Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади — „работете на своето спасение“

Млади — „работете на своето спасение“

Како што секогаш бевте послушни, работете на своето спасение со страв и трепет (ФИЛ. 2:12)

ПЕСНИ: 133, 135

1. Зошто крштавањето е многу важен чекор? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

СЕКОЈА година се крштаваат илјадници лица кои ја проучуваат Библијата. Многумина од нив се на тинејџерска возраст, па дури и помлади. Можеби пораснале во вистината. Дали ти си еден од нив? Ако да, тогаш заслужуваш пофалба. Секој христијанин мора да се крсти. Крштавањето е важен услов за да добиеме спасение и за да живееме вечно (Мат. 28:19, 20; 1. Пет. 3:21).

2. Зошто не треба да се плашиш да му го заветуваш својот живот на Јехова?

2 Крштавањето носи многу благослови од Јехова, но и одговорности. Во која смисла? На денот на крштавањето, ти одговори потврдно на прашањето: „На темел на жртвата на Исус Христос, дали си се покајал за своите гревови, и дали си му го заветувал својот живот на Јехова со цел да ја вршиш неговата волја?“ Ти си ветил дека ќе го сакаш Јехова и дека најважно ќе ти биде да ја вршиш неговата волја. Дали треба да жалиш што си дал толку сериозно ветување? Воопшто не! Никогаш нема да зажалиш што си му дозволил на Јехова да те води во животот. Размисли што би се случило ако донесеше поинаква одлука. Оние што не го познаваат Јехова се дел од светот на Сатана. Ѓаволот воопшто не е заинтересиран за нивното спасение ниту, пак, за твоето. Всушност, тој би бил среќен кога би застанал на неговата страна и би го отфрлил Јехова, бидејќи така би ја изгубил можноста да живееш засекогаш.

3. Кои благослови си ги добил од Јехова откако си му го заветувал животот?

3 Размисли колку многу те благословил Јехова затоа што си му го заветувал својот живот и си се крстил. Откако си го направил тој чекор, со голема увереност можеш да кажеш: „Јехова е на мојата страна; нема да се плашам. Што може да ми направи земен човек?“ (Пс. 118:6). Нема поголема чест од тоа да бидеш на страната на Бог и да знаеш дека тој се гордее со тебе.

ЛИЧНА ОДГОВОРНОСТ

4, 5. а) Зошто може да се каже дека односот со Јехова е твоја лична одговорност? б) Со какви испити се соочуваат Божјите слуги од сите возрасти?

4 На твојот однос со Јехова не можеш да гледаш како на „семеен пакет“ за мобилен телефон за кој плаќаат твоите родители. Напротив, сега ти си одговорен за своето спасение, дури и ако сѐ уште живееш со своите родители. Зошто е важно да го имаш ова на ум? Никој од нас не може да знае како во иднина ќе му биде испитана верата. На пример, можеби си се крстил уште пред да станеш тинејџер. Но сега, кога си влегол во тинејџерски години, се соочуваш со нови чувства и нови притисоци. Една тинејџерка рекла: „На едно дете обично нема да му биде многу криво што е Јеховин сведок само затоа што не зело парче роденденска торта на училиште. Но, неколку години подоцна, кога сексуалните желби стануваат многу силни, тоа треба да биде цврсто уверено дека секогаш е најдобро да се биде послушен на Јеховините закони“.

5 Младите не се единствените кои се соочуваат со нови околности и испити на верата. Дури и на оние што се крштаваат како возрасни верата им е испитана на неочекувани начини. Испитите можат да бидат поврзани со бракот, здравјето или вработувањето. Без оглед на возраста, секој од нас ќе се најде во ситуации во кои треба да му остане верен на Јехова (Јак. 1:12-14).

6. а) Во која смисла ветувањето што си му го дал на Јехова е безусловно? б) Што можеш да научиш од Филипјаните 4:11-13?

6 Ако сакаш да му останеш верен на Јехова, никогаш не заборавај дека ветувањето што си му го дал е безусловно. Ова значи дека си му ветил на Владетелот на целиот универзум дека ќе продолжиш да му служиш дури и ако твоите пријатели или родителите престанат да го прават тоа (Пс. 27:10). Во секоја ситуација можеш да го молиш Јехова да ти помогне да го исполниш ветувањето што си му го дал. (Прочитај Филипјаните 4:11-13.)

7. Што значи да работиш на своето спасение „со страв и трепет“?

7 Јехова сака да му бидеш пријател. Но, треба да вложиш труд за да го одржиш цврсто тоа пријателство и да работиш на своето спасение. Во Филипјаните 2:12 дури пишува: „Работете на своето спасение со страв и трепет“. Тоа значи дека треба внимателно да размислиме како можеме да го зачуваме нашиот однос со Јехова и да му останеме верни без оглед на тешкотиите. Не треба да бидеме премногу самоуверени. Дури и некои што многу години му служеле на Бог не останале верни. Со оглед на ова, кои чекори можеш да ги преземеш за да работиш на своето спасение?

ВАЖНО Е ДА ЈА ПРОУЧУВАШ БИБЛИЈАТА

8. Што е вклучено во личното проучување, и зошто тоа е важно?

8 За да бидеме пријатели на Јехова, треба да го слушаме и да разговараме со него. Главниот начин на кој го слушаме Јехова е така што ја проучуваме Библијата. Во тоа е вклучено да ги читаме Божјата Реч и библиските публикации, како и длабоко да размислуваме за прочитаното. Но, притоа не треба само да се трудиме да запомниме некои факти како да се подготвуваме за некој тест на училиште. Проучувањето можеме да го споредиме со едно возбудливо патување на кое истражуваме и откриваме нови работи за Јехова. Така ќе се зближиме со него, а и тој ќе се зближи со нас (Јак. 4:8).

Дали имаш добра комуникација со Јехова? (Види во пасуси 8-11)

9. Што ти помогнало длабоко да ја проучуваш Библијата?

9 Јеховината организација обезбедува многу работи кои можат да ти помогнат длабоко да проучуваш. На пример, рубриката „Оживеј си ги библиските настани“ во делот „Тинејџери“ на jw.org е наменета да ти помогне да го примениш она што го учиш од библиските извештаи. Исто така, на нашата интернет-страница можеш да ги најдеш работните листови за книгата „Што навистина учи Библијата?“ Тие можат да ти помогнат да си ја зајакнеш верата и да знаеш како да им ги објасниш своите верувања на другите. Уште некои идеи за проучување можеш да најдеш и во статијата „Младите прашуваат — како да уживам во читањето на Библијата?“ која излезе во Разбудете се! од април 2009 год. Проучувањето и длабокото размислување можат многу да ти помогнат да работиш на своето спасение. (Прочитај Псалм 119:105.)

МОЛИТВАТА Е МНОГУ ВАЖНА

10. Зошто е многу важно еден крстен Божји слуга да се моли?

10 Кога ја проучуваме Библијата, ние го слушаме Јехова, а кога се молиме, му зборуваме. Не треба да си мислиме дека молитвата е обичен ритуал или амајлија за среќа. Наместо тоа, молитвата е вистинска комуникација со нашиот Творец. Помисли на ова: Јехова сака да слушне што имаш да му кажеш! (Прочитај Филипјаните 4:6.) Кога ќе минуваш низ некој тежок период, послушај го следниов совет од Библијата: „Фрли го своето бреме на Јехова“ (Пс. 55:22). Милиони браќа и сестри можат да ти потврдат дека овој совет навистина им помогнал — а може да ти помогне и тебе!

11. Зошто треба секогаш да му благодариме на Јехова?

11 Меѓутоа, не треба да се молиме само кога сакаме Јехова да ни помогне. Библијата нѐ поттикнува: „Бидете благодарни“ (Кол. 3:15). Понекогаш толку многу се грижиме за нашите проблеми што не ги забележуваме сите убави работи што ги имаме. Затоа пробај го следново: Секој ден размисли најмалку за три работи за кои си благодарен, и потоа заблагодари му се на Јехова за нив. Една тинејџерка по име Абигејл, која се крстила кога имала 12 години, вели: „Мислам дека никој друг во целиот универзум не заслужува толкава благодарност како Јехова. Треба да му благодариме во секоја прилика и за секој подарок што ни го дал“. Понекогаш Абигејл си го поставува следново прашање што еднаш го слушнала: „Ако утре се разбудам само со оние работи за кои му се заблагодарив на Јехова претходниот ден, што би имала?“ *

КОЛКУ Е ВАЖНО ЛИЧНОТО ИСКУСТВО

12, 13. Зошто е важно да размислуваш за тоа како Јехова ти помогнал тебе лично?

12 Јехова му помогнал на цар Давид да истрае во многу тешки ситуации. Затоа, Давид од лично искуство можел да каже: „Вкусете и видете колку е добар Јехова! Среќен е човекот кому тој му е прибежиште!“ (Пс. 34:8). Тој стих ни покажува колку е важно на своја кожа да ја почувствуваме Јеховината добрина. Кога ги читаш Библијата и библиските публикации и кога присуствуваш на состаноците, учиш како Бог им помогнал на други да останат верни. Но, додека растеш во духовен поглед, важно е да сфатиш како Јехова ти помага тебе лично. Како ти си ја почувствувал Јеховината добрина?

13 Секој Божји слуга ја почувствувал Јеховината добрина на еден посебен начин. Бог го поканил секој од нас да се зближи со него и со неговиот Син. Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“ (Јован 6:44). Дали сметаш дека тие зборови важат и за тебе? Или можеби си мислиш: „Јехова ги привлекол кон себе моите родители, а јас само ги следам нив“. Не заборавај дека, кога си му го заветувал животот на Јехова и си се крстил, си покажал дека си стапил во посебен однос со него. Библијата ни вели: „Ако некој го сака Бог, него Бог го познава“ (1. Кор. 8:3). Никогаш немој да престанеш да го цениш местото што Јехова ти го дал во неговата организација.

14, 15. Како може службата на проповедање да ти ја зајакне верата?

14 Добрината на Јехова ја чувствуваш и кога тој ти дава храброст да им зборуваш на другите за својата вера, било во служба на подрачјето било на училиште. Можеби ти е тешко да им проповедаш на твоите соученици бидејќи се плашиш како ќе реагираат. Можеби особено се плашиш да ги објасниш своите верувања пред голема група. Што може да ти помогне?

15 Прво, размисли зошто си уверен во библиските учења. Притоа, можеш да ги користиш работните листови за проучување кои се наоѓаат на jw.org. Тие можат да ти помогнат да размислиш во што веруваш, зошто веруваш во тоа и како можеш да им ги објасниш своите верувања на другите. Ако имаш цврсти ставови и ако добро се подготвиш, ќе имаш силна желба да сведочиш за Јеховиното име (Ерем. 20:8, 9).

16. Што може да ти помогне полесно да зборуваш за своите верувања?

16 Дури и ако добро си се подготвил, можеби сѐ уште имаш трема кога треба да им ги објасниш на другите своите верувања. Една 18-годишна сестра, која се крстила на 13 години, вели: „Знам во што верувам, но понекогаш не можам да си ги изразам мислите со зборови“. Како се справува со овој проблем? Таа се обидува да зборува за вистината опуштено и природно. Сестрата вели: „Моите соученици слободно си зборуваат за она што го прават. И јас треба да се чувствувам слободна да зборувам за она што го правам. Затоа, додека си разговараме, ќе спомнам нешто како: ’Пред некој ден, водев библиски курс и...‘ А потоа продолжувам со разговорот. Иако Библијата не била тема на нашиот разговор, честопати другите се љубопитни и понекогаш прашуваат како изгледа еден библиски курс. Колку повеќе го користам овој пристап, толку полесно ми оди. На крајот секогаш се чувствувам супер!“

17. Што друго може да ти помогне да зборуваш со другите за своите верувања?

17 Кога другите чувствуваат дека навистина се грижиш за нив и ги почитуваш, полесно им е да те почитуваат тебе и твоите верувања. Оливија, која има 17 години и која се крстила пред да стане тинејџерка, вели: „Секогаш се плашев дека, ако ја спомнам Библијата во разговор, другите ќе мислат дека сум фанатик“. Но, потоа почнала да гледа поинаку на работите. Наместо да се концентрира само на своите стравови, таа си размислувала: „Многу млади не знаат ништо за Јеховините сведоци. Ние сме единствените Сведоци со кои доаѓаат во контакт. Затоа, начинот на кој постапуваме влијае врз тоа како ќе реагираат. Што ако сме срамежливи или плашливи или, пак, ако ни е тешко да зборуваме за нашата вера? А што ако се парализираме од страв кога сакаме да сведочиме? Тогаш можеби ќе мислат дека ние се срамиме од тоа кои сме. Можеби дури ќе бидат груби со нас затоа што ни недостига самодоверба. Меѓутоа, ако опуштено и со увереност зборуваме со нив за нашите верувања, како да водиме обичен муабет, поверојатно е дека ќе нѐ почитуваат“.

ПРОДОЛЖИ ДА РАБОТИШ НА СВОЕТО СПАСЕНИЕ

18. Што е вклучено во тоа да работиш на своето спасение?

18 Како што видовме, да работиш на своето спасение е голема одговорност. За да успееш во тоа, треба да ја читаш Божјата Реч и да размислуваш за неа, да му се молиш на Јехова и длабоко да размислуваш за сите начини на кои тој ти помага. На тој начин ќе бидеш поуверен дека Јехова е твој пријател. А ова ќе те поттикне да им зборуваш на другите за твоите верувања. (Прочитај Псалм 73:28.)

19. Зошто вреди да вложиш труд да работиш на своето спасение?

19 Исус рекол: „Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот маченички столб и нека оди по мене“ (Мат. 16:24). Навистина, за да го следи Исус, секој Божји слуга мора да му го заветува животот на Јехова и да се крсти. Но, ова е само почеток на еден прекрасен живот уште сега, кој води во вечен живот во Божјиот нов свет. Затоа, дај сѐ од себе за да работиш на своето спасение!

^ пас. 11 Повеќе предлози има во статијата „Младите прашуваат — зошто да се молам?“ и работните листови за неа кои се наоѓаат на jw.org/mk.