Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имаш ли надеж во воскресение?

Имаш ли надеж во воскресение?

Последниот Адам стана дух кој дава живот (1. КОР. 15:45)

ПЕСНИ: 151, 147

1-3. а) Кое е едно од главните учења на Библијата? б) Зошто воскресението е толку важно? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

АКО некој те праша кои се главните учења на твојата вера, што би му одговорил? Сигурно би му кажал дека Јехова е Творец кој ни дал живот. Веројатно би му кажал и дека веруваш во Исус Христос, кој го дал својот живот како откупнина. Исто така, сигурно би му кажал дека во иднина на Земјата ќе има рај во кој Божјите слуги ќе живеат засекогаш. Но, дали би го спомнал воскресението како едно од учењата кои најмногу те радуваат?

2 Воскресението треба да го сметаме како едно од нашите главни верувања дури и ако се надеваме дека ќе ја преживееме големата неволја и ќе живееме засекогаш на Земјата. Апостол Павле покажал зошто воскресението е толку важно. Тој рекол: „Ако навистина нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал“. Доколку Исус не воскреснал, не би можел да владее како Цар на небото, и нашето проповедање би било залудно. (Прочитај 1. Коринќаните 15:12-19.) Сепак, ние знаеме дека Исус воскреснал. Бидејќи веруваме во тоа, се разликуваме од Садукеите кои упорно тврделе дека мртвите не воскреснуваат. Дури и кога другите нѐ исмејуваат, ние и понатаму цврсто веруваме дека Бог ќе ги воскресне оние што починале (Мар. 12:18; Дела 4:2, 3; 17:32; 23:6-8).

3 Павле рекол дека учењето за „воскресението на мртвите“ е дел од „основното учење за Христос“ (Евр. 6:1, 2). Тој нагласил дека и самиот верува во воскресение (Дела 24:10, 15, 24, 25). Иако воскресението е едно од основните учења запишани во Божјата Реч, сепак треба внимателно да го проучуваме (Евр. 5:12). Зошто го велиме ова?

4. Кои прашања во врска со воскресението би можеле да си ги поставиме?

4 Кога некој ќе почне да ја проучува Библијата, најчесто ги чита извештаите за воскресенијата кои се случиле во минатото, како што е воскресението на Лазар. Тој исто така дознава дека Авраам, Јов и Даниел биле уверени дека, во иднина, оние што починале повторно ќе живеат. Но, што би кажал ако некој побара да му докажеш на темел на Библијата дека можеш да имаш доверба во ветувањата за воскресение кои биле запишани пред стотици години? И, дали во Библијата пишува кога точно ќе воскреснат оние што починале? Одговорите на овие прашања ќе ни ја зајакнат верата.

ВОСКРЕСЕНИЕ КОЕ БИЛО ПРОРЕЧЕНО СТОТИЦИ ГОДИНИ ОДНАПРЕД

5. Кои прашања ќе ги разгледаме?

5 Можеби не ти е тешко да замислиш некој да воскресне веднаш откако починал (Јован 11:11; Дела 20:9, 10). Но, дали можеш да имаш доверба во ветување дека некој ќе воскресне по неколку години, па дури и по неколку векови? Дали можеш да веруваш во тоа без разлика дали се работи за некој што починал пред долго време или за некој што починал неодамна? Всушност, ти веќе веруваш во едно воскресение кое се случило стотици години откако било проречено. Кое воскресение е тоа? И, како е поврзано со твојата надеж дека во иднина ќе има воскресение?

6. Како Исус бил вклучен во исполнувањето на Псалм 118?

6 Да разгледаме едно воскресение кое било проречено многу години однапред. Во Псалм 118, кој можеби го напишал Давид, стои: „О Јехова, те молиме, спаси нѐ!“ и „Благословен е оној што доаѓа во името Јеховино“. Луѓето го цитирале ова пророштво за Месијата кога Исус јавајќи на магаре влегол во Ерусалим на 9 нисан, неколку дена пред својата смрт (Пс. 118:25, 26; Мат. 21:7-9). Но, како овој псалм укажувал на воскресение кое требало да се случи многу години подоцна? Во овој пророчки псалм е запишано и следново: „Каменот што го отфрлија градителите стана аголен камен“ (Пс. 118:22).

„Градителите“ го отфрлиле Месијата (Види во пасус 7)

7. До која мера Евреите го отфрлиле Исус?

7 „Градителите“ кои го отфрлиле Месијата биле еврејските водачи. Тие, како и многу други Евреи, не само што му свртиле грб на Исус и не го прифатиле како Месија туку го отфрлиле до тој степен што барале од Пилат да го погуби (Лука 23:18-23). Да, тие биле одговорни и за смртта на Исус.

Исус воскреснал и со тоа станал „аголен камен“ (Види во пасуси 8-9)

8. Како Исус можел да стане „аголен камен“?

8 Ако Исус бил отфрлен и убиен, како можел да стане „аголен камен“? Тоа можело да се случи само доколку воскреснел. Исус го објаснил ова кога раскажал споредба за еден сопственик на лозје кој испратил гласници кај лозарите кои работеле за него. Лозарите лошо се однесувале со нив. На крај, сопственикот го испратил својот син, кој бил наследник, надевајќи се дека лозарите ќе го слушаат него. Но, тие го убиле. Откако ја раскажал споредбата за лозарите, Исус го цитирал пророштвото од Псалм 118:22 (Лука 20:9-17). Апостол Петар го спомнал истиот стих кога разговарал со еврејските поглавари, старешини и книжници кои се собрале во Ерусалим. Тој зборувал за Исус Христос кого тие го приковале на столб, а кого Бог го подигнал од мртвите. Во таа прилика, јасно им кажал: „Тој е ’каменот што вие градителите го сметавте за безвреден, а кој стана аголен камен‘“ (Дела 3:15; 4:5-11; 1. Пет. 2:5-7).

9. Кој впечатлив настан бил проречен во Псалм 118:22?

9 Јасно се гледа дека во Псалм 118:22 било проречено воскресение кое требало да се случи стотици години подоцна. Тоа пророштво открило дека Месијата ќе биде отфрлен и убиен, но дека ќе воскресне и ќе стане аголен камен. Со тоа што воскреснал, Исус станал единствениот преку кого можеме да се спасиме (Дела 4:12; Еф. 1:20).

10. а) Што било проречено во Псалм 16:10? б) Што нѐ уверува дека Псалм 16:10 не се однесувал на Давид?

10 Да разгледаме уште едно пророштво за воскресение кое се исполнило повеќе од илјада години откако било запишано. Овој факт треба да нѐ увери дека едно воскресение може да се случи долго време откако било проречено. Во Псалм 16 ги читаме зборовите на Давид: „Нема да ја оставиш мојата душа во гробот. Нема да дозволиш твојот лојален слуга да ја види јамата“ (Пс. 16:10). Давид не сакал да каже дека тој нема никогаш да умре и да отиде во гробот. Божјата Реч јасно вели дека Давид остарел и умрел и дека бил погребан во Ерусалим (1. Цар. 2:1, 10). Тогаш, на кого се однесува Псалм 16:10?

11. Кога Петар ги објаснил зборовите од Псалм 16:10?

11 Повеќе од илјада години откако Давид ги напишал овие зборови, Петар објаснил на кого се однесуваат. Неколку седмици по смртта и воскресението на Исус, Петар зборувал пред илјадници Евреи и преобратеници. (Прочитај Дела 2:29-32.) Тој ги потсетил дека Давид умрел и бил погребан. Оние што го слушале Петар го знаеле тоа. Во извештајот не пишува дека некој од нив не се согласил со изјавата на Петар дека Давид го прорекол воскресението на Месијата.

12. Како се исполнил Псалм 16:10, и во што нѐ уверува тоа?

12 Петар ја поткрепил оваа мисла така што ги цитирал зборовите од Псалм 110:1. (Прочитај Дела 2:33-36.) Со тоа што изнел докази од Писмата, Петар го уверил мноштвото што го слушало дека Исус е „и Господар и Христос“. Луѓето сфатиле дека Псалм 16:10 се исполнил кога Исус воскреснал. Подоцна, апостол Павле ги користел истите докази кога зборувал со Евреите во писидиска Антиохија. Тие им оставиле голем впечаток, и затоа сакале да дознаат повеќе. (Прочитај Дела 13:32-37, 42.) Ова треба да нѐ увери и нас дека овие библиски пророштва за едно воскресение кое требало да се случи во иднина биле веродостојни иако биле дадени стотици години пред да се исполнат.

КОГА ЌЕ СЕ СЛУЧИ ВОСКРЕСЕНИЕТО?

13. Кои прашања во врска со воскресението може да се појават?

13 Утешно е тоа што знаеме дека едно воскресение може да се случи стотици години откако било проречено. Сепак, можеби се прашуваш: „Дали тоа значи дека ќе треба долго да чекам за да ги видам моите блиски кои починале? Кога ќе се случи воскресението на кое се надевам?“ Исус им кажал на своите апостоли дека има работи што тие не ги знаеле ниту, пак, можеле да ги знаат. Постојат одредени детали во врска со „времињата или раздобјата што Таткото ги има под своја власт“, и затоа не е наше да ги знаеме (Дела 1:6, 7; Јован 16:12). Сепак, тоа не значи дека не знаеме ништо во врска со тоа кога ќе се случи воскресението.

14. Како воскресението на Исус се разликувало од претходните воскресенија?

14 Најважното воскресение кое е запишано во Библијата е воскресението на Исус. Доколку Исус не воскреснел, никој од нас не би можел да има надеж дека повторно ќе ги види своите блиски кои починале. Оние што воскреснале пред Исус, на пример во времето на Илија и Елисеј, не живееле засекогаш. Еден ден повторно починале и се вратиле во прав. За разлика од нив, Исус воскреснал и „повеќе не умира“, односно „смртта повеќе нема власт над него“. Тој живее на небото „во сета вечност“ (Рим. 6:9; Отк. 1:5, 18; Кол. 1:18; 1. Пет. 3:18).

15. Зошто Исус е наречен „првина“?

15 Исус воскреснал како духовно суштество на небото. Тоа било првото и најважното воскресение од таков вид (Дела 26:23). Сепак, тој не е единствениот кој требало да биде воскреснат на небото како духовно суштество. Исус ветил дека неговите верни апостоли ќе владеат со него на небото (Лука 22:28-30). Но, оваа награда требало да ја добијат дури по својата смрт. Потоа, исто како Исус, тие требало да воскреснат во духовно тело. Павле напишал дека „Христос воскреснал од мртвите“ и дека „тој е првина од оние што умреле“. Павле понатаму рекол дека ќе има и други кои ќе бидат воскреснати за живот на небото. Тој напишал: „Секој по својот ред: Христос како првина, а потоа, за време на неговата присутност, оние што се Христови“ (1. Кор. 15:20, 23).

16. Што знаеме во врска со тоа кога се случува воскресението за живот на небото?

16 Зборовите на Павле ни покажуваат кога се случува воскресението за живот на небото. Тоа се одвива за време на Христовата присутност. Со години, Јеховините сведоци со помош на Библијата укажуваат дека Христовата присутност започнала во 1914 год. Неговата присутност сѐ уште трае, и крајот на овој злобен свет е многу близу.

17, 18. Што ќе доживеат некои помазаници за време на Христовата присутност?

17 Библијата дава уште некои детали во врска со воскресението за живот на небото: „И не сакаме, браќа, да бидете во незнаење во врска со оние што се умрени... Зашто, ако веруваме дека Исус умрел и воскреснал, тогаш Бог и оние што умреле во единство со Исус ќе ги доведе со него... Ние живите, кои преостануваме до времето на присутноста на Господарот, нема да ги престигнеме оние што се умрени, зашто, самиот Господар ќе слезе од небото со заповеднички повик... И најпрво ќе станат оние што се мртви во единство со Христос. Потоа ние живите, кои ќе преостанеме, заедно со нив ќе бидеме однесени во облаците за да се сретнеме со Господарот во воздухот. И така ќе бидеме секогаш со Господарот“ (1. Сол. 4:13-17).

18 Воскресението за живот на небото требало да започне некое време откако ќе започнела Христовата присутност. Помазаните христијани кои сѐ уште ќе бидат на Земјата во текот на големата неволја ќе бидат „однесени во облаците“. Тие „нема да умрат“ во таа смисла што нема да бидат мртви долго време. Кога ќе умрат, веднаш ќе се преобразат „во еден момент, за миг, при звукот од последната труба“ (1. Кор. 15:51, 52; Мат. 24:31).

19. Кое „подобро воскресение“ го очекуваме?

19 Денес, повеќето верни Божји слуги не се помазаници и не се избрани за да владеат со Христос на небото. Наместо тоа, тие го очекуваат „Јеховиниот ден“, кога ќе му биде ставен крај на овој злобен свет. Никој не знае кога точно ќе дојде крајот, но доказите покажуваат дека е многу близу (1. Сол. 5:1-3). Во новиот свет, ќе има поинакво воскресение. Тогаш, оние што ќе воскреснат за живот на Земјата ќе имаат можност да станат совршени и никогаш повеќе да не умрат. Ова ќе биде „подобро воскресение“ од воскресенијата на луѓето од минатото кои подоцна повторно умреле (Евр. 11:35).

20. Од каде знаеме дека воскресението ќе се одвива организирано?

20 Во Библијата пишува дека оние што одат на небото воскреснуваат „секој по својот ред“ (1. Кор. 15:23). Затоа, можеме да бидеме уверени дека воскресението за живот на Земјата исто така ќе се одвива по некаков ред, односно ќе биде организирано. Можеби се прашуваш: „Дали оние што починале во наше време ќе воскреснат на почетокот од Христовото илјадагодишно владеење и ќе бидат пречекани од нивните блиски кои ги познаваат? Дали верните Божји слуги кои предводеле во минатото ќе воскреснат меѓу првите за да помогнат во организирањето на Божјиот народ во новиот свет? Што ќе се случи со оние што не му служеле на Јехова? Кога и каде ќе воскреснат?“ Постојат многу прашања кои можеме да си ги поставиме. Но, нема потреба сега да размислуваме за тие работи. Најдобро е да чекаме и да видиме. Можеме да имаме доверба дека ќе биде навистина прекрасно да се гледа како Јехова ќе се погрижи за сето тоа.

21. Каква надеж имаш ти?

21 Во меѓувреме, треба да си ја зајакнеме верата во Јехова. Преку она што го кажал Исус, Јехова нѐ уверува дека оние што починале се во неговото сеќавање и дека повторно ќе живеат (Јован 5:28, 29; 11:23). За да докаже дека Јехова ќе ги воскресне мртвите, Исус во една прилика во врска со Авраам, Исак и Јаков рекол дека „за [Бог] сите тие се живи“ (Лука 20:37, 38). И ние имаме добри причини да ги кажеме зборовите на апостол Павле: „Имам надеж... дека Бог ќе ги воскресне“ оние што починале (Дела 24:15).