Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поуки од Јеховините лојални слуги

Поуки од Јеховините лојални слуги

„Со лојалниот постапуваш лојално“ (ПС. 18:25)

ПЕСНИ: 63, 43

1, 2. Како Давид покажал дека му е лојален на Бог? (Види ја сликата погоре.)

САУЛ и неговите 3.000 војници го барале Давид во Јудејската Пустина за да го убијат. Една ноќ, додека тие спиеле на местото каде што биле улогорени, Давид и неговите луѓе дошле до нивниот логор. Тој и Ависај внимателно поминале покрај војниците и дошле до местото каде што спиел Саул. Тогаш Ависај му шепнал на Давид: „Те молам, дозволи ми со еден удар да го приковам со копјето за земја. Втор удар нема да ми треба“. Но, Давид не му дозволил. Тој му рекол: „Немој да го убиеш! Зашто, кој ќе крене рака на Јеховиниот помазаник и ќе остане невин?.. Не сакам да кренам рака на Јеховиниот помазаник, бидејќи знам дека тоа не би било исправно во Јеховини очи“ (1. Сам. 26:8-12).

2 Давид знаел што значи да му се биде лојален на Бог. Тој немал намера да му направи ништо лошо на Саул. Зошто? Затоа што Јехова го помазал Саул за цар на Израел. И денес, исто како во минатото, Бог очекува од сите свои слуги да му бидат лојални и да ги почитуваат оние што тој ги поставува на одговорни положби. (Прочитај Псалм 18:25.)

3. Како Ависај покажал дека му е лојален на Давид?

3 Ависај го почитувал Давид. Но, откако станал цар, Давид направил тешки гревови кога извршил прељуба со жената на Урија и му заповедал на Јоав да се погрижи нејзиниот маж да загине во битка (2. Сам. 11:2-4, 14, 15; 1. Лет. 2:16). Бидејќи му бил брат на Јоав, Ависај веројатно знаел нешто за ова. Сепак, и понатаму го почитувал Давид како цар поставен од Бог. Освен тоа, никогаш не ја злоупотребил својата положба на воен заповедник за да го приграби царскиот престол. Напротив, го бранел Давид од предавниците и од другите непријатели (2. Сам. 10:10; 20:6; 21:15-17).

4. а) Што покажува дека Давид му бил лојален на Јехова? б) Кои други примери ќе ги разгледаме?

4 Давид му бил лојален на Јехова во текот на целиот живот. Како млад човек, тој храбро му се спротивставил на филистејскиот џин Голијат, кој се дрзнал „да им се потсмева на четите на живиот Бог“! (1. Сам. 17:23, 26, 48-51). Откако станал цар, Давид направил тешки гревови — прељуба и убиство. Сепак, го прифатил укорот што му го дал пророкот Натан и се покајал (2. Сам. 12:1-5, 13). Тој му останал лојален на Бог и кога остарел. На пример, великодушно приложил од своето богатство за да помогне во изградбата на Јеховиниот храм (1. Лет. 29:1-5). Сето ова јасно покажува дека, иако направил сериозни престапи, Давид му бил лојален на Јехова (Пс. 51:4, 10; 86:2). Во оваа статија ќе го разгледаме неговиот пример, како и примерите на други луѓе кои живееле во негово време. Додека го правиме тоа, да размислуваме за следниве прашања: Како може да покажеме дека лојалноста кон Јехова ни е најважна од сѐ? Кои особини ќе ни помогнат да покажуваме лојалност?

КОМУ Е НАЈВАЖНО ДА МУ БИДЕМЕ ЛОЈАЛНИ?

5. Каква поука може да извлечеме од грешката на Ависај?

5 Ависај бил спремен да го убие цар Саул бидејќи сакал да покаже лојалност кон Давид. Но, Давид го спречил затоа што знаел дека е погрешно некој да „крене рака на Јеховиниот помазаник“ (1. Сам. 26:8-11). Од оваа случка може да извлечеме важна поука: Иако не е погрешно да покажуваме лојалност кон повеќе личности, библиските начела ќе ни помогнат да одредиме кому е најважно да му бидеме лојални.

6. Иако е нормално да им бидеме лојални на пријателите и на семејството, зошто мора да бидеме внимателни?

6 Лојалноста извира од срцето. Сепак, треба да имаме на ум дека човечкото срце е измамливо (Ерем. 17:9). Сосема е нормално да му бидеме лојални некому што го сакаме како, на пример, на близок пријател или член на семејството. Но, ако некој од нашите најблиски прави нешто лошо или одлучи да ја напушти вистината, не смееме да заборавиме дека најважно од сѐ е да му бидеме лојални на Јехова. (Прочитај Матеј 22:37.)

7. Како една сестра му останала лојална на Бог иако не ѝ било лесно?

7 Можеш да му покажеш на Јехова дека си му лојален дури и кога некој во твоето семејство е исклучен од собранието. На пример, на една сестра по име Ен [1] ѝ се јавила мајка ѝ, која била исклучена. Таа сакала да се види со Ен бидејќи ѝ било многу тешко затоа што никој од семејството не контактирал со неа. Потресена од тој разговор, Ен ѝ ветила дека ќе ѝ напише писмо. Пред да го стори тоа, разгледала некои библиски начела (1. Кор. 5:11; 2. Јов. 9-11). Во писмото, Ен љубезно ја потсетила мајка ѝ дека самата таа го отфрлила семејството кога направила грев и не се каела за тоа. А потоа ѝ напишала: „Единствен начин повторно да бидеш среќна е да се вратиш кај Јехова“ (Јак. 4:8).

8. Кои особини ќе ни помогнат да му бидеме лојални на Бог?

8 Лојалните Божји слуги во времето на Давид покажувале понизност, љубов и храброст. Да видиме како овие особини можат да ни помогнат да му бидеме лојални на Бог.

МОРА ДА БИДЕМЕ ПОНИЗНИ

9. Зошто Авенир се обидел да го убие Божјиот помазаник?

9 Кога Давид му ја донел на Саул главата на Голијат, тоа го виделе и Јонатан и Авенир, заповедникот на израелската војска. Како влијаело ова врз нив? Едниот, Јонатан, склучил сојуз со Давид и му станал лојален пријател (1. Сам. 17:57—18:3). Но, Авенир имал сосема поинаков став. Всушност, тој подоцна дури и му помагал на Саул да го најде Давид за да го убие! (1. Сам. 26:1-5; Пс. 54:3). И Јонатан и Авенир знаеле дека Бог го помазал Давид за следен цар на Израел. Сепак, по смртта на Саул, Авенир не го поддржал Давид. Наместо тоа, се обидел да го постави за цар Исвостеј, синот на Саул. А подоцна можеби и самиот сакал да биде цар, и веројатно затоа имал полови односи со една од наложниците на Саул (2. Сам. 2:8-10; 3:6-11). Зошто Јонатан и Авенир имале различен став кон Давид? Затоа што Јонатан му бил лојален на Јехова и бил понизен, а Авенир не бил таков.

10. Зошто Авесалом не му бил лојален на Бог?

10 И Авесалом, синот на цар Давид, не му бил лојален на Бог затоа што не бил понизен. Бидејќи сакал да биде цар, тој ‚си набавил кола, коњи и педесет луѓе што трчале пред него како негова стража‘! (2. Сам. 15:1). Освен тоа, на нечесен начин ја придобил верноста на народот. Слично на Авенир, Авесалом сакал да го убие својот татко, Давид, иако знаел дека Јехова го поставил за цар на Израел (2. Сам. 15:13, 14; 17:1-4).

11. Каква поука може да извлечеме од библиските извештаи за Авенир, Авесалом и Варух?

11 Ако некој не е понизен и копнее да ги задоволи своите себични желби, ќе му биде тешко да му остане лојален на Бог. Се разбира, како верни слуги на Јехова, ние не сакаме да бидеме себични и злобни како Авенир и Авесалом. Но, мора да внимаваме кај нас да не се развие желба да бидеме богати или да изградиме кариера во овој свет. Тоа може да го наруши нашиот однос со Јехова. Варух, кој му бил писар на Еремија, почнал да посакува некои работи за себе, и ја изгубил радоста во својата служба за Бог. Јехова му го дал следниов совет: „Еве, што изградив, ќе урнам, и што посадив, ќе искорнам, и тоа по целата земја. А ти бараш големи работи за себе. Не барај го тоа!“ (Ерем. 45:4, 5). Варух го прифатил овој совет. Добро е и ние да ги имаме на ум тие зборови додека го очекуваме крајот на овој злобен свет.

12. Кој пример покажува дека не можеме да му бидеме лојални на Бог ако сме себични?

12 Даниел, еден брат од Мексико, морал да избере дали ќе му биде лојален на Бог или ќе ги задоволи своите себични желби. Тој сакал да се ожени со девојка која не му служела на Јехова. Даниел вели: „Продолжив да се допишувам со неа дури и откако станав општ пионер“. Но, потоа сфатил дека тоа било себично од негова страна. Не му бил лојален на Јехова и не бил понизен. Затоа решил да разговара за таа девојка со еден искусен старешина. Даниел објаснува: „Тој ми помогна да сфатам дека, ако сакам да му бидам лојален на Бог, треба да престанам да се допишувам со неа. По многу молитви и солзи, го сторив токму тоа. За кратко време, почувствував многу поголема радост во службата“. Даниел подоцна се оженил со една добра сестра, и сега служи како покраински надгледник.

ЛОЈАЛНОСТА КОН БОГ НИ ПОМАГА ДА ПОСТАПИМЕ СО ЉУБОВ

Ако дознаеш дека некој твој близок пријател направил тежок грев, дали ќе разговараш со него и дали ќе се погрижиш да добие помош од старешините? (Види во пасус 14)

13. Како Натан им останал лојален и на Бог и на Давид кога Давид направил грев?

13 Ако сме му лојални на Бог, ќе може да им бидеме лојални и на другите. Пророкот Натан му останал лојален на Јехова, но истовремено покажал лојалност и кон Давид. Тој дознал дека овој цар направил прељуба со една жена и дека се погрижил нејзиниот маж да загине во битка. Кога Јехова го испратил да го укори Давид, Натан го послушал и постапил храбро. Но, го укорил царот на мудар и љубезен начин. За да му помогне на Давид да сфати колку биле тешки неговите гревови, Натан му раскажал споредба за еден богат човек кој постапил неправедно со тоа што ја зел единствената овчичка која ја имал сиромавиот. Кога го чул тоа, Давид се разгневил на богатиот човек. Тогаш Натан му рекол: „Ти си тој човек!“ Давид веднаш признал дека му згрешил на Јехова (2. Сам. 12:1-7, 13).

14. Како љубовта ќе ти помогне да му бидеш лојален и на Јехова и на некој твој пријател или роднина кој направил тежок грев?

14 Ако вистински ги сакаш другите, ќе можеш истовремено да им бидеш лојален и ним и на Јехова. На пример, можеби имаш цврст доказ дека некој соверник направил тежок грев. Веројатно сакаш да му бидеш лојален, особено ако се работи за некој близок пријател или роднина. Но, исто така знаеш дека најважно од сѐ е да му бидеш лојален на Бог. Затоа, исто како Натан, постапи љубезно, но цврсто. Поттикни го твојот пријател или роднина да побара помош од старешините. Ако не го стори тоа во скоро време, лојалноста кон Бог треба да те поттикне самиот да им кажеш на старешините за таа работа. Ако постапиш на ваков начин, ќе му бидеш лојален на Јехова. Но, ќе покажеш дека вистински го сакаш и својот пријател или роднина, бидејќи старешините можат да му помогнат да си го обнови добриот однос со Јехова. Тие ќе го исправат со благост. (Прочитај 3. Мојсеева 5:1; Галатите 6:1.)

ПОТРЕБНА НИ Е ХРАБРОСТ ЗА ДА МУ БИДЕМЕ ЛОЈАЛНИ НА БОГ

15, 16. Зошто на Хусај му била потребна храброст за да му биде лојален на Бог?

15 На Хусај му била потребна храброст за да му остане лојален на Бог. Тој му бил верен пријател на цар Давид. Но, неговата лојалност била ставена на испит кога Авесалом ги придобил срцата на народот и дошол до Ерусалим со својата војска за да го приграби царскиот престол (2. Сам. 15:13; 16:15). Што направил Хусај кога Давид побегнал од градот? Дали го изневерил застанувајќи на страната на Авесалом? Не. Иако Давид бил стар и многумина сакале да го убијат, Хусај му останал лојален бидејќи Јехова го поставил за цар. Затоа отишол на Маслинската Гора за да се сретне со него (2. Сам. 15:30, 32).

16 Давид го замолил да се врати во Ерусалим, да се преправа дека му е пријател на Авесалом и да ги осуети советите на Ахитофел. Ризикувајќи си го животот, Хусај храбро го послушал царот и му останал лојален на Јехова. Бог одговорил на молитвите на Давид, и храбриот Хусај со својот совет навистина успеал да ги осуети советите на Ахитофел (2. Сам. 15:31; 17:14).

17. Зошто ни е потребна храброст за да бидеме лојални?

17 И нам ни е потребна храброст за да му останеме лојални на Јехова. Мнозина од нас решително се спротивставиле на притисокот од семејството, колегите или световните власти за да ја покажат својата лојалност кон Бог. На пример, Таро од Јапонија уште од мал им бил лојален и послушен на своите родители. Тој не го правел тоа затоа што морал туку затоа што навистина сакал тие да бидат среќни. Но, кога почнал да проучува со Јеховините сведоци, неговите родители му се спротивставиле. Особено му било тешко да им каже дека одлучил да оди на христијанските состаноци. Таро вели: „Толку беа лути што со години не смеев да стапнам во нивниот дом. Се молев за храброст за да можам цврсто да се држам за мојата одлука. Сега тие попуштија и можам редовно да ги посетувам“. (Прочитај Изреки 29:25.)

18. Како ти помогна оваа статија?

18 Слично на Давид, Јонатан, Натан и Хусај, и ние да бидеме решени да му останеме лојални на Јехова бидејќи тоа ќе ни донесе огромна радост. Никогаш не сакаме да бидеме како Авенир и Авесалом кои не покажале лојалност кон Бог. Иако сме несовршени и правиме грешки, да продолжиме цврсто да се држиме за Јехова и да му покажеме дека лојалноста кон него ни е најважна од сѐ.

^ [1] (пасус 7) Некои имиња се сменети.