Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Зошто Исус ја осудил навиката на Евреите да се заколнуваат?

СПОРЕД Мојсеевиот закон, имало ситуации во кои Евреите смееле да се заколнуваат. Сепак, во времето на Исус, заколнувањето станало толку честа навика што Евреите се колнеле речиси за сѐ што кажувале. Тоа го правеле за нивните зборови да звучат поуверливо, но Исус во два наврати ја осудил оваа бескорисна навика. Тој рекол: „Кога ќе речете: ’Да‘, тоа нека значи ’да‘, а кога ќе речете: ’Не‘, тоа нека значи ’не‘“ (Мат. 5:33-37; 23:16-22).

Во еден теолошки речник пишува дека во Талмудот е детално објаснето кои заклетви Евреите морало да ги одржат, а кои смееле да ги прекршат. Тоа ни покажува дека тие многу често се заколнувале за да ги уверат другите дека она што го кажуваат е вистина (Theological Dictionary of the New Testament).

Исус не бил единствениот кој ја осудил оваа погрешна навика. На пример, во врска со членовите на една еврејска секта, историчарот Јосиф Флавиј рекол: „Тие не сакаат да се заколнуваат и сметаат дека заколнувањето е полошо од лажењето“. Тој исто така рекол дека според нив, ако некој треба да се заколне за другите да му веруваат, тогаш тој мора да е лажливец. Во еврејската апокрифна книга Мудрост Сирахова (23:11) пишува нешто слично: „Човек што често се колне, со беззаконие се исполнува“. Исус рекол дека не треба да се заколнуваме за неважни работи. Ако секогаш ја кажуваме вистината, нема потреба да се заколнуваме за да звучиме поуверливо.