Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се охрабруваме секојдневно еден со друг

Да се охрабруваме секојдневно еден со друг

Ако имате некаков збор на охрабрување за народот, кажете го (ДЕЛА 13:15)

ПЕСНИ: 121, 45

1, 2. Зошто е важно да ги охрабруваме другите?

КРИСТИНА, [1] која има 18 години, вели: „Моите родители многу ретко ме охрабруваат, а многу често ме критикуваат. Нивните зборови ми причинуваат голема болка. Ми велат дека сум незрела и дека никогаш нема да пораснам. А ми велат и дека сум дебела. Затоа често плачам и не сакам да зборувам со нив. Се чувствувам безвредно“. Животот навистина може да биде многу тежок ако другите не нѐ охрабруваат!

2 Од друга страна, можеме многу да им помогнеме на другите ако ги охрабруваме. На пример, Рубен вели: „Со години ме измачуваат чувства на безвредност. Еднаш бев во служба со еден старешина, кој забележа дека не сум баш расположен. Кога почнав да му кажувам како се чувствувам, сочувствително ме слушаше. А потоа ме пофали за добрите работи што ги правам и ме потсети на зборовите на Исус — дека секој од нас вреди повеќе од многу врапчиња. Често размислувам за овој стих, и сѐ уште ме допира до срце. Зборовите на тој старешина многу ми помогнаа“ (Мат. 10:31).

3. а) Што кажал апостол Павле во врска со охрабрувањето? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Библијата вели дека треба редовно да се храбриме еден со друг. Апостол Павле им го напишал следново на еврејските христијани: „Браќа, чувајте се некој од вас да не отстапи од живиот Бог, та во него да се развие злобно срце во кое нема вера. Напротив, охрабрувајте се еден со друг секој ден... за некој од вас да не отрпне поради измамливоста на гревот“ (Евр. 3:12, 13; Превод Нов свет — ревидирано издание на англиски од 2013). Ако размислиш колку добро си се чувствувал кога некој те охрабрил тебе, ќе сфатиш колку е важен советот да се храбриме меѓусебно. Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве прашања: Зошто треба да ги охрабруваме нашите браќа и сестри? Што учиме од начинот на кој Јехова, Исус и Павле ги храбреле другите? И како можеме да се охрабруваме еден со друг?

НА СИТЕ НИ ТРЕБА ОХРАБРУВАЊЕ

4. Кому му треба охрабрување, и зошто повеќето луѓе денес не ги охрабруваат другите?

4 Секој од нас има потреба од охрабрување. Особено родителите треба да ги охрабруваат своите деца. Тимоти Еванс, кој е просветен работник, вели дека на децата „им треба охрабрување исто како што на растенијата им треба вода“. Тој додава: „Кога добиваат охрабрување, децата се чувствуваат вредни и ценети“. Но, бидејќи живееме во „последните денови“, многу луѓе се себични и „бесчувствителни кон другите“ (2. Тим. 3:1-5). Некои родители не ги пофалуваат своите децата бидејќи ни тие самите не добивале пофалба од своите родители. И на возрасните им треба охрабрување, кое за жал ретко го добиваат. На пример, мнозина се жалат дека на работа никој не ги пофалува за она што го прават.

5. Како можеме да ги охрабруваме другите?

5 Можеме да ги охрабриме другите со тоа што ќе ги пофалиме кога ќе направат нешто добро. Освен тоа, можеме да ги охрабриме и така што ќе им кажеме дека имаат убави особини и ќе ги тешиме кога се тажни или потиштени (1. Сол. 5:14). Бидејќи често сме со браќата и сестрите, имаме многу прилики да ги зајакнеме со некој убав збор. (Прочитај Проповедник 4:9, 10.) Затоа добро е секој од нас да се праша: „Дали им кажувам на другите зошто ги сакам и ценам? Дали ја користам секоја прилика да го правам тоа?“ Секогаш да го имаме на ум она што е запишано во Изреки 15:23: „Збор кажан во право време — колку е добар!“

6. Зошто Сатана сака да нѐ обесхрабри? Наведи пример.

6 Во Изреки 24:10 пишува: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“. Сатана знае дека, ако успее да нѐ обесхрабри, може да ни го наруши пријателството со Јехова. Тој се обидел да го обесхрабри Јов така што му нанел неописливо страдање. Сепак, неговите намери не успеале. Јов му останал верен на Јехова (Јов 2:3; 22:3; 27:5). И ние можеме да му се спротивставиме на Ѓаволот со тоа што ќе ги охрабруваме членовите на семејството и соверниците во собранието. На тој начин, сите ќе ја зачуваме радоста и ќе останеме блиски со Јехова.

ПРИМЕРИ ШТО МОЖЕ ДА ГИ СЛЕДИМЕ

7, 8. а) Како Јехова ги охрабрувал луѓето? б) Како можат родителите да го следат примерот на Јехова? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

7 Јехова. Псалмистот напишал: „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Пс. 34:18). Кога верниот пророк Еремија се исплашил и се обесхрабрил, Јехова му ја зајакнал самодовербата (Ерем. 1:6-10). Во една друга прилика, Јехова го охрабрил остарениот пророк Даниел со тоа што испратил ангел кој го зајакнал и го нарекол Божји љубимец (Дан. 10:8, 11, 18, 19). Дали можеш и ти исто како Јехова да ги охрабруваш пионерите, постарите кои немаат сила како порано и сите други браќа и сестри?

8 Јехова со векови соработувал заедно со својот Син на небото. Сепак, и откако Исус дошол на Земјата, Бог сметал дека има потреба да го храбри и да го зајакнува. Тој ги кажал следниве зборови од небото: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“ (Мат. 3:17; 17:5). Со тоа, всушност, Бог го пофалил Исус и го уверил дека има доверба во него. Исус сигурно бил многу охрабрен кога ги чул овие зборови во две прилики — на почетокот од својата служба и во текот на последната година од својот живот на Земјата. Освен тоа, кога неговиот Син доживувал тешки душевни маки ноќта пред да умре, Јехова испратил ангел за да го зајакне и да го утеши (Лука 22:43). Родителите може да извлечат важна поука од примерот на Јехова. Тие треба редовно да ги охрабруваат своите деца и да ги пофалуваат за добрите работи што ги прават. А доколку децата се соочуваат на училиште со испити на верата, родителите треба да вложат уште поголем труд за да ги зајакнат и да им помогнат да истраат.

9. Што можеме да научиме од начинот на кој Исус постапувал со апостолите?

9 Исус. Ноќта кога ја воспоставил Спомен-свеченоста, Исус забележал кај своите апостоли една негативна особина — гордоста. Иако тогаш тој понизно им ги измил нозете, тие сѐ уште се расправале меѓусебе кој од нив е најголем. Исто така, Петар покажал дека е претерано самоуверен (Лука 22:24, 33, 34). Иако не бил слеп за нивните слабости и грешки, Исус ги пофалил своите верни апостоли за тоа што останале со него во неговите искушенија. Тој им кажал дека ќе прават поголеми дела од него, и ги уверил дека Јехова многу ги сака (Лука 22:28; Јован 14:12; 16:27). Прашај се: „Дали го следам примерот на Исус со тоа што ги пофалувам другите за нивните добри особини наместо да се концентрирам на нивните грешки?“

10, 11. На кој начин Павле ги храбрел браќата, и на што бил спремен?

10 Апостол Павле. Во своите писма, Павле често ги истакнувал позитивните работи кај своите браќа. Со некои од нив тој патувал долги години, и многу добро ги познавал. Иако ги знаел нивните слабости, тој честопати ги пофалувал. На пример, за Тимотеј рекол дека е негово „сакано и верно дете во Господарот“, и дека вистински ќе се грижи за потребите на другите (1. Кор. 4:17; Фил. 2:19, 20). Тој го пофалил Тит во своето послание до христијаните во Коринт, нарекувајќи го свој „другар и соработник“ кој служи за нивно добро (2. Кор. 8:23). Без сомнение, и Тимотеј и Тит биле охрабрени кога дознале што мисли Павле за нив.

11 Павле и Варнава си го ризикувале животот за да ги охрабрат своите соверници. На пример, и двајцата знаеле дека многу луѓе во градот Листра сакаат да ги убијат. Сепак, се вратиле таму за да ги охрабрат новите ученици и за да им помогнат да му останат верни на Јехова (Дела 14:19-22). Подоцна, Павле се нашол пред разгневена толпа во Ефес. Во Дела 20:1, 2 пишува: „Кога стивна вревата, Павле испрати по учениците. Ги охрабри и се поздрави со нив, а потоа тргна на пат за Македонија. Откако помина низ тие краишта и ги охрабри браќата со многу зборови, дојде во Грција“. Навистина, на Павле му било многу важно да ги охрабрува другите.

ДА СЕ ХРАБРИМЕ ЕДЕН СО ДРУГ

12. Зошто треба да одиме на состаноците?

12 Јехова ни го мисли најдоброто. Токму затоа ни вели дека треба редовно да одиме на состаноците. Таму се поучуваме и се охрабруваме еден со друг (1. Кор. 14:31; прочитај Евреите 10:24, 25). Кристина, девојката што ја спомнавме на почетокот, вели: „Најмногу ги сакам состаноците поради љубовта и охрабрувањето што ги добивам таму. Понекогаш се чувствувам потиштено кога ќе отидам во салата. Но, тогаш ми приоѓаат сестрите, ме прегрнуваат и ми велат дека изгледам убаво. Ми кажуваат дека ме сакаат и дека се радуваат што духовно напредувам. Нивните зборови ми помагаат да се чувствувам многу подобро“. Навистина, многу е важно секој од нас да ги охрабрува другите! (Рим. 1:11, 12).

13. Зошто треба да ги охрабруваме оние што со години му служат на Јехова?

13 Дури и на оние што долго време му служат на Јехова им треба охрабрување. Размисли за Исус Навин. Тој со години верно му служел на Бог. Сепак, Јехова му кажал на Мојсеј да го охрабри. Јехова рекол: „Постави го Исус Навин за водач, охрабри го и зајакни го, зашто тој ќе премине онаму на чело на овој народ и тој ќе им ја предаде во наследство земјата што ќе ја видиш“ (5. Мој. 3:27, 28). Исус Навин имал голема одговорност да ги предводи Израелците во освојувањето на Ветената земја. Му требало охрабрување затоа што народот го очекувале многу битки. Се соочиле со бројни предизвици, па дури и со пораз барем во една ситуација (Ис. Нав. 7:1-9). И ние денес можеме да ги охрабруваме старешините и покраинските надгледници, кои вложуваат голем труд додека се грижат за Божјето стадо. (Прочитај 1. Солуњаните 5:12, 13.) Еден покраински надгледник рекол: „Понекогаш браќата и сестрите ни пишуваат писма со благодарност за да ни кажат колку многу уживале во посетата. Си ги чуваме тие писма и си ги читаме кога сме потиштени. Тие се вистински извор на охрабрување“.

Децата се чувствуваат убаво кога искрено ги пофалуваме (Види во пасус 14)

14. Кои примери покажуваат дека е добро да ги пофалиме другите кога сакаме да им дадеме совет?

14 Во една прилика, апостол Павле требало да им даде совет на Коринќаните. Кога го примениле тој совет, Павле ги пофалил (2. Кор. 7:8-11). Сигурно неговите зборови ги поттикнале и понатаму да го прават она што е исправно. Денес, старешините и родителите можат да го следат примерот на апостол Павле. Андреас, кој има две деца, вели: „Кога децата добиваат пофалба, побрзо созреваат во духовен и во емоционален поглед, и поспремни се да прифатат совет. Иако тие знаат што е исправно, им треба постојано охрабрување за да постапуваат така“.

КАКО МОЖЕШ ДА ГИ ОХРАБРУВАШ ДРУГИТЕ

15. Наведи еден начин на кој можеме да ги охрабриме другите.

15 Покажи им на браќата и сестрите дека ги цениш нивните убави особини и нивниот труд (2. Лет. 16:9; Јов 1:8). Кога го правиме тоа, го следиме примерот на Јехова и на Исус. Тие го ценат сиот труд што го вложуваме, дури и ако поради нашите околности не можеме да даваме колку што би сакале. (Прочитај Лука 21:1-4; 2. Коринќаните 8:12.) На пример, свесни сме дека некои наши драги постари браќа и сестри вложуваат голем напор за редовно да доаѓаат на состаноците и да одат во служба. Зарем не треба да ги охрабриме и да ги пофалиме за тоа?

16. Кога можеме да ги охрабруваме другите?

16 Охрабрувај ги другите колку што е можно почесто. Секогаш кога ќе забележиш дека некој прави нешто добро, пофали го. Кога Павле и Варнава биле во Антиохија (во Писидија), настојниците на синагогата им рекле: „Луѓе, браќа, ако имате некаков збор на охрабрување за народот, кажете го!“ Павле ја искористил оваа прилика за да изнесе охрабрувачки говор (Дела 13:13-16, 42-44). Кога ние ги охрабруваме другите, најверојатно и тие ќе нѐ охрабрат нас (Лука 6:38).

17. Кој е најдобриот начин на кој можеме да ги пофалуваме другите?

17 Биди искрен и конкретен. Од начинот на кој Исус ги пофалил христијаните во Тијатира гледаме дека е добро да ги пофалуваме другите за конкретни работи. (Прочитај Откровение 2:18, 19.) Како можеме да го правиме тоа? На пример, ако си родител, пофалувај ги децата за нивниот духовен напредок. Кажувај им ги убавите работи што ги забележуваш кај нив. Освен тоа, можеме да пофалиме и некоја самохрана мајка за начинот на кој ги воспитува децата и покрај тешкотиите со кои се соочува. Искрените и конкретни пофалби навистина можат многу да им значат на другите.

18, 19. Како можеме да си помагаме еден на друг во духовен поглед?

18 Јехова му рекол на Мојсеј да го охрабри и да го зајакне Исус Навин. Се разбира, денес Јехова нема лично да ни каже кого да охрабриме. Сепак, тој многу се радува кога гледа дека се трудиме да ги пофалуваме другите (Изр. 19:17; Евр. 12:12). На пример, кога еден брат ќе одржи говор во нашето собрание, можеме да му кажеме што ни се допаднало. Можеби тоа што го кажал ќе ни помогне да се справиме со некој проблем или подобро да разбереме некој библиски стих. Една сестра му го напишала следново на еден брат што имал говор во нејзиното собрание: „Иако разговаравме само неколку минути, ти ја виде маката во моето срце, ме утеши и ме подигна. Сакам да знаеш дека, тоа што зборуваше на таков љубезен начин, и на бината и лично со мене, ми беше дар од Јехова“.

19 Сигурно ќе можеме да си помагаме еден на друг во духовен поглед ако го послушаме следниов совет на Павле: „Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг, како што веќе и правите“ (1. Сол. 5:11). Ако продолжиме меѓусебно да се охрабруваме секој ден, ќе го радуваме Јеховиното срце!

^ [1] (пасус 1) Некои имиња се сменети.