Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали му дозволуваш на Големиот Грнчар да те обликува?

Дали му дозволуваш на Големиот Грнчар да те обликува?

Гледај, како што е глината во рацете на грнчарот така сте вие во мојава рака (ЕРЕМ. 18:6)

ПЕСНИ: 60, 22

1, 2. а) Зошто Даниел бил Божји љубимец? б) Каков став треба да имаме кон нашиот Грнчар?

КОГА Евреите биле одведени како заробеници во древниот Вавилон, тој град бил полн со идоли и со луѓе кои обожавале зли духови. И покрај тоа, верните Евреи, како што биле Даниел и неговите тројца пријатели, не дозволиле да бидат обликувани од Вавилонците (Дан. 1:6, 8, 12; 3:16-18). Тие го избрале Јехова за свој Грнчар и продолжиле да му служат само нему. Иако речиси целиот свој живот Даниел бил изложен на лошо влијание во Вавилон, тој му останал верен на својот Бог и еден ангел го нарекол Божји љубимец (Дан. 10:11, 19).

2 Во библиски времиња, грнчарот понекогаш ја притискал глината во калап за да добие сад со одреден облик. Денес, вистинските слуги на Јехова признаваат дека тој е Севишен Владетел, кој има право да обликува цели народи. (Прочитај Еремија 18:6.) Бог исто така има право да го обликува секого од нас. Но, тој не присилува никого да направи промени. Напротив, тој ја почитува нашата слободна волја и сака самите да му дозволиме да нѐ обликува. Во оваа статија ќе видиме како може да останеме мека глина во Божјите раце. Ќе ги разгледаме следниве три прашања: 1) Што ќе ни помогне да не развиеме особини кои можат да нѐ наведат да ги отфрлиме Божјите совети и да ни го стврднат срцето? 2) Како може да развиеме особини кои ќе ни помогнат да бидеме мека глина и да останеме послушни? 3) Како родителите можат да соработуваат со Бог додека ги обликуваат своите деца?

ВНИМАВАЈ ДА НЕ ТИ СЕ СТВРДНЕ СРЦЕТО

3. Што може да ни го стврдне срцето? Наведи пример.

3 Во Изреки 4:23 пишува: „Од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето, зашто од него извира животот“. Кои лоши особини или постапки можат да ни го стврднат срцето? Би можеле да станеме горделиви, да почнеме да правиме гревови или да дозволиме да ни ослабне верата. Ако не внимаваме, би можеле да станеме непослушни и бунтовни (Дан. 5:1, 20; Евр. 3:13, 18, 19). Токму тоа му се случило на јудејскиот цар Озија. (Прочитај 2. Летописи 26:3-5, 16-21.) Во почетокот, тој бил послушен и имал добар однос со Бог, и затоа Бог го благословувал. Но, кога станал моќен, неговото срце се возгордеало. Тој бил толку горд што се обидел да запали темјан во храмот иако тоа било должност само на свештениците. Кога свештениците го предупредиле дека не смее да го прави тоа, Озија се разгневил. Јехова го понизил овој горделив цар така што го удрил со лепра, и тој бил лепрозен сѐ до својата смрт (Изр. 16:18).

4, 5. Што може да се случи ако не се чуваме од гордоста? Наведи пример.

4 Ако не се чуваме од гордоста, може да почнеме да мислиме дека сме подобри од другите, па дури и да ги отфрлиме библиските совети кои можеби ќе ги добиеме (Изр. 29:1; Рим. 12:3). Ова му се случило на еден старешина по име Џим. Тој не се согласувал со другите старешини во врска со ситуацијата која се разгледувала на еден старешински состанок. Затоа им рекол дека се бесчувствителни и го напуштил состанокот. По шест месеци, се префрлил во друго собрание, но таму не бил именуван за старешина. Затоа многу се разочарал. Тој вели дека бил толку самоправеден што престанал да му служи на Јехова. Џим бил неактивен 10 години. Тој признава дека бил многу горд и дека дури почнал да го обвинува Јехова за она што се случило. Браќата со години го посетувале обидувајќи се да му помогнат, но тој ја одбивал нивната помош.

5 Џим вели: „Постојано мислев на тоа дека другите не беа во право“. Неговиот пример покажува дека поради гордоста би можеле да си наоѓаме изговори за нашето погрешно постапување, и така постепено да станеме тврда глина (Ерем. 17:9). Дали некогаш си бил повреден од некој брат или сестра? Дали си бил разочаран затоа што си изгубил одредена теократска одговорност? Како реагираше? Дали дозволи гордоста да те заслепи или сфати дека ништо друго не е поважно од тоа да се смириш со братот и да му останеш верен на Јехова? (Прочитај Псалм 119:165; Колошаните 3:13.)

6. Што може да се случи ако постојано правиме грев?

6 И на оној што постојано греши, па дури и ги крие своите гревови, може да му биде тешко да прифати совет од Бог. Поради тоа, срцето може сѐ помалку да го осудува кога го прави гревот. Еден брат рекол дека со текот на времето воопшто не го печела совеста кога постапувал неисправно (Проп. 8:11). Друг брат, кој некое време имал навика да гледа порнографија, подоцна рекол: „Почнав постојано да им барам маани на старешините“. Неговата навика му го нарушила односот со Јехова. Кога се открило што прави, тој добил помош од старешините. Точно е дека секој од нас е несовршен. Но, нашето срце може да се стврдне ако почнеме да ги критикуваме оние што нѐ советувале или ако си бараме изговори кога правиме нешто погрешно наместо да го молиме Бог да ни прости и да ни помогне.

7, 8. а) Како примерот на Израелците покажува што може да се случи ако немаме доволно вера? б) Што учиме од тоа?

7 Израелците виделе многу чуда кога Јехова ги ослободил од Египет. И покрај тоа, додека наближувале кон Ветената земја, нивните срца закоравеле. Зошто? Затоа што немале вера во Бог. Наместо да покажат доверба во него, тие се исплашиле и почнале да негодуваат против Мојсеј, па дури и сакале да се вратат во Египет, каде што биле робови! Ова многу го повредило Јехова. Тој рекол: „До кога ќе ме презира овој народ?“ (4. Мој. 14:1-4, 11; Пс. 78:40, 41). Тие Израелци изгинале во пустината бидејќи имале закоравени срца и не покажале доволно вера.

8 Денес, додека наближуваме кон новиот свет, нашата вера е ставена на испит. Затоа мора редовно да проверуваме каква е таа. Од каде ќе знаеме дали е доволно цврста? Можеме да размислиме за она што го кажал Исус во Матеј 6:33. Прашај се: „Дали моите цели и одлуки покажуваат дека навистина верувам во тие зборови на Исус? Дали сум спремен да испуштам состаноци или, пак, да не одам толку во служба за да заработам повеќе пари? Што ќе правам ако треба да трошам многу време и сила на мојата работа? Дали ќе дозволам овој свет да ме обликува, па дури и да ме спречи да му служам на Јехова?“

9. Зошто треба да испитуваме дали сме во верата, и како може да го правиме тоа?

9 Ако не ги следиме библиските совети во врска со лошото друштво, исклучувањето или забавата, нашето срце би можело да закорави. Што треба да правиш ако ова почне да ти се случува и тебе? Без одложување треба да ја преиспиташ твојата вера! Божјата Реч вели: „Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Кор. 13:5). Биди искрен со себеси и труди се редовно да ја користиш Библијата за да го исправаш своето размислување.

ОСТАНИ МЕКА ГЛИНА

10. Што ќе ни помогне да бидеме мека глина во Јеховините раце?

10 За да ни помогне да останеме мека глина, Бог ни ја дал својата Реч, христијанското собрание и службата. Како што водата ја омекнува глината, така секојдневното читање и размислување за Библијата ни помагаат да бидеме мека глина која Јехова може да ја обликува. Тој им заповедал на израелските цареви да направат препис од неговиот Закон и да го читаат секој ден (5. Мој. 17:18, 19). Апостолите знаеле дека е неопходно да ги читаат светите списи и да размислуваат за нив за да можат добро да ја извршуваат службата. Во своите посланија, се осврнале на Хебрејските списи стотици пати, а кога им проповедале на луѓето ги поттикнувале и тие да го истражуваат Писмото (Дела 17:11). Слично на нив, и ние сфаќаме колку е важно секојдневно да ја читаме Божјата Реч и да размислуваме за неа (1. Тим. 4:15). Ова ни помага да останеме понизни, и така Јехова може полесно да нѐ обликува.

Дали правиш сѐ што можеш за да останеш мека глина? (Види во пасуси 10-13)

11, 12. Како Јехова го користи христијанското собрание за да го обликува секого од нас? Наведи пример.

11 Јехова знае што му е потребно на секого од нас, и го користи христијанското собрание за да нѐ обликува. Џим, кој беше спомнат погоре, почнал да го менува својот став кога еден старешина покажал личен интерес за него. Џим вели: „Тој ниту еднаш не ме обвини и не ме критикуваше. Наместо тоа, беше позитивен и искрено сакаше да ми помогне“. По околу три месеци, старешината го поканил да дојде на состанок. Џим вели дека браќата срдечно го пречекале и дека нивната љубов му помогнала да си го смени размислувањето. Тој сфатил дека неговите чувства не се најважни. Охрабрен од старешините во собранието, како и од својата сопруга која за сето тоа време му останала верна на Јехова, тој постепено се зајакнал во духовен поглед. На Џим исто така му користеле и статиите „Јехова не е виновен“ и „Служи му на Јехова лојално“, кои излегоа во Стражарска кула од 15 ноември 1992 год.

12 Со текот на времето, тој повторно бил именуван за старешина. Оттогаш им помогнал и на други браќа да се справат со слични проблеми и да си ја зајакнат верата. Џим вели: „Мислев дека имам близок однос со Јехова, но воопшто не беше така! Жалам што дозволив гордоста да ме заслепи. Наместо да се концентрирам на поважните работи, бев опседнат со грешките на другите“ (1. Кор. 10:12).

13. Кои особини може да ги развиеме во службата, и како тоа ни користи?

13 Службата може исто така да нѐ обликува и да нѐ подобри како личности. Во кој поглед? Кога ја проповедаме добрата вест, мора да покажуваме христијански особини, како што се понизноста и плодовите на Божјиот дух (Гал. 5:22, 23). Помисли на убавите особини кои си ги развил благодарение на службата! Освен тоа, кога го следиме Христовиот пример, луѓето се привлечени кон нашата порака и можеби ќе го сменат ставот кон нас. На пример, двајца Јеховини сведоци во Австралија се обиделе да ѝ посведочат на врата на една жена, но таа многу се налутила и била груба кон нив. Сепак, тие со почит ја сослушале. Подоцна жената се покајала затоа што постапила така, и напишала писмо до подружницата за да се извини за своето надмено однесување. Таа рекла: „Беше многу глупаво од моја страна што ги одбив на таков начин и што постапив толку лошо со двајца луѓе кои зборуваа за Божјата Реч“. Од ова искуство може да видиме колку е важно да бидеме благи кога проповедаме. Навистина, со службата им помагаме на другите, но таа ни помага и нам да станеме подобри личности.

СОРАБОТУВАЈТЕ СО БОГ ДОДЕКА ГИ ОБЛИКУВАТЕ СВОИТЕ ДЕЦА

14. Што треба да прават родителите за успешно да ги обликуваат своите деца?

14 Повеќето деца се понизни и спремни да учат (Мат. 18:1-4). Затоа е мудро родителите да им помагаат да ја дознаат и да ја засакаат вистината уште додека се мали (2. Тим. 3:14, 15). Се разбира, за да успеат во тоа, родителите мора најпрво да ја всадат вистината во своето срце, и да ја применуваат во својот живот. Кога родителите го прават ова, и на децата ќе им биде полесно да ја засакаат вистината. Освен тоа, децата ќе сфатат дека советите и исправките што ги добиваат се доказ дека и родителите и Јехова ги сакаат.

15, 16. Како треба родителите да ја покажат својата доверба во Бог ако нивното дете е исклучено?

15 Дури и кога родителите ги поучуваат за вистината, некои деца престануваат да му служат на Јехова или мора да бидат исклучени. Ако се случи вакво нешто, тоа е голем удар за семејството. Една сестра од Јужноафриканската Република рекла: „Кога брат ми беше исклучен, имав чувство како да умре. Бев скршена од болка!“ Но, што направиле таа и нејзините родители? Ги послушале советите од Библијата. (Прочитај 1. Коринќаните 5:11, 13.) Родителите знаеле дека е најдобро за сите да го следат Божјиот совет, и биле свесни дека исклучувањето е дисциплинска мерка која е знак на љубов од Јехова. Затоа контактирале со синот само кога тоа го налагала некоја неодложна семејна работа.

16 Како се чувствувал синот? Подоцна тој рекол: „Знаев дека моите не ме мразат, туку дека му се послушни на Јехова и на неговата организација“. А потоа додал: „Кога мораш да го преколнуваш Јехова за помош и прошка затоа што немаш никој друг, сфаќаш колку многу ти е потребен“. Замисли колку се радувало семејството кога овој млад човек му се вратил на Јехова! Навистина, ќе бидеме среќни само ако го слушаме Бог во сѐ! (Изр. 3:5, 6; 28:26).

17. Зошто треба секогаш да му бидеме послушни на Јехова, и како ќе ни користи тоа?

17 Пророкот Исаија претскажал дека Евреите во Вавилон ќе се покаат и ќе речат: „О Јехова, ти си наш Татко. Ние сме глина, а ти си нашиот Грнчар, и сите сме дело на твоите раце“. Тие исто така ќе го молеле: „Немој довека да се сеќаваш на нашиот престап! Погледни... сите ние сме твој народ!“ (Иса. 64:8, 9). Ако сме понизни и ако секогаш го слушаме Бог, ќе му бидеме мили исто како Даниел. Јехова ќе продолжи да нѐ обликува преку својата Реч, својот дух и својата организација сѐ додека еден ден не станеме совршени Божји деца (Рим. 8:21).