула од 15 април 2012.