Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ослободени од стисокот на лажната религија

Ослободени од стисокот на лажната религија

Излезете од неа, народе мој (ОТК. 18:4)

ПЕСНИ: 101, 93

1. Од каде знаеме дека Божјиот народ требало да биде ослободен од Големиот Вавилон, и кои прашања ќе ги разгледаме?

ВО ПРЕТХОДНАТА статија видовме дека верните христијани биле заробени од Големиот Вавилон. Сепак, тие не требало да останат во ропство засекогаш. Бог им заповедал на своите слуги: „Излезете од неа, народе мој“. Оваа заповед не би имала никаква смисла ако никој од нив не би можел да се ослободи од лажната религија. (Прочитај Откровение 18:4.) Но, пред да дознаеме кога Божјиот народ бил целосно ослободен од стисокот на Големиот Вавилон, мора да го дознаеме одговорот на следниве прашања: Каков став зазеле Истражувачите на Библијата во однос на Големиот Вавилон уште пред 1914 год.? Со колкава ревност проповедале во текот на Првата светска војна? И дали во тоа време Божјите слуги биле во ропство на Големиот Вавилон затоа што во некои работи не постапувале во склад со Јеховината волја?

„ПАДОТ НА ВАВИЛОН“

2. На што биле решени Истражувачите на Библијата уште пред Првата светска војна?

2 Многу години пред Првата светска војна, Чарлс Расел и други Истражувачи на Библијата сфатиле дека црквите на христијанскиот свет не ги поучуваат луѓето за вистината од Божјата Реч. Затоа биле решени да ги прекинат сите врски со лажната религија. Уште во 1879 год., во Сионска Стражарска кула пишувало дека секоја црква што тврди дека е верна Христова невеста, а ги поддржува човечките влади, е дел од Големиот Вавилон, кој во Библијата е наречен „блудница“. (Прочитај Откровение 17:1, 2.)

3. Што направиле Истражувачите на Библијата за да покажат дека веќе не се дел од лажната религија? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

3 Верните слуги на Бог знаеле дека ќе го изгубат неговиот благослов ако и понатаму ја поддржуваат лажната религија. Затоа, многумина од нив испратиле писма до своите цркви за да се испишат. Некои дури и јавно го прочитале своето писмо за време на богослужбите. Ако тоа не им било дозволено, му испраќале писмо на секој член на црквата. Истражувачите на Библијата јасно ставиле до знаење дека не сакаат да имаат никаква врска со лажната религија. Со години пред тоа, таквиот чекор можел скапо да ги чини. Но, до 1870 год., црквите во многу земји почнале да ја губат поддршката од владите. Бидејќи не се плашеле од казни, луѓето можеле слободно да зборуваат за Библијата, па дури и јавно да го изразат своето несогласување со учењата на црквите.

4. Дали Истражувачите на Библијата се нашле во ропство на Големиот Вавилон во Првата светска војна? Објасни.

4 Истражувачите на Библијата сфатиле дека не е доволно само да им кажат на блиските пријатели, на семејството и на членовите на својата црква дека повеќе не се дел од лажната религија. Тие сакале цел свет да знае дека Големиот Вавилон е симболична блудница! Затоа, во декември 1917 год. и во почетокот на 1918 год., неколку илјади ревносни Истражувачи на Библијата поделиле 10 милиони примероци од еден трактат во кој имало статија со наслов: „Падот на Вавилон“. Трактатот смело ја разоткрил вистината за црквите на христијанскиот свет. Ништо чудно што црковните водачи биле бесни! Но, тоа не ги спречило Истражувачите на Библијата да продолжат со ова важно дело. Тие биле решени и понатаму да проповедаат и да му се покоруваат на Бог, а не на луѓето (Дела 5:29). Ова ни покажува дека овие христијани не отишле во ропство во текот на Првата светска војна. Напротив, тие почнале да се ослободуваат од лажната религија и да им помагаат и на другите да го сторат истото.

РЕВНОСНИ ВО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

5. Од каде знаеме дека верните браќа и сестри ревносно проповедале во Првата светска војна?

5 Во минатото, сметавме дека слугите на Бог ја изгубиле неговата наклоност во Првата светска војна затоа што не проповедале ревносно. Од таа причина заклучивме дека Јехова дозволил тие за кратко време да бидат одведени во ропство во Големиот Вавилон. Меѓутоа, верните браќа и сестри кои му служеле на Јехова во периодот меѓу 1914 и 1918 год. подоцна објасниле дека, како група, правеле сѐ што можеле за да продолжат да проповедаат. Има цврсти докази дека навистина било така. Тоа што денес имаме поточни сознанија за нашата теократска историја ни помага подобро да разбереме некои настани запишани во Божјата Реч.

6, 7. а) Со кои предизвици се соочиле Истражувачите на Библијата во Првата светска војна? б) Што покажува дека Истражувачите на Библијата навистина биле ревносни?

6 Всушност, во Првата светска војна, Истражувачите на Библијата дале огромно сведоштво. Но, се соочиле и со некои предизвици. Да разгледаме два од нив. Прво, тие не знаеле како да проповедаат само со Библијата. Главно делеле библиска литература и оставале луѓето сами да се информираат. Затоа, кога во почетокот на 1918 год. властите ја забраниле книгата Тајната е разоткриена, на многу браќа не им било лесно да сведочат. Второ, во истата година светот бил зафатен од шпанскиот грип. Оваа ужасна болест била многу заразна и им отежнувала на браќата да патуваат и да проповедаат. И покрај овие предизвици, Истражувачите на Библијата продолжиле со сите сили да го вршат проповедничкото дело.

Истражувачите на Библијата навистина биле ревносни! (Види во пасуси 6-7)

7 Во 1914 год., малата група Истражувачи на Библијата почнала да ја прикажува „Фотодрамата за создавањето“. Таа се состоела од филмски снимки, звучни записи и дијапозитиви во боја. Тоа било нешто невидено дотогаш! Во Фотодрамата била прикажана целата човечка историја — од Адам па сѐ до крајот на Христовото владеење. Само во првата година ја гледале повеќе од 9 милиони луѓе. Тој број е поголем од вкупниот број на Јеховини сведоци во светот денес. Други извештаи покажуваат дека во 1916 год., повеќе од 809.000 луѓе присуствувале на нашите состаноци во САД, а во 1918 год., тој број достигнал речиси 950.000. Истражувачите на Библијата навистина биле ревносни!

8. Како браќата што предводеле ги зајакнале Истражувачите на Библијата во Првата светска војна?

8 Во Првата светска војна, браќата што предводеле вложиле голем труд за да обезбедат библиска литература и да им дадат охрабрување на сите Истражувачи на Библијата. Тоа им помогнало да продолжат да проповедаат. Ричард Барбер, кој ревносно проповедал во тоа време, рекол: „Неколку патувачки надгледници продолжија со својата служба. Освен тоа, продолжи да се печати и Стражарска кула, па дури беше испраќана и во Канада, каде што беше забранета. Јас бев задолжен да им испратам џебни изданија од книгата Тајната е разоткриена на повеќе браќа и сестри чии примероци беа запленети. Брат Ратерфорд сакаше да се организираат конгреси во неколку градови во западниот дел на САД и да се испратат говорници за да ги зајакнат браќата“.

ПОТРЕБА ОД ИСПРАВКА

9. а) Зошто Божјите слуги имале потреба од исправка во периодот меѓу 1914 и 1919 год.? б) Што не треба да заклучиме?

9 Истражувачите на Библијата сепак имале потреба да исправат некои ставови. Тие не разбирале во потполност што значи да им бидат подложни на световните власти (Рим. 13:1). Затоа, како група, не биле секогаш неутрални во војната. На пример, кога на 30 мај 1918 год. претседателот на САД им рекол на луѓето да се молат за мир, Стражарска кула ги поттикнала Истражувачите на Библијата да го прават истото. Некои браќа финансиски ја поддржувале војната, а некои дури и отишле на бојното поле со оружје в рака. Но, би било погрешно да заклучиме дека, во Првата светска војна, Јехова дозволил да бидат заробени од Големиот Вавилон затоа што им требало исправка. Напротив, во тоа време, тие биле речиси целосно одвоени од светското царство на лажната религија. (Прочитај Лука 12:47, 48.)

10. Како Истражувачите на Библијата покажале ценење за светоста на животот?

10 Иако не разбирале во потполност што значи христијанската неутралност, Истражувачите на Библијата знаеле дека е погрешно да убиваат други луѓе. Затоа, дури и малкуте браќа кои станале војници и зеле оружје во Првата светска војна, одбиле да одземат нечиј живот. Некои од оние што не сакале да убиваат биле испратени во првите борбени редови за да бидат убиени.

11. Како реагирале световните власти кога Истражувачите на Библијата одбиле да учествуваат во војната?

11 Ѓаволот бил бесен затоа што нашите браќа му останале верни на Бог. Поради тоа им направил „проблеми со помош на законот“ (Пс. 94:20). Џејмс Френклин Бел, генерал во војската на САД, им кажал на брат Ратерфорд и на брат Ван Амбург дека владата дала предлог да се донесе нов закон со кој ќе може да му се изрече смртна казна на секој што ќе одбие да оди во војна. Истражувачите на Библијата ќе биле најмногу погодени од овој закон. Во излив на гнев, генералот Бел му рекол на брат Ратерфорд: „Законот не беше донесен затоа што [претседателот] Вилсон го спречи тоа. Но, ние знаеме како да ве фатиме, и ќе го сториме тоа!

12, 13. а) Зошто осум браќа биле осудени на долги години затвор? б) Дали затворските казни им ја ослабнале решеноста на овие браќа да му останат послушни на Јехова? Објасни.

12 Владата конечно нашла начин да ги казни Истражувачите на Библијата. Брат Ратерфорд и брат Ван Амбург биле уапсени заедно со шест други претставници на Watch Tower Society. Судијата кој го водел случајот изјавил дека овие браќа се поопасни отколку дивизија германски војници. Исто така, рекол дека дејствувале против владата и војската, и им нанеле срам на сите свештеници на христијанските цркви. Поради тоа, требало да бидат строго казнети (Faith on the March, од А. Мекмилан, стр. 99). Така, овие осум Истражувачи на Библијата биле осудени на долги години затвор во Атланта (Џорџија). Но, кога завршила војната, тие биле пуштени на слобода и сите обвиненија против нив биле повлечени.

13 Дури и додека биле в затвор, овие осум браќа биле решени да му останат послушни на Бог. Од каде го знаеме ова? Тие испратиле писмо до претседателот на САД со кое побарале да бидат пуштени на слобода. Во писмото напишале дека Библијата забранува да убиваме, и дека секој слуга на Бог што нема да ја послуша оваа заповед ќе ја изгуби неговата милост и ќе биде уништен. Браќата објасниле дека тоа е причината зошто не можат и зошто нема да убиваат други луѓе. Тие навистина покажале голема храброст! Без сомнение, овие браќа биле решени да му останат послушни на Јехова.

КОНЕЧНО НА СЛОБОДА!

14. На темел на Библијата, објасни што се случувало од 1914 до 1919 год.

14 Во Малахија 3:1-3 е објаснето што им се случувало на Истражувачите на Библијата во периодот меѓу 1914 год. и почетокот на 1919 год. (Прочитај.) Јехова Бог — „Господарот“, и Исус Христос — „гласникот на сојузот“, дошле да го прегледаат духовниот храм за да проверат во каква состојба се „синовите на Леви“, односно помазаниците. Откако ја добиле потребната исправка и биле пречистени, помазаниците биле спремни за нова задача. Во 1919 год., Исус поставил еден верен и разборит роб, кој требало да ги води и поучува сите Божји слуги (Мат. 24:45). Божјиот народ конечно бил ослободен од ропството на Големиот Вавилон! Оттогаш наваму, тие сѐ подобро ја разбираат Јеховината волја и нивната љубов кон него станува сѐ посилна. Божјите слуги се многу благодарни за овој благослов. [1]

15. Како можеме да покажеме дека сме благодарни затоа што сме ослободени од Големиот Вавилон?

15 Многу сме среќни што сме ослободени од стисокот на Големиот Вавилон. Сатана не успеал да го збрише вистинското христијанство од лицето на Земјата. Сепак, не смееме да заборавиме зошто Јехова нѐ ослободил. Тој сака што повеќе луѓе да се спасат (2. Кор. 6:1). Но, голем број искрени поединци сѐ уште се заробени од лажната религија. Ние можеме да им го покажеме излезот. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да го следиме примерот на нашите верни браќа од минатиот век и да им помогнеме на луѓето да бидат избавени од тоа ропство!

^ [1] (пасус 14) Има многу сличности меѓу она што им се случувало на Евреите кои поминале 70 години во ропство во Вавилон и она што се случувало со христијаните откако се појавило отпадништвото. Меѓутоа, не може да се каже дека ропството на Евреите е пророчка претслика за она што им се случило на христијаните. Затоа не треба да бараме пророчко значење во секој детаљ од заробеништвото на Евреите. На пример, тие останале во ропство 70 години, но христијаните биле заробени од Големиот Вавилон многу подолго.