Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Јехова е твое засолниште?

Дали Јехова е твое засолниште?

Јехова ја откупува душата на своите слуги, и никој кому тој му е прибежиште, нема да биде виновен (ПС. 34:22)

ПЕСНИ: 8, 54

1. Како се чувствуваат многу верни Божји слуги поради несовршеноста?

„БЕДЕН човек сум јас!“ (Рим. 7:24). Зборовите на апостол Павле добро опишуваат како се чувствуваат многу верни слуги на Јехова. Зошто? Иако од срце сакаме да го радуваме Бог, поради несовршеноста не успеваме секогаш во тоа, и затоа се разочаруваме. Некои што направиле тежок грев дури си мислат дека Јехова никогаш нема да им прости.

2. а) Како Псалм 34:22 ни покажува дека Божјите слуги не треба да се измачуваат со претерано чувство на вина? б) Што ќе разгледаме во оваа статија? (Види ја рамката „ Поуки или пророчки претслики?“)

2 Од Библијата дознаваме дека, ако Јехова е наше засолниште, не треба да нѐ измачува претерано чувство на вина. (Прочитај Псалм 34:22.) Што значи да бараме засолниште кај Јехова? Што мора да правиме ако сакаме Јехова да биде милостив кон нас и да ни прости? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме така што ќе дознаеме нешто повеќе за градовите-прибежишта во древниот Израел. Тие постоеле додека Израелците биле под сојузот на Законот, кој важел до Педесетница 33 год. од н.е. Бидејќи овој Закон го дал Јехова, градовите-прибежишта ни помагаат да дознаеме како гледа тој на гревот, на престапниците и на оние што се каат. Најпрво, да видиме зошто постоеле такви градови и како биле организирани.

„ОДРЕДЕТЕ СИ ГРАДОВИ-ПРИБЕЖИШТА“

3. Што требало Израелците да направат со оној што намерно убил некого?

3 Јехова гледал сериозно на секое убиство во древниот Израел. Оној што намерно ќе убиел некого требало да биде убиен од најблискиот машки роднина на жртвата, наречен „одмаздник за крв“ (4. Мој. 35:19). Така убиецот плаќал со својот живот за животот на невината жртва. Ако убиецот не бил брзо погубен, Ветената земја би се извалкала и повеќе не би била света. Во врска со пролевањето човечка крв, Јехова заповедал: „Немојте да ја извалкате земјата во која живеете, бидејќи крвта ја валка земјата“ (4. Мој. 35:33, 34).

4. Што се случувало ако некој Израелец ненамерно убиел некого?

4 А што се случувало кога некој Израелец ненамерно ќе убиел некого? Иако смртта била случајна, тој бил виновен за пролевање невина крв (1. Мој. 9:5). Сепак, Јехова милостиво дозволувал ненамерниот убиец да побегне од одмаздникот за крв во еден од шесте градови-прибежишта. Така ќе можел да биде заштитен, но само ако останел таму сѐ до смртта на првосвештеникот (4. Мој. 35:15, 28).

5. Зошто градовите-прибежишта можат да ни помогнат да дознаеме нешто повеќе за Јехова?

5 Градовите-прибежишта не биле идеја на некој човек. Самиот Јехова им рекол на Израелците да си одредат такви градови. Тој му заповедал на Исус Навин да им каже на синовите на Израел: „Одредете си градови-прибежишта“ (Ис. Нав. 20:1, 2, 7, 8). Бидејќи Јехова одлучил тие градови да бидат одвоени за посебна намена, би можеле да се прашаме: „Како градовите-прибежишта ни помагаат подобро да ја разбереме Јеховината милост? И, што учиме од нив за тоа како можеме ние денес да најдеме засолниште кај Јехова?“

„НЕКА ИМ ГО ИЗНЕСЕ СВОЈОТ СЛУЧАЈ НА СТАРЕШИНИТЕ“

6, 7. а) Опиши каква улога имале старешините во судењето на еден ненамерен убиец. (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Зошто било мудро бегалецот да разговара со старешините?

6 Ако некој Израелец ненамерно убиел некого, тој морал да побегне во еден од градовите-прибежишта и да „им го изнесе својот случај на старешините“ на градската порта. Тие требало срдечно да го примат (Ис. Нав. 20:4). По некое време, го испраќале во градот каде што се случило убиството за да му судат тамошните старешини. (Прочитај 4. Мојсеева 35:24, 25.) Ако тие пресуделе дека убиството било ненамерно, го враќале тоа лице во градот-прибежиште.

7 Зошто бегалецот морал да разговара со старешините? Бидејќи тие имале одговорност да ја зачуваат чистотата на израелскиот народ и да му помогнат на ненамерниот убиец да добие милост од Јехова. Еден библиски изучувач напишал дека, ако бегалецот не отишол кај старешините, би можел да биде убиен. Изучувачот додал дека бегалецот би бил самиот виновен за својата смрт бидејќи не го направил она што го заповедал Бог. Ако сакал да остане жив, ненамерниот убиец морало да побара помош и да ја прифати. Доколку не отишол во еден од градовите-прибежишта, најблискиот роднина на убиената жртва имал право да го погуби.

8, 9. Зошто еден Божји слуга што направил тежок грев треба да побара помош од старешините?

8 Ако денес некој Божји слуга направи тежок грев, треба да побара помош од старешините за духовно да закрепне. Зошто е важно ова? Како прво, Јехова одредил старешините да донесуваат одлуки во случаи кога е направен тежок грев (Јак. 5:14-16). Второ, старешините можат да им помогнат на грешниците што се каат повторно да ја стекнат Божјата милост и да престанат да грешат (Гал. 6:1; Евр. 12:11). Трето, старешините се обучени и имаат одговорност да ги охрабрат таквите лица и да им ги ублажат болката и чувството на вина. Јехова ги нарекол таквите старешини „прибежиште од бура“ (Иса. 32:1, 2). Ова е еден начин на кој Бог покажува милост кон нас.

9 Откако разговарале со старешините и добиле помош од нив, многу Божји слуги почувствувале олеснување. На пример, еден брат по име Даниел направил тежок грев, но неколку месеци не им кажал за тоа на старешините. Тој вели: „Откако помина толку време, си мислев дека веќе е предоцна да барам помош од старешините“. Сепак, постојано се плашел дека некој ќе дознае за неговиот грев. Исто така, чувствувал дека мора на почетокот од секоја молитва да му се извинува на Јехова за она што го сторил. На крајот, Даниел побарал помош од старешините. Тој се сеќава: „Се плашев да им кажам на старешините. Но откако го сторив тоа, се чувствував како некој да ми тргнал голем товар од плеќите. Сега можам без никаква пречка да му се молам на Јехова“. Денес, Даниел има чиста совест и од неодамна е именуван за слуга-помошник.

„НЕКА ПОБЕГНЕ ВО НЕКОЈ ОД ТИЕ ГРАДОВИ“

10. Што требало да прави еден бегалец доколку сакал да му биде простено?

10 Ненамерниот убиец морал веднаш да побегне до најблискиот град-прибежиште доколку сакал да му биде простено. (Прочитај Исус Навин 20:4.) За да си го спаси животот, бегалецот морал да стигне до градот што е можно побрзо и да остане во него сѐ до смртта на првосвештеникот. Тоа значело дека ќе морал да направи некои жртви — да ги остави работата, својот удобен дом и слободата да патува * (4. Мој. 35:25). Но, таквите жртви навистина вределе. Доколку во кое и да било време го напуштел градот-прибежиште, бегалецот би покажал дека не му е жал што убил човек и би го довел својот живот во опасност.

11. Како може еден Божји слуга кој се кае да покаже дека не очекува Јехова автоматски да му покаже милост?

11 И денес, еден грешник што се кае мора да преземе одредени чекори за Јехова да му прости. Мора да престане со своето грешно постапување. Во тоа спаѓа и сѐ што би можело да води до тежок грев. Апостол Павле опишал што направиле христијаните во Коринт кои се каеле за своите гревови. Во Библијата пишува: „Токму тоа што сте се разжалостиле во склад со Божјата волја родило горливост во вас, и исчистување, и огорчување, и страв, и искрена желба за каење, и ревност, и исправање на она што е погрешно“ (2. Кор. 7:10, 11). Според тоа, ако даваме сѐ од себе за да престанеме да постапуваме погрешно, ќе му покажеме на Јехова дека сме многу загрижени за нашата состојба и дека не очекуваме тој автоматски да ни покаже милост.

12. Од што можеби ќе мора да се откаже еден Божји слуга за да остане во милоста на Јехова?

12 Од што можеби ќе мора да се откаже еден Божји слуга за да остане во милоста на Јехова? Мора да биде решен да се откаже дури и од работи кои многу ги сака ако тие би можеле да го наведат на грев (Мат. 18:8, 9). На пример, дали ќе престанеш да се дружиш со пријателите кои те наведуваат да правиш работи што Јехова не ги сака? Ако ти е тешко да си поставиш граници во пиењето алкохол, дали ќе избегнуваш ситуации кои би те навеле да пиеш премногу? Ако се бориш со неморални желби, дали ќе бидеш решен да не гледаш филмови, да не отвораш интернет-страници и да не правиш ништо друго што би ти создало нечисти мисли? Не заборавај дека вреди секоја жртва што ја правиш за да му останеш послушен на Јехова. Нема ништо полошо од чувството дека Јехова нѐ напуштил. А нема ништо подобро од тоа вечно да ја чувствуваме неговата љубов (Иса. 54:7, 8, фус.).

„НЕКА ВИ СЛУЖАТ КАКО ПРИБЕЖИШТА“

13. Објасни зошто еден бегалец можел да се чувствува безбедно и да води среќен живот во градот-прибежиште?

13 Откако ќе влезел во градот-прибежиште, бегалецот бил на безбедно. Во врска со тие градови, Јехова рекол: „Нека ви служат како прибежишта“ (Ис. Нав. 20:2, 3). Јехова не барал бегалецот повторно да биде суден за истиот престап. Исто така, на одмаздникот за крв не му било дозволено да влезе во градот за да го погуби. Додека бил во градот, бегалецот можел да се чувствува безбедно бидејќи бил заштитен од Јехова. Тој не се наоѓал во затвор. Можел да работи, да им помага на другите и во мир да му служи на Јехова. Всушност, можел да води среќен и исполнет живот!

Биди потполно уверен дека Јехова спремно ти простува (Види во пасуси 14-16)

14. Во што може да биде уверен еден Божји слуга кој се кае?

14 Некои од Божјите слуги кои направиле тешки гревови сѐ уште ги измачуваат чувства на вина иако се покајале. Некои дури мислат дека Јехова не го заборава нивниот престап и дека секогаш ќе гледа на нив како на големи грешници. Ако и ти се чувствуваш така, биди уверен дека, кога Јехова ти простува, тоа го прави целосно. Затоа, повеќе не треба да чувствуваш вина. Ова било случај и со Даниел кој го спомнавме претходно. Откако старешините го разгледале неговиот случај и му помогнале повторно да има чиста совест, почувствувал големо олеснување. Тој рекол: „Повеќе не морав да се чувствувам виновен. Кога Јехова еднаш ќе ни прости некој грев, тој е простен засекогаш. Како што самиот ветил, го зема нашиот товар, го отстранува далеку од нас и никогаш повторно не мора да го носиме“. Откако ќе влезел во градот-прибежиште, бегалецот повеќе не морал да се плаши дека одмаздникот за крв ќе дојде и ќе го убие. Слично на тоа, откако Јехова ќе го прости нашиот грев, нема потреба да се плашиме дека повторно ќе го спомне или ќе ни суди поради него. (Прочитај Псалм 103:8-12.)

15, 16. Зошто улогата на Исус како Откупител и Првосвештеник ти ја зајакнува довербата во Божјата милост?

15 Всушност, ние имаме уште поголема причина од Израелците да покажеме доверба во милоста на Јехова. Откако кажал колку бедно се чувствувал бидејќи не можел совршено да му биде послушен на Јехова, Павле рекол: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господар!“ (Рим. 7:25). Што сакал да каже со тоа? Иако во минатото се борел со грешни желби и правел големи гревови, Павле се покајал. Затоа имал доверба дека Јехова му простил на темел на откупната жртва на Исус. Бидејќи Исус ја платил откупнината, можеме да имаме чиста совест и внатрешен мир (Евр. 9:13, 14). Како наш Првосвештеник, Исус „може во потполност да ги спаси оние што преку него му пристапуваат на Бог, бидејќи секогаш е жив за да се зазема за нив“ (Евр. 7:24, 25). Во минатото, улогата на првосвештеникот ги уверувала Израелците дека Јехова ќе им ги прости гревовите. Бидејќи Исус е наш Првосвештеник, колку повеќе ние треба да сме уверени дека Бог може „да ни покаже милосрдие и да ни покаже незаслужена доброта кога ќе ни треба помош“ (Евр. 4:15, 16).

16 Ако сакаш Јехова да биде твое засолниште, мора да имаш вера во жртвата на Исус. Немој да мислиш дека откупнината се применува само на човештвото како целина. Имај вера дека откупнината важи за тебе лично (Гал. 2:20, 21). Имај вера дека поради откупнината, Јехова ги простува твоите гревови. Имај вера дека откупнината тебе ти дава надеж за вечен живот. Жртвата на Исус е подарок од Јехова за тебе!

17. Зошто сакаш Јехова да биде твое засолниште?

17 Градовите-прибежишта можат да ни помогнат да разбереме колку е милостив Јехова. Преку нив сфаќаме дека животот е свет. Тие ни покажуваат како можат да ни помогнат старешините, што значи вистински да се каеме и зошто можеме да бидеме потполно сигурни дека Јехова ни простува. Дали Јехова е твоето засолниште? Нема побезбедно место од тоа! (Пс. 91:1, 2). Во следната статија ќе видиме како градовите-прибежишта можат да ни помогнат да постапуваме како Јехова — најдобриот пример за правда и милост.

^ пас. 10 Според некои еврејски изучувачи, веројатно и членовите на најблиското семејство на бегалецот се преселувале во градот-прибежиште за да живеат со него.