Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Биди храбар... и почни да градиш“

„Биди храбар... и почни да градиш“

Биди храбар и силен и почни да градиш! Не бој се и не плаши се, зашто со тебе е Јехова (1. ЛЕТ. 28:20)

ПЕСНИ: 60, 29

1, 2. а) Каква важна задача добил Соломон? б) Зошто Давид бил загрижен за Соломон?

СОЛОМОН добил една посебна задача од Јехова. Тој требало да го надгледува градењето на храмот во Ерусалим, еден од најважните градежни проекти на сите времиња! Храмот требало да биде „посебно величествен“ и прочуен по својата убавина. Што е уште поважно, тој требало да биде „домот на Јехова, вистинскиот Бог“ (1. Лет. 22:1, 5, 9-11).

2 Цар Давид бил уверен дека Бог ќе го поддржува Соломон. Сепак, тој бил загрижен бидејќи Соломон бил „млад и неискусен“. Дали ќе има храброст да ја прифати задачата да го изгради храмот? Дали младоста и неискуството ќе му бидат пречка? За успешно да ја изврши задачата, на Соломон му била потребна храброст.

3. Што можел Соломон да научи за храброста од неговиот татко?

3 Соломон сигурно научил многу за храброста од Давид. Кога бил млад, Давид се борел со диви животни кои ги нападнале овците на неговиот татко (1. Сам. 17:34, 35). Исто така, покажал голема храброст кога излегол да се бори со силниот и страшен џин Голијат. Бидејќи Јехова му помогнал, Давид го победил Голијат само со еден камен (1. Сам. 17:45, 49, 50).

4. Зошто на Соломон му била потребна храброст?

4 Бидејќи самиот бил храбар, било сосема соодветно тоа што Давид го поттикнал и Соломон да биде храбар и да го изгради храмот. (Прочитај 1. Летописи 28:20.) Доколку Соломон не бил храбар, стравот можел да го парализира и да го спречи да почне да гради. Тоа ќе било полошо отколку неуспешно да ја извршел задачата.

5. Зошто ни е потребна храброст?

5 Слично како Соломон, и нам ни е потребна помошта од Јехова за да бидеме храбри и да го правиме она што тој го очекува од нас. Затоа, да разгледаме примери на некои луѓе од минатото кои покажале храброст. Потоа ќе видиме како можеме ние да покажеме храброст и да ги извршиме нашите задачи.

ПРИМЕРИ ЗА ХРАБРОСТ

6. Што ти остава впечаток во врска со храброста на Јосиф?

6 Јосиф покажал храброст кога жената на Петефри го наговарала да има сексуални односи со неа. Тој сигурно бил свесен дека, со тоа што ја одбива, животот може да му биде загрозен. Но, наместо да подлегне на искушението, Јосиф покажал храброст и решително се спротивставил (1. Мој. 39:10, 12).

7. Како Раав покажала храброст? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

7 Друг пример за храброст е Раав. Кога во нејзиниот дом во Ерихон дошле двајца израелски извидници, таа можела да се уплаши и да одбие да им помогне. Но, бидејќи имала доверба во Јехова, таа покажала храброст со тоа што ги скрила и им помогнала безбедно да избегаат (Ис. Нав. 2:4, 5, 9, 12-16). Раав верувала дека Јехова е вистинскиот Бог и била уверена дека тој на некој начин ќе им ја даде земјата на Израелците. Таа не дозволила стравот од другите, вклучувајќи го и царот на Ерихон и неговите луѓе, да ја парализира. Наместо тоа, постапила храбро, и така се спасила себеси и своето семејство (Ис. Нав. 6:22, 23).

8. Како храброста на Исус влијаела врз апостолите?

8 И верните апостоли на Исус оставиле добар пример за храброст. Тоа што виделе како Исус ја покажувал оваа особина им помогнало и ним да бидат храбри (Мат. 8:28-32; Јован 2:13-17; 18:3-5). Кога садукеите се обиделе да ги спречат да поучуваат за Исус, апостолите не ги послушале (Дела 5:17, 18, 27-29).

9. Како 2. Тимотеј 1:7 ни помага да видиме од каде доаѓа храброста?

9 Јосиф, Раав, Исус и апостолите биле решени да го прават она што е исправно. Тие покажале храброст, но не затоа што се потпирале на себеси, туку затоа што имале доверба во Јехова. Кога ни е потребна храброст, и ние треба да се потпираме на Јехова, а не на себеси. (Прочитај 2. Тимотеј 1:7.) Да разгледаме две полиња од животот на кои ни треба храброст: во семејството и во собранието.

СИТУАЦИИ КОИ БАРААТ ХРАБРОСТ

10. Зошто на младите им е потребна храброст?

10 Нашите млади се соочуваат со многу ситуации во кои им е потребна храброст за да му служат на Јехова. Тие можат да учат од Соломон и да го следат неговиот пример. Тој покажал храброст со тоа што донел мудри одлуки кои му помогнале да ја заврши изградбата на храмот. Младите можат да добијат совети од своите родители и треба да го следат нивното водство. Сепак, тие и самите треба да донесат важни одлуки (Изр. 27:11). Ним им е потребна храброст за да носат мудри одлуки во врска со тоа со кого да се дружат, како да се забавуваат, како да останат морално чисти и кога да се крстат. Потребна им е навистина голема храброст бидејќи на тој начин постапуваат спротивно на волјата на Сатана, оној кој му се подбива на Јехова.

11, 12. а) Како Мојсеј покажал храброст? б) Како можат младите да го следат примерот на Мојсеј?

11 Една важна одлука што младите мора да ја донесат е какви цели ќе си постават. Во некои земји, младите се под притисок да стекнат високо образование и да најдат добро платена работа. Во други земји, поради лошата економска ситуација младите можеби се чувствуваат под притисок дека најважно треба да им биде да работат за да им помогнат на семејствата. Ако и ти си во некоја од овие ситуации, размисли за примерот на Мојсеј. Тој бил одгледан од ќерката на фараонот, и затоа можел да си постави цел да стане угледен и многу богат. Замисли колку голем притисок чувствувал од своето египетско семејство, од учителите и од советниците! Но, Мојсеј бил храбар и решил да биде заедно со Божјиот народ. Откако го напуштил Египет со сето негово богатство, Мојсеј целосно се потпирал на Бог (Евр. 11:24-26). Поради тоа, Јехова многу го благословил, а несомнено ќе го благослови уште повеќе во иднина.

12 Јехова ќе ги благослови и младите кои храбро си поставуваат духовни цели и го ставаат Божјето Царство на прво место во својот живот. Тој ќе им помогне да се грижат за потребите на своите семејства. Во првиот век, младиот Тимотеј се посветил на службата за Бог, а истото можеш да го сториш и ти. * (Прочитај Филипјаните 2:19-22.)

Дали си решен да покажеш храброст на секое поле од животот? (Види во пасуси 13-17)

13. Зошто на една млада сестра ѝ била потребна храброст за да ги оствари своите цели?

13 На една сестра во Алабама (САД) ѝ била потребна храброст за да си постави духовни цели. Таа пишува: „Додека растев бев многу срамежлива. Едвај можев да зборувам со другите во салата за состаноци, а уште потешко ми беше да им тропнам на вратата на сосема непознати луѓе“. Со помошта на своите родители и другите од собранието, оваа млада сестра си ја остварила целта да стане општ пионер. Во врска со благословите што ги добила од таа служба, оваа сестра вели: „Светот на Сатана ги поттикнува младите да стекнат високо образование, слава, многу пари и материјални работи“. Но, таа исто така сфатила дека повеќето луѓе никогаш не можат да ги постигнат овие цели, и дека тие носат само стрес и болки. Сестрата додава: „Службата за Јехова ме прави вистински среќна и исполнета“.

14. Во кои ситуации на родителите им е потребна храброст?

14 И на родителите им е потребна храброст. На пример, можеби твојот работодавач често бара од тебе да работиш прекувремено во деновите кои веќе ти се одредени за Семејна вечер, служба на проповедање и собраниски состаноци. Треба да бидеш храбар за да го одбиеш твојот работодавач и за да им оставиш добар пример на твоите деца. Или, можеби некои родители во собранието им дозволуваат на своите деца да прават нешто што ти не би сакал твоите деца да го прават. Тие родители можеби ќе те прашаат зошто не им го дозволуваш тоа на своите деца. Дали ќе имаш храброст и ќе им ја објасниш причината на тактичен начин?

15. Како можат Псалм 37:25 и Евреите 13:5 да им помогнат на родителите?

15 Покажуваме храброст кога им помагаме на нашите деца да си постават духовни цели и да ги остварат. Некои родители можеби се плашат да ги поттикнат децата да почнат со пионерска служба, да служат каде што има поголема потреба, да служат во Бетел или да помагаат во градежни проекти на нашата организација. Можеби се плашат дека децата нема да можат да се грижат за себе или за нив кога ќе остарат. Сепак, мудрите родители покажуваат храброст и се уверени дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања. (Прочитај Псалм 37:25; Евреите 13:5.) Родителите кои покажуваат таква храброст и се потпираат на Јехова им помагаат и на своите деца да го прават истото (1. Сам. 1:27, 28; 2. Тим. 3:14, 15).

16. а) Како некои родители им помогнале на своите деца да си постават цели во службата за Јехова? б) Како тоа им користело на децата?

16 Еден брачен пар во САД им помогнал на своите деца да си постават духовни цели. Сопругот вели: „Уште пред да прозборат и проодат, им зборувавме на децата за тоа колкава радост носи пионерската служба и служењето во собранието. Сега тоа е и нивна цел. Тоа што си поставуваат и ги остваруваат своите цели им помага да се борат со притисоците од Сатановиот свет и да се посветат на она што вистински вреди — службата за Јехова“. Еден брат кој има две деца напишал: „Голем број родители вложуваат многу труд и средства за да им помогнат на децата да остварат цели поврзани со спортот, образованието или некое хоби. Многу е помудро да вложат труд и средства за да им помогнат на децата да остварат цели со кои ќе си стекнат добро име пред Јехова. Пресреќни сме што можевме да видиме како нашите деца ги остваруваат своите духовни цели и што и ние можевме да ги почувствуваме благословите што тие ги добија“. Можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе ги благослови родителите кои им помагаат на своите деца да си постават духовни цели и да ги остварат.

ДА СЕ ПОКАЖЕ ХРАБРОСТ ВО СОБРАНИЕТО

17. Наведи примери за тоа како може да се покаже храброст во собранието.

17 Треба да покажуваме храброст и во собранието. На пример, на старешините им е потребна храброст кога решаваат правни случаи или кога им помагаат на оние што имаат здравствен проблем поради кој животот им е во опасност. Некои старешини посетуваат затвореници за да проучуваат со оние што се заинтересирани или за да одржуваат состаноци со нив. А како е со сестрите што не се во брак? Тие имаат многу прилики да покажат храброст и да му служат на Јехова. Можат да бидат пионери, да служат онаму каде што има поголема потреба, да служат како локални доброволци за изградба и да одат на Школата за полновремени објавители. Некои сестри дури се поканети на Школата Гилеад.

18. Како можат постарите сестри да покажат храброст?

18 И постарите сестри се благослов за собранието, и затоа многу ги сакаме. Иако некои од нив не можат да прават во службата онолку колку што правеле во минатото, тие сѐ уште можат да покажат храброст во собранието. (Прочитај Тит 2:3-5.) На пример, на една постара сестра ќе и треба храброст ако старешините ја замолат да зборува со некоја помлада сестра за скромно облекување. Таа нема да ја искара помладата сестра за тоа како се облекува, туку љубезно ќе ја поттикне да размисли како нејзината облека може да влијае врз другите (1. Тим. 2:9, 10). Кога постарите сестри покажуваат љубов на таков начин, го зајакнуваат собранието.

19. а) Како можат крстените браќа да покажат храброст? б) Како можат Филипјаните 2:13 и 4:13 да им помогнат на браќата да стекнат поголема храброст?

19 Крстените браќа исто така треба да бидат храбри. Браќата кои се спремни да служат како слуга-помошници и старешини се многу корисни за собранието (1. Тим. 3:1). Сепак, некои можеби се колебаат да се стават на располагање. Можеби некој брат направил грешка во минатото и сега мисли дека не е достоен да служи како слуга-помошник или старешина. Или, можеби некој брат смета дека не е доволно способен за да служи. Ако и ти се чувствуваш така, Јехова може да ти помогне да стекнеш поголема храброст. (Прочитај Филипјаните 2:13; 4:13.) Сети се на примерот на Мојсеј. И тој сметал дека не е способен да изврши една задача што му ја дал Јехова (2. Мој. 3:11). Но, Јехова му помогнал да биде храбар и да ја изврши задачата. И еден крстен брат може да развие слична храброст така што ќе го моли Јехова за тоа и секој ден ќе ја чита Библијата. Може да му помогне и тоа што ќе размислува за библиските личности кои покажале храброст. Исто така, може понизно да побара од старешините да му дадат обука и да се понуди да помага во собранието за сѐ што е потребно. Ги поттикнуваме сите крстени браќа да бидат храбри и да прават сѐ што можат за собранието!

„СО ТЕБЕ Е ЈЕХОВА“

20, 21. а) Какво уверување му дал Давид на Соломон? б) Во што можеме да бидеме уверени ние?

20 Цар Давид го потсетил Соломон дека Јехова ќе биде со него сѐ додека не го заврши храмот (1. Лет. 28:20). Соломон сигурно размислувал за ова, и затоа не дозволил младоста и неискуството да го спречат да ја изврши задачата. Наместо тоа, покажал голема храброст и, со помош од Јехова, го завршил величествениот храм за седум и пол години.

21 Јехова му помогнал на Соломон, а може да ни помогне и нам да бидеме храбри и да ги извршуваме задачите во семејството и во собранието (Иса. 41:10, 13). Ако сме храбри додека му служиме на Бог, можеме да бидеме уверени дека тој ќе нѐ благослови сега и во иднина. Затоа, да бидеме храбри и да го правиме она што Јехова го бара од нас.

^ пас. 12 Некои предлози за тоа како да си поставиш цели во службата за Бог можеш да најдеш во статијата „Користи ги духовните цели за да го величаш твојот Творец“, која излезе во Стражарска кула од 15 јули 2004.