Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Следи го водството што ни го дава Јехова

Следи го водството што ни го дава Јехова

МУДРА ОДЛУКА НА ЕДНА СЕСТРА ОД ПОЛСКА

„ИМАВ 15 години кога се крстив, а шест месеци подоцна почнав да служам како помошен пионер. По една година, дадов молба за општа пионерска служба. Кога завршив средно училиште, се ставив на располагање да служам на место каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Сакав да си заминам од градот во кој живеев заедно со баба ми, која не е Јеховин сведок. Ми падна многу тешко кога покраинскиот надгледник ми рече дека сум доделена да служам баш во мојот роден град. Не му кажав како се чувствувам. Си заминав со наведната глава, размислувајќи за тоа што ми го кажа. На сестрата со која служев заедно како пионер, ѝ реков: ‚Се чувствувам како Јона. Но, на крајот тој сепак отишол во Ниневија. И јас ќе ја прифатам задачата и ќе останам овде‘.

Веќе четири години сум пионер во мојот роден град, и сфаќам дека беше многу мудро што го следев водството кое ми беше дадено. Всушност, главниот проблем беше тоа што имав негативен став. Но, сега сум многу среќна. Во текот на еден месец успеав да водам 24 библиски курсеви. А благодарение на Јехова, започнав да ја проучувам Библијата и со баба ми, која порано беше противник.“

ДОБРИ РЕЗУЛТАТИ НА ФИЏИ

Една интересентка од Фиџи морала да одлучи дали ќе оди на конгрес или ќе оди со својот маж на роденден кај еден роднина. Маж ѝ ѝ дозволил да оди на конгрес. Таа му рекла дека ќе дојде на прославата откако ќе заврши програмата. Сепак, кога се вратила дома од конгресот, сфатила дека е подобро да не се доведува во ситуација во која би можела да направи компромис. Затоа не отишла на роденденската прослава.

Во меѓувреме, нејзиниот маж им кажал на роднините дека, на негово барање, жена му ќе дојде на прославата по „состанокот на Сведоците“. Тие му рекле: „Таа нема да дојде — Јеховините сведоци не слават родендени“. *

Наместо да се налути што не дошла на роденденот, нејзиниот маж бил многу горд што таа не ги погазила своите верувања и својата совест. Бидејќи донела исправна одлука, оваа жена подоцна имала прилика да му посведочи и нему и на другите. Каков бил резултатот? Мажот почнал да ја проучува Библијата и да доаѓа на нашите состаноци.

^ пас. 7 Види ја статијата од рубриката „Прашања од читателите“ која излезе во Стражарска кула од 15 декември 2001.