Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажи дека имаш вера во Јеховините ветувања

Покажи дека имаш вера во Јеховините ветувања

Верата е доказ за она што е вистинско, иако не се гледа (ЕВР. 11:1)

ПЕСНИ: 54, 125

1. Како треба да гледаме на верата?

ВЕРАТА е скапоцена особина која не ја поседуваат сите луѓе (2. Сол. 3:2). Јехова му ја дава на секој свој слуга (Рим. 12:3; Гал. 5:22). Зар не сме многу благодарни поради тоа?

2, 3. а) Какви благослови ќе добиеме ако имаме вера? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

2 Нашиот небесен Татко ги привлекува луѓето кон себе преку својот Син. Кога некој ќе стекне вера во Исус, може да добие простување на гревовите. Благодарение на тоа, може да му биде пријател на Бог во сета вечност (Јован 6:44, 65; Рим. 6:23). Тоа е навистина огромен благослов! Бидејќи сме грешници, ние заслужуваме смрт (Пс. 103:10). Но, Јехова видел нешто добро во нас и, поради својата незаслужена доброта, ни го отворил срцето за да ја прифатиме библиската порака. Затоа што сме поверувале во Исус и сме станале негови следбеници, имаме надеж дека ќе живееме засекогаш. (Прочитај 1. Јованово 4:9, 10.)

3 Но што, всушност, е верата? Дали може да се каже дека имаме вера само затоа што знаеме што направил Бог за нас и што ќе направи во иднина? Што мора да правиме за да покажеме дека имаме вера? Да ги разгледаме овие прашања.

„СО СРЦЕТО СЕ ВЕРУВА“

4. На што нѐ поттикнува вистинската вера?

4 За да покажеме вистинска вера во Јехова и во Исус, не е доволно само да знаеме која е Божјата намера со луѓето. Верата кај нас разгорува силна желба да постапуваме во склад со Јеховината волја и да им ја пренесуваме добрата вест на другите. Апостол Павле рекол: „Ако со својата уста ја објавуваш таа ‚реч‘ — дека Исус е Господар — и ако во своето срце веруваш дека Бог го подигна од мртвите, ќе бидеш спасен. Зашто, со срцето се верува, и така се постигнува праведност, а со устата се објавува верата, и така се постигнува спасение“ (Рим. 10:9, 10; 2. Кор. 4:13).

5. Зошто верата е толку важна, и што треба да правиме за да останеме цврсти во верата? Наведи пример.

5 За да живееме вечно во Божјиот нов свет, мора да стекнеме вера и да ја зачуваме. Верата е како растение кое постојано се менува. Тоа ќе расте и ќе цвета ако редовно се залева, но ако не му се става доволно вода ќе почне да венее и на крајот потполно ќе се исуши. Ако не внимаваме, истото може да се случи и со нашата вера. Мора да се трудиме да останеме „здрави во верата“ и да даваме сѐ од себе за таа и понатаму да „расте“ (Тит 2:2; 2. Сол. 1:3; Лука 22:32; Евр. 3:12).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА ЗА ВЕРАТА

6. Според Евреите 11:1, со кои две работи е поврзана верата?

6 Библијата објаснува што е верата во Евреите 11:1. (Прочитај.) Оваа особина е поврзана со две работи кои не се гледаат. 1) Верата е „цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“. Во работите на кои се надеваме спаѓаат Божјите ветувања за иднината, како што е ветувањето дека ќе му дојде крај на сето зло и дека ќе има нов свет. 2) Верата е „доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“. Ние сме уверени дека Јехова Бог, Исус Христос, ангелите и небесното Царство постојат иако не можеме да ги видиме (Евр. 11:3). Како може да покажеме дека навистина веруваме во Божјите ветувања и во она што не се гледа? Со нашите зборови и постапки, односно со нашиот начин на живот.

7. Што учиме за верата од примерот на Ное? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

7 Што учиме за верата од примерот на Ное? Во врска со него, апостол Павле рекол: „Откако Бог го предупреди за она што сѐ уште не се гледаше — [Ное] покажа дека се бои од Бог и изгради арка за спасение на својот дом“ (Евр. 11:7). Бидејќи поверувал во она што му го кажал Јехова, овој Божји слуга ја изградил таа огромна арка. Неговите соседи сигурно го прашувале зошто го прави тоа. Дали тој си молчел или им рекол да си ја гледаат работата? Во никој случај! Библијата го нарекува Ное „проповедникот на праведноста“ (2. Пет. 2:5). Тој ги предупредувал луѓето дека Бог ќе пушти потоп за да ги уништи злите. Веројатно им го пренел истото што му го кажал Јехова: „Гледам дека дојде време да им ставам крај на сите суштества, зашто ја наполнија земјата со насилство“ и „ќе ги пуштам на земјата водите на потопот за да го уништат секое суштество под небото во кое има здив на животот. Ќе изгине сѐ на земјата“. Потоа Ное сигурно им објаснил што треба да прават за да преживеат. Јеховината заповед била: „Влези во арката“ (1. Мој. 6:13, 17, 18).

8. Што кажал Јаков во врска со верата?

8 И ученикот Јаков зборувал за верата во своето послание, кое веројатно го напишал кратко откако Павле го дал описот за верата во посланието до Евреите. Јаков напишал: „Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам својата вера преку своите дела“ (Јак. 2:18). Тој објаснил дека не е доволно само да веруваме. И демоните веруваат дека постои Бог, но немаат вера во него, туку му се противат со сите сили (Јак. 2:19, 20). Од друга страна, во врска со еден верен Божји слуга од минатото, Јаков вели: „Зарем Авраам, нашиот татко, не беше прогласен за праведен поради неговите дела, кога на жртвеникот го принесе својот син Исак? Гледаш дека неговата вера им се придружи на неговите дела, и преку делата му се усоврши верата“. А потоа, за да нагласи колку е важно верата да се поткрепи со дела, тој напишал: „Како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јак. 2:21-23, 26).

9, 10. Како апостол Јован ни помага да сфатиме колку е важно да покажуваме вера во Синот?

9 Повеќе од 30 години подоцна, Јован го напишал своето евангелие и трите посланија. Слично на другите библиски писатели, и тој многу добро знаел што, всушност, е верата. Во своите списи, Јован на многу места користи еден грчки глагол што понекогаш се преведува со „покажува вера“.

10 На пример, тој објаснил: „Кој верува во Синот, има вечен живот. Кој не му е послушен на Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него“ (Јован 3:36). За да покажеме дека навистина имаме вера во Синот, ние мора да бидеме послушни на неговите заповеди. Јован честопати ги цитирал зборовите на Исус од кои јасно се гледа дека мора постојано да покажуваме вера ако сакаме Бог да ни подари вечен живот (Јован 3:16; 6:29, 40; 11:25, 26; 14:1, 12).

11. Како може да му покажеме на Јехова дека сме благодарни што ја знаеме вистината?

11 Преку својот свет дух, Јехова ни помогнал да ја разбереме вистината за него и за неговиот Син, и да покажуваме вера во нив. (Прочитај Лука 10:21.) Треба постојано да му благодариме на Јехова што нѐ привлекол кон себеси преку својот Син, кој е „Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера“ (Евр. 12:2). Ќе покажеме дека ја цениме Божјата незаслужена доброта ако и понатаму си ја зајакнуваме верата со тоа што редовно ќе му се молиме и ќе ја проучуваме неговата Реч (Еф. 6:18; 1. Пет. 2:2).

Покажувај вера така што во секоја прилика ќе им зборуваш на другите за добрата вест (Види во пасус 12)

12. Што ќе правиме ако имаме вера?

12 Ние треба и понатаму да покажуваме со нашите дела дека имаме цврста вера во Јеховините ветувања. Како го правиме тоа? Така што продолжуваме да им проповедаме на луѓето за Божјето Царство и да им помагаме да станат ученици на Исус. Освен тоа, „им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“ (Гал. 6:10). Исто така, со сите сили се трудиме да ја соблечеме старата личност и нејзините дела бидејќи не сакаме ништо да го наруши нашето пријателство со Јехова (Кол. 3:5, 8-10).

„БЕЗ ВЕРА НЕ Е МОЖНО ДА МУ СЕ УГОДИ НА БОГ“

13. Колку е важна верата во Бог, и зошто?

13 Библијата вели: „Без вера не е можно да му се угоди на Бог, зашто оној што му пристапува мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евр. 11:6). Божјата Реч исто така покажува дека верата е една од основните работи што мора да ја има секој вистински христијанин. Во Евреите 6:1, таа е споредена со дел од темелот на една градба. Но, за да ја зачуваме Божјата љубов и да останеме негови пријатели, верата треба да ја дополниме и со други важни особини. (Прочитај 2. Петрово 1:5-7; Јуда 20, 21.)

14, 15. Зошто е важно да имаме и љубов, а не само вера?

14 Библиските писатели ја спомнуваат верата повеќе од која и да било друга особина. Дали тоа значи дека верата е најважната особина која треба да ја имаме?

15 Во врска со верата и љубовта, Павле напишал: „Да [ја] имам... и сета вера, така што и планини да преместувам, а љубов немам, ништо не сум“ (1. Кор. 13:2). Исус нагласил колку е важна љубовта кон Бог кога рекол дека тоа е „најголемата заповед во Законот“ (Мат. 22:35-40). Љубовта ни помага да развиеме и многу други особини кои му се допаѓаат на Бог. На пример, Библијата вели дека љубовта „сѐ верува“. Со други зборови, таа ни помага да изградиме вера во сето она што ни го кажал Бог во својата Реч.

16, 17. а) Што вели Библијата за верата и за љубовта? б) Која од овие особини е поважна, и зошто?

16 И верата и љубовта се многу важни особини. Затоа, библиските писатели честопати ги спомнуваат заедно. На пример, Павле ги поттикнал своите браќа да го стават на градите „оклопот на верата и љубовта“ (1. Сол. 5:8). Петар напишал: „Иако никогаш не сте го виделе [Исус], вие го сакате. Иако сега не го гледате, сепак верувате во него“ (1. Пет. 1:8). Јаков ги прашал своите помазани браќа: „Зарем Бог не ги избра оние што се сиромашни во светот за да бидат богати во верата и наследници на царството, кое им го вети на оние што го сакаат?“ (Јак. 2:5). А апостол Јован напишал дека Бог ни заповеда „да веруваме во името на неговиот Син, Исус Христос, и да се сакаме еден со друг“ (1. Јов. 3:23).

17 Сепак, апостол Павле исто така напишал: „Сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта. Но најголема од нив е љубовта“ (1. Кор. 13:13). Во иднина, ќе нема потреба да веруваме во Божјите ветувања за новиот свет бидејќи тие ќе се исполнат, и сите ќе уживаме во благословите за кои зборува Библијата. Но, секогаш ќе треба да го сакаме Бог и нашите ближни. Всушност, нашата љубов кон нив ќе продолжи да расте во сета вечност.

СИЛЕН ДОКАЗ ЗА ВИСТИНСКА ВЕРА

18, 19. Што е силен доказ за верата на Божјиот народ денес, и кому му припаѓа заслугата за тоа?

18 Јеховините слуги денес покажуваат вера во Божјето Царство и му даваат целосна поддршка. Освен тоа, тие се сакаат еден со друг затоа што дозволуваат Божјиот дух да ги води во животот (Гал. 5:22, 23). Благодарение на тоа, низ целиот свет се шири еден духовен рај кој сега има повеќе од осум милиони жители! Сите тие живеат заедно во единство и мир. Тоа е силен доказ за вистинска христијанска вера и љубов!

19 Ова единство не е резултат на човечки напори. Сета заслуга му припаѓа на Бог. Она што го постигнуваме е „на слава на Јехова, како вечен знак што нема да биде уништен“ (Иса. 55:13). Ние сме многу благодарни што тој ни дал прекрасен дар — да бидеме „спасени преку верата“ (Еф. 2:8). Нашиот духовен рај ќе продолжи да се шири и да цвета сѐ додека целата Земја не се наполни со совршени, праведни и среќни луѓе кои вечно ќе го фалат Јеховиното име. Затоа, да продолжиме и понатаму да покажуваме вера во Божјите ветувања!