Дали сте знаеле?
Дали во минатото се случувало некој да посади какол на туѓа нива?
СПОРЕД Матеј 13:24-26, Исус рекол: „Со царството небесно е како со човек кој посеа добро семе на својата нива. Додека луѓето спиеја, дојде неговиот непријател, посеа какол меѓу пченицата и си отиде. А кога посевот изникна и даде плод, тогаш се појави и каколот“. Некои историчари сметаат дека оваа споредба не се темели на реални ситуации. Сепак, постојат правни документи од времето на древниот Рим кои потврдуваат дека вакво нешто навистина се случувало.
Во еден библиски речник пишува дека римскиот закон забранувал некој да посее какол на туѓа нива со цел да се одмазди. Штом имало ваков закон, разумно е да заклучиме дека такво нешто навистина се случувало. Аластер Кер, правен експерт, објаснува дека во 533 год. од н.е., римскиот император Јустинијан издал збирка од постари правни текстови (Digesta), која била еден вид резиме на римскиот закон и содржела цитати од правници кои живееле од околу 100 до 250 год. од н.е. Еден од тие правници, Улпијан, се осврнал на еден случај од вториот век. Некој човек посеал какол на туѓа нива и, како резултат на тоа, приносот бил уништен. Во збирката што ја издал Јустинијан биле наведени законските права што ги имал земјоделецот, според кои можел да бара парична оштета од престапникот за претрпената загуба.
Значи, споредбата што ја кажал Исус очигледно се темели на нешто што навистина се случувало во Римското Царство.
Колкава слобода имале еврејските власти во Јудеја за време на Римското Царство?
ВО ПРВИОТ век од н.е., Јудеја била под римска власт. Римјаните поставиле управител кој располагал со војска. Главната должност на управителот била да собира даноци, и да го одржува редот и мирот. На Римјаните им било важно да ги сузбијат незаконските дејства и да ги казнат оние што го нарушувале мирот, а секојдневните административни работи во провинцијата им ги препуштале на локалните водачи.
Судскиот совет бил еврејски врховен суд и највисок авторитет во толкувањето на еврејските закони. Но, низ цела Јудеја имало и нижи судови. Веројатно римските власти не се мешале во повеќето граѓански и кривични случаи што ги разгледувале тие. Сепак, еврејските судови немале право да изречат смртна казна. Тоа право римските власти главно си го задржале за себе. Еден познат исклучок е кога членовите на Судскиот совет го осудиле Стефан на смртна казна со каменување (Дела 6:8-15; 7:54-60).
Еврејскиот Судски совет имал доста големи овластувања, но имал и ограничувања. Според изучувачот Емил Ширер, најсериозното ограничување било тоа што „римските власти можеле во секое време да ги преземат работите во свои раце и да ги решат сами, како што правеле во случаи кога сметале дека се работи за престап против државата“. Еден таков случај имало за време на воениот заповедник Клавдиј Лисиј, кој го ставил в затвор апостол Павле како римски граѓанин (Дела 23:26-30).