Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Помогнете им на вашите деца да си ја зајакнат верата

Помогнете им на вашите деца да си ја зајакнат верата

Младичи и девици, фалете го Јеховиното име (ПС. 148:12, 13)

ПЕСНИ: 88, 115

1, 2. а) Со каков предизвик се соочуваат родителите, и како можат да се справат со него? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

„ТОА што ние веруваме во Јехова не мора да значи дека и нашите деца ќе веруваат во него“, рекол еден брачен пар од Франција. „Никој од нас не се родил со вера. Децата треба да ја стекнуваат постепено.“ Еден брат од Австралија напишал: „Најголемиот предизвик со кој се соочуваат родителите е да му помогнат на детето да развие вера во своето срце“. Тој додал: „Таман кога ќе си помислиш дека си му дал добар одговор на одредено прашање, по некое време тоа пак те прашува за истата работа!“ Додека децата растат, родителите сфаќаат дека мора повторно да ги објаснуваат истите работи, но со повеќе детали. Освен тоа, мора да користат и различни методи на поучување за да им всадат љубов кон Јехова.

2 Ако си родител, се прашуваш ли понекогаш дали ќе можеш да му помогнеш на детето да го засака Јехова за да му служи и кога ќе порасне? Всушност, никој од нас не може да успее во тоа ако се потпира само на својата мудрост (Ерем. 10:23). Мора да бараме водство од Бог. Тој им дал на родителите многу совети. Како можеш да им помогнеш на децата да си ја зајакнат верата? Во оваа статија ќе разгледаме четири работи: 1) добро запознај ги своите деца; 2) поучувај ги за вистините кои си ги всадил во своето срце; 3) користи споредби; и 4) моли се за свет дух и биди стрплив.

ДОБРО ЗАПОЗНАЈ ГИ СВОИТЕ ДЕЦА

3. Како можат родителите да го следат примерот на Исус додека ги поучуваат децата?

3 Исус имал обичај да ги прашува своите ученици што мислат (Мат. 16:13-15). И ти можеш да го следиш неговиот пример. Додека зборуваш со своите деца или додека правите нешто заедно, прашај ги што мислат за некоја работа и дозволи им отворено да си кажат како се чувствуваат. Дали можеби се борат со некакви сомнежи? Еден брат од Австралија, кој има 15 години, вели: „Татко ми честопати зборува со мене за вистината и ми помага самиот да донесувам заклучоци. Обично ме прашува: ‚Што вели Библијата?‘ ‚Дали веруваш во тоа?‘ ‚Зошто веруваш?‘ Сака да одговарам со свои зборови, а не само да го повторувам она што ми го кажале тој или мајка ми. Се разбира, сега очекува да дадам поопширно објаснување од порано“.

4. Зошто е важно да обрнеш внимание на прашањата на твоето дете? Наведи пример.

4 Ако твоето дете се сомнева во некое библиско учење, немој да реагираш избрзано или да заземаш одбранбен став. Наместо тоа, биди стрплив и помогни му да најде одговор на своите прашања. Еден татко вели: „Обрни внимание на прашањата на детето. Немој да мислиш дека се неважни, и не избегнувај разговор на некои теми само затоа што ти се непријатни“. Всушност, добро е кога детето прашува бидејќи тоа значи дека сака да ги разбере работите. Дури и Исус поставувал прашања кога бил мал. (Прочитај Лука 2:46.) Едно 15-годишно момче од Данска вели: „Еднаш, кога реков дека не сум сигурен дали нашата религија е вистинската, моите родители останаа смирени, иако можеби тоа ги загрижи. Со помош на Библијата, ми ги одговорија сите прашања“.

5. Што треба да прават родителите дури и ако им се чини дека децата имаат вера?

5 Добро запознај ги своите деца. Дознај што мислат, што чувствуваат и што ги загрижува. Немој да мислиш дека имаат вера во Јехова само затоа што одат во служба и на состаноци. Потруди се да откриеш дали нешто им отежнува да му останат верни на Бог. Разговарајте за духовни работи секој ден додека правите нешто заедно. Моли се за своите деца — и кога си со нив и кога си сам.

ПОУЧУВАЈ ГИ ЗА ВИСТИНИТЕ ШТО СИ ГИ ВСАДИЛ ВО СВОЕТО СРЦЕ

6. Како проучувањето на Библијата и публикациите ќе ги оспособи родителите уште подобро да ги поучуваат децата?

6 Исус успеал да допре до срцето на оние што го слушале затоа што го сакал Јехова, ја сакал неговата Реч и ги сакал луѓето (Лука 24:32; Јован 7:46). Ако имаат таква љубов, и родителите ќе можат да допрат до срцето на децата. (Прочитај 5. Мојсеева 6:5-8; Лука 6:45.) Затоа, родители, продолжете внимателно да ја проучувате Библијата и редовно читајте ги нашите публикации. Трудете се да дознаете нешто повеќе за Божјите творби и проучувајте ги статиите на тие теми во нашите публикации (Мат. 6:26, 28). Така ќе го продлабочите своето знаење и своето ценење за Јехова. Тоа ќе ве оспособи уште подобро да ги поучувате децата (Лука 6:40).

7, 8. Кој ќе биде резултатот ако родителите најпрво ја всадат вистината во своето срце? Наведи примери.

7 Кога ќе ја всадиш библиската вистина во своето срце, ќе сакаш да зборуваш за неа и со своите деца. Прави го тоа во секое време, а не само на Семејната вечер или кога се подготвувате за состанок. Таквите разговори треба да бидат дел од вашето секојдневие и да си дојдат спонтано. Токму тоа го прави еден брачен пар од САД. Тие зборуваат за Јехова со своите деца кога јадат вкусна храна или кога ќе видат нешто убаво во природата. „Ги потсетуваме децата дека Божјата љубов и мудрост се гледаат во сето она што ни го дал“, велат тие. Двајца родители од Јужноафриканската Република ги поучуваат своите две ќерки за Божјите творби додека работат заедно во градината. Ги користат ваквите прилики за да истакнат разни аспекти на созданието, како што е чудесниот начин на кој едно мало семче ’рти и се развива во прекрасно растение. Тие велат: „Се трудиме да им помогнеме на децата да сфатат колку е сложен живиот свет и да стекнат длабоко ценење за него“.

8 Еден татко од Австралија го одвел своето 10-годишно синче во музеј, и ја искористил таа прилика за да го поучи дека Јехова е Творец на сѐ. Тој вели: „Разгледавме една изложба на фосили од морски суштества наречени амонити и трилобити. Тие беа прекрасни, сложени и потполно развиени, исто како животинските видови што постојат денес. Ако животот се развивал од многу едноставни облици, зошто овие првобитни суштества уште од самиот почеток биле толку сложени?“ Воодушевен од изложбата, тој ги споделил заклучоците со својот син.

ПОУЧУВАЈ СО СПОРЕДБИ

9. а) Зошто е добро родителите да користат споредби? б) Која споредба ја употребила една мајка од Јапонија?

9 Исус често користел споредби затоа што тие поттикнуваат на размислување, допираат до срце и полесно се памтат (Мат. 13:34, 35). Децата имаат бујна фантазија. Затоа, родители, трудете се да користите многу споредби кога ги поучувате. Една мајка од Јапонија го правела токму тоа. Кога едниот син имал осум, а другиот десет години, таа сакала да ги поучи за атмосферата и за тоа колку внимателно Јехова ја подготвил за нас. Затоа употребила споредба која можеле да ја разберат. Им дала млеко, кафе и шеќер, и им рекла да ѝ направат по една шолја кафе. Тие го подготвиле кафето многу внимателно бидејќи сакале да биде токму такво какво што го пие мајка им. Таа го искористила ова за да им објасни дека и Бог ги измешал гасовите многу внимателно кога ја подготвил атмосферата за нас. На децата им било забавно, и никогаш не го заборавиле она што го научиле!

Користи едноставни споредби за да ја зајакнеш верата на своите деца (Види во пасус 10)

10, 11. а) Со кои споредби можеш да им помогнеш на децата да сфатат дека има Творец? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Кои споредби си ги користел ти?

10 Како би можел да му објасниш на детето дека мора да постои Творец? Можете заедно да направите торта. Кажи му зошто е важно внимателно да се следи рецептот. А потоа дај му едно јаболко и прашај го: „Знаеш ли дека и за јаболкото има рецепт?“ Пресечи го на две и дај му една семка. Објасни му дека рецептот е „напишан“ во семката, но дека е многу посложен од рецептот за тортата. Прашај го: „Ако некој го напишал рецептот за тортата, тогаш кој го напишал рецептот за јаболкото?“ Доколку детето е поголемо, би можел да му објасниш дека рецептот за јаболкото, а и за дрвото на кое расте тоа, се наоѓа во гените. Исто така, би можел да му покажеш некои од сликите и примерите на страници 10 до 20 во брошурата Пет важни прашања за потеклото на животот. [1]

11 Многу родители ја читаат заедно со своите деца рубриката „Случајно или создадено?“ која излегува во Разбудете се! Ако децата се многу мали, родителите може да им го објаснат материјалот на едноставен начин. На пример, еден брачен пар од Данска ја употребил следнава споредба. „Авионите се како птици“, рекле тие. „Но, дали можат да несат јајца од кои се испилуваат авиончиња? Дали на птиците им требаат писти за слетување? Што е поубаво — пеењето на птиците или бучењето на авионот? Тогаш, кој е помудар, тој што го направил авионот или тој што ги создал птиците?“ Кога разговараш со децата на ваков начин и кога им поставуваш прашања, им помагаш да ја развијат „способноста за расудување“ и да ја зајакнат својата вера во Јехова (Изр. 2:10-12).

12. Со кои споредби би можел да го поучиш своето дете дека сѐ што е запишано во Библијата е вистина?

12 Можеш да користиш споредби и за да ги поучиш децата дека сѐ што е запишано во Библијата е вистина. На пример, би можел да го прочиташ Јов 26:7. (Прочитај.) Како да му помогнеш на детето да сфати дека таа изјава е од Бог? Наместо само да му го кажеш тоа како факт, поттикни го да размислува. Спомни му дека во времето на Јов луѓето не верувале дека Земјата лебди во вселената. Тие знаеле дека секој предмет мора да стои на нешто. Би можел да земеш топка или камен за да му покажеш дека тоа е така до ден-денес. Како можел Јов да знае дека Земјата е „обесена на ништо“ кога во тоа време немало ни телескопи ни вселенски бродови? Очигледно, она што е запишано во Библијата во врска со Земјината топка мора да е од Јехова. Тој дал да се запишат точни информации долго време пред луѓето да ги потврдат (Неем. 9:6).

ОБЈАСНИ ИМ ДЕКА БИБЛИСКИТЕ СОВЕТИ СЕ ЗА НИВНО ДОБРО

13, 14. Како родителите можат да им помогнат на децата да сфатат дека библиските совети се за нивно добро?

13 Многу е важно да им објасниш на децата дека ќе бидат среќни само ако ги слушаат советите од Библијата. (Прочитај Псалм 1:1-3.) Би можел да го направиш тоа на повеќе начини. На пример, кажи им да си замислат дека треба да живеат на еден остров и дека треба да изберат луѓе кои ќе ги поведат со себе. Потоа прашај ги: „Какви особини мора да имаат тие луѓе за да можете да живеете во мир и слога?“ Откако ќе одговорат, би можел да им прочиташ Галатите 5:19-23 за да им покажеш какви луѓе ќе избере Јехова да живеат во новиот свет.

14 На овој начин децата ќе извлечат две важни поуки. Прво, со начелата што ни ги дал во Библијата, Јехова ни помага да бидеме среќни уште сега и да живееме во мир со другите. И второ, со тоа што нѐ поучува денес, нѐ подготвува за живот во новиот свет (Иса. 54:13; Јован 17:3). Освен тоа, би можел да им покажеш на децата како Божјата Реч им помага на сохристијаните. На пример, најди некое искуство од нашите публикации, можеби од рубриката „Библијата менува животи“, која излегува во Стражарска кула. Или, пак, замоли некого од собранието да ви раскаже како библиските совети му помогнале да направи промени за да го радува Јехова (Евр. 4:12).

15. Како можеш делотворно да ги поучуваш своите деца?

15 Биди креативен и користи ја фантазијата за да ги поучуваш децата на интересен начин. Размислувај како можеш да им помогнеш со уживање да учат за Јехова и да се зближат со него. Никогаш не престанувај да ги поучуваш! Еден татко вели: „Постојано барај нови начини да ги поучуваш за истите теми“.

МОЛИ СЕ ЗА СВЕТ ДУХ И БИДИ СТРПЛИВ

16. Зошто родителите мора да бидат стрпливи додека ги поучуваат децата? Наведи примери.

16 Со помош на светиот дух, твоите деца можат да стекнат силна вера (Гал. 5:22, 23). Но, за тоа е потребно време, исто како што треба време за да созрее еден плод. Затоа, биди стрплив и продолжи да ги поучуваш. Еден татко од Јапонија, кој има син и ќерка, вели: „Јас и жена ми ги опсипувавме децата со внимание. Уште кога беа малечки, проучував со нив по 15 минути секој ден, освен во деновите кога имавме состанок. Тоа не беше премногу ниту за нас ниту за нив“. Еден покраински надгледник напишал: „Како тинејџер, ме измачуваа многу прашања и сомнежи. Но, со текот на времето, повеќето од нив ми се разјаснија благодарение на состаноците, како и на семејното и личното проучување. Од огромна важност е родителите да не престанат со поучувањето“.

За добро да ги поучуваш децата, мора прво да ја всадиш Божјата Реч во своето срце (Види во пасус 17)

17. а) Зошто е важно родителите да ја зајакнуваат својата вера? б) Како еден брачен пар им ја зајакнува верата на своите ќерки?

17 Многу е важно да ги поучуваш децата со својот личен пример. Тие гледаат што правиш, и ако видат дека ти имаш силна вера во Јехова, тоа сигурно ќе влијае добро врз нив. Затоа, родители, и понатаму зајакнувајте ја својата вера. Вашите деца треба да видат дека Јехова ви е реален. Што прави еден брачен пар од Бермудските Острови кога нивното семејство се соочува со проблеми? Тие се молат заедно со своите ќерки и бараат водство од Јехова. Освен тоа, ги поттикнуваат и самите да се молат. „На постарата ќерка ѝ велиме: ‚Имај целосна доверба во Јехова, прави сѐ што можеш во службата и немој претерано да се грижиш‘. Кога гледа како се решаваат проблемите, таа сфаќа дека Јехова ни помага. Ова многу ѝ ја зајакнува верата во Бог и во Библијата“.

18. Што треба да имаат на ум родителите?

18 Се разбира, децата мора самите да стекнат вера. Како родители, вие садите и залевате, но Бог дава да расте (1. Кор. 3:6). Затоа, трудете се со сите сили да ги поучувате вашите сакани деца за Јехова, и молете се неговиот дух да им помогне да стекнат вера. Бидете уверени дека тој ќе го благослови вашиот труд (Еф. 6:4).

^ [1] (пасус 10) Оваа брошура ја нема на македонски јазик, но достапна е на српски и на хрватски.