Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажувај вера и биди послушен како Ное, Даниел и Јов

Покажувај вера и биди послушен како Ное, Даниел и Јов

Ное, Даниел и Јов би ја избавиле својата душа поради својата праведност (ЕЗЕК. 14:14)

ПЕСНИ: 89, 119

1, 2. а) Зошто може да нѐ охрабри примерот на Ное, Даниел и Јов? б) Во кои околности биле запишани зборовите од Езекиел 14:14?

ДАЛИ се соочуваш со нарушено здравје, финансиски проблеми или прогонство? Дали некогаш ти е тешко да останеш радосен додека му служиш на Јехова? Ако да, многу можат да те охрабрат примерите на Ное, Даниел и Јов. Тие биле несовршени и доживеале слични испити на верата како ние денес. Понекогаш, дури и животот им бил во опасност. Сепак, му останале верни на Јехова, и во негови очи тие биле пример за вера и послушност. (Прочитај Езекиел 14:12-14.)

2 Езекиел ги напишал зборовите од стихот на кој се темели оваа статија во Вавилон во 612 год. пр.н.е. * (Езек. 1:1; 8:1). Тоа било само пет години пред да биде уништен Ерусалим во 607 год. пр.н.е. Преживеале само неколку поединци кои биле верни и послушни како Ное, Даниел и Јов (Езек. 9:1-5). Некои од нив биле Еремија, Варух, Авде-Мелех и синовите на Рихав.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Слично е и денес. Само оние што Јехова ги смета за праведни — како што биле Ное, Даниел и Јов — ќе го преживеат крајот на овој злобен свет (Отк. 7:9, 14). Затоа, да видиме зошто Јехова ги посочил овие тројца мажи како пример за праведност. Ќе разгледаме 1) со какви испити на верата се соочиле и 2) на кој начин можеме да покажуваме вера и послушност како нив.

НОЕ БИЛ ВЕРЕН И ПОСЛУШЕН ДЕВЕТ ВЕКА

4, 5. Со какви испити на верата се соочил Ное, и зошто е впечатливо тоа што истрајал?

4 Со какви испити на верата се соочил Ное? До времето на Енох, кој му бил прадедо на Ное, луѓето станале многу злобни. Тие дури кажувале „дрски зборови“ против Јехова (Јуда 14, 15). Насилството растело од ден на ден. Во времето на Ное, Земјата била полна со насилство. Злобните ангели дошле на Земјата, си зеле човечки тела и имале односи со жени. Синовите што се раѓале од таквите неприродни врски биле сурови и насилни (1. Мој. 6:2-4, 11, 12). Но, сите можеле да видат дека Ное бил поинаков. Во Библијата пишува: „Ное најде милост во очите на Јехова... Беше непорочен меѓу своите современици. Ное одеше со вистинскиот Бог“ (1. Мој. 6:8, 9).

5 Што ни кажуваат овие зборови за Ное? Како прво, размисли колку долго Ное му служел верно на Бог во тој злобен свет пред да дојде Потопот. Тоа не го правел само 70 или 80 години — колку еден просечен животен век денес — туку речиси 600 години! (1. Мој. 7:11). Како второ, Ное немал собрание од соверници кои можеле да му помагаат и да го охрабруваат, како што имаме ние денес. По сѐ изгледа, дури ни неговите браќа и сестри не го поддржувале. *

6. Како Ное покажал голема храброст?

6 Ное не мислел дека е доволно само да биде добар човек. Тој смело им кажувал на другите за својата вера во Јехова. Во Библијата е наречен „проповедникот на праведноста“ (2. Пет. 2:5). За него апостол Павле рекол: „Со таа вера го осуди светот“ (Евр. 11:7). Без сомнение, луѓето му се исмејувале и му се противеле, па дури можеби и му се заканувале. Сепак, Ное немал „страв од човек“ (Изр. 29:25). Напротив, тој ја имал храброста која Јехова им ја дава на своите верни слуги.

7. Со какви испити на верата се соочил Ное додека ја градел арката?

7 Откако Ное верно му служел на Јехова повеќе од 500 години, Бог му рекол да изгради арка со која, за време на Потопот, ќе можеле да се спасат и луѓе и животни (1. Мој. 5:32; 6:14). На Ное веројатно му се чинело дека ќе биде многу тешко да изгради една таква огромна арка. Освен тоа, знаел дека луѓето уште повеќе ќе му се исмејуваат и ќе му се противат. Сепак, Ное имал вера и го послушал Јехова. Библијата вели: „Токму така направи“ (1. Мој. 6:22).

8. Како Ное покажал доверба дека Јехова ќе се грижи за неговото семејство?

8 Ное се соочил со уште еден испит на верата — грижата за материјалните потреби на жена му и децата. Пред Потопот, луѓето морале да работат многу напорно за да произведат храна. Тоа важело и за Ное (1. Мој. 5:28, 29). Сепак, тој не дозволил материјалните потреби на неговото семејство да му станат поважни од Бог. Дури и додека ја градел арката, што можеби траело 40 или 50 години, Ное останал сконцентриран на духовните работи. Ова било случај и во следните 350 години откако поминал Потопот (1. Мој. 9:28). Ное навистина е извонреден пример за вера и послушност!

9, 10. а) Како можеме да покажуваме вера и послушност како Ное? б) Во што може да бидеме уверени ако се држиме за Божјите мерила?

9 Како можеме да покажуваме вера и послушност како Ное? Тоа го правиме така што ги почитуваме Божјите мерила за исправно и погрешно, не сме дел од светот и Јехова ни е на прво место во животот (Мат. 6:33; Јован 15:19). Се разбира, поради тоа, светот не нѐ сака. На пример, бидејќи сме послушни на Божјите закони во врска со сексуалните односи и бракот, луѓето понекогаш кажуваат негативни работи за нас во медиумите. (Прочитај Малахија 3:17, 18.) Меѓутоа, исто како Ное, ние не се плашиме од луѓето. Ние имаме страв од Јехова, односно го почитуваме и не сакаме да го разочараме. Знаеме дека само тој може да ни даде вечен живот (Лука 12:4, 5).

10 Добро е секој од нас да се праша: „Дали го правам она што е исправно во Божји очи дури и кога другите ме исмејуваат или критикуваат? Дали имам доверба дека Јехова може да се грижи за потребите на моето семејство дури и кога едвај врзувам крај со крај?“ Ако и ти, како Ное, имаш доверба во Јехова и си му послушен, можеш да бидеш уверен дека тој ќе се грижи за тебе (Фил. 4:6, 7).

ДАНИЕЛ БИЛ ВЕРЕН И ПОСЛУШЕН ИАКО ЖИВЕЕЛ ВО ЗЛОБЕН ГРАД

11. Со што се соочиле Даниел и неговите тројца другари во Вавилон? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Со какви испити на верата се соочил Даниел? Тој живеел во заробеништво во Вавилон, град полн со идолопоклонство и спиритизам. Освен тоа, Вавилонците гледале со презир на Евреите и ги исмевале и нив и нивниот Бог, Јехова (Пс. 137:1, 3). Ова сигурно многу ги повредувало Даниел и другите верни Евреи. Исто така, многу луѓе постојано ги набљудувале Даниел и неговите тројца другари — Ананиј, Мисаил и Азариј — затоа што тие требало да бидат обучени да му служат на царот на Вавилон. Од нив се очекувало да јадат иста храна како царот, во која имало и работи кои Јехова ги забранувал. Но, Даниел не се извалкал „со избраните царски јадења“ (Дан. 1:5-8, 14-17).

12. а) Кои убави особини ги имал Даниел? б) Како гледал Јехова на Даниел?

12 Даниел се соочил со еден уште поподмолен испит на верата. Тој имал многу вештини, и поради тоа царот му дал посебни задачи (Дан. 1:19, 20). И покрај тоа, Даниел не се возгордеал и не сметал дека неговото мислење секогаш е исправно. Тој останал понизен и скромен. Секогаш му ја припишувал на Јехова заслугата за она што го правел (Дан. 2:29, 30). Размисли за ова: Даниел сѐ уште бил млад кога Јехова сметал дека заслужува да биде посочен како пример за праведност, заедно со Ное и Јов. Јехова со право имал доверба во Даниел бидејќи тој му останал верен и послушен сѐ до крајот на животот. Кога имал речиси 100 години, еден ангел му се обратил со следниве убави зборови: „Даниеле, љубимецу Божји“ (Дан. 10:11).

13. Зошто можеби Јехова му помогнал на Даниел да добие висока положба?

13 Бидејќи ја имал поддршката од Јехова, Даниел станал висок службеник во Вавилонското Царство, а потоа и во Медо-персиското Царство (Дан. 1:21; 6:1, 2). Можеби Јехова се погрижил Даниел да ја добие таа висока положба за да може да му помогне на својот народ, исто како што било случај со Јосиф во Египет и Естира и Мардохеј во Персија * (Дан. 2:48). Замисли си колку биле утешени Езекиел и другите еврејски заробеници кога виделе дека Јехова го користи Даниел за да им помогне!

Ќе бидеме скапоцени за Јехова ако му останеме верни (Види во пасуси 14-15)

14, 15. а) Во која смисла нашите околности се слични на околностите на Даниел? б) Што можат родителите денес да научат од родителите на Даниел?

14 Како можеме да покажуваме вера и послушност како Даниел? Живееме во свет полн со неморал и идолопоклонство. Луѓето се под влијание на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, кој е опишан како „живеалиште на демони“ (Отк. 18:2). Но, ние сме како туѓинци во овој свет. Поради тоа, другите можат да видат дека сме многу поинакви, и нѐ исмејуваат (Мар. 13:13). Затоа, исто како Даниел, да се зближиме уште повеќе со нашиот Бог, Јехова. Ако сме понизни, ако имаме доверба во него и ако сме му послушни, тој и нас ќе нѐ смета за скапоцени (Агеј 2:7).

15 Родителите денес можат да извлечат важни поуки од примерот на родителите на Даниел. И покрај тоа што пораснал во средина со многу злобни луѓе, Даниел го засакал Јехова. Дали тоа било случајност? Не. Родителите сигурно го поучиле за Бог (Изр. 22:6). Дури и името Даниел, кое значи „Бог е мој судија“, покажува дека неговите родители го сакале Јехова. Затоа родители, не кревајте раце од вашите деца, туку стрпливо поучувајте ги за Јехова! (Еф. 6:4). Исто така, молете се со нив и за нив. Дајте сѐ од себе за да ги всадите библиските вистини во нивното срце, и Јехова богато ќе ве благослови (Пс. 37:5).

ЈОВ БИЛ ВЕРЕН И ПОСЛУШЕН И КАКО БОГАТ И КАКО СИРОМАВ

16, 17. Со какви испити на верата се соочил Јов во различни периоди од својот живот?

16 Со какви испити на верата се соочил Јов? Тој доживеал големи промени во животот. Пред да биде погоден од неволјите, Јов бил „најголемиот од сите луѓе на Истокот“ (Јов 1:3). Тој бил богат, познат и угледен човек (Јов 29:7-16). И покрај тоа, Јов немал превисоко мислење за себе ниту, пак, мислел дека не му е потребен Бог. Всушност, Јехова го нарекол „мојот слуга“ и за него рекол дека е „човек беспрекорен и праведен, кој се бои од Бога и го одбегнува злото“ (Јов 1:8).

17 Сепак, за многу кратко време, животот на Јов се сменил од корен. Тој изгубил сѐ што имал и западнал во толку голем очај што посакувал да умре. Ние знаеме дека Сатана е тој што му ги нанел неволјите. Тој рекол дека Јов му служи на Бог само од себични мотиви. (Прочитај Јов 1:9, 10.) Јехова сериозно го сфатил злобното обвинување од Сатана. Што направил за да покаже дека Сатана е злобен лажливец? Јехова му дал можност на Јов да докаже дека му е верен и дека му служи од љубов.

18. а) Што ти остава најголем впечаток од примерот на Јов? б) Што учиме од начинот на кој Јехова постапил со Јов?

18 Сатана почнал немилосрдно да го напаѓа Јов и го навел да мисли дека Бог е виновен за неговите страдања (Јов 1:13-21). Потоа, тројца лажни тешители дошле кај Јов и го нападнале со сурови зборови. Тие тврделе дека Бог го казнува затоа што постапувал злобно (Јов 2:11; 22:1, 5-10). И покрај сето ова, Јов му останал верен на Јехова. Точно е дека тој кажал некои непромислени работи (Јов 6:1-3). Но, Јехова бил свесен дека Јов постапил така само затоа што бил повреден и обесхрабрен. Јехова знаел дека Јов никогаш не го напуштил, иако Сатана одново и одново го напаѓал и го навредувал. Откако завршиле страдањата на Јов, Јехова му дал двојно повеќе од сѐ што имал претходно, а му го продолжил и животот за уште 140 години (Јак. 5:11). Во тој период, Јов продолжил да му служи на Јехова со цело срце. Од каде го знаеме тоа? Од фактот дека Езекиел 14:14, стихот на кој се темели оваа статија, бил запишан стотици години по смртта на Јов.

19, 20. а) Како можеме да покажуваме вера и послушност како Јов? б) Како можеме да покажуваме сочувство како Јехова?

19 Како можеме да покажуваме вера и послушност како Јов? Без разлика на нашите околности, да се трудиме Јехова секогаш да ни биде најважен во животот. Да имаме потполна доверба во него и да му бидеме послушни со цело срце. Всушност, ние имаме повеќе причини за тоа отколку што имал Јов. Размисли: Ние знаеме многу за Сатана и за неговите тактики (2. Кор. 2:11). Благодарение на Библијата, особено на книгата за Јов, знаеме зошто Бог ги дозволува страдањата. Од пророштвото на Даниел знаеме дека Божјето Царство е вистинска влада која ја предводи Исус Христос (Дан. 7:13, 14). А знаеме и дека ова Царство наскоро ќе владее со целата планета и ќе му стави крај на сето страдање.

20 Од примерот на Јов учиме и дека треба да покажуваме сочувство кон нашите браќа кога минуваат низ тешки периоди. Исто како Јов, тие можеби ќе кажат непромислени работи (Проп. 7:7). Но, наместо да ги осудуваме, треба да покажеме разбирање. На тој начин ќе бидеме како нашиот Татко, Јехова, кој е полн со љубов и милост (Пс. 103:8).

ЈЕХОВА „ЌЕ ВЕ ЗАЈАКНЕ“

21. Зошто зборовите запишани во 1. Петрово 5:10 нѐ потсетуваат на она што го доживеале Ное, Даниел и Јов?

21 Ное, Даниел и Јов живееле во различни периоди и во различни околности. Сепак, успешно се справиле со сите испити на верата. Она што го доживеале нѐ потсетува на зборовите на апостол Петар: „А откако малку ќе пострадате, Богот на сета незаслужена доброта... ќе го доврши вашето обучување, ќе ве зацврсти, ќе ве зајакне“ (1. Пет. 5:10).

22. Што ќе разгледаме во следната статија?

22 Зборовите од 1. Петрово 5:10 важат и за Божјите слуги денес. Јехова нѐ уверува дека тој ќе нѐ зацврсти и ќе нѐ зајакне. Сите сакаме Јехова да нѐ зајакне и да му останеме верни. Затоа, да дадеме сѐ од себе да покажуваме вера и да бидеме послушни како Ное, Даниел и Јов. Како што ќе видиме во следната статија, тие му останале верни на Јехова затоа што добро го познавале. Всушност, тие можеле да го разберат сето она што Јехова го барал од нив (Изр. 28:5). Истото може да важи и за нас.

^ пас. 2 Езекиел бил одведен во Вавилон во 617 год. пр.н.е. Тој ги запишал зборовите во Езекиел 8:1 — 19:14 „во шестата година“ откако бил одведен таму, односно во 612 год. пр.н.е.

^ пас. 5 Ламех, татко му на Ное, имал вера во Бог, но умрел околу пет години пред Потопот. Доколку мајка му и неговите браќа и сестри сѐ уште биле живи во тоа време, тие веројатно не му служеле на Јехова бидејќи не го преживеале Потопот.

^ пас. 13 Тоа може да се каже и за тројцата пријатели на Даниел, кои исто така биле поставени на висока положба (Дан. 2:49).