Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОД НАШАТА АРХИВА

Јавните предавања ја шират добрата вест во Ирска

Јавните предавања ја шират добрата вест во Ирска

МАЈ 1910 год. Во морскиот залив Белфаст Лок (Ирска) влегува брод. На палубата стои мала група патници пред чии очи се појавува прекрасна глетка на зелени ридови облеани со првите зраци на утринското сонце. Меѓу нив е и Чарлс Расел, кому ова му е петто патување во Ирска. Пред него се издигнуваат огромни океански бродови кои се во изградба — познатиот Титаник и Олимпик, брод од истата компанија. * Од другата страна на бродоградилиштето, десетина Истражувачи на Библијата стојат на кејот и чекаат да пристигне брат Расел.

Околу 20 години претходно, брат Расел барал начини како да се забрза проповедањето на добрата вест низ целиот свет. Тогаш решил да отиде на неколку долги патувања надвор од Америка. Првото такво патување го започнал во Ирска, во јули 1891 год. Од палубата на бродот Чикаго, кој се приближувал кон брегот на Квинстаун, брат Расел го гледал прекрасното зајдисонце. Можеби тогаш се сетил на зборовите со кои неговите родители ја опишувале својата родна земја. Додека бродот минувал покрај убавите гратчиња и прекрасните селски подрачја, Расел и неговите соработници што патувале со него почнале да сфаќаат дека тоа „поле“ е зрело за жетва.

Брат Расел ја посетил Ирска вкупно седум пати. Поради интересот што бил поттикнат на првото патување, стотици, а понекогаш и илјадници луѓе доаѓале да ги слушаат неговите говори на следните посети. Веќе до неговото второ патување, во мај 1903 год., во Белфаст и Даблин јавните предавања биле најавувани во локалните весници. Расел раскажал дека присутните многу внимателно ја слушале темата „Ветување дадено со заклетва“ во врска со верата на Авраам и идните благослови за човештвото.

Бидејќи луѓето покажале толку голем интерес, Расел ја вклучил Ирска и во своето трето патување низ Европа. Едно априлско утро во 1908 год., кога стигнал на пристаништето во Белфаст, го пречекале петмина браќа. Уште истиот ден, во вечерните часови, околу 300 лица го слушале јавното предавање „Уништување на империјата на Сатана“, кое било најавено во весниците. Меѓу присутните бил и еден човек кој не се согласувал со објаснувањата на Расел. Сепак, вешто користејќи ја Библијата, Расел успеал за многу кратко време да ги побие неговите приговори. На едно јавно предавање во Даблин, на кое дошле повеќе од 1.000 лица, еден многу поголем противник се обидел да ги сврти присутните против Истражувачите на Библијата. Тоа бил господин О‘Конор, кој бил секретар на Здружението на христијански младинци. Што се случило?

Да се обидеме да си замислиме што веројатно се случило таа вечер. Еден човек што сака да дознае повеќе за Библијата решава да присуствува на едно јавно предавање кое е најавено во весникот The Irish Times. Тој едвај успева да најде место во преполната сала. Човекот многу внимателно го слуша говорникот со бела коса и брада, облечен во долго црно палто. За време на предавањето, говорникот се движи на бината и слободно гестикулира со рацете. Тој убаво ја објаснува темата така што библиските стихови ги поврзува еден со друг. Тоа му помага на човекот подобро да ги разбере учењата на Библијата. Дури и без озвучување, гласот на говорникот добро се слуша низ целата сала, и така успева да го задржи вниманието на присутните повеќе од еден час. Потоа, во делот прашања и одговори, тој вешто ја користи Библијата за да им одговори на приговорите на О’Конор и неговите пријатели. Присутните со аплауз го изразуваат своето одобрување. Откако дискусијата завршува, заинтересираниот човек им пристапува на браќата за да дознае нешто повеќе. Според извештаите на очевидци, многумина вака ја дознале вистината.

Во мај 1909 год., брат Расел тргнал од Њујорк со бродот Мавританија на своето четврто патување. Овојпат со себе го повел и брат Хантсингер, кој бил стенограф. Така, додека патувале преку океанот, брат Расел можел да му диктира статии за Стражарска кула. На јавното предавање што го одржал во Белфаст дошле 450 локални жители. Околу 100 од нив морале да стојат бидејќи немало доволно места за седење.

Брат Расел на бродот Лузитанија

Петтото патување, кое го спомнавме на почетокот, се одвивало на сличен начин. По јавното предавање кое се одржало во Даблин, еден познат теолог кој дошол заедно со О‘Конор, му поставувал прашања на брат Расел. На големо задоволство на присутните, брат Расел одговорил на сите прашања со помош на Библијата. Следниот ден, тој и неговите соработници се качиле на брод со кој се пренесувала брза пошта за да стигнат до Ливерпул, а таму се префрлиле на познатиот брод Лузитанија кој одел за Њујорк. *

Јавно предавање најавено во весникот The Irish Times (20 мај 1910 год.)

На шестото и седмото патување на брат Расел во 1911 год., јавните предавања исто така биле најавувани во весниците. Таа пролет, 20 Истражувачи на Библијата во Белфаст пречекале 2.000 лица кои дошле да го чујат предавањето „Живот после смртта“. Во Даблин повторно дошол О‘Конор заедно со друго свештено лице, и тие му поставувале прашања на брат Расел. Присутните со аплауз ги поздравиле библиските одговори на Расел. Есента истата година, биле посетени и други градови во кои голем број лица присуствувале на предавањата. О‘Конор собрал 100 хулигани и се обидел уште еднаш да го прекине состанокот во Даблин, но присутните воодушевено го поддржале брат Расел.

Иако во тоа време главно брат Расел ги држел јавните предавања, тој бил свесен дека „ниту еден човек не е незаменлив“ бидејќи „ова не е дело на човек, туку на Бог“. Јавните предавања од тоа време, кои претходеле на јавните предавања што денес се дел од нашите состаноци, дале прекрасна можност да се пренесе библиската вистина. Со каков резултат? Тие помогнале да се шири добрата вест, а во многу градови низ Ирска се формирале собранија. (Од нашата архива во Англија.)

^ пас. 3 По две години Титаник потонал.

^ пас. 9 Лузитанија била потопена од торпедо на јужниот брег на Ирска во мај 1915 год.