Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Соработката со Бог — причина за радост

Соработката со Бог — причина за радост

„Ние, како негови соработници, ве молиме да не пропуштите да ја исполните целта на Божјата незаслужена доброта која ја примивте“ (2. КОР. 6:1)

ПЕСНИ: 75, 74

1. Иако Јехова е Севишен Бог, каква можност им давал на другите?

ЈЕХОВА, Севишниот Бог кој е Творец на сѐ што постои, поседува неограничена мудрост и моќ. Тој му помогнал на својот слуга Јов да го разбере ова. Откако Јехова му поставил повеќе прашања во врска со созданието, Јов му одговорил: „Знам дека ти можеш сѐ и дека нема замисла неостварлива за тебе“ (Јов 42:2). Иако може да направи сѐ што ќе посака без ничија помош, Јехова уште од самиот почеток им давал можност на други да соработуваат со него во исполнувањето на неговата намера.

2. Каква важна задача му дал Јехова на Исус?

2 Пред да создаде сѐ друго, Бог го создал својот единороден Син, Исус. А потоа му дал можност да соработува заедно со него во создавањето и на духовниот и на материјалниот свет (Јован 1:1-3, 18). Во врска со Исус, апостол Павле напишал: „Преку него е создадено сѐ на небесата и на земјата, видливо и невидливо, било да се престоли било да се управи, било влади било власти. Сѐ е создадено преку него и за него“ (Кол. 1:15-17). Од овие стихови гледаме дека Јехова му укажал чест на својот Син на два начина — тој му дал важна улога во создавањето и им го објавил тоа на другите.

3. Каква можност му дал Јехова на Адам, и зошто?

3 Јехова им дал можност и на луѓето да соработуваат со него. На пример, му рекол на Адам да им даде имиња на животните (1. Мој. 2:19, 20). Првиот човек сигурно бил многу среќен што можел да ги набљудува живите суштества, да научи повеќе за нив, и да одлучи какво име ќе му даде на секое животно. Се разбира, Јехова можел сам да им даде имиња на животните — впрочем, тој ги создал! Сепак, покажал љубов кон Адам така што му дозволил тој да го стори тоа. Исто така, му дал задача да ја претвори целата Земја во рај (1. Мој. 1:27, 28). За жал, на крајот Адам одлучил да престане да соработува со Бог. Ова довело до големо страдање — и за него и за сите негови потомци (1. Мој. 3:17-19, 23).

4. Како некои луѓе соработувале со Бог за да се исполни неговата волја?

4 Подоцна Бог им дал и на други луѓе можност да учествуваат во исполнувањето на неговата намера. На пример, Ное изградил арка за да можат тој и неговото семејство да го преживеат Потопот што ја зафатил целата Земја. Мојсеј го избавил израелскиот народ од Египет. Исус Навин го предводел тој народ во освојувањето на Ветената земја. Соломон го изградил храмот во Ерусалим. Марија му станала мајка на Исус. Сите овие верни лица, како и многу други, соработувале со Јехова во исполнувањето на неговата намера.

5. Во кое дело можеме да учествуваме, и дали Јехова морал да нѐ вклучи во него? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

5 Денес Јехова нѐ повикува да му дадеме целосна поддршка на месијанското Царство. Имаме можност да учествуваме во разни видови служба. Иако сите не можеме да служиме на ист начин, секој од нас може да ја проповеда добрата вест за Царството. Се разбира, Јехова не морал да нѐ вклучи во ова дело. Можел да одлучи да им зборува на луѓето директно од небото. Исус рекол дека Јехова може да ги натера дури и камењата да го објавуваат месијанскиот Цар! (Лука 19:37-40). Сепак, Бог ни дозволува да бидеме негови „соработници“ (1. Кор. 3:9). Апостол Павле напишал: „Ние, како негови соработници, ве молиме да не пропуштите да ја исполните целта на Божјата незаслужена доброта која ја примивте“ (2. Кор. 6:1). Јехова ни укажал огромна и незаслужена чест со тоа што нѐ повикал да бидеме негови соработници. Да видиме зошто ова ни причинува голема радост.

СОРАБОТКАТА СО БОГ НИ ПРИЧИНУВА РАДОСТ

6. Со кои зборови Божјиот првороден Син опишал како се чувствувал додека соработувал со својот Татко?

6 Слугите на Јехова отсекогаш се радувале што можат да соработуваат со него. Божјиот првороден духовен Син, кој е олицетворение на мудроста, рекол: „Јехова ме создаде. Јас сум почетокот на неговиот творечки пат... Бев крај него како вешт градител и му бев посебна радост, од ден на ден, и се веселев пред него за сето време“ (Изр. 8:22, 30). Додека соработувал со својот Татко, Исус бил среќен поради сето она што го правел. Но, се радувал и затоа што знаел дека Јехова многу го сака. А како е со нас?

Може ли нешто да ни причини поголема радост од тоа да поучуваме некого за вистината? (Види во пасус 7)

7. Зошто проповедањето ни носи радост?

7 Исус рекол дека луѓето се среќни и кога примаат и кога даваат (Дела 20:35). На пример, ние се радуваме што сме ја дознале вистината, но се радуваме и што можеме да ја споделуваме со другите. Додека го правиме тоа, гледаме колку голема радост чувствуваат духовно гладните лица кога ќе го запознаат нашиот Бог и ќе ги дознаат скапоцените вистини од неговата Реч. Длабоко сме трогнати кога прават промени во своето размислување и во својот живот. Јасно сфаќаме дека проповедањето на добрата вест е од огромна важност. Тоа им помага на оние кои ќе се помират со Бог да зачекорат по патот што води до вечен живот (2. Кор. 5:20). Зарем има поголема радост од тоа да им помагаме на луѓето да станат Божји пријатели?

8. Што рекле некои за радоста која ја чувствуваат затоа што соработуваат со Јехова?

8 Среќни сме кога луѓето ја прифаќаат пораката што ја проповедаме, но среќни сме и што знаеме дека со тоа го радуваме Јехова и дека тој го цени сето она што го правиме за него. (Прочитај 1. Коринќаните 15:58.) Марко, кој живее во Италија, вели: „Пресреќен сум што знам дека му го давам најдоброто на Јехова, а не на некој што брзо ќе заборави што сум направил“. Нешто слично кажал и Франко, кој исто така служи во Италија: „Преку својата Реч и сите духовни дарови кои ни ги дава, Јехова секојдневно нѐ потсетува дека нѐ сака и дека сѐ што правиме е важно за него, дури и ако нам ни се чини дека не сме сториле ништо посебно. Тоа што соработувам со Бог ми носи неизмерна радост и ми дава вистинска смисла во животот“.

СОРАБОТКАТА СО БОГ НЀ ЗБЛИЖУВА СО НЕГО И СО ДРУГИТЕ

9. Каква врска постои меѓу Јехова и Исус, и зошто?

9 Кога соработуваме со оние што ги сакаме, подобро ги запознаваме и се зближуваме со нив. Дознаваме какви цели имаат и што прават за да ги постигнат. Исус соработувал со Јехова веројатно во текот на милијарди години и меѓу нив се развила цврста и нераскинлива врска на љубов. Исус покажал колку е близок со својот Татко, кога рекол: „Јас и Таткото сме едно“ (Јован 10:30). Тие биле вистински обединети и секогаш складно соработувале.

10. Зошто проповедањето нѐ зближува со Бог и со другите?

10 Во молитва, Исус побарал од Јехова да ги чува неговите ученици. Зошто? Тој рекол: „За да бидат едно, исто како нас“ (Јован 17:11). Кога сме послушни на библиските мерила и учествуваме во проповедничкото дело, ние учиме повеќе за Божјите прекрасни особини. Дознаваме зошто е мудро да имаме доверба во Јехова и да го следиме неговото водство. Кога се зближуваме со него, и тој се зближува со нас. (Прочитај Јаков 4:8.) Се зближуваме и со нашите браќа и сестри бидејќи се соочуваме со слични проблеми, се радуваме на слични работи и имаме исти цели. Со други зборови, соработуваме заедно, се радуваме заедно и истрајуваме заедно. Октавија, која живее во Британија, вели: „Соработката со Јехова ме зближува со другите бидејќи моите пријателства веќе не се површни туку се темелат на заеднички цели“. Сигурно и ние имаме слични чувства. Зарем не си привлечен кон другите кога гледаш колку се трудат да го радуваат Јехова?

11. Зошто во новиот свет ќе станеме уште поблиски со Јехова и со нашите браќа?

11 Иако нашата љубов кон Бог и кон луѓето е силна уште сега, ќе биде уште посилна во праведниот нов свет. Замисли каква работа ни претстои! Ќе воскреснат многу луѓе кои ќе треба да ги пречекаме и да ги поучуваме за Јеховините патишта. Ќе треба да ја претвориме Земјата во рај. Се разбира, ова нема да биде лесна задача. Но, колку ќе се радуваме што сите заедно ќе работиме рамо до рамо и постепено ќе стануваме совршени под власта на месијанското Царство! Луѓето ќе стануваат сѐ поблиски еден со друг и со својот Бог, кој ќе ‚ја задоволи желбата на сѐ што е живо‘ (Пс. 145:16).

СОРАБОТКАТА СО БОГ НИ СЛУЖИ КАКО ЗАШТИТА

12. Во која смисла проповедањето е заштита?

12 Секој од нас мора да го чува своето пријателство со Јехова. Бидејќи живееме во свет со кој владее Сатана Ѓаволот и бидејќи сме несовршени, лесно може да почнеме да размислуваме и да постапуваме како луѓето во светот. Се чувствуваме како да пливаме во река која нѐ влече во правец во кој не сакаме да одиме. Затоа мора со сета сила да пливаме во спротивна насока. Слично на ова, потребно е да вложиме голем напор за да се спротивставиме на духот што владее во Сатановиот свет. Кога им проповедаме на другите, ги насочуваме своите мисли на важни и корисни духовни работи, а не на работи кои можат да ни ја поткопаат верата (Фил. 4:8). Проповедањето ја зајакнува нашата вера, и нѐ потсетува на Божјите ветувања и на неговите праведни мерила. Освен тоа, ни помага да ја одржуваме нашата духовна воена опрема во добра состојба. (Прочитај Ефешаните 6:14-17.)

13. Како гледа на проповедањето еден Јеховин сведок од Австралија?

13 Кога сме зафатени со проповедање и со други духовни активности, ние сме заштитени затоа што немаме време да се преокупираме со сопствените проблеми. Џоел, кој живее во Австралија, вели: „Проповедањето ми помага да бидам свесен за реалноста. Ме потсетува на проблемите со кои се борат луѓето и на користа што ја имам затоа што ги применувам библиските мерила во животот. Проповедањето ми помага да останам понизен, и ми дава можност да се потпирам на Јехова и на моите браќа и сестри“.

14. Зошто нашата истрајност во службата е доказ дека Божјиот дух е со нас?

14 Проповедањето исто така ни влева доверба дека Божјиот дух е со нас. Размисли за следниов пример: Да речеме дека си добил работа да им делиш хранлив леб на луѓето во твоето место. Но, нема да бидеш платен и нема да ти бидат покриени трошоците. Згора на тоа, наскоро сфаќаш дека повеќето луѓе не сакаат таков леб и дека некои дури и те мразат затоа што го делиш. Колку долго ќе ја работиш таа работа? Веројатно ќе се обесхрабриш од негативната реакција на луѓето и ќе немаш сила долго да ја вршиш. Сепак, мнозина од нас од година во година истрајуваат во службата и тоа на сопствен трошок, иако голем број неблагодарни луѓе нѐ презираат и нѐ исмејуваат. Зарем тоа не е доказ дека Божјиот дух дејствува врз нас?

КОГА СОРАБОТУВАМЕ СО БОГ, ПОКАЖУВАМЕ ЉУБОВ КОН НЕГО И КОН ДРУГИТЕ

15. Како е поврзано проповедањето со Божјата намера за луѓето?

15 Како е поврзано проповедањето со Јеховината намера за луѓето? Бог сакал луѓето да живеат на Земјата засекогаш. Иако Адам згрешил, Јехова не се премислил (Иса. 55:11). Наместо тоа, одлучил на кој начин да го ослободи човечкиот род од гревот и од смртта. Во склад со Божјата намера, Исус дошол на Земјата и си го жртвувал животот за послушните луѓе. Но, за да бидат послушни, тие треба да разберат што очекува Бог од нив. Затоа Исус ги поучувал за Божјите барања, и им заповедал на своите ученици да го прават истото. Кога им помагаме на другите да се помират со Бог, ние имаме директен удел во исполнувањето на неговата намера да ги спаси луѓето од гревот и од смртта.

16. Како проповедањето е поврзано со двете најголеми Божји заповеди?

16 Со тоа што им помагаме на другите да зачекорат по патот кој води до вечен живот, покажуваме љубов и кон луѓето и кон Јехова, „кој сака најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4). Кога еден човек го прашал Исус која е најголемата од сите заповеди кои им биле дадени на Израелците, тој му одговорил: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед. Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“ (Мат. 22:37-39). Со тоа што проповедаме, ние покажуваме дека сме послушни на овие заповеди. (Прочитај Дела 10:42.)

17. Како гледаш на честа да ја проповедаш добрата вест?

17 Јехова навистина ни излеал огромен благослов! Тој ни доверил едно дело кое ни причинува радост, нѐ зближува со него и со другите, и ни служи како духовна заштита. Освен тоа, ова дело ни дава можност да ја покажеме својата љубов кон Бог и кон ближните. Милиони Божји слуги низ целиот свет живеат во различни околности. Но, сеедно дали се млади или стари, богати или сиромашни, силни или слаби, сите тие наоѓаат начин да ја споделуваат својата вера со другите. Веројатно ќе се сложиш со зборовите на Шантел, која живее во Франција. Таа вели: „Најмоќната Личност во вселената, Творецот на сѐ што постои, среќниот Бог ми вели: ‚Оди! Зборувај! Зборувај од срце во мое име. Јас ти ја давам мојата сила и мојата Реч, а ти давам и помош од духовните суштества. Ти давам соработници на Земјата, постојана обука и конкретни упатства во вистинско време‘. Неопислива чест е да го правиме она што Јехова го бара од нас и да соработуваме со нашиот Бог!“