Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Остани духовно јак додека служиш во собрание на друг јазик

Остани духовно јак додека служиш во собрание на друг јазик

Ја ставив твојата реч во своето срце (ПС. 119:11)

ПЕСНИ: 142, 92

1-3. а) Што треба секогаш да ни биде најважно? б) Со кои посебни предизвици се соочуваат оние што учат нов јазик, и кои прашања се поставуваат? (Види ја сликата погоре.)

ДЕНЕС, илјадници Јеховини сведоци ја проповедаат добрата вест „на секој народ и племе и јазик и народност“, и на тој начин го исполнуваат пророштвото запишано во Откровение 14:6. Дали можеби и ти учиш друг јазик? Некои служат како мисионери или проповедаат во други земји каде што има потреба од повеќе објавители. А некои, пак, почнале да одат на состаноци во собрание на друг јазик во својата земја.

2 На сите Божји слуги треба да им биде најважно да ги задоволат своите духовни потреби и да се грижат за духовноста на своето семејство (Мат. 5:3). Но, понекогаш сме толку зафатени што немаме време длабоко да проучуваме. А оние што служат во собрание на друг јазик се соочуваат и со додатни предизвици.

3 Освен што треба да учат нов јазик, тие мора да продолжат редовно да се хранат со тврда духовна храна (1. Кор. 2:10). Како можат да го прават тоа ако не го разбираат добро јазикот на кој се зборува во собранието? И зошто е важно христијаните кои служат во собрание на друг јазик да се уверат дека вистината допира до срцето на нивните деца?

ЗАКАНА ЗА НАШЕТО ПРИЈАТЕЛСТВО СО ЈЕХОВА

4. Што може да го доведе во опасност нашето пријателство со Јехова? Наведи пример.

4 Ако не ја разбираме библиската вистина на јазикот што го учиме, тоа може да претставува сериозна закана за нашето пријателство со Јехова. На пример, кога Неемија се вратил во Ерусалим, забележал дека некои од децата на повратниците од Вавилон не знаеле да зборуваат хебрејски. (Прочитај Неемија 13:23, 24.) Бидејќи не можеле да ги разберат Божјите зборови, нивниот однос со Јехова ослабнал (Неем. 8:2, 8).

5, 6. Што забележуваат некои родители кои служат во собрание на друг јазик, и која е причината за тој проблем?

5 Некои родители што служат во собрание на друг јазик забележуваат дека нивните деца го губат интересот за вистината. Бидејќи не го разбираат во потполност она што се кажува на состаноците, поуките не ги поттикнуваат да постапуваат во склад со Јеховината волја. Педро, [1] кој се преселил со своето семејство во друга земја, вели: „Кога се зборува за духовните работи, многу е важно тие да допрат до срцето“ (Лука 24:32).

6 Не е исто кога читаме на друг јазик и кога читаме на мајчин јазик. Мајчиниот јазик обично повеќе нѐ допира до срце. Освен тоа, бидејќи е многу напорно да се комуницира на друг јазик, тоа може да нѐ исцрпи и психички и духовно. Затоа, иако не е погрешно да ја разгоруваме нашата желба да служиме во собрание на друг јазик, мора да внимаваме и да останеме духовно јаки (Мат. 4:4).

ТИЕ ГО ЗАЧУВАЛЕ СВОЈОТ БЛИЗОК ОДНОС СО ЈЕХОВА

7. Како Вавилонците се обиделе да му ја наметнат својата култура и религија на Даниел?

7 Кога Даниел и неговите пријатели биле одведени како заробеници во Вавилон, Вавилонците се обиделе да им ја наметнат својата култура и религија. На кој начин? Така што ги поучиле „за јазикот на Халдејците“ и им дале вавилонски имиња (Дан. 1:3-7). На пример, името кое му го дале на Даниел било поврзано со Вел, главниот бог на Вавилонците. Веројатно цар Навуходоносор сакал да му стави до знаење дека овој вавилонски бог е помоќен од Јехова, богот на кој му служел Даниел (Дан. 4:8).

8. Што му помогнало на Даниел да остане близок со Јехова?

8 Иако на Даниел му понудиле да јаде од „избраните царски јадења“, тој во своето срце одлучил да не го прекрши Божјиот закон (Дан. 1:8). Бидејќи продолжил да ги проучува „книгите“, односно светите списи напишани на хебрејски јазик, тој останал близок со Јехова додека живеел во туѓа земја (Дан. 9:2). Всушност, околу 70 години откако бил доведен во Вавилон, сѐ уште бил познат по своето еврејско име, Даниел (Дан. 5:13).

9. Каков став имал писателот на Псалм 119 кон Божјите зборови?

9 Друг пример е писателот на Псалм 119. Тој цврсто решил да биде поинаков од другите, и покрај тоа што некои од кнезовите на царскиот двор го исмејувале и зборувале против него. Слично на Даниел, овој псалмист црпел сила од Божјите зборови и дозволил тие да продрат длабоко во неговото срце (Пс. 119:23, 61; прочитај Псалм 119:11, 46).

ЗАЈАКНУВАЈ ГО СВОЈОТ ОДНОС СО ЈЕХОВА

10, 11. а) Со која цел треба да ја проучуваме Библијата? б) Како може да ја постигнеме нашата цел? Наведи пример.

10 Иако можеби одиме на световна работа и имаме многу одговорности во собранието, сите ние треба да одвојуваме време за лично и семејно проучување (Еф. 5:15, 16). Целта не треба да ни биде да прочитаме што повеќе страници или да подготвиме коментар за состанок. Напротив, најважно треба да ни биде Божјата Реч да продре длабоко во нас и да ни ја зајакне верата.

11 За да го постигнеме тоа, треба да бидеме урамнотежени. Кога проучуваме, не треба да мислиме само на потребите на другите туку и на нашите лични потреби (Фил. 1:9, 10). Мора да имаме на ум дека, кога се подготвуваме за служба, за состанок или за некоја точка од програмата, можеби не размислуваме секогаш како тоа што го читаме се однесува на нас. Да наведеме еден пример. Иако мора да пробува од јадењето додека готви за другите, готвачот не може да живее само од тоа што го поткаснува. За да има сила и да биде здрав, мора редовно да готви хранливи оброци и за себе. Слично на тоа, за да си го зајакнуваме односот со Јехова, мора редовно да земаме духовна храна со која ќе ги задоволиме нашите лични потреби.

12, 13. Зошто мнозина увиделе дека е подобро да ја проучуваат Библијата на својот мајчин јазик?

12 Мнозина од оние што служат во собрание на друг јазик увиделе дека е подобро редовно да ја проучуваат Библијата на својот мајчин јазик (Дела 2:8). И мисионерите знаат дека, за да останат духовно јаки додека служат во друга земја, не можат да се потпрат само на она што го разбираат на состаноците.

13 Ален, кој учи персиски речиси осум години, вели: „Кога се подготвувам за состаноците на персиски, главно се концентрирам на јазикот. Бидејќи тоа е само еден вид вежба за умот, она што го читам честопати не ми допира до срцето. Затоа редовно одвојувам време да ги проучувам Библијата и другите публикации на мојот мајчин јазик“.

ДОПРИ ДО СРЦЕТО НА СВОИТЕ ДЕЦА

14. Што треба да прават родителите, и зошто?

14 Родителите треба да дадат сѐ од себе за да може вистината постепено да продре во умот и во срцето на нивните деца. Размисли за Серж и за неговата жена, Мјуриел. Откако повеќе од три години служеле во собрание на друг јазик, тие забележале дека службата и состаноците веќе не му причинуваат радост на нивниот син, кој тогаш имал 17 години. Мјуриел вели: „Го нервираше тоа што во служба мораше да зборува на друг јазик, иако претходно многу сакаше да проповеда на француски, неговиот мајчин јазик“. Серж објаснува: „Кога сфативме дека тоа го спречува неговиот духовен напредок, решивме да се вратиме во поранешното собрание“.

Дај сѐ од себе за вистината да продре во срцето на твоите деца (Види во пасуси 14-15)

15. а) Што ќе им помогне на родителите да одлучат дали да се вратат во собранието каде што се зборува јазикот кој децата најдобро го разбираат? б) Кој совет им е даден на родителите во 5. Мојсеева 6:5-7?

15 Што ќе им помогне на родителите да решат дали да се вратат во собранието каде што се зборува јазикот кој нивните деца најдобро го разбираат? Прво, треба да размислат дали навистина имаат доволно време и сила да им всадуваат на децата љубов кон Јехова и истовремено да им помагаат да го научат новиот јазик. Второ, можеби ќе забележат дека нивните деца не сакаат да проповедаат, да одат на состаноци, па дури ни да служат во собрание на друг јазик. Од тие причини, некои родители одлучуваат да се вратат во собранието каде што се зборува јазикот кој нивните деца најдобро го разбираат. Откако децата ќе стекнат близок однос со Јехова, родителите можеби ќе решат повторно да служат во собрание на друг јазик. (Прочитај 5. Мојсеева 6:5-7.)

16, 17. Како некои родители успеваат да ги поучуваат децата за Јехова додека служат во собрание на друг јазик?

16 Сепак, некои родители успеваат да ги поучуваат децата за Јехова на нивниот мајчин јазик додека истовремено одат на состаноци во собрание или во група на друг јазик. Шарл има три ќерки на возраст меѓу 9 и 13 години. Како семејство, тие одат на состаноци во една група на јазикот лингала. Тој вели: „Одлучивме да проучуваме со ќерките и да ја одржуваме Семејната вечер на нашиот мајчин јазик“. Но, за да им биде забавно на децата додека го учат јазикот лингала, Шарл вели дека заедно играат игри, вежбаат поздрави и презентации за служба, и подготвуваат коментари на тој јазик.

Вложи труд да го научиш локалниот јазик и да учествуваш на состаноците (Види во пасуси 16-17)

17 Кевин има две ќерки на возраст од пет и осум години. И тие служат како семејство во собрание на друг јазик. Кевин многу се труди да ги поучува девојчињата за вистината бидејќи тие сѐ уште не разбираат добро што се зборува на состаноците. Тој вели: „Јас и жена ми ја проучуваме Библијата со двете деца на француски, нашиот мајчин јазик. Освен тоа, си поставивме цел еднаш месечно да одиме на состанок на француски, а земаме и слободни денови за да одиме на конгреси на нашиот јазик“.

18. а) Како начелото од Римјаните 15:1, 2 може да ти помогне да одредиш што е најдобро во духовен поглед за твоите деца? б) Какви предлози дале некои родители? (Види ја фуснотата.)

18 Се разбира, родителите мора сами да одлучат што е најдобро во духовен поглед за нивните деца [2] (Гал. 6:5). Мјуриел вели дека, иако и таа и маж ѝ многу сакале да продолжат да служат во собрание на друг јазик, сепак одлучиле да се вратат во старото собрание за да може нивниот син духовно да зајакне. (Прочитај Римјаните 15:1, 2.) Денес Серж е уверен дека донеле исправна одлука. Тој вели: „Откако се вративме во собранието на француски јазик, нашиот син духовно напредуваше и се крсти. Сега служи како општ пионер, па дури и размислува повторно да се префрли во група на друг јазик!“

ДОЗВОЛИ БОЖЈАТА РЕЧ ДА ДОПРЕ ДО ТВОЕТО СРЦЕ

19, 20. Како може да покажеме дека навистина ја сакаме Божјата Реч?

19 Затоа што ги сака сите луѓе, Јехова се погрижил неговата Реч, Библијата, да биде достапна на стотици јазици. На тој начин „најразлични луѓе“ можат „добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4). Тој знае дека најдобро ќе ги задоволиме нашите духовни потреби ако ги читаме неговите мисли на јазикот на нашето срце.

20 Без оглед на нашите лични околности, сите треба да даваме сѐ од себе за да го зачуваме нашиот близок однос со Јехова. Ќе успееме во тоа ако ја проучуваме Библијата на јазикот што најдобро го разбираме. Така ќе му помогнеме и на нашето семејство да остане блиско со Јехова, и ќе покажеме дека навистина ја сакаме неговата Реч (Пс. 119:11).

^ [1] (пасус 5) Имињата се сменети.

^ [2] (пасус 18) Види ја статијата „Подигање деца во странска земја — предизвиците и наградите“ во Стражарска кула од 15 октомври 2002, каде што се изнесени и други библиски начела кои можат да му помогнат на твоето семејство.