Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прекрасна особина која е поскапоцена од дијаманти

Прекрасна особина која е поскапоцена од дијаманти

Луѓето отсекогаш ги сметале дијамантите за бесценети. Некои од нив вредат милиони евра. Но, дали за Бог има нешто што е повредно од дијамантите и од другите скапоцени камења?

Хајкануш, која е некрстен објавител од Ерменија, нашла пасош близу до својот дом. Во него имало неколку дебитни картички и голема сума пари. Таа му кажала за тоа на својот сопруг, кој исто така е некрстен објавител.

Иако имале големи финансиски проблеми и биле задолжени, тие решиле да ги однесат парите на адресата од пасошот. Човекот што го изгубил и неговото семејство биле многу изненадени. Хајкануш и нејзиниот сопруг им објасниле дека се чесни поради она што го учат од Библијата. Потоа ја искористиле приликата да поразговараат за Јеховините сведоци и да им дадат неколку наши публикации.

Како награда, семејството сакало да ѝ даде пари на Хајкануш, но таа одбила да ги земе. Следниот ден, сопругата на човекот што го изгубил пасошот дошла кај неа дома. Во знак на благодарност, таа настојувала Хајкануш да го прифати прекрасниот дијамантски прстен што ѝ го донела како подарок.

Исто како ова семејство, и многу други луѓе би биле изненадени од чесноста што ја покажале Хајкануш и нејзиниот сопруг. Но, дали Јехова бил изненаден од тоа? Како гледал тој на нивната чесност? Дали навистина вредело тоа што овој брачен пар постапил чесно?

ОСОБИНИ ПОСКАПОЦЕНИ ОД БОГАТСТВО

Одговорот на овие прашања не е тежок. Зошто? Бидејќи слугите на Бог се уверени дека, за него, христијанските особини се повредни од дијаманти, злато или други материјални работи. Навистина, она што е скапоцено во Јеховини очи се разликува од она што е скапоцено за повеќето луѓе (Иса. 55:8, 9). Божјите слуги сметаат дека вреди да дадат сѐ од себе за да ги покажуваат неговите скапоцени особини.

Тоа се гледа од она што го вели Библијата за проникливоста и мудроста. Во Изреки 3:13-15 пишува: „Среќен е човекот што ќе најде мудрост и човекот што ќе стане прониклив, зашто подобро е да стекнеш мудрост отколку да стекнеш сребро, и таа е поголема добивка и од златото. Поскапоцена е од бисерите, па и сѐ што ти е мило не може да се спореди со неа“. Ова јасно потврдува дека Јехова повеќе ги цени ваквите особини отколку какво и да било материјално богатство.

А што може да се каже за чесноста?

Самиот Јехова е чесен. Тој „не може да лаже“ (Тит 1:2). Освен тоа, под водство на Божјиот дух, апостол Павле им го пишал следново на еврејските христијани во првиот век: „Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме чиста совест, бидејќи сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евр. 13:18).

Исус Христос ни дал добар пример во поглед на чесноста. Во една прилика, кога првосвештеникот Кајафа рекол: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си ти Христос, Синот Божји!“, Исус бил искрен и кажал дека тој е Месијата. Ја кажал вистината и покрај тоа што бил свесен дека Судскиот совет може да го обвини дека е богохулник, и да биде погубен поради тоа (Мат. 26:63-67).

А како е со нас? Што ќе правиме ако се најдеме во ситуација кога може да имаме материјална корист со тоа што малку ќе ги извртиме фактите или ќе скриеме некоја информација? Дали и тогаш ќе останеме чесни?

ЗОШТО Е ТЕШКО ДА СЕ БИДЕ ЧЕСЕН

Во овие последни денови не е лесно да се биде чесен бидејќи многу луѓе се себични и алчни за пари (2. Тим. 3:2). Кога има економска криза или владее безработица, повеќето сметаат дека е оправдано да крадат, да мамат или да прават други нечесни работи. Всушност, кога станува збор за пари, мнозина мислат дека воопшто не се исплаќа човек да биде чесен. Дури и некои христијани донеле погрешни одлуки, и поради „нечесна добивка“ го изгубиле своето добро име во собранието (1. Тим. 3:8; Тит 1:7).

Сепак, повеќето христијани го следат примерот на Исус. Тие сфаќаат дека христијанските особини се далеку поважни од каква и да било заработка или материјална придобивка. Од таа причина, младите христијани не мамат на училиште за да добијат повисоки оценки (Изр. 20:23). Факт е дека нема секогаш да бидеме наградени поради нашата чесност, како што била наградена Хајкануш. Меѓутоа, Бог бара да бидеме чесни. Ако постапуваме така, ќе имаме чиста совест — нешто што има вистинска вредност.

Примерот на Гагик го потврдува ова. Тој вели: „Пред да станам христијанин, работев во една голема фирма. Газдата пријавуваше само мал дел од заработката за да избегне да плаќа големи даноци. Бидејќи бев генерален директор, од мене се очекуваше да го поткупам инспекторот за да го прикрие нерегуларното работење на фирмата. Поради тоа ме биеше глас дека сум нечесен човек. Откако ја дознав вистината, повеќе не сакав да постапувам нечесно. Ја напуштив работата, иако беше добро платена, и започнав свој бизнис. Уште од првиот ден законски ја регистрирав фирмата и ги плаќам сите даноци“ (2. Кор. 8:21).

Гагик вели: „Заработката двојно ми се намали, па затоа не ми беше лесно да се грижам за семејството. Меѓутоа, сега сум посреќен. Имам чиста совест пред Јехова. Им давам добар пример на моите два сина, и ги исполнив условите за да вршам поголеми одговорности во собранието. Меѓу даночните инспектори и луѓето со кои соработувам сега сум познат како чесен човек“.

ЈЕХОВА НИ ПОМАГА ДА БИДЕМЕ ЧЕСНИ

Јехова ги сака оние што ги покажуваат неговите прекрасни особини и „го украсуваат“ неговото учење (Тит 2:10). Тој им помага на оние што се чесни. Со својот дух, Бог го поттикнал цар Давид да го напише следново уверување: „Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб“ (Пс. 37:25).

Ова се гледа и од примерот на Рут, која верно му служела на Јехова. Таа останала со својата свекрва Ноемина која била во поодминати години. Рут се преселила во Израел, каде што можела да му служи на вистинскиот Бог (Рут 1:16, 17). Таа била чесна и трудољубиво доприбирала на нивите, во склад со она што Законот го пропишувал за сиромашните. Јехова никогаш не ги напуштил Рут и Ноемина, исто како што подоцна не го напуштил ни Давид (Рут 2:2-18). Освен што се грижел за Рут во материјален поглед, Бог направил и нешто повеќе за неа. Ѝ укажал чест да биде дел од семејната лоза на цар Давид, па дури и од лозата на ветениот Месија! (Рут 4:13-17; Мат. 1:5, 16).

На некои Божји слуги им е многу тешко да заработат доволно пари за своите основни потреби. Сепак, наместо да бараат лесен, но нечесен начин да дојдат до заработка, тие работат трудољубиво. Така покажуваат дека Божјите прекрасни особини, вклучувајќи ја и чесноста, им се поскапоцени од што и да било во материјален поглед (Изр. 12:24; Еф. 4:28).

Исто како Рут, христијаните низ целиот свет покажуваат вера дека Јехова има моќ да им помага. Тие имаат целосна доверба во неговото ветување: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евр. 13:5). Јехова секогаш одново покажува дека сака и дека може да им помага на оние што се чесни во сѐ. Во склад со ветувањето што го дал, тој продолжува да се грижи за основните потреби на своите слуги (Мат. 6:33).

Точно е дека луѓето ги сметаат дијамантите за бесценети. Но, ние сме уверени дека во очите на нашиот небесен Татко чесноста и другите убави особини имаат многу поголема вредност од скапоцените камења!

Ако сме чесни, ќе можеме со чиста совест да им проповедаме на луѓето