Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не дозволувај туѓите грешки да те спрепнат

Не дозволувај туѓите грешки да те спрепнат

Спремно простувајте си еден на друг (КОЛ. 3:13)

ПЕСНИ: 121, 75

1, 2. Како Библијата го прорекла порастот на Јеховиниот народ?

НА Земјата има една посебна организација што ја сочинуваат луѓе кои го сакаат Бог и верно му служат. Тоа се Јеховините сведоци. Иако се несовршени и прават грешки, Јехова ги води со својот свет дух и ги благословува. Да видиме на кои начини го прави тоа.

2 Во 1914 год., малкумина му служеле на Јехова. Сепак, тој го благословил проповедничкото дело што го вршеле. Благодарение на тоа, милиони луѓе чуле за библиските вистини и станале негови Сведоци. Јехова го навестил овој извонреден пораст кога рекол: „Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ. Јас, Јехова, ќе го забрзам тоа кога ќе дојде време“ (Иса. 60:22). Во овие последни денови, со свои очи го гледаме исполнувањето на ова пророштво. Денес Јеховиниот народ брои милиони! Всушност, во светот има многу држави чиј број на жители е помал од вкупниот број на Јеховините сведоци.

3. Како Божјите слуги покажувале љубов?

3 Во овие последни денови, Јехова им помага на своите слуги во уште поголема мера да ја покажуваат неговата главна особина — љубовта (1. Јов. 4:8). Исус, кој и самиот покажувал таква љубов, им рекол на своите следбеници: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг!.. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). Во нашево време, Јеховините слуги покажувале ваква љубов дури и кога во светот беснееле крвави војни. На пример, само во Втората светска војна загинале околу 55 милиони луѓе. Но, во таа војна, Божјите слуги не убиле ниту еден човек. (Прочитај Михеј 4:1, 3.) Ова им помогнало да останат чисти „од крвта на сите“ (Дела 20:26).

4. Зошто порастот на Јеховиниот народ е вистинско чудо?

4 Јеховиниот народ продолжува да расте иако живее во еден непријателски свет кој е под власта на Сатана. Во Библијата, овој моќен непријател е наречен „богот на овој свет“ (2. Кор. 4:4). Сатана има контрола над политичките организации и над средствата за јавно информирање, и ги користи за да го запре проповедничкото дело. Но, тоа нема да му успее. Бидејќи знае дека му преостанува уште кратко време, Сатана се обидува на најразлични начини да ги спречи луѓето да му служат на Јехова (Отк. 12:12).

ЌЕ МУ ОСТАНЕШ ЛИ ВЕРЕН НА БОГ КОГА ДРУГИТЕ ГРЕШАТ?

5. Зошто другите понекогаш можеби ќе нѐ повредат? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

5 Божјите слуги се свесни дека е многу важно да ги сакаат Бог и другите луѓе. Исус рекол: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед. Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“ (Мат. 22:35-39). Меѓутоа, Библијата покажува дека сите луѓе наследиле несовршеност од Адам. (Прочитај Римјаните 5:12, 19.) Затоа, одвреме-навреме некој во собранието може да каже или да направи нешто што ќе нѐ повреди. Ова може да ја стави на испит нашата љубов кон Бог и кон неговиот народ. Како ќе постапиме во таква ситуација? Библијата ни открива дека и некои верни Божји слуги во минатото направиле или кажале нешто што ги повредило другите. Да видиме што можеме да научиме од она што им се случило.

Како ќе си реагирал ако си живеел во времето на Илиј и неговите синови? (Види во пасус 6)

6. Како реагирал Илиј на тешките гревови што ги правеле неговите синови?

6 На пример, Илиј бил првосвештеник во Израел, но неговите два сина ги кршеле Божјите заповеди. Библијата вели: „Синовите на Илиј беа никаквеци. Не им беше грижа за Јехова“ (1. Сам. 2:12). Илиј знаел дека неговите синови прават тешки гревови. Сепак, наместо да ги казни, тој само благо ги прекорил. Илиј бил премногу попустлив со нив. Со текот на времето, Јехова ги казнил и него и неговите два сина. Освен тоа, подоцна не им дозволил на неговите потомци да служат како првосвештеници (1. Сам. 3:10-14). Ако си живеел во времето на Илиј и ако си знаел дека тој им допушта на своите синови да прават тешки гревови, дали ќе си се спрепнел поради тоа? Дали ќе ти ослабнела верата и ќе си престанел да му служиш на Јехова?

7. Какви тешки гревови направил Давид, и како Јехова постапил со него?

7 Јехова го сакал Давид поради неговите убави особини (1. Сам. 13:13, 14; Дела 13:22). Но, дури и овој човек направил тежок грев. Извршил прељуба со Витсавеја, додека нејзиниот маж, Урија, бил во војна. Таа останала бремена. Бидејќи сакал да го скрие својот грев, Давид го повикал Урија и го наговарал да си оди дома надевајќи се дека ќе спие со својата жена. На тој начин, другите ќе заклучеле дека бебето е на Урија. Но, тој не сакал да појде дома. Затоа цар Давид наредил да биде убиен во една битка. Царот платил многу висока цена за тие тешки гревови. И тој и неговото семејство биле погодени од многу неволји (2. Сам. 12:9-12). Сепак, Бог покажал милост кон него и му простил. Јехова знаел дека Давид сака да го прави она што е исправно (1. Цар. 9:4). Ако си живеел во тоа време и ако си знаел што сторил Давид, како ќе си реагирал? Дали ќе си престанел да му служиш на Јехова?

8. а) Што тврдел апостол Петар, но како подоцна го прекршил своето ветување? б) Зошто Јехова продолжил да го користи Петар откако згрешил?

8 Еден друг пример е апостол Петар. Иако Исус го избрал за свој апостол, тој понекогаш кажувал и правел работи за кои подоцна се каел. Во една прилика, Петар тврдел дека никогаш нема да го остави својот учител, макар и сите други да го сторат тоа (Мар. 14:27-31, 50). Но, откако Исус бил уапсен, го напуштиле сите апостоли, меѓу кои бил и Петар. Подоцна овој апостол трипати се одрекол од Исус (Мар. 14:53, 54, 66-72). Сепак, на Петар му било многу жал што го сторил тоа. Затоа Јехова му простил и продолжил да го користи во службата. Ако си бил Христов ученик во тоа време и ако си знаел што сторил Петар, дали и понатаму ќе си имал доверба во Јехова?

9. Зошто си уверен дека Бог секогаш постапува праведно?

9 Од овие примери можеме да видиме дека некои Јеховини слуги направиле лоши работи со кои многу ги повредиле другите. Ова се случувало во минатото, а се случува и денес. Како ќе постапиш кога некој Божји слуга ќе направи нешто лошо и ќе ги повреди другите? Дали ќе дозволиш неговите грешки да те спрепнат до тој степен што ќе престанеш да одиш на состаноци, па дури и ќе го напуштиш Јехова и неговиот народ? Или, пак, ќе сфатиш дека Јехова е милостив и дека можеби му дава време на оној што згрешил да се покае? Сепак, во некои случаи оној што направил тежок грев не се кае и ја отфрла Јеховината милост. Дали тогаш ќе покажеш доверба дека Јехова ќе преземе нешто во вистинско време, и можеби дури и ќе го отстрани тоа лице од собранието? Дали си уверен дека Јехова секогаш го прави она што е исправно и праведно?

ОСТАНИ МУ ВЕРЕН НА ЈЕХОВА

10. За што бил свесен Исус кога Јуда Искариот и Петар му згрешиле?

10 Во Библијата читаме за многу луѓе кои му останале верни на Јехова и на неговиот народ, и тогаш кога другите правеле сериозни грешки. Исус ни дал најдобар пример во овој поглед. Откако цела ноќ му се молел на својот Татко за водство, тој ги избрал 12-те апостоли. Но, еден од нив, Јуда Искариот, подоцна го предал. Освен тоа, и апостол Петар одрекол дека го познава. Сепак, Исус не дозволил ова да го наруши неговиот однос со Јехова (Лука 6:12-16; 22:2-6, 31, 32). Исус не ги обвинил ниту Јехова ниту другите ученици кога некои од апостолите го разочарале. Тој останал близок со Бог и продолжил верно да ја извршува својата важна задача. Јехова го наградил така што го воскреснал, и подоцна го поставил за Цар на небесното Царство (Мат. 28:7, 18-20).

11. Што прорекла Библијата во врска со Божјите слуги кои ќе живеат во последните денови?

11 Исус имал силни причини да покаже доверба во Јехова и во неговиот народ. И ние имаме причини да го сториме тоа. Зошто? Затоа што гледаме како Бог им дава водство на своите слуги во ова време на крајот. Освен тоа, Јеховините сведоци се единствените што ја проповедаат добрата вест низ целиот свет. Исто така, меѓу нив владее вистинско единство, и тие се среќни бидејќи се поучени од Јехова. Тој го претскажал ова, кога рекол: „Еве, моите слуги ќе воскликнуваат од радост во срцето“ (Иса. 65:14).

12. Како треба да гледаме на грешките на другите?

12 Многу сме радосни затоа што Јехова ни дава водство и ни помага да правиме добри дела. За разлика од нас, луѓето во светот на Сатана не се среќни и немаат никаква надеж за иднината. Би било навистина немудро и неправедно да го обвинуваме Јехова или неговата организација за грешките што ги прават мал број поединци од неговиот народ! Мора да му останеме верни на Бог и да го следиме неговото водство. Исто така, важно е да научиме како да реагираме на грешките на другите.

КАКО ДА РЕАГИРАМЕ НА ГРЕШКИТЕ

13, 14. а) Зошто треба да бидеме стрпливи еден со друг? б) Кое ветување треба секогаш да го имаме на ум?

13 Што треба да правиш ако некој соверник каже или стори нешто што ќе те повреди? Библијата ни го дава следниов совет: „Немој брзо да се навредуваш, зашто навредливоста почива во пазувите на безумните“ (Проп. 7:9). Сите ние сме несовршени и правиме грешки. Затоа не е добро да имаме преголеми очекувања од нашите браќа и сестри. Освен тоа, не треба постојано да размислуваме за нивните грешки, бидејќи така може да ја изгубиме радоста што ја чувствуваме затоа што сме дел од Божјиот народ. Уште полошо би било да дозволиме грешките на другите да нѐ спрепнат и да нѐ наведат да ја напуштиме Божјата организација. Ако се случи такво нешто, не само што ќе ја изгубиме честа да ја вршиме Јеховината волја денес туку ќе ја изгубиме и надежта за вечен живот во Божјиот нов свет.

14 Тогаш, како може да ја зачуваме нашата радост кога другите прават нешто што нѐ вознемирува? Секогаш имај го на ум следново утешно ветување од Јехова: „Еве, јас создавам нови небеса и нова земја. Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Иса. 65:17; 2. Пет. 3:13). Не дозволувај да ги изгубиш овие благослови поради грешките на другите.

15. Според она што го рекол Исус, што треба да правиме кога другите ќе згрешат?

15 Сепак, бидејќи сѐ уште не сме во новиот свет, треба да размислуваме како Јехова би сакал да постапуваме денес кога другите ќе нѐ повредат. На пример, Исус рекол: „Ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, и вашиот небесен Татко ќе ви прости вам. Но, ако вие не им ги простите на луѓето нивните престапи, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вам вашите престапи“. Кога Петар го прашал дали некому треба да му простиме „до седум пати“, Исус му одговорил: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесет и седум пати“. Според тоа, Божјиот Син нѐ поучил секогаш да бидеме спремни да им простуваме на другите (Мат. 6:14, 15; 18:21, 22).

16. Каков добар пример ни оставил Јосиф?

16 Библијата го спомнува и Јосиф, кој исто така ни дал добар пример за тоа како да постапиме кога другите ќе ни згрешат. Тој и неговиот помлад брат биле единствените синови што Рахела му ги родила на Јаков. Јосиф имал уште десет полубраќа, кои му биле многу љубоморни затоа што татко му најмногу го сакал него. Тие толку многу го мразеле што го продале како роб, и тој бил одведен во Египет. По многу години, фараонот го поставил Јосиф за втор човек во земјата бидејќи бил восхитен од неговата разборитост и мудрост. Подоцна завладеал глад и браќата на Јосиф дошле во Египет за да купат храна. Кога го виделе, не го препознале, но тој добро знаел кои се тие. Јосиф не ја искористил оваа ситуација за да им се одмазди за тоа што му го имале направено. Сепак, ги испитал за да види дали вистински се промениле. Кога сфатил дека не се исти како порано, Јосиф им открил кој е. Подоцна, тој ги утешил со зборовите: „Не плашете се! Јас ќе ве снабдувам со храна вас и вашите деца“ (1. Мој. 50:21).

17. Што си решен да правиш кога другите ќе ти згрешат?

17 Бидејќи сите сме несовршени, не треба да заборавиме дека и ние можеме да им згрешиме на другите. Затоа, ако увидиш дека си повредил некого, послушај го библискиот совет — замоли го да ти прости, и обиди се да се помириш со него. (Прочитај Матеј 5:23, 24.) Нам ни е убаво кога другите ќе ни простат. Тогаш, и ние да го правиме истото. Во Колошаните 3:13 пишува: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“. Ако вистински ги сакаме нашите браќа, нема да водиме евиденција за секоја нивна грешка (1. Кор. 13:5). Исто така, ако ние простуваме, и Јехова ќе ни простува нам. Затоа, кога другите ќе ни згрешат, да се трудиме да бидеме милостиви кон нив како што нашиот Татко, Јехова, е милостив кон нас. (Прочитај Псалм 103:12-14.)