Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова „ве повикал од темнината“

Јехова „ве повикал од темнината“

Јехова ве повикал од темнината во својата прекрасна светлина (1. ПЕТ. 2:9)

ПЕСНИ: 116, 102

1. Што се случило кога Навуходоносор го нападнал Ерусалим?

ВО 607 год. пр.н.е., цар Навуходоносор II го нападнал Ерусалим со огромна војска. Во врска со крвопролевањето што следело, Библијата вели: „[Навуходоносор] ги погуби со меч нивните младичи во нивното светилиште и не се смилува ни на младич ни на девојка, ни на старец ни на немоќен... И го запали домот на вистинскиот Бог и ги урна ѕидиштата на Ерусалим. Сите утврдени дворци ги изгоре во оган, а и сите скапоцености во нив, и така уништи сѐ“ (2. Лет. 36:17, 19).

2. Какво предупредување им дал Јехова на Евреите?

2 Евреите не требало да бидат изненадени од уништувањето на Ерусалим. Бог со години праќал пророци за да ги предупреди дека, ако продолжат да го кршат неговиот Закон, ќе ги предаде во рацете на Вавилонците. Тој претскажал дека голем број Евреи ќе бидат убиени, а оние што ќе преживеат ќе бидат одведени како заробеници во Вавилон каде што најверојатно ќе останат до крајот на животот (Ерем. 15:2). Како им било на Евреите додека биле во заробеништво? Дали некогаш и христијаните се нашле во ситуација која може да се спореди со заробеништвото во Вавилон? Ако да, кога?

ЖИВОТ ВО ЗАРОБЕНИШТВО

3. Во кој поглед животот на заробениците во Вавилон се разликувал од животот на Израелците во Египет?

3 Јехова им кажал на Евреите дека, кога ќе бидат одведени во ропство, треба да се помират со таа ситуација и да ја искористат најдобро што можат. Преку пророкот Еремија, тој им рекол: „Градете куќи и живејте во нив, садете градини и јадете го нивниот род! И барајте мир за градот во кој ве испратив во изгнанство и молете му се на Јехова за него, зашто во неговиот мир почива и вашиот мир!“ (Ерем. 29:5, 7). Евреите кои им биле послушни на Јеховините зборови воделе речиси нормален живот во Вавилон. Тие имале право самостојно да одлучуваат за многу работи што ги засегале и слободно да патуваат низ земјата. Во тоа време, Вавилон бил средиште на трговијата. Древните документи покажуваат дека, додека биле во ропство, многу Евреи станале вешти трговци и добри занаетчии. Некои дури и се збогатиле. Животот на заробениците во Вавилон не бил толку тежок како животот на Израелците кои биле робови во Египет стотици години пред тоа. (Прочитај 2. Мојсеева 2:23-25.)

4. Кој друг морал да ги трпи лошите последици заедно со непослушните Евреи, и зошто тие не можеле да прават сѐ што барал Божјиот закон?

4 Некои од Евреите кои биле одведени како заробеници биле верни слуги на Бог. И тие морале да ги трпат лошите последици заедно со непослушните Израелци. Евреите во Вавилон имале сѐ што им било потребно во материјален поглед, но како ги задоволувале своите духовни потреби? Јеховиниот храм и жртвеникот биле уништени, а свештенството не можело да служи на организиран начин. Сепак, верните Евреи правеле сѐ што можеле за да го држат Божјиот закон. На пример, Даниел, Седрах, Мисах и Авденаго одбиле да јадат храна што била забранета за Евреите. Освен тоа, Библијата ни открива дека Даниел секој ден му се молел на Бог (Дан. 1:8; 6:10). Меѓутоа, бидејќи биле под власта на пагански народ, верните Евреи не можеле да ги држат сите одредби од Законот.

5. Што му ветил Јехова на својот народ, и зошто тоа ветување било необично?

5 Дали Израелците ќе можеле еден ден повторно да му служат на Бог како што очекувал тој? Во тоа време, ова можеби изгледало невозможно бидејќи Вавилонците никогаш не ги ослободувале заробениците. Сепак, Јехова Бог ветил дека ќе го ослободи својот народ, и навистина го сторил тоа. Тој секогаш си стои на зборот! (Иса. 55:11).

ЗАРОБЕНИШТВО ВО ГОЛЕМИОТ ВАВИЛОН

6, 7. Зошто беше неопходно да направиме промена во нашето разбирање?

6 Дали некогаш и христијаните се нашле во ситуација која може да се спореди со заробеништвото во Вавилон? Со години, во Стражарска кула пишуваше дека верните христијани биле заробени од Големиот Вавилон во 1918 год. и дека биле ослободени во 1919 год. Но, во оваа и во следната статија ќе видиме зошто беше неопходно да направиме промена во ова разбирање.

7 Размисли за следново. Големиот Вавилон е светско царство на лажната религија. Но, Божјиот народ не бил заробен од лажната религија во 1918 год. Напротив, фактите покажуваат дека, во децениите пред Првата светска војна, Божјите слуги почнале да се ослободуваат од ропството на Големиот Вавилон. Иако биле прогонувани во текот на оваа војна, тие трпеле неволји од световните власти, а не од лажната религија. Според тоа, очигледно Јеховиниот народ не бил заробен од Големиот Вавилон во 1918 год.

КОГА БОЖЈИОТ НАРОД БИЛ ЗАРОБЕН ОД ГОЛЕМИОТ ВАВИЛОН?

8. Што се случило по смртта на апостолите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

8 На Педесетница 33 год. од н.е., неколку илјади Евреи и преобратеници биле помазани со свет дух. Тие станале „избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост“. (Прочитај 1. Петрово 2:9, 10.) Апостолите совесно се грижеле за собранијата сѐ до крајот на својот живот. Сепак, особено по нивната смрт, некои мажи во собранијата почнале да шират лажни учења за да ги одвлечат учениците од вистината. Овие луѓе биле привлечени од филозофиите на Аристотел и Платон, и почнале да ги застапуваат нивните идеи наместо вистината од Божјата Реч (Дела 20:30; 2. Сол. 2:6-8). Мнозина од нив имале одговорни положби во собранијата и служеле како надгледници. На тој начин почнала да се формира свештеничка класа, и покрај тоа што Исус им рекол на своите ученици: „Сите вие сте браќа“ (Мат. 23:8).

9. Како отпадничкото христијанство почнало да соработува со римските власти, и со каков резултат?

9 Во 313 год. од н.е., цар Константин законски го признал отпадничкото христијанство во Римското Царство. Оттогаш свештенството почнало тесно да соработува со римските власти. На пример, Константин одржал собир со верските водачи, кој е познат како Вселенски собор во Никеја. По тој собир, свештеникот Ариј бил протеран затоа што одбил да верува дека Исус е Бог. Подоцна, кога на римскиот престол седнал Теодосиј I (379-395 год. од н.е.), отпадничкиот облик на христијанство, наречен католицизам, станал официјална религија во Римското Царство. Историчарите велат дека паганскиот Рим станал „христијански“ во четвртиот век од н.е. за време на овој цар. Но, факт е дека дотогаш отпадничките христијани веќе имале прифатено разни пагански учења, и на тој начин станале дел од Големиот Вавилон. Сепак, сѐ уште имало некои верни помазани христијани. Тие биле како пченицата за која зборувал Исус. Овие верни слуги правеле сѐ што можеле за да му служат на Бог, но нивниот глас постепено бил задушен. (Прочитај Матеј 13:24, 25, 37-39.) Тие навистина станале заробеници во Вавилон!

10. Зошто луѓето почнале да ги доведуваат во прашање црковните учења?

10 Во првите неколку века од н.е., многу луѓе сѐ уште можеле да ја читаат Библијата на грчки или на латински. На тој начин можеле да го споредат она што го вели Божјата Реч со црковните учења. На темел на тоа што го читале во Библијата, некои од нив ги отфрлиле небиблиските верувања на Католичката црква. Но, било многу опасно јавно да го изнесуваат своето мислење бидејќи можеле дури и да бидат убиени.

11. Каква контрола имало свештенството врз Библијата?

11 Како што одминувало времето, сѐ помалку луѓе зборувале грчки и латински. Освен тоа, црковните водачи забранувале Божјата Реч да се преведува на јазиците што ги зборувал обичниот народ. Како резултат на ова, само свештениците и некои други образовани луѓе можеле да ја читаат Библијата. Всушност, дури и некои свештени лица не можеле добро да читаат и да пишуваат! Ако некој не се согласувал со црковните учења, бил сурово казнуван. Верните помазани христијани морале да се собираат во мали групи, а некои воопшто не можеле да се состануваат. Слично на Евреите кои биле во вавилонско ропство, помазаното „царско свештенство“ не можело да му служи на Бог на организиран начин. Големиот Вавилон навистина ги држел луѓето во челичен стисок!

БЛЕСНУВА ЗРАК СВЕТЛИНА

12, 13. Кои две работи им дале причина за надеж на вистинските христијани?

12 Дали вистинските христијани ќе можеле еден ден слободно да му служат на Бог? Да. Еден зрак светлина го разбил долговековниот духовен мрак. Две важни работи дале причина за надеж. Првата била пронаоѓањето на печатарската машина со подвижни букви во средината на 15 век. Пред тоа Библијата била рачно препишувана. Ова воопшто не било лесно. Се смета дека на еден вешт препишувач му биле потребни и до десет месеци за да направи само еден препис. Освен тоа, Божјата Реч се препишувала на пергамент, материјал направен од животинска кожа. Затоа имало малку примероци, и тие биле многу скапи. Но, со помош на печатарска машина и хартија, еден искусен печатар можел да отпечати повеќе од 1.300 страници на ден.

Пронаоѓањето на печатарската машина и ревноста на храбрите преведувачи на Библијата го ослабнале влијанието на Големиот Вавилон (Види во пасуси 12-13)

13 Втората работа била преведувањето на Библијата. Во почетокот на 16 век, неколку храбри мажи ја превеле Божјата Реч на јазици што ги зборувале обичните луѓе. Тие го направиле ова иако знаеле дека можат да го изгубат животот. Црковните водачи ги обзел ужас! Се исплашиле бидејќи биле свесни дека Библијата може да биде опасно оружје во рацете на искрените и богобојазливи луѓе, кои ќе почнеле да прашуваат: „Каде во Божјата Реч се зборува за чистилиште? Каде пишува дека треба да му се плаќа на свештеникот за да одржи миса за мртвиот? Каде во Библијата се спомнуваат папи и кардинали?“ Голем број лажни црковни учења се темелеле на филозофиите на Аристотел и Платон, кои живееле стотици години пред Христос. Затоа свештениците биле многу лути кога луѓето ги оспорувале таквите учења. Оние што ги отфрлале црковните догми биле прогласувани за еретици и осудувани на смрт. Црковните водачи сакале да ги спречат луѓето да ја читаат Библијата и да поставуваат прашања, и во голема мера успеале во тоа. Сепак, неколку храбри поединци не се исплашиле од заканите на Големиот Вавилон. Тие ја пронашле вистината од Божјата Реч и сакале да дознаат уште повеќе. Избавувањето од ропството на лажната религија било на повидок!

14. а) Што направиле луѓето кои сакале да ја проучуваат Библијата? б) На кој начин брат Расел трагал по вистината?

14 Мнозина кои биле жедни за библиската вистина избегале во земји во кои Католичката црква немала толку силно влијание. Тие сакале да ја читаат и да ја проучуваат Библијата, и да зборуваат за она што го учеле без некој да им кажува што да мислат. Една од тие земји била САД. Таму, во 1870 год., Чарлс Расел и некои други започнале темелно да ја проучуваат Библијата. Отпрвин, брат Расел сакал да дознае која религија поучува за вистината. Тој внимателно ги испитал учењата на многу таканаречени христијански, па дури и на некои нехристијански религии, и ги споредил со она што е запишано во Библијата. Набрзо сфатил дека ниту една од тие религии не се држи целосно за Божјата Реч. Во една прилика, брат Расел зборувал со водачите на неколку локални цркви со надеж дека ќе ги прифатат вистините што тој и неговите соработници ги пронашле во Библијата, и дека ќе ги поучуваат верниците за нив. Но, тие не биле заинтересирани. Истражувачите на Библијата наскоро сфатиле дека не можат да му служат на Бог заедно со оние што биле дел од лажната религија. (Прочитај 2. Коринќаните 6:14.)

15. а) Кога вистинските христијани се нашле во ропство на Големиот Вавилон? б) Кои прашања ќе бидат одговорени во следната статија?

15 Во оваа статија видовме дека вистинските христијани се нашле во ропство на Големиот Вавилон набрзо по смртта на апостолите. Сепак, треба да одговориме и на следниве прашања: Зошто сме сигурни дека помазаниците почнале да се ослободуваат од Големиот Вавилон во годините пред 1914? Дали Јехова не бил задоволен од своите слуги затоа што можеби забавиле со проповедањето во Првата светска војна? Дали некои наши браќа во тој период ја изгубиле Јеховината милост затоа што ја прекршиле својата христијанска неутралност? И, ако христијаните се нашле во ропство на лажната религија по смртта на апостолите, кога биле ослободени? Овие важни прашања ќе бидат одговорени во следната статија.