Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Љубов која нѐ прави вистински среќни

Љубов која нѐ прави вистински среќни

Среќен е народот чиј Бог е Јехова! (ПС. 144:15)

ПЕСНИ: 111, 109

1. Зошто може да се каже дека живееме во посебен период од човечката историја?

ЖИВЕЕМЕ во еден навистина посебен период од човечката историја. Како што прорекла Библијата, Јехова собира „големо мноштво луѓе... од сите народи и племиња и народности и јазици“. Тие се „силен народ“ кој го сочинуваат повеќе од осум милиони среќни луѓе кои „му служат [на Бог] ден и ноќ“ (Отк. 7:9, 15; Иса. 60:22). Никогаш порано немало толку многу луѓе кои научиле да ги сакаат Бог и своите ближни.

2. Каква љубов покажуваат луѓето кои се отуѓени од Бог? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

2 Сепак, Библијата прорекла и дека во нашево време луѓето кои се отуѓени од Бог ќе покажуваат себична љубов. Апостол Павле напишал: „Во последните денови... луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари... повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тим. 3:1-4). Себичната љубов е сосема спротивна на љубовта кон Бог. Кога некој мисли само на себе и на своите желби, не е среќен иако можеби го очекува тоа. Поради таквите ставови, денешниот свет е себичен и во него многу тешко се живее.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија, и зошто?

3 Апостол Павле знаел дека себичната љубов ќе преовладува и дека тоа ќе претставува голема опасност за христијаните. Затоа ги предупредил „да бегаат“, односно да се чуваат од оние што покажуваат таква љубов (2. Тим. 3:5). Но, не можеме потполно да ги избегнеме контактите со таквите луѓе. Тогаш, како можеме да се заштитиме од ставовите на луѓето околу нас и да се трудиме да го радуваме Јехова, Богот на љубовта? Да видиме каква разлика постои помеѓу љубовта кон Бог и љубовта што е опишана во 2. Тимотеј 3:2-4. Тоа ќе ни помогне да се преиспитаме и да размислиме како можеме да ја покажуваме љубовта која ќе ни донесе вистинска среќа и задоволство.

ДАЛИ ГО САКАШ БОГ ИЛИ СЕ САКАШ СЕБЕСИ?

4. Зошто не е погрешно да се сакаме себеси до одредена мера?

4 Апостол Павле напишал: „Луѓето ќе бидат себељубиви“. Дали тоа значи дека не е исправно да се сакаме себеси? Не. Сосема е нормално, па дури и неопходно да се сакаме себеси. Јехова нѐ создал така. Исус рекол: „Сакај го својот ближен како себеси“ (Мар. 12:31). Всушност, не можеме да ги сакаме другите ако не се сакаме себеси. Библијата го вели и следново: „Мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела. Кој ја сака својата жена, се сака самиот себе. Зашто, никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува“ (Еф. 5:28, 29). Значи, треба да се сакаме себеси до одредена мера.

5. Како би ги опишал луѓето кои претерано се сакаат себеси?

5 Себељубивоста која е спомната во 2. Тимотеј 3:2 не е нормална, односно здрава љубов. Таа е себична. Оние што претерано се сакаат себеси имаат превисоко мислење за себе. (Прочитај Римјаните 12:3.) Тие се грижат повеќе за себеси отколку за другите. Кога нешто ќе тргне наопаку, ги обвинуваат другите наместо самите да ја преземат одговорноста. Еден библиски изучувач ги споредува таквите лица со еж кој се склопчува како топка при што самиот се грее со мекиот крзнен дел од телото, а на другите им ги покажува само острите боцки. Таквите луѓе не се вистински среќни.

6. Кои добри резултати произлегуваат од љубовта кон Бог?

6 Некои библиски изучувачи сметаат дека Павле најпрво ја спомнал себељубивоста бидејќи таа придонесува да се развијат лошите особини кои ги спомнал потоа. За разлика од себељубивоста, љубовта кон Бог ги поттикнува луѓето да покажуваат многу поинакви особини. Таквата љубов се поврзува со радоста, мирот, долготрпеливоста, љубезноста, добротата, верата, благоста и самосовладувањето (Гал. 5:22, 23). Псалмистот напишал: „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (Пс. 144:15). Јехова е среќниот Бог, и затоа неговиот народ ја покажува таа особина. Исто така, за разлика од оние што претерано се сакаат себеси и мислат само на својата корист, слугите на Јехова се среќни бидејќи им даваат на другите (Дела 20:35).

Што може да ни помогне да не се сакаме премногу себеси? (Види во пасус 7)

7. Со кои прашања можеме да провериме колку го сакаме Бог?

7 Како можеме да знаеме дали почнуваме повеќе да се сакаме себеси отколку Бог? Размисли за следниот совет: „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе и не грижете се само за себе туку и за другите“ (Фил. 2:3, 4). Би можеле да се прашаме: „Дали сум послушен на овој совет? Дали давам сѐ од себе за да ја вршам Божјата волја? Дали се трудам на разни начини да им помагам на другите во собранието и во службата на проповедање?“ Не е секогаш лесно на таков начин да ги трошиме нашето време и сила. Тоа бара труд и самопожртвуваност од наша страна. Но, ништо не може да нѐ направи посреќни од сознанието дека го радуваме Севишниот Владетел на универзумот!

8. Што направиле некои браќа и сестри од љубов кон Бог?

8 Љубовта кон Бог и желбата да му служат во поголема мера поттикнала некои Божји слуги да се откажат од кариера која можела да им донесе многу пари. Ерика, која живее во САД, работи како лекар. Наместо да напредува во кариерата, таа решила да почне со општа пионерска служба и заедно со сопругот служеле во неколку земји. Ерика вели: „Многуте искуства што ги имавме додека помагавме во службата на друг јазик, како и пријателствата што ги стекнавме навистина ни го збогатија животот. Сѐ уште работам како лекар. Сепак, поголемиот дел од времето и силата ги користам за да ги лекувам луѓето во духовен поглед и за да помагам во собранието. Тоа ми носи неизмерна радост и внатрешно задоволство“.

ДАЛИ СОБИРАШ БОГАТСТВО НА НЕБОТО ИЛИ НА ЗЕМЈАТА?

9. Зошто луѓето што ги сакаат парите не се среќни?

9 Павле напишал дека луѓето ќе бидат „алчни за пари“, односно дека ќе ги сакаат парите. Пред неколку години, еден пионер во Ирска зборувал со некој човек за Бог. Човекот го отворил својот паричник, извадил неколку книжни пари и рекол: „Ова е мојот бог!“ Иако можеби нема да го признаат тоа, многу луѓе го мислат истото. Тие ги сакаат парите и работите што можат да ги купат со нив. Но, Библијата предупредува: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка“ (Проп. 5:10). На таквите луѓе никогаш не им се доволни парите и цел живот се трудат само да заработат повеќе. Така си нанесуваат многу маки (1. Тим. 6:9, 10).

10. Што вели Библијата во врска со богатството и сиромаштијата?

10 Се разбира, на сите ни се потребни пари. Во одредена мера, тие се заштита (Проп. 7:12). Но, може ли некој да биде среќен ако ги има само основните работи? Апсолутно! (Прочитај Проповедник 5:12.) Агур, синот на Јакеј, напишал: „Не давај ми ниту сиромаштија ниту богатство. Храни ме со леб колку што ми треба“. Сосема е разбирливо зошто овој човек не сакал да биде многу сиромашен. Тој рекол дека не сака да дојде на искушение да краде бидејќи со тоа би му нанел срам на Бог. Но, зошто не сакал да биде богат? Тој напишал: „За да не се заситам, па да се откажам од тебе и да речам: ’Кој е Јехова?‘“ (Изр. 30:8, 9). Веројатно познаваш луѓе кои имаат доверба во нивното богатство наместо во Бог.

11. Каков совет дал Исус во врска со парите?

11 Оние што ги сакаат парите не можат да му угодат на Бог. Исус рекол: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“. А непосредно пред тоа, тој рекол: „Престанете да собирате богатство на земјата, каде што молецот и ’рѓата нагризуваат и каде што крадци провалуваат и крадат. Туку собирајте си богатство на небото, каде што ниту молец ниту ’рѓа не нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат“ (Мат. 6:19, 20, 24).

12. Како тоа што ќе водиме едноставен живот може да ни помогне во поголема мера да му служиме на Бог? Наведи пример.

12 Голем број Божји слуги се обидуваат да водат едноставен живот. Тие сфатиле дека на тој начин имаат повеќе време за да му служат на Јехова и дека се посреќни. Џек, кој живее во САД, ги продал својот голем дом и својата фирма за да може да служи како пионер со жена му. Тој вели: „Ми беше тешко да се откажам од нашата убава куќа и од прекрасниот имот. Но, од друга страна, со години си доаѓав дома изнервиран од проблемите што ги имав на работа. А жена ми, која е општ пионер, секогаш беше среќна. Обично ќе ми кажеше: ’Јас го имам најдобриот шеф‘. Сега, бидејќи и јас сум пионер, заедно работиме за истата личност — за Јехова“.

Што може да ни помогне да не ги сакаме премногу парите? (Види во пасус 13)

13. Што може да ни помогне да си го преиспитаме ставот кон парите?

13 За да го преиспитаме нашиот став кон парите, треба да бидеме искрени и да се прашаме: „Дали мојот живот покажува дека верувам во она што Библијата го вели за парите? Дали ми е најважно да заработам повеќе пари? Дали материјалните работи ми се поважни од мојот однос со Јехова и со луѓето? Дали навистина верувам дека Јехова ќе ми го обезбеди сето она што ми е потребно?“ Можеме да бидеме сигурни дека тој никогаш нема да ги разочара оние што имаат доверба во него! (Мат. 6:33).

ДАЛИ ГО САКАШ ЈЕХОВА ИЛИ ЗАДОВОЛСТВАТА?

14. Како треба да гледаме на задоволствата?

14 Во Библијата е проречено и дека луѓето во последните денови „ќе ги сакаат уживањата“. Исто како што треба да имаме урамнотежено гледиште за себеси и за парите, треба да имаме урамнотежено гледиште и за задоволствата. Некои луѓе сметат дека треба да се откажеме од сите задоволства во животот, но Јехова не го сака тоа. Библијата ги поттикнува верните слуги на Бог: „Јади го својот леб со радост и пиј го своето вино со весело срце“ (Проп. 9:7).

15. Што значи изразот „ги сакаат уживањата“ кој е спомнат во 2. Тимотеј 3:4?

15 Во 2. Тимотеј 3:4 се зборува за луѓе кои толку многу ги сакаат уживањата што Бог воопшто не им е важен. Забележи дека, според овој стих, луѓето повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог. Но, ова не укажува на тоа дека тие ќе го сакаат Бог до некоја мера. Еден изучувач напишал: „Овој [стих] дефинитивно не значи дека тие го сакаат и Бог до одредена мера, туку значи дека тие воопшто не го сакаат Бог“. Ова е навистина сериозно предупредување за оние што премногу ги сакаат задоволствата. Библијата ги опишува оние што ги сакаат уживањата како луѓе кои се „одвлечени од... задоволствата на овој живот“ (Лука 8:14).

16, 17. Како гледал Исус на задоволствата?

16 Исус покажал што значи да се има урамнотежено гледиште за задоволствата. Тој бил и на свадба и на голема гозба (Јован 2:1-10; Лука 5:29). На свадбата немало доволно вино, и затоа Исус преку чудо претворил вода во вино. Во друга прилика, кога некои го обвинувале Исус дека бил ненаситник и пијаница, тој многу јасно кажал дека тие луѓе биле самоправедни и немале урамнотежено гледиште (Лука 7:33-36).

17 Сепак, на Исус не му биле најважни задоволствата. Јехова му бил на прво место во животот и правел сѐ што можел за да им помага на другите. Тој бил спремен да умре со ужасна смрт на маченички столб за да го спаси човештвото. На оние што сакале да го следат, Исус им рекол: „Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат и лажно ви припишуваат секакви зла. Радувајте се и воскликнувајте, зашто голема е вашата награда на небесата. Зашто, така ги прогонуваа и пророците пред вас“ (Мат. 5:11, 12).

Што може да ни помогне да не ги сакаме премногу задоволствата? (Види во пасус 18)

18. Кои прашања ќе ни помогнат да се преиспитаме дали премногу ги сакаме задоволствата?

18 Како можеме да се преиспитаме дали премногу ги сакаме задоволствата? Би можеле да се прашаме: „Дали ми е поважно да се забавувам или да одам на состаноци и во служба на проповедање? Дали сум спремен да жртвувам дел од работите во кои уживам за да му служам на Бог? Кога избирам забава, дали го земам предвид гледиштето на Јехова?“ Ако вистински го сакаме Бог, не е доволно само да не ги правиме оние работи за кои знаеме дека се погрешни. Треба и да внимаваме да не ги правиме оние работи за кои мислиме дека можеби не му се допаѓаат. (Прочитај Матеј 22:37, 38.)

КАКО МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ СРЕЌНИ

19. Кои луѓе не се вистински среќни?

19 Светот на Сатана, кој околу 6.000 години им нанесува многу страдања на луѓето, наскоро ќе биде уништен. Денес, Земјата е полна со луѓе кои претерано се сакаат себеси, парите и задоволствата. Тие мислат само на она што можат да го добијат и најважно им е да си ги задоволат желбите. Но, таквите луѓе не се вистински среќни! За разлика од тоа, Библијата вели: „Среќен е човекот, чиј помошник е Богот на Јаков, кој се надева на Јехова, својот Бог“ (Пс. 146:5).

20. Како љубовта кон Бог те направила среќен?

20 Слугите на Јехова имаат вистинска љубов кон него, и нивниот број расте од година во година. Ова е јасен доказ дека Божјето Царство владее и дека наскоро ќе донесе благослови кои не можеме ни да си ги замислиме! Кога го правиме она што го сака Јехова, тогаш го радуваме него, а и самите чувствуваме вистинска радост. Оние што го сакаат Јехова ќе бидат среќни засекогаш! Во следната статија ќе разгледаме некои лоши особини кои се резултат на себичната љубов. Исто така, ќе видиме колку многу се разликуваат тие особини од убавите особини кои ги имаат слугите на Јехова.