Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Тој му ја враќа силата на уморниот“

„Тој му ја враќа силата на уморниот“

Годишен стих за 2018: Оние што се надеваат на Јехова добиваат нова сила (ИСА. 40:31)

ПЕСНИ: 3, 47

1. Со какви проблеми се соочуваме, но од која причина се радува Јехова? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

ЖИВОТОТ во овој свет е полн со маки. Многу од нас се борат со сериозни здравствени проблеми. Некои браќа и сестри, иако самите се веќе во години, се грижат за остарени роднини. Други, пак, едвај успеваат да ги задоволат основните потреби на своето семејство. Мнозина се соочуваат со повеќе проблеми истовремено. Сето ова бара многу време, енергија и финансиски средства. И покрај тоа, потполно сме уверени дека Јехова ќе ни помогне и дека нѐ очекува подобра иднина бидејќи тој го ветил тоа. Јехова сигурно многу се радува што имаме толку цврста вера!

2. Како нѐ охрабрува Исаија 40:29, но која сериозна грешка би можеле да ја направиме?

2 Дали некогаш имаш чувство дека твоите проблеми се толку тешки што не можеш повеќе да издржиш? Ако се чувствуваш така, не си единствениот. Од Библијата дознаваме дека и некои верни Божји слуги од минатото мислеле дека немаат сила да продолжат понатаму (1. Цар. 19:4; Јов 7:7). Што им помогнало да истраат? Тие се потпирале на Јехова и барале од него да им даде сила. Во Библијата пишува дека Бог „му ја враќа силата на уморниот“ (Иса. 40:29). За жал, денес некои Божји слуги сметаат дека најдобриот начин да се справат со проблемите што ги имаат во животот е така што „ќе паузираат од вистината“, односно ќе престанат да му служат на Јехова некое време. Тие гледаат на христијанските активности како на товар, а не како на благослов. Затоа, повеќе не ја читаат Библијата, не присуствуваат на состаноците и не одат во служба на проповедање. Сатана го сака токму тоа.

3. а) Како можеме да го спречиме Сатана да ни ја одземе силата? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Ѓаволот знае дека, колку повеќе сме зафатени со христијанските активности, толку посилни ќе бидеме. А тој не сака да бидеме силни. Затоа, кога се чувствуваш исцрпено во физички и емоционален поглед, не се оддалечувај од Јехова. Напротив, уште повеќе зближи се со него, бидејќи тој ќе те зацврсти и ќе те зајакне (1. Пет. 5:10; Јак. 4:8). Во оваа статија ќе ги разгледаме зборовите од Исаија 40:26-31, кои покажуваат дека Јехова навистина може да нѐ зајакне. Потоа ќе видиме кои две работи можат да ни ја намалат ревноста во службата за Бог и како библиските начела можат да ни помогнат да истраеме.

ОНИЕ ШТО СЕ НАДЕВААТ НА ЈЕХОВА ДОБИВААТ НОВА СИЛА

4. Што можеме да научиме од Исаија 40:26?

4 Прочитај Исаија 40:26. Ниту еден човек не може да ги изброи сите ѕвезди во вселената. Научниците сметаат дека само во нашата галаксија Млечен Пат може да има дури 400 милијарди ѕвезди. Сепак, на секоја ѕвезда Јехова ѝ дал име. Што ни кажува ова за него? Штом Јехова е заинтересиран за неживото творештво, замисли колку повеќе му значиш ти! Ти му служиш затоа што го сакаш, а не затоа што мораш (Пс. 19:1, 3, 14). Нашиот драг Татко знае сѐ за тебе. Во Библијата пишува: „Вам и секое влакно на главата ви е изброено“ (Мат. 10:30). Божјата Реч нѐ уверува дека „Јехова го знае животот на непорочните“ (Пс. 37:18). Тој е свесен за сите проблеми со кои се соочуваме, и може да ни даде сила за да истраеме.

5. Што нѐ уверува дека Јехова може да нѐ зајакне?

5 Прочитај Исаија 40:28. Јехова е изворот на сета енергија. На пример, размисли за енергијата што му ја дава на Сонцето. Дејвид Боданис, кој пишува научни текстови, рекол дека секоја секунда Сонцето испушта енергија која е еднаква на енергијата што се ослободува при експлозија на милијарди атомски бомби. Еден друг истражувач пресметал дека количеството енергија што Сонцето ја испушта во само една секунда може да ги задоволи потребите на луѓето за електрична енергија за период од 200 илјади години. Според тоа, сосема е логично дека Јехова, оној што го снабдува Сонцето со енергија, може да ни ја даде силата која ни е потребна за да истраеме во проблемите.

6. Во која смисла јаремот на Исус е пријатен, и како тоа треба да влијае врз нас?

6 Прочитај Исаија 40:29. Служењето на Јехова ни носи голема радост. Исус им рекол на своите ученици: „Земете го мојот јарем на себе“. А потоа додал: „Ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Мат. 11:28-30). Колку се вистинити овие зборови! Понекогаш, кога ќе тргнеме од дома за на состанок или за во служба, се чувствуваме исцрпено. Но, како се чувствуваме кога ќе се вратиме? Зајакнати сме и поспремни да се соочиме со нашите проблеми. Јаремот на Исус навистина е пријатен.

7. Раскажи едно искуство кое покажува дека зборовите од Матеј 11:28-30 се вистинити.

7 Размисли за примерот на една наша сестра. Таа има синдром на хроничен замор, депресија и силни главоболки. Затоа, понекогаш ѝ е многу тешко да присуствува на состаноците. Во една ситуација, иако морала да вложи посебен труд за да присуствува на состанок, таа рекла: „Говорот беше за обесхрабрувањето. Мислите беа изнесени на толку сочувствителен и љубезен начин што бев трогната до солзи. Тоа ме потсети дека е многу важно да одам на состаноците“. Сестрата била многу среќна што вложила труд да присуствува на состанокот.

8, 9. Што мислел апостол Павле со зборовите: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“?

8 Прочитај Исаија 40:30. Можеби имаме многу вештини, но не можеме сѐ да направиме со сопствена сила. Ова треба да го научи секој од нас. Иако апостол Павле бил способен и вешт човек, сепак имало работи што сакал да ги прави, но не можел. Кога му кажал на Јехова како се чувствува во врска со тоа, Бог му рекол: „Мојата сила се покажува во потполност кога си слаб“. Павле ја сфатил поентата. Затоа рекол: „Кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Кор. 12:7-10). Што сакал да каже со тоа?

9 Павле сфатил дека има работи кои не може да ги направи со сопствена сила. Му била потребна помош од некој што е помоќен од него. Божјиот свет дух можел да го зајакне кога се чувствувал слаб. Но, не само тоа. Јехова можел со светиот дух да му помогне на Павле да направи работи кои никогаш не би можел да ги направи со сопствена сила. Истото е случај и со нас. Ако Јехова ни го дава светиот дух, и ние навистина ќе бидеме силни!

10. Како Јехова му помогнал на Давид да се носи со проблемите?

10 Псалмистот Давид во многу ситуации ја почувствувал помошта од Божјиот свет дух. Тој го рекол следново: „Со твоја помош можам и на разбојничка дружина да удрам, со помошта на својот Бог можам и на ѕидишта да се качам“ (Пс. 18:29). Понекогаш нашите проблеми се како висок ѕид кој не можеме да го искачиме со сопствена сила. Потребна ни е помошта од Јехова.

11. Како светиот дух ни помага да се справиме со проблемите?

11 Прочитај Исаија 40:31. Додека се крева во висините или прелетува големи далечини, орелот не се потпира на својата сила. Тој се издига така што го користи топлиот воздух кој оди нагоре, а тоа му помага да штеди енергија. Затоа, кога се соочуваш со некој проблем кој ти се чини претежок, размислувај за орелот. Сесрдно моли го Јехова да те подигне, односно да ти даде повеќе сила преку „помошникот, светиот дух“ (Јован 14:26). Секогаш кога имаме потреба, во кое и да било време, можеме да го молиме Јехова да ни го дава својот свет дух. Можеби особено чувствуваме потреба Јехова да ни помогне кога имаме несогласување со некој брат или сестра во собранието. Но, зошто воопшто доаѓа до несогласувања меѓу нас?

12, 13. а) Зошто понекогаш доаѓа до несогласувања меѓу Божјите слуги? б) Што учиме за Јехова од животот на Јосиф?

12 Несогласувањата се појавуваат бидејќи сите сме несовршени. Понекогаш, можеби ќе се изнервираме од зборовите или постапките на некој соверник или, пак, ние ќе изнервираме некого. Ова за нас може да биде тежок испит на верата. Сепак, ни дава можност да му покажеме на Јехова дека сме му верни. На кој начин? Така што ќе научиме да соработуваме во единство со нашите браќа и сестри кои Јехова ги сака и покрај тоа што имаат маани и слабости.

Јехова не го напуштил Јосиф; нема да те напушти ни тебе (Види во пасус 13)

13 Јехова дозволува неговите слуги да бидат испитани. Тоа јасно се гледа од извештајот за Јосиф. Кога бил млад, неговите браќа кои му биле љубоморни го продале како роб, и така бил одведен во Египет (1. Мој. 37:28). Јехова видел што се случило и без сомнение му било многу жал поради неправдата што му била нанесена на неговиот пријател и верен слуга Јосиф. Сепак, Јехова не го спречил тоа. Подоцна, кога Јосиф бил обвинет дека се обидел да ја силува жената на Петефри и бил фрлен во затвор, Јехова повторно не се вмешал. Но, дали Бог некогаш го напуштил Јосиф? Не. Библијата вели дека Јехова бил со Јосиф и дека му дал успех во сѐ што правел (1. Мој. 39:21-23).

14. Како ни користи тоа што го отфрламе гневот?

14 Друг пример е Давид. Малку луѓе доживеале такви неправди како оние кои му биле нанесени на Давид. Сепак, овој Божји пријател не дозволил да се исполни со гнев. Тој напишал: „Отфрли го гневот и остави ја лутината, не гневи се — тоа само води до зло“ (Пс. 37:8). Најважната причина зошто треба да го отфрлиме гневот е тоа што сакаме да го следиме примерот на Јехова, кој „не постапува со нас според нашите гревови“ (Пс. 103:10). Тоа што ќе го отфрлиме гневот може да ни користи и во друг поглед. Гневот може да предизвика здравствени проблеми како, на пример, висок крвен притисок, проблеми со дишните патишта, дигестивни проблеми, како и оштетувања на црниот дроб и на панкреасот. Исто така, кога сме гневни не размислуваме секогаш јасно. Во такви ситуации може да кажеме или да направиме нешто со што ќе ги повредиме другите, и поради тоа да западнеме во депресија која може да трае долго време. Затоа, многу е подобро да останеме смирени. Библијата вели: „Мирното срце е живот за телото“ (Изр. 14:30). Што да правиме ако некој соверник нѐ навреди и како би можеле да се помириме со него? Во тоа многу ќе ни помогнат мудрите совети од Божјата Реч.

КОГА СМЕ РАЗОЧАРАНИ ОД НАШИТЕ БРАЌА

15, 16. Што треба да правиме кога некој ќе нѐ навреди?

15 Прочитај Ефешаните 4:26. Не сме изненадени кога луѓето кои не му служат на Јехова постапуваат лошо со нас. Но, кога некој соверник или член на семејството ќе каже или ќе направи нешто со кое ќе нѐ повреди, тоа може многу да нѐ разочара. Што ако не можеме да го заборавиме она што се случило? Дали ќе дозволиме лутината во нас да тлее со години или ќе го примениме мудриот совет од Библијата брзо да ги решаваме несогласувањата? Колку повеќе одложуваме да зборуваме со братот за проблемот, толку потешко ќе ни биде да се помириме со него.

16 Замисли дека некој соверник те навредил и дека не можеш да престанеш да мислиш на тоа. Што можеш да направиш за да се помирите? Прво, моли му се на Јехова. Моли го да ви помогне да разговарате на позитивен начин и така да го расчистите несогласувањето. Не заборавај дека и твојот брат е пријател на Јехова (Пс. 25:14). Бог го сака и него. Јехова се однесува добро со своите пријатели, а очекува и ние да постапуваме така со нив (Изр. 15:23; Мат. 7:12; Кол. 4:6). Второ, внимателно размисли што ќе му кажеш на твојот брат. Наместо да заклучиш дека намерно сакал да те повреди, потруди се да разбереш зошто постапил така. Можеби ти погрешно си ја разбрал ситуацијата. Исто така, биди спремен да признаеш дека можеби и самиот на некој начин си придонел за проблемот. Би можел да го започнеш разговорот на следниов начин: „Можеби сум пречувствителен, но вчера кога разговаравме се чувствував...“ Доколку разговорот не ви помогне да се помирите, обиди се да разговарате во друга прилика. Во меѓувреме, моли го Јехова да го благословува твојот брат и да ти помогне да се концентрираш на неговите добри особини. Без разлика на исходот, биди уверен дека Јехова ќе се радува бидејќи се трудиш да го придобиеш својот брат, кој е негов пријател.

КОГА СЕ БОРИМЕ СО ЧУВСТВА НА ВИНА

17. Како Јехова ни помага да си го поправиме односот со него кога ќе направиме грев, и зошто треба да ја прифатиме таа помош?

17 Некои не се чувствуваат достојни да му служат на Јехова бидејќи направиле тежок грев. Чувствата на вина можат да ни ги одземат мирот, радоста и силата. Цар Давид, кој се борел со чувства на вина, рекол: „Кога молчев, коските ми се исушија од непрестајно офкање. Зашто, дење и ноќе твојата рака ме притискаше“. За среќа, Давид имал храброст да го направи она што Јехова го очекува од своите слуги. Тој напишал: „Конечно ти го признав гревот... И ти ја прости вината за моите гревови“ (Пс. 32:3-5). Ако си направил тежок грев, Јехова е спремен да ти прости. Тој сака да ти помогне да го поправиш својот однос со него. Но, ти мора да ја прифатиш помошта што ти ја дава преку старешините (Изр. 24:16; Јак. 5:13-15). Затоа, немој да чекаш! Во прашање е твојот живот. Меѓутоа, што треба да правиш ако совеста сѐ уште те измачува иако поминало долго време откако Јехова ти го простил гревот?

18. Како може примерот на Павле да им помогне на оние што не се чувствуваат достојни да му служат на Јехова?

18 И апостол Павле понекогаш се чувствувал обесхрабрено поради гревовите што ги направил во минатото. Тој рекол: „Јас сум најмал од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи го прогонував Божјето собрание“. Сепак, тој додал: „Но преку Божјата незаслужена доброта јас сум она што сум“ (1. Кор. 15:9, 10). Јехова знаел дека Павле е несовршен. Но, го прифатил како свој слуга затоа што се каел за гревовите што ги направил во минатото и верно му служел. Јехова сакал Павле да биде уверен во ова. Ако и ти искрено се каеш за твоите гревови и си ги признал пред Јехова, а доколку било потребно и пред старешините, тој сигурно ќе ти прости. Биди уверен дека е така, и прифати го неговото простување! (Иса. 55:6, 7).

19. Кој е годишниот стих за 2018, и зошто е соодветен?

19 Како што се приближуваме кон крајот на овој свет, можеме да очекуваме дека ќе имаме сѐ повеќе проблеми. Но, никогаш не смееме да заборавиме дека Јехова, оној кој „му ја враќа силата на уморниот“ и „му дава моќна сила на нејакиот“ може да ни даде сѐ што ни е потребно за да продолжиме верно да му служиме (Иса. 40:29; Пс. 55:22; 68:19). Во текот на 2018 год., ќе бидеме потсетени на оваа важна вистина секојпат кога ќе присуствуваме на нашите состаноци и ќе ги гледаме зборовите на годишниот стих: „Оние што се надеваат на Јехова добиваат нова сила“ (Иса. 40:31).