Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Барнет, Симона, Истон и Кејлеб

Тие се ставиле на располагање — во Океанија

Тие се ставиле на располагање — во Океанија

РЕНЕ, една сестра од Австралија која има околу 35 години, пораснала во семејство кое ревносно му служело на Јехова. Таа вели: „Честопати се селевме во места каде што имаше поголема потреба од објавители. Мајка ми и татко ми секогаш се трудеа да ни биде интересно и забавно! Затоа сакав и моите две деца да водат таков живот“.

Сопругот на Рене, Шејн, кој има околу 40 години, имал слични духовни цели. Тој објаснува: „Откако се роди нашето второ дете, во Стражарска кула прочитавме статија за едно семејство кое отпловило со својата јахта во југозападниот дел на Тихиот Океан за да проповеда на островите Тонга. * Таа статија нѐ поттикна да испратиме писма до подружниците на Јеховините сведоци во Австралија и во Нов Зеланд за да се информираме каде има поголема потреба од објавители. * Тие ни предложија да се преселиме на Тонга — истото место за кое зборуваше статијата!“

Џејкоб, Рене, Скај и Шејн

Откако живееле една година на Тонга, Шејн и Рене заедно со своите деца, Џејкоб и Скај, морале да се вратат во Австралија поради честите насилни немири. Но, не се откажале од целта да служат во зголемена мера. Во 2011 год., се преселиле на Норфолк, мал остров во Тихиот Океан кој се наоѓа околу 1.500 километри источно од Австралија. Како им било откако се преселиле таму? Денес, нивниот 14-годишен син, Џејкоб, вели: „Јехова не само што се грижи за нас туку ни помага и да уживаме во службата!“

ОДЛУЧИЛЕ ДА СЕ ПРЕСЕЛАТ КАКО СЕМЕЈСТВО

Исто како Шејн, Рене и нивните деца, многу други семејства кои се Јеховини сведоци се ставиле на располагање да служат на места каде што има поголема потреба од објавители. Што ги поттикнало да се преселат?

„Бидејќи многу луѓе беа заинтересирани за добрата вест, сакавме да им помогнеме редовно да ја проучуваат Библијата“ (Барнет)

Еден друг брачен пар, Барнет и Симона, на возраст од околу 35 години, заедно со своите синови, Истон и Кејлеб, кои сега имаат 12 и 9 години, се преселиле во Бурктаун, едно зафрлено гратче во Квинсленд (Австралија). Барнет вели: „Таму се проповедаше на секои три или четири години. Бидејќи многу луѓе беа заинтересирани за добрата вест, сакавме да им помогнеме редовно да ја проучуваат Библијата“.

Џим, Џек, Марк и Карен

Марк и Карен, кои сега имаат околу 50 години, служеле во неколку собранија близу до Сиднеј пред да се преселат со своите три деца, Џесика, Џим и Џек во Нулумбај, едно зафрлено рударско место во Северната Територија. Марк вели: „Ги сакам луѓето, и затоа имав желба да бидам на место каде што ќе можам да правам многу во собранието и во службата“. Но, Карен се колебала. Таа вели: „Марк и некои други ми помогнаа да соберам храброст, и се согласив да го направиме тој чекор. Сега сум радосна што донесовме таква одлука!“

Бенџамин, Џејд, Брија и Керолин

Бенџамин и Керолин живееле во Квинсленд заедно со своите две ќерки Џејд и Брија. Во 2011 год., кога децата сѐ уште биле на предучилишна возраст, тие по втор пат се преселиле во Источен Тимор, мала земја на островот Тимор во индонезискиот архипелаг. Бен вели: „Јас и Керолин порано служевме во Источен Тимор како специјални пионери. Службата беше прекрасна, а браќата многу ни помагаа. Срцето ни се кинеше од жал кога моравме да си заминеме. Но, бевме решени повторно да се вратиме. Кога ни се родија децата, ги одложивме плановите, но не ги сменивме“. Керолин додава: „Сакавме нашите деца да растат опкружени со мисионери, бетелски слуги и специјални пионери, и да ја добијат најдобрата духовна обука“.

КАКО СЕ ПОДГОТВИЛЕ ЗА ПРЕСЕЛБАТА

Исус им кажал на своите следбеници: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот?“ (Лука 14:28). На сличен начин, кога едно семејство сака да се пресели на друго место, многу е важно да направи добар план. За кои потреби може да размисли?

ДУХОВНИ ПОТРЕБИ: Бен вели: „Сакавме да им служиме на другите, а не да им бидеме товар. Затоа, уште пред да се преселиме, се потрудивме духовно да се зајакнеме. Исто така, учествувавме повеќе во службата и во другите собраниски активности“.

Џејкоб, кој беше спомнат погоре, објаснува: „Пред да се преселиме на островот Норфолк, во Стражарска кула и Разбудете се! читавме многу животни приказни на семејства кои служеле на места каде што има поголема потреба од објавители. Разговаравме за предизвиците со кои се соочиле и за тоа како Јехова се грижел за нив“. Неговата сестра, Скај, која има 11 години, додава: „Му кажав многу молитви на Јехова — и сама, и со мама и тато!“

ЕМОЦИОНАЛНИ ПОТРЕБИ: Рене вели: „Бидејќи живеевме во убаво место, опкружени со блиски роднини и пријатели, беше лесно да останеме таму. Но, наместо да мислам на она што ќе го оставам, размислував колку ќе му користи преселбата на семејството“.

НОВА КУЛТУРА И МЕНТАЛИТЕТ: За да се подготват за преселбата, многу семејства се трудат да дознаат нешто повеќе за новата околина. Марк вели: „Читавме сѐ што можевме да најдеме за Нулумбај. Браќата од тоа место ни испратија и некои локални весници. Ова ни помогна подобро да ги разбереме тамошните жители и нивната култура“.

Шејн, кој се преселил на островот Норфолк, додава: „Бев свесен дека најважно од сѐ е да покажувам христијански особини. Знаев дека, ако сум искрен, благ, чесен и трудољубив, ќе се вклопам во секоја средина“.

КАКО СЕ СПРАВИЛЕ СО ПРЕДИЗВИЦИТЕ

Браќата кои радосно и истрајно служат таму каде што има поголема потреба истакнуваат дека е многу важно да се биде приспособлив и позитивен кога ќе се појават неочекувани предизвици. Да разгледаме неколку примери.

Рене вели: „Научив да ги правам работите на разни начини. На пример, кога има бури на островот Норфолк, бродовите што носат храна не можат да се укотват во пристаништето, и поради тоа нема доволно намирници или, пак, се многу скапи. Затоа научив да готвам со она што го имам дома“. Нејзиниот сопруг, Шејн, додава: „Исто така, се трудиме да не трошиме повеќе отколку што имаме одредено за седмицата“.

Нивниот син, Џејкоб, посочува еден друг предизвик. Тој вели: „Освен нас, во новото собрание имаше само седум други објавители, и сите беа возрасни. Затоа, немав пријатели на моја возраст. Но, одев во служба со постарите, и така се спријателив со нив“.

Џим, кој сега има 21 година, се нашол во слична ситуација. Тој вели: „Најблиското собрание е оддалечено повеќе од 700 километри од Нулумбај. Затоа се трудиме да извлечеме максимална корист од собирите и конгресите. Стигнуваме рано за да уживаме во дружењето со браќата и сестрите. За нас, ова се најважните настани во годината!“

‚ПРЕСРЕЌНИ СМЕ ШТО ДОЈДОВМЕ ТУКА!‘

Во Библијата пишува: „Благословот од Јехова збогатува“ (Изр. 10:22). Низ целиот свет, безброј браќа и сестри кои служат на места каде што има поголема потреба од објавители, од прва рака можат да посведочат колку е вистинита оваа изјава.

Марк вели: „Најголемиот благослов од преселбата беше позитивното влијание што таа го имаше врз децата. Сега двете поголеми деца имаат потполна доверба дека Јехова се грижи за оние кои го ставаат Царството на прво место. Таква доверба не се купува со ништо!“

Шејн вели: „Сега сум поблизок со жена ми и со децата. Многу се радувам кога ми раскажуваат што прави Јехова за нив секој ден“. Неговиот син, Џејкоб, додава: „Многу ни е убаво. Пресреќен сум што дојдовме тука!“

^ пас. 3 Види ја статијата „Пријатели на Бог од ‚Пријателските Острови‘“, во Стражарска кула од 15 декември 2004, стр. 8-11.

^ пас. 3 Во 2012 год., подружниците во Австралија и Нов Зеланд беа споени во една подружница која сега се грижи за Австралија, Океанија и Нов Зеланд.