Зошто мора да бдееме?
Не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар (МАТ. 24:42)
1. Наведи пример кој покажува зошто е важно да бидеме свесни за времето и за она што се случува околу нас. (Види ја сликата погоре.)
КОНГРЕСНАТА програма наскоро ќе започне. Додека гледаме како часовникот на видео-бимот ги одбројува последните секунди, веќе сме на своите места и спремни сме внимателно да ја слушаме музиката. Време е да уживаме во прекрасната оркестарска изведба и, што е уште поважно, да си ги подготвиме умот и срцето за говорите кои ќе ги слушаме. Но, некои не забележуваат дека претседавачот веќе е на бината и дека музиката почнала. Тие и понатаму се шетаат или си разговараат со пријателите. Овој пример ни покажува дека треба да бидеме свесни за времето и за она што се случува околу нас. Ова е особено важно денес затоа што во блиска иднина ни претстои еден далеку позначаен настан за кој мора да бидеме подготвени. За што станува збор?
2. Зошто Исус ги поттикнал своите ученици да бдеат?
2 Кога зборувал за „свршетокот на овој поредок“, Исус Христос им нагласил на своите ученици колку е важно да бидат будни. Тој им рекол: „Внимавајте, бидете будни, бидејќи не знаете кога е времето да се случи тоа“. Потоа уште неколку пати им рекол: „Бдејте!“ (Мат. 24:3; прочитај Марко 13:32-37). И од евангелието според Матеј се гледа дека тој ги предупредил своите ученици во врска со ова. Исус им рекол: „Бдејте, зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар“. Потоа повторно ги предупредил: „Бидете подготвени, зашто Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“. И пак повторил: „Бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (Мат. 24:42-44; 25:13).
3. Зошто обрнуваме внимание на предупредувањето што го дал Исус?
3 Како Јеховини сведоци, ние обрнуваме внимание на предупредувањето што го дал Исус. Знаеме дека живееме во „времето на крајот“ и дека наскоро ќе започне големата неволја (Дан. 12:4; Мат. 24:21). Токму како што прорекол Исус, Јеховините слуги ја проповедаат добрата вест за Царството по целата Земја. Во исто време, на многу места има војни, болести, земјотреси и глад. Како никогаш порано, светот е преплавен со верски лаги, криминал и насилство (Мат. 24:7, 11, 12, 14; Лука 21:11). Затоа, со нетрпение го очекуваме времето кога Исус ќе дојде и ќе ја исполни намерата на својот Татко (Мар. 13:26, 27).
ВРЕМЕТО БРЗО ИСТЕКУВА!
4. а) Зошто може да заклучиме дека Исус сега знае кога ќе дојде крајот? б) Иако не знаеме кога ќе започне големата неволја, во што може да бидеме сигурни?
4 Кога одиме на конгрес, знаеме кога ќе започне секој дел од програмата. Но, невозможно е точно да одредиме кога ќе започне големата неволја. Кога бил на Земјата, Исус рекол: „За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“ (Мат. 24:36). Се разбира, бидејќи ќе ја поведе војната Армагедон, Исус најверојатно сега знае кога ќе дојде крајот (Отк. 19:11-16). Сепак, ние сѐ уште не го знаеме тоа. Затоа е многу важно да бдееме. Јехова одредил кога точно ќе започне големата неволја, и со секој нов ден сме сѐ поблиску до неа. Таа „нема да задоцни“! (Прочитај Авакум 2:1-3.) Зошто сме сигурни во ова?
5. Кој пример покажува дека Јехова секогаш ги исполнува своите пророштва точно навреме?
5 Јехова секогаш ги исполнува своите пророштва точно навреме! На пример, размисли за денот кога го избавил својот народ од Египет. Тоа се случило на 14 нисан 1513 год. пр.н.е. Во врска со ова, Мојсеј подоцна напишал: „Кога се навршија тие четиристотини и триесет години, токму во тој ден, сите Јеховини чети излегоа од египетската земја“ (2. Мој. 12:40-42). На 14 нисан 1943 год. пр.н.е., точно 430 години пред да бидат ослободени Израелците, стапил на сила сојузот што Јехова го склучил со Авраам (Гал. 3:17, 18). Подоцна, Бог му рекол на Авраам: „Добро знај дека твоите потомци ќе бидат дојденци во туѓа земја и ќе мораат да им служат на други, а тие ќе ги угнетуваат четиристотини години“ (1. Мој. 15:13; Дела 7:6). Овие 400 години започнале во 1913 год. пр.н.е., кога Исмаел го исмејувал Исак, а завршиле кога Јехова ги ослободил Израелците од Египет (1. Мој. 21:8-10; Гал. 4:22-29). Стотици години однапред, Јехова точно одредил кој ден ќе го избави својот народ!
6. Зошто може да бидеме сигурни дека Јехова ќе го спаси својот народ?
6 Исус Навин бил меѓу Израелците кои биле избавени од ропството во Египет. Со години подоцна, тој ги потсетил своите сонародници: „Вие добро знаете со сето ваше срце и со сета Ис. Нав. 23:2, 14). Јехова ветил дека ќе го спаси својот народ во големата неволја и дека ќе им даде вечен живот во новиот свет. Ние може да бидеме сигурни дека ќе го исполни тоа ветување. Сепак, ако сакаме да го преживееме уништувањето на овој зол свет, мора да бдееме.
ваша душа дека не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето“ (ЗА ДА ПРЕЖИВЕЕМЕ, МОРА ДА ОСТАНЕМЕ БУДНИ
7, 8. а) Каква улога имале стражарите во старо време, и што учиме од тоа? б) Кој пример покажува што може да се случи ако стражарите заспијат?
7 Можеме да извлечеме поука од стражарите кои ги чувале градовите во старо време. Многу од овие градови, меѓу кои бил и Ерусалим, биле опколени со високи ѕидини за непријателите да не можат да влезат во нив. На ѕидините стоеле стражари, кои оттаму имале добра прегледност на околината. Стражари имало и на градските порти. Сите тие морале да бидат будни дење и ноќе, и морале да ги предупредат жителите ако им се заканувала опасност од непријатели (Иса. 62:6). Стражарите знаеле колку е важно да бдеат и внимателно да набљудуваат што се случува околу градот. Во спротивно, многу луѓе можеле да го изгубат животот (Езек. 33:6).
8 Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј напишал дека, во 70 год. од н.е., римската војска успеала да ја заземе Кулата Антонија, која била дел од градскиот ѕид, бидејќи стражарите на портите заспале. Оттаму Римјаните влегле во храмот и го запалиле, а потоа го уништиле и остатокот од градот. Тоа било завршница на најголемата неволја што ги снашла Ерусалим и еврејскиот народ.
9. За што не се свесни повеќето луѓе денес?
9 Денес повеќето влади ја чуваат границата на својата земја со војници и со најсовремени безбедносни системи. Тие внимаваат да не навлезе на нивна територија никој и ништо што може да претставува закана за безбедноста на земјата. Сепак, овие влади можат да ја забележат само опасноста зад која стојат луѓе. Тие воопшто не се свесни дека на небото постои една далеку помоќна влада на чело со Исус Христос, и дека се ближи денот кога таа ќе им пресуди на сите други влади на Земјата (Иса. 9:6, 7; 56:10; Дан. 2:44). Ние со нетрпение го очекуваме тој ден на суд и сакаме да бидеме подготвени за него. Затоа даваме сѐ од себе за да останеме будни во духовен поглед (Пс. 130:6).
ВНИМАВАЈ ДА НЕ ЗАСПИЕШ ВО ДУХОВЕН ПОГЛЕД
10, 11. а) На што треба да внимаваме, и зошто? б) Што те уверува дека Ѓаволот ги заслепува луѓето за да не им обрнат внимание на библиските пророштва?
10 Замисли си еден стражар кој останал буден цела ноќ. Сигурно му е најтешко да не заспие последните неколку часа затоа што е многу уморен. Слично на ова, ние живееме во последните денови на овој свет. Колку повеќе наближуваме до крајот, толку потешко ќе ни биде да останеме духовно будни. Навистина би било жално да заспиеме! Да разгледаме три работи кои би можеле да нѐ успијат во духовен поглед.
11 Ѓаволот предизвикува кај луѓето рамнодушност кон духовните работи. Кратко пред да умре, Исус трипати ги потсетил своите ученици дека Ѓаволот е „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31; 14:30; 16:11). Сатана ја користи лажната религија за да ги држи луѓето во духовен мрак. Од таа причина, мнозина денес не обрнуваат внимание на библиските пророштва кои јасно покажуваат дека крајот на овој свет е многу близу (Соф. 1:14). Очигледно е дека Сатана им го заслепил умот (2. Кор. 4:3-6). Затоа, кога се обидуваме да им кажеме дека Исус веќе владее како Цар и дека крајот на овој свет само што не дошол, многумина не сакаат да слушаат, и честопати велат: „Не сум заинтересиран“.
12. Зошто не смееме да дозволиме Ѓаволот да нѐ заведе?
12 Не дозволувај рамнодушноста на другите да те обесхрабри. Ние знаеме зошто е важно да бдееме. Павле им го напишал следново на сохристијаните: „Самите добро знаете дека Јеховиниот ден доаѓа“. А потоа додал: „Како крадец во ноќта“. (Прочитај 1. Солуњаните 5:1-6.) Исус нѐ предупредил: „Бидете подготвени, бидејќи Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате!“ (Лука 12:39, 40). Наскоро, Сатана ќе ги наведе луѓето да поверуваат дека во светот владее „мир и сигурност“, и дека сѐ е во ред на светската сцена. Затоа тие ќе бидат запрепастени кога Јеховиниот ден ненадејно ќе дојде. А како е со нас? Ако сакаме да бидеме подготвени за тој ден и да не бидеме заведени како останатите, мора „да бдееме и да бидеме трезвени“. Од таа причина, треба да ја читаме Божјата Реч секој ден и длабоко да размислуваме за она што ни го кажува Јехова.
13. Како духот на светот влијае врз луѓето, и како може да се чуваме од тоа опасно влијание?
13 Духот на светот влијае врз размислувањето на луѓето. Многумина денес сметаат дека не им е потребен Бог (Мат. 5:3, фус.). Тие трошат најголем дел од времето и силата трчајќи по материјални работи кои ја разгоруваат „желбата на телото и желбата на очите“ (1. Јов. 2:16). Освен тоа, забавната индустрија ги поттикнува луѓето да ги сакаат уживањата и да си ја задоволуваат секоја желба. Од година во година, искушенијата сѐ повеќе растат (2. Тим. 3:4). Сето ова им го одвлекува вниманието од поважните работи. Затоа Павле ги поттикнал христијаните да престанат да размислуваат само за тоа како да ги задоволат своите желби, бидејќи така лесно можат да западнат во духовен сон (Рим. 13:11-14).
14. Кое предупредување се наоѓа во Лука 21:34, 35?
14 Ние сакаме врз нашето размислување да влијае Божјиот дух, а не духот на светот. Преку својот дух, Јехова ни помага јасно да разбереме кои настани ни претстојат во блиска иднина [1] (1. Кор. 2:12). Сепак, мора да бидеме внимателни. Не е потребно многу за духовно да задремеме. Дури и секојдневните работи би можеле да ни го одвлечат вниманието од духовните активности. (Прочитај Лука 21:34, 35.) Некои луѓе би можеле да ни се потсмеваат затоа што веруваме дека живееме во последните денови на овој свет (2. Пет. 3:3-7). Не смееме да им дозволиме да нѐ обесхрабрат. Ние имаме јасни докази дека крајот е на прагот. Ако сакаме Божјиот дух да влијае врз нас, мора редовно да се дружиме со нашите браќа на состаноците.
15. Што им се случило на Петар, Јаков и Јован, и како тоа би можело да ни се случи и нам?
15 Нашите слабости ни отежнуваат да останеме будни. Исус знаел дека несовршените луѓе се склони да им попуштаат на слабостите на своето тело. Размисли што се случило ноќта пред да умре. Иако бил совршен, тој знаел дека ќе му остане верен на Јехова само ако го преколнува за помош. Исус ги замолил Петар, Јаков и Јован да бдеат додека тој се молел. Но, овие апостоли не сфатиле колку е важно да останат будни. Уморот ги совладал, и тие заспале. И Исус бил физички уморен, но сепак останал буден и сесрдно му се молел на својот Татко. Истото требало да го прават и апостолите (Мар. 14:32-41).
16. Според Лука 21:36, како Исус ни покажал на кој начин може да останеме духовно будни?
16 Што ќе ни помогне да бдееме и да бидеме подготвени за Јеховиниот ден? Треба да имаме силна желба и понатаму да го правиме она што е исправно. Но, тоа не е доволно. Неколку дена пред да умре, Исус им кажал на своите ученици дека мора да продолжат сесрдно да го молат Јехова за помош. (Прочитај Лука 21:36.) За да останеме духовно будни во ова време на крајот, и ние мора непрестајно да му се молиме на Бог (1. Пет. 4:7).
ПРОДОЛЖИ ДА БДЕЕШ!
17. Како може да се подготвиме за она што ни претстои во блиска иднина?
17 Исус рекол дека крајот ќе дојде во час кога не се надеваме (Мат. 24:44). Затоа мора да бидеме подготвени во секое време. Сега не е момент да задремеме во духовен поглед така што ќе се трудиме да живееме на ист начин како луѓето во светот на Сатана. Иако тој настојува да нѐ увери дека таквиот живот е најдобар, ние знаме дека тоа е чиста измислица. Преку страниците на Библијата, Јехова и Исус ни кажуваат што ќе се случи во блиска иднина и како можеме да останеме будни. Затоа, да обрнеме внимание на библиските пророштва и на нивното исполнување. Да стануваме сѐ поблиски со Јехова и да го ставиме Царството на прво место. Само така ќе бидеме подготвени кога крајот ќе дојде (Отк. 22:20). Од тоа зависи нашиот живот!
^ [1] (пасус 14) Види во поглавје 21 од книгата Божјето Царство владее!