Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Народ кој се разликува од другите луѓе

Народ кој се разликува од другите луѓе

Ќе ја видите разликата меѓу праведникот и злиот (МАЛ. 3:18)

ПЕСНИ: 127, 101

1, 2. Со каква опасност се соочуваат Божјите слуги денес? (Види ги сликите на почетокот од статијата.)

МНОГУ лекари и медицински сестри се опкружени со луѓе кои имаат заразни болести. Тие се грижат за своите пациенти бидејќи сакаат да им помогнат. Меѓутоа, додека го прават тоа, треба да се заштитат себеси за да не се заразат од болеста што се трудат да ја излекуваат. Како слуги на Јехова, и ние се наоѓаме во слична ситуација. Многумина од нас живеат и работат со луѓе кои се „заразени“ со ставови и особини кои се потполно различни од Божјите особини. Тоа за нас може да претставува опасност.

2 Во овие последни денови, луѓето кои не го сакаат Бог не ги почитуваат неговите мерила за исправно и погрешно. Апостол Павле ги опишал нивните негативни особини во своето писмо до Тимотеј. Павле рекол дека, како што се приближуваме кон крајот на овој свет, луѓето во сѐ поголема мера ќе ги покажуваат овие особини. (Прочитај 2. Тимотеј 3:1-5, 13.) Иако можеби сме шокирани од тоа колку се раширени таквите негативни особини, и врз нас може да влијае начинот на кој луѓето размислуваат, зборуваат и постапуваат (Изр. 13:20). Во оваа статија ќе видиме колку многу се разликуваат овие особини од оние што ги покажуваат Божјите слуги. Исто така, ќе видиме како можеме да се заштитиме за да не се заразиме со лоши особини додека им помагаме на луѓето да го запознаат Јехова.

3. На кого се однесуваат особините наведени во 2. Тимотеј 3:2-5?

3 Павле напишал дека „во последните денови ќе настанат особено тешки времиња“. Веднаш потоа набројал 19 негативни особини кои ќе преовладуваат во нашево време. Овие особини се слични со оние што Павле ги спомнал во Римјаните 1:29-31. Но, списокот на особини во писмото до Тимотеј содржи изрази кои не се спомнуваат на друго место во Христијанските грчки списи. Павле го почнува списокот со зборовите: „Луѓето ќе бидат...“ Но, лошите особини што ги спомнал тој ги немаат сите луѓе. Вистинските христијани имаат сосема поинакви особини. (Прочитај Малахија 3:18.)

КАКО ГЛЕДАМЕ НА СЕБЕСИ

4. Како би ги опишал оние што се горди?

4 Откако рекол дека многумина ќе станат себељубиви и алчни за пари, Павле додал дека луѓето ќе бидат вообразени, надуени и горди. Луѓето со вакви особини честопати си мислат дека се подобри од другите поради својот изглед, своите способности, богатството или положбата во општеството. Тие најмногу од сѐ сакаат другите да им се восхитуваат. Во врска со еден таков човек, еден изучувач го напишал следново: „Во своето срце тој има еден мал олтар со слика од себеси пред која се клања“. Некои рекле дека гордоста е толку одвратна што дури и на гордите луѓе не им се допаѓа кога ќе ја видат таа особина кај другите.

5. Што довело до тоа дури и некои верни Божји слуги да станат горди?

5 На Јехова му е одвратна гордоста. Тој мрази „горделиви очи“ (Изр. 6:16, 17). Всушност, гордоста ги спречува луѓето да се зближат со Бог (Пс. 10:4). Таа особина ја има Ѓаволот (1. Тим. 3:6). За жал, дури и некои што верно му служеле на Јехова станале горди. На пример, цар Озија од Јуда многу години бил верен Божји слуга. Но, во Библијата пишува: „Кога стана моќен, срцето толку му се возгордеа што самиот себеси си направи зло. Му стана неверен на Јехова, својот Бог, и влезе во храмот на Јехова за да запали темјан на кадилниот жртвеник“. Подоцна, и цар Езекија се возгордеал, иако само за кратко (2. Лет. 26:16; 32:25, 26).

6. Од кои причини Давид можел да се возгордее, но што му помогнало да остане понизен?

6 Некои луѓе стануваат горди бидејќи се убави, популарни, талентирани за музика, силни или затоа што се на некоја висока положба. Давид го имал сето тоа, но сепак останал понизен целиот свој живот. На пример, откако го убил Голијат и му било понудено да ја земе за жена ќерката на цар Саул, Давид рекол: „Кој сум јас и кој е мојот род, домот на татко ми во Израел, па јас да бидам царски зет?“ (1. Сам. 18:18). Што му помогнало на Давид да остане понизен? Тој бил свесен дека секоја особина, способност и положба ја добил од Бог, кој се понизил и му обрнал внимание (Пс. 113:5-8). Давид знаел дека секоја добра работа ја добил од Јехова. (Спореди со 1. Коринќаните 4:7.)

7. Што ќе ни помогне да покажуваме понизност?

7 Слично како Давид, слугите на Јехова денес се трудат да бидат понизни. Исполнети сме со восхит од сознанието дека Јехова, кој е најважната личност во универзумот, е понизен (Пс. 18:35). Се обидуваме да живееме во склад со следниве зборови: „Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост“ (Кол. 3:12). Исто така, знаеме дека љубовта „не се фали, не се возвишува“ (1. Кор. 13:4). Кога другите ќе ја видат нашата понизност, можеби ќе сакаат да го запознаат Јехова. Исто како што еден сопруг може да биде поттикнат да му служи на Јехова поради доброто однесување на сопругата, така и луѓето можат да бидат привлечени кон Бог преку понизноста на неговите слуги (1. Пет. 3:1).

КАКО ПОСТАПУВАМЕ СО ДРУГИТЕ

8. а) Како денес некои гледаат на непослушноста кон родителите? б) Каков поттик им дава Библијата на децата?

8 Павле прорекол како луѓето ќе постапуваат еден со друг во последните денови. Тој напишал дека децата ќе бидат непослушни на родителите. Денес, во многу книги, филмови и телевизиски програми непослушноста е прикажана како нормална, па дури и пожелна особина. Но, факт е дека непослушноста ја поткопува стабилноста на семејството, а тоа, пак, лошо се одразува врз целото општество. Ова им е одамна познато на луѓето. На пример, во древна Грција, оној што ќе ги удрел своите родители ги губел сите граѓански права. Според римскиот закон, ако некој го удрел својот татко, тоа било исто толку сериозно како да извршил убиство. И Хебрејските списи и Христијанските грчки списи ги поттикнуваат децата да ги почитуваат родителите (2. Мој. 20:12; Еф. 6:1-3).

9. Што може да им помогне на децата да им бидат послушни на родителите?

9 Што може да им помогне на децата да си ги слушаат родителите и покрај тоа што другите околу нив се непослушни? Кога децата размислуваат за сите добри работи што ги направиле родителите за нив, треба да им бидат благодарни и да сакаат да им бидат послушни. Децата исто така треба да разберат дека Бог, кој ни е Татко на сите нас, очекува тие да им бидат послушни на родителите. Со тоа што зборуваат добри работи за своите родители, децата им помагаат и на своите пријатели повеќе да си ги почитуваат родителите. Се разбира, ако родителите се бесчувствителни кон своите деца, на децата би можело да им биде потешко да им бидат послушни. Од друга страна, пак, кога некое дете чувствува дека родителите навистина го сакаат, тоа е поттикнато да им биде послушно дури и кога му е тешко. Еден млад брат, по име Остин, вели: „Иако честопати имав желба да направам нешто неисправно, родителите ми поставуваа разумни правила, ми ги објаснуваа причините за тоа и постојано беа спремни да разговараат со мене. Ова ми помагаше да им бидам послушен. Бидејќи можев да видам дека тие се грижат за мене, имав желба да ги радувам“.

10, 11. а) Кои негативни особини покажуваат дека луѓето немаат љубов еден кон друг? б) До која мера вистинските христијани ги сакаат другите луѓе?

10 Павле набројал и други особини кои покажуваат дека луѓето немаат љубов еден кон друг. По изразот „непослушни на родителите“, доаѓа зборот неблагодарни. Ова е соодветно бидејќи неблагодарните луѓе не ги ценат добрите работи што другите ги прават за нив. Павле напишал и дека луѓето ќе бидат нелојални. Тие ќе бидат и неспремни за каков и да било договор, што значи дека нема да сакаат да градат мир со другите. Луѓето ќе бидат хулители и предавници, кои ќе кажуваат сурови и навредливи работи за другите, па дури и за Бог. Исто така, ќе бидат клеветници, кои ќе кажуваат штетни лаги за да го нарушат угледот на другите. *

11 За разлика од повеќето луѓе во овој свет, слугите на Јехова покажуваат вистинска љубов кон другите. Ова отсекогаш било случај. Всушност, Исус рекол дека заповедта да ги сакаме другите луѓе е втора по важност заповед од Мојсеевиот закон, веднаш по заповедта да го сакаме Бог (Мат. 22:37-39). Исус рекол и дека вистинските христијани ќе се познаваат по љубовта што ќе ја имаат еден кон друг. (Прочитај Јован 13:34, 35.) Вистинските христијани ги сакаат дури и своите непријатели (Мат. 5:43, 44).

12. Како Исус покажувал љубов кон другите?

12 Исус покажувал голема љубов кон другите. Тој одел од град до град за да им ја каже на луѓето добрата вест за Божјето Царство. Ги лекувал слепите, сакатите, лепрозните и глувите. Исто така воскреснувал мртви (Лука 7:22). Исус дури си го дал животот за да го спаси човештвото иако многумина го мразеле. Тој совршено ја одразувал љубовта на својот Татко. Денес, Јеховините сведоци низ целиот свет го следат примерот на Исус и покажуваат љубов кон другите.

13. Како може љубовта што ја покажуваме кон другите да ги поттикне да се зближат со Јехова?

13 Ако им покажуваме на луѓето дека ги сакаме, тие можеби ќе бидат поттикнати да се зближат со нашиот небесен Татко. На пример, еден човек од Тајланд отишол на еден регионален конгрес и бил воодушевен кога видел како браќата и сестрите покажуваат љубов еден кон друг. Откако си отишол дома, побарал некој од Јеховините сведоци да ја проучува Библијата со него двапати седмично. Потоа им проповедал на сите роднини. Само шест месеци подоцна, овој човек за првпат добил задача да ја чита Библијата на собраниски состанок. Дали ние покажуваме љубов кон другите? Прашај се: „Дали правам сѐ што можам за да им помогнам на другите во семејството, во моето собрание и кога сум во служба? Дали се трудам да гледам на другите онака како што гледа Јехова?“

ВОЛЦИ И ЈАГНИЊА

14, 15. Какви ѕверски особини покажуваат многумина денес, но какви промени направиле некои луѓе?

14 Во последните денови, луѓето покажуваат и други лоши особини што треба да ги избегнуваме. Многумина се без љубов кон добротата или, како што стои во некои преводи, „непријатели на доброто“ или „се противат на сѐ што е добро“. Таквите луѓе се без самосовладување, сурови. Некои се своеглави, односно ги прават работите без да размислуваат и воопшто не се грижат како нивните постапки ќе влијаат врз другите.

15 Мнозина кои порано покажувале вакви ѕверски особини се смениле од корен. Таквите драстични промени биле проречени во Библијата. (Прочитај Исаија 11:6, 7.) Во неа читаме дека диви животни, како што се волците и лавовите, ќе бидат во мир со домашни животни, како што се јагнињата и телињата. Зошто ќе бидат во мир? Библиското пророштво продолжува: „Зашто земјата ќе биде полна со знаење за Јехова“ (Иса. 11:9). Животните не можат да учат за Јехова. Затоа, во симболична смисла, ова пророштво се однесува на промените што луѓето ги прават во својата личност.

Библиските начела можат од корен да сменат нечиј живот! (Види во пасус 16)

16. Како Библијата им помогнала на некои луѓе да се сменат?

16 Голем број наши браќа и сестри порано биле сурови како волци, но сега се мирољубиви. Можеш да прочиташ некои од нивните искуства во рубриката „Библијата менува животи“, која се наоѓа на jw.org. Оние што го запознале Јехова и му служат не се како оние што само на изглед се богобојазливи, но не живеат богобојазливо. Таквите луѓе се преправаат дека го обожаваат Бог, но со своето однесување покажуваат дека не е така. Но, некои слуги на Јехова, кои порано биле сурови, сега ја облекле „новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Еф. 4:23, 24). Кога учат за Бог, луѓето сфаќаат дека треба да ги почитуваат неговите мерила. Ова им помага да ги променат своите верувања, ставови и своето однесување. Не е лесно да се направат таквите промени, но Божјиот дух им помага на оние што сакаат ја вршат Божјата волја.

„ОД ТАКВИТЕ БЕГАЈ“

17. Како можеме да се заштитиме од влијанието на луѓето со лоши особини?

17 Сѐ појасно се гледа разликата меѓу оние што му служат на Бог и оние што не му служат. Сепак, ние што му служиме на Бог мора да внимаваме да не потпаднеме под влијание на лошите особини на другите. Сакаме да бидеме послушни на советот што ни го дава Јехова да бегаме од луѓето кои се опишани во 2. Тимотеј 3:2-5. Се разбира, не можеме да ги избегнеме сите што имаат лоши особини. Можеби мора да работиме со нив, да одиме на училиште со нив или да живееме со нив. Но, не мора да размислуваме ниту да постапуваме како нив. Што може да ни помогне? Треба да си го зајакнуваме пријателството со Јехова така што ќе ја проучуваме Библијата и ќе ги избираме за пријатели оние што го сакаат него.

18. Како со нашиот говор и со нашето однесување може да ги поттикнеме другите да го запознаат Јехова?

18 Од друга страна, сакаме да им помогнеме на другите да го запознаат Јехова. Затоа, користи ја секоја прилика да им сведочиш и моли го Јехова да ти помага да ги кажеш исправните зборови во вистинско време. Треба да им дадеме до знаење на другите дека сме Јеховини сведоци. На тој начин, преку нашето добро однесување ќе му донесеме слава на Бог, а не себеси. Божјата Реч нѐ поттикнува „да се откажеме од безбожноста и од световните желби и да живееме разборито, праведно и со оддаденост на Бог среде овој сегашен свет“ (Тит 2:11-14). Ако го следиме примерот на Јехова и го правиме она што тој го очекува од нас, другите ќе го забележат тоа, па можеби дури и ќе кажат: „Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас“ (Зах. 8:23).

^ пас. 10 Грчкиот збор преведен со „клеветник“ или „обвинувач“ е дијаболос. Во Библијата, овој збор се користи и како титула за Сатана, кој злобно го клевети Бог.