Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биди му лојален на Јехова

Биди му лојален на Јехова

„Јехова е сведок меѓу мене и тебе и меѓу моето потомство и твоето потомство довека“ (1. САМ. 20:42)

ПЕСНИ: 125, 62

1, 2. Зошто пријателството меѓу Јонатан и Давид е извонреден пример за лојалност?

ЈОНАТАН сигурно бил восхитен од храброста на Давид. Давид го убил џинот Голијат и му ја донел ‚главата на тој Филистеец‘ на татко му на Јонатан, израелскиот цар Саул (1. Сам. 17:57). Јонатан воопшто не се сомневал дека Бог е со Давид, и оттогаш тие двајца станале многу блиски пријатели. Всушност, ‚Јонатан склучил сојуз со Давид, зашто го сакал како својата душа‘ (1. Сам. 18:1-3). Тој му бил лојален на својот пријател до крајот на животот.

2 Иако Давид бил избран за следен цар на Израел, Јонатан му останал лојален. Тој бил загрижен за својот пријател кога Саул се обидувал да го најде Давид за да го убие. Јонатан знаел дека Давид е во Јудејската Пустина во Орес, и затоа отишол таму за да го охрабри и ‚да му ја зацврсти довербата во Бог‘. Тој му рекол на Давид: „Не плаши се... Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор, веднаш до тебе“ (1. Сам. 23:16, 17).

3. Што му било најважно на Јонатан, и од каде го знаеме тоа? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

3 Обично им се восхитуваме на луѓето кои се лојални. Но, ако го цениме Јонатан само поради неговата лојалност кон Давид, ќе пропуштиме нешто многу важно. Зошто тој го сметал Давид за пријател, а не за соперник? Затоа што очигледно нешто друго му било поважно од сопствената положба и углед. Сети се дека тој му помогнал на својот пријател ‚да ја зацврсти својата доверба во Бог‘. Очигледно, на Јонатан му било најважно од сѐ да му остане лојален на Јехова. Всушност, токму од таа причина тој му бил лојален и на Давид. И двајцата го одржале ветувањето што си го дале еден на друг. Тие се заколнале: „Јехова е сведок меѓу мене и тебе и меѓу моето потомство и твоето потомство довека“ (1. Сам. 20:42).

4. а) Што ни носи вистинска радост и задоволство? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Освен што ја цениме лојалноста кај другите, ние даваме сѐ од себе и самите да им бидеме лојални на членовите на семејството, на пријателите и на соверниците (1. Сол. 2:10, 11). Сепак, кон кого е најважно да покажуваме лојалност? Се разбира, кон Јехова, Оној што ни го дал животот! (Отк. 4:11). Таквата лојалност ни причинува вистинска радост и задоволство. Но, за да му бидеме лојални на Бог, треба цврсто да се држиме за него дури и кога минуваме низ тешки периоди. Во оваа статија ќе видиме како примерот на Јонатан може да ни помогне да му бидеме лојални на Јехова во четири ситуации: 1) кога сметаме дека некој што има авторитет не заслужува почит, 2) кога треба да избереме кому ќе му бидеме лојални, 3) кога некој погрешно ќе нѐ разбере или ќе постапува неправедно со нас и 4) кога ни е тешко да одржиме некое ветување.

КОГА СМЕТАМЕ ДЕКА НЕКОЈ ШТО ИМА АВТОРИТЕТ НЕ ЗАСЛУЖУВА ПОЧИТ

5. Зошто на народот му било тешко да му остане лојален на Бог додека Саул бил цар?

5 Иако бил помазан за цар, Саул подоцна станал непослушен и затоа Јехова го отфрлил (1. Сам. 15:17-23). Но, бидејќи не го тргнал од престолот веднаш, неговото лошо постапување било испит за неговите поданици и за оние што му биле блиски. На народот му било тешко да му остане лојален на својот Бог затоа што царот кој седел на „Јеховиниот престол“ не го правел она што е исправно (1. Лет. 29:23).

6. Од каде знаеме дека Јонатан цврсто се држел за Јехова?

6 Јонатан му останал лојален на Јехова. Размисли што направил тој кратко откако неговиот татко, Саул, почнал да постапува непослушно (1. Сам. 13:13, 14). Во тоа време, една огромна филистејска војска која имала 30.000 бојни коли дошла да го нападне Израел. Саул имал 600 војници, а само тој и Јонатан имале оружје. Но, Јонатан не се исплашил. Тој не го заборавил она што го кажал пророкот Самоил: „Јехова нема да го остави својот народ поради своето големо име“ (1. Сам. 12:22). Затоа отишол до филистејската стража само со својот штитоносец. Јонатан му рекол: „Ништо не може да го спречи Јехова да спаси, било со многу луѓе било со малку“. Тие двајца ја нападнале филистејската стража и убиле околу дваесетина непријатели. Тогаш Бог предизвикал земјотрес, и Филистејците се уплашиле. Настанала збрка во која филистејските војници се свртеле еден против друг и се испоубиле. Бидејќи Јонатан покажал вера во Јехова, Израелците извојувале победа (1. Сам. 13:5, 15, 22; 14:1, 2, 6, 14, 15, 20).

7. Како се однесувал Јонатан со својот татко?

7 Иако Саул сѐ повеќе се отуѓувал од Бог, Јонатан соработувал со него секогаш кога било можно. На пример, тие се бореле заедно во одбрана на Божјиот народ (1. Сам. 31:1, 2).

8, 9. Зошто може да се каже дека му остануваме лојални на Бог кога покажуваме почит кон оние што имаат авторитет?

8 Слично на Јонатан, ние можеме да му останеме лојални на Јехова така што, секогаш кога е можно, ќе им бидеме послушни на властите во земјата каде што живееме. Од таа причина, треба да покажеме почит кон владините службеници дури и ако сметаме дека некои од нив не го заслужуваат тоа бидејќи се нечесни или корумпирани. (Прочитај Римјаните 13:1, 2.) Исто така, можеме да му бидеме лојални на Јехова и така што ќе ги почитуваме оние на кои тој им дал одреден авторитет во семејството и во собранието (1. Кор. 11:3; Евр. 13:17).

Ќе покажеме љубов кон Јехова така што ќе му останеме лојални на брачниот другар (Види во пасус 9)

9 Олга, [1] една сестра од Јужна Америка, му останала верна на Бог така што покажала почит кон својот сопруг иако тој со години емоционално ја малтретирал. Понекогаш не ѝ зборувал или ја опсипувал со навреди затоа што таа е Јеховин сведок, па дури и се заканувал дека ќе ја остави и ќе ѝ ги земе децата. Но, Олга не му враќала на лошото со лошо. Таа давала сѐ од себе да биде добра сопруга. Му готвела, му ја перела облеката и се грижела за другите во семејството (Рим. 12:17). Кога било можно, одела со него на гости кај неговите роднини или колеги. А кога татко му починал и требало да одат на погреб во друг град, Олга ги подготвила децата и сѐ што било потребно за патувањето. На погребот, таа го чекала пред црквата додека траел обредот. Откако поминале години, тој почнал да омекнува бидејќи Олга била стрплива и покажувала почит кон него. Сега тој ја поттикнува да оди на состаноци, па дури и ја носи до салата. А понекогаш и самиот доаѓа на состанок (1. Пет. 3:1).

КОГА ТРЕБА ДА ИЗБЕРЕМЕ КОМУ ЌЕ МУ БИДЕМЕ ЛОЈАЛНИ

10. Како Јонатан знаел кому треба да му биде лојален?

10 Кога Саул решил да го убие Давид, Јонатан требало да донесе тешка одлука. Иако склучил сојуз со Давид, тој му бил подложен и на својот татко. Но, Јонатан знаел дека Бог е со Давид, а не со Саул. Затоа одлучил да му биде лојален на својот пријател. Го предупредил Давид да се скрие, и зборувал добро за него пред Саул. (Прочитај 1. Самоилова 19:1-6.)

11, 12. Како љубовта кон Бог ни помага да му бидеме лојални?

11 Алис, една сестра од Австралија, морала да одлучи кому ќе му биде лојална. Додека ја проучувала Библијата, таа им кажувала на домашните за она што го учела. По некое време им кажала дека нема да слави Божиќ со нив и им објаснила зошто. Тие отпрвин биле разочарани, а со текот на времето почнале дури и остро да ѝ се противат. Им се чинело дека на Алис повеќе не ѝ е грижа за нив. На крајот, мајка ѝ ѝ рекла дека не сака повеќе да ја види. Алис вели: „Бев запрепастена и длабоко повредена затоа што навистина си го сакав семејството. Сепак, бев решена да го ставам Јехова и неговиот Син на прво место во животот. Се крстив на следниот собир“ (Мат. 10:37).

12 Ако не сме внимателни, лојалноста кон државата, кон училиштето или кон некој спортски тим може да ни стане поважна од лојалноста кон Бог. На пример, Хенри уживал да игра шах за школскиот тим и сакал да даде сѐ од себе за да може неговото училиште да победи на шаховското првенство. Но, бидејќи секој викенд учествувал во натпреварите, немал доволно време за служба и за христијанските состаноци. Хенри вели дека постепено му станало поважно да му биде лојален на училиштето отколку на Бог. Затоа одлучил повеќе да не игра шах за школскиот тим (Мат. 6:33).

13. Како лојалноста кон Бог може да ни помогне кога имаме некој семеен проблем?

13 Понекогаш е тешко во исто време да им бидеме лојални на различни членови на семејството. На пример, Кен вели: „Сакав редовно да ја посетувам мајка ми која е во поодминати години, а сакав и таа одвреме-навреме да седи кај нас. Но, не се сложуваа добро со жена ми. Во почетокот се најдов меѓу два огна — кога ќе ѝ угодев на едната, другата се лутеше“. Кен размислил за она што го вели Библијата и сфатил дека во оваа ситуација е поважно да ѝ угоди и да ѝ биде лојален на жена му. Затоа успеал да изнајде решение кое било прифатливо за неа. А потоа ѝ објаснил зошто мора да биде љубезна со мајка му. Исто така, ѝ објаснил и на мајка си зошто треба да ја почитува неговата жена. (Прочитај 1. Мојсеева 2:24; 1. Коринќаните 13:4, 5.)

КОГА НЕКОЈ ПОГРЕШНО НЀ РАЗБИРА ИЛИ ПОСТАПУВА НЕПРАВЕДНО СО НАС

14. Како постапувал Саул со Јонатан?

14 Можеме да му бидеме лојални на Јехова и кога некој одговорен брат постапува неправедно со нас. Иако Бог го поставил за цар, Саул постапувал неправедно со својот сопствен син. Тој не можел да разбере зошто Јонатан го сака Давид. Кога Јонатан се обидел да му помогне на својот пријател, Саул се разгневил и го понижил својот син пред сите. И покрај тоа, Јонатан не му вратил со иста мера туку продолжил да покажува почит кон него. Но, им останал верен и на Бог и на Давид, кој подоцна станал цар на Израел (1. Сам. 20:30-41).

15. Како треба да реагираме ако некој брат постапи неправедно со нас?

15 Во нашите собранија денес, одговорните браќа се трудат да постапуваат праведно со сите. Сепак, тие се несовршени. Затоа може да се случи погрешно да протолкуваат некоја наша постапка (1. Сам. 1:13-17). Да бидеме решени да му останеме лојални на Јехова дури и ако некој погрешно нѐ разбере или ако постапи неправедно со нас.

КОГА НЕ Е ЛЕСНО ДА СИ ГО ОДРЖИМЕ ВЕТУВАЊЕТО

16. Во кои ситуации мора да бидеме несебични и да покажеме лојалност кон Бог?

16 Саул сакал неговиот син да биде цар наместо Давид (1. Сам. 20:31). Но, Јонатан го сакал Јехова и му бил лојален нему. Затоа, наместо да си гледа само за себе, тој му станал пријател на Давид и го одржал ветувањето, односно заклетвата што му ја дал. Всушност, секој што го сака Јехова и му е лојален, ‚не ја менува својата заклетва, дури и ако тоа е на негова штета‘ (Пс. 15:4). Слично на Јонатан, и ние треба секогаш да се трудиме да си стоиме на зборот. На пример, ако склучиме некој деловен договор, нашата лојалност кон Бог и нашата решеност да се држиме за библиските мерила ќе ни помогнат да го исполниме она што сме го ветиле дури и ако тоа стане тешко. А доколку имаме проблеми во бракот, ќе покажеме љубов кон Јехова така што ќе му останеме лојални на нашиот брачен другар. (Прочитај Малахија 2:13-16.)

Ако склучиме некој деловен договор, ќе се држиме за него затоа што сме му лојални на Бог (Види во пасус 16)

17. Како ти помогна оваа статија?

17 Кога размислуваме за примерот на Јонатан, зарем не сакаме да му бидеме лојални на Бог како што му бил тој? Ако е така, да се трудиме да бидеме несебични. Да им останеме лојални на нашите браќа и сестри, дури и кога ќе нѐ разочараат. И, да му останеме лојални на Јехова, дури и во тешки околности. Така ќе го радуваме неговото срце, а и ние ќе бидеме многу среќни (Изр. 27:11). Може да бидеме сигурни дека тој секогаш ќе го прави она што е најдобро за нас. Во следната статија ќе разгледаме што може да научиме од некои лојални и нелојални личности кои живееле во времето на Давид.

^ [1] (пасус 9) Некои имиња се сменети.