Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Среќен сум што можев да соработувам со духовно зрели браќа

Среќен сум што можев да соработувам со духовно зрели браќа

ВО СРЕДИНАТА на 1930-тите, татко ми и мајка ми — Џејмс и Џеси Синклер — се преселиле во Бронкс, една населба во Њујорк. Таму се запознале со Вили Снедон кој, исто како нив, дошол од Шкотска. На нивната прва средба, веднаш почнале да зборуваат за своите семејства. Тоа се случило неколку години пред да се родам.

Мајка ми му кажала на Вили дека кратко пред Првата светска војна, татко ѝ и нејзиниот постар брат се удавиле кога нивниот рибарски брод наишол на мина во Северното Море. Тогаш Вили, кој бил Јеховин сведок, ѝ рекол: „Татко ти е во пеколот!“ * На таков шокантен начин мајка ми за првпат дошла во контакт со библиската вистина.

Вили и Лиз Снедон

Зборовите на Вили ја вознемириле мајка ми бидејќи татко ѝ бил добар човек. Но, Вили додал: „Ќе те утеши ли ако ти кажам дека и Исус бил во пеколот?“ Мајка ми се сетила на молитвата што ја научила во црква, во која се спомнувало дека Исус се симнал во пеколот и дека бил воскреснат на третиот ден. Ова ја поттикнало да размисли за следново: „Ако пеколот е место каде што лошите луѓе ги мачат со оган, тогаш зошто Исус отишол таму?“ Така мајка ми се заинтересирала за вистината. Почнала да оди на состаноци во собранието Бронкс, и се крстила во 1940 год.

Со мајка ми, а подоцна со татко ми

Во тоа време, нашата организација не им давала некаков посебен поттик на родителите да ја проучуваат Библијата со своите деца. Кога сум бил многу мал, татко ми се грижел за мене за време на викендите додека мајка ми одела на состаноците и учествувала во служба на проповедање. По неколку години, јас и татко ми почнавме да одиме на состаноци заедно со мајка ми. Таа многу ревносно ја проповедаше добрата вест и ја проучуваше Библијата со заинтересираните лица. Всушност, едно време проучуваше истовремено со неколку луѓе кои живееја многу блиску еден до друг. Јас одев со неа во служба за време на школските распусти. Така научив многу за Библијата и за тоа како да ги поучувам другите.

Жал ми е што кога бев мал немав големо ценење за вистината. Сепак, кога малку потпораснав, односно кога наполнив 12 години, станав објавител на Царството, и оттогаш редовно учествував во службата на проповедање. Кога имав 16 години, му го заветував животот на Јехова, и се крстив на 24 јули 1954 год. на еден конгрес во Торонто (Канада).

СЛУЖАМ ВО БЕТЕЛ

Некои браќа во нашето собрание служеа, а некои порано имаа служено во Бетел. Тие извршија големо влијание врз мене. Ми остави силен впечаток начинот на кој поучуваа и ги објаснуваа библиските вистини. Професорите на училиште ме поттикнуваа да одам на факултет, но моја цел беше да служам во Бетел. Затоа, поднесов молба за бетелска служба на истиот конгрес во Торонто. Истото го направив во 1955 год., на еден конгрес кој се одржа на стадионот Јенки во Њујорк. Набрзо потоа, кога имав 17 години, добив покана да почнам да служам во Бетелот во Бруклин од 19 септември 1955 год. Вториот ден откако пристигнав, почнав да работам во книговезницата во нашиот објект на улицата Адамс бр. 117. Наскоро работев на машина која собираше делови од по 32 страници кои потоа беа испраќани на друга машина која ги шиеше книгите.

На почетокот од мојата служба во Бетелот во Бруклин, кога имав 17 години

По речиси еден месец во книговезницата, бев префрлен во Одделението за списанија бидејќи знаев да чукам на машина за пишување. Во тоа време, браќа и сестри изработуваа калапи, односно мали метални плочки со испишани адреси за новите претплатници на Стражарска кула и Разбудете се! Неколку месеци потоа, почнав да работам во Одделението за испорака. Клаус Јенсен, надгледникот на одделението, ме праша дали сакам да го придружувам возачот кој со камион ја превезуваше литературата до пристаништата од каде што се испраќаше низ целиот свет. Освен тоа, требаше да се носат вреќи со списанија до поштата за да се испратат до собранијата низ САД. Брат Јенсен сметаше дека физичката работа добро ќе ми дојде. Тогаш имав само 57 килограми и бев коски и кожа. Тоа што ја извршував оваа задача ми помогна да се зајакнам во физички поглед. Очигледно, брат Јенсен знаеше што е добро за мене!

Исто така, во Одделението за списанија се пополнуваа нарачките за списанија од собранијата. Така дознав на колку различни јазици се печатат нашите списанија во Бруклин и потоа се испраќаат во други делови на светот. За многу од тие јазици немав никогаш слушнато, но бев среќен што дознав дека илјадници списанија се испраќаат на далечни места. Во тоа време не можев да си претпоставам дека подоцна ќе имам чест да посетам многу од тие места.

Со Роберт Вален, Чарлс Молохан и Дон Адамс

Во 1961 год., бев замолен да служам во Одделот за финансии чиј надгледник беше Грант Сјутер. По неколку години, во својата канцеларија ме повика брат Натан Нор, кој тогаш го предводеше нашето меѓународно дело. Тој ми објасни дека еден од браќата кои работеа во неговото одделение ќе оди на Школата за именувани браќа, која во тоа време траеше еден месец, а потоа ќе служи во Одделението за служба. Јас требаше да дојдам на неговото место и да соработувам со Дон Адамс. По некоја случајност, токму на брат Дон му ја дадов мојата молба за бетелска служба на конгресот во 1955 год. Други двајца браќа кои веќе служеа во тоа одделение беа Роберт Вален и Чарлс Молохан. Ние четворицата работевме заедно повеќе од 50 години. Навистина уживав додека соработував со тие верни, духовно зрели браќа! (Пс. 133:1).

Мојата прва зонска посета во Венецуела (1970)

Почнувајќи од 1970 год., патував по неколку седмици секоја или секоја втора година и посетував подружници на нашата организација. Тие посети тогаш се нарекуваа зонски посети. Притоа ги посетував бетелските семејства и мисионерите низ целиот свет за да ги охрабрам во духовен поглед и да ги проверам извештаите на подружниците. Бев пресреќен што можев да се запознаам со некои што дипломирале во првите класови на школата Гилеад, а кои сѐ уште верно служеа во земјите каде што беа испратени. Ми беше чест и задоволство што можев да посетам преку 90 земји!

Ми беше задоволство што можев да посетам преку 90 земји!

СИ НАЈДОВ ВЕРНА ПРИДРУЖНИЧКА

Сите членови на бетелското семејство во Бруклин служеа во собранија на подрачјето на Њујорк. Јас бев испратен да служам во едно собрание во населбата Бронкс. Тоа всушност беше првото собрание во таа населба, кое откако се зголемило и се поделило станало познато како Горен Бронкс.

Во средината на 1960-тите, на подрачјето на нашето собрание се пресели едно семејство Сведоци, по потекло од Летонија, кое ја дознало вистината во јужен Бронкс. Веднаш откако заврши со средното училиште, најстарата ќерка Ливија стана општ пионер. По неколку месеци, таа се пресели во Масачусетс каде што имаше поголема потреба од објавители. Почнав да ѝ пишувам за да ѝ пренесам убави работи што се случуваа во нашето собрание. А таа ми пишуваше за убавите искуства што ги имала во службата на подрачјето на Бостон.

Со Ливија

Неколку години подоцна, Ливија почна да служи како специјален пионер. Таа сакаше да прави колку што е можно повеќе во службата за Јехова. Затоа поднесе молба за бетелска служба, и во 1971 год. беше поканета да дојде во Бетел. Ми се чинеше дека ова можеби е знак од Јехова! На 27 октомври 1973 год., се венчавме и имавме чест брат Нор да ни го одржи говорот за венчавање. Во Изреки 18:22 пишува: „Кој нашол добра жена, нашол добро, и кон него Јехова покажува наклоност“. Јехова навистина ни покажа наклоност со тоа што како брачен пар имаме чест веќе 40 години да служиме заедно во Бетел. Освен тоа, сѐ уште служиме во едно собрание во населбата Бронкс.

РАМО ДО РАМО СО ХРИСТОВИТЕ БРАЌА

Тоа што соработував со брат Нор ми причинуваше големо задоволство. Тој даваше сѐ од себе во службата за Јехова и многу ги ценеше мисионерите низ целиот свет. Голем број од нив биле првите Сведоци во земјите во кои беа испратени. Ми беше многу жал кога брат Нор се разболе од рак во 1976 год. Во една прилика, кога веќе не можеше да станува од кревет, ме замоли да му читам еден материјал што требаше да се испрати на печатење. Ми рече да го повикам брат Фредерик Франц за да може и тој да слуша додека читам. Подоцна дознав дека, поради слабиот вид на брат Франц, брат Нор одвојувал многу време за да му чита таков материјал.

На зонска посета со Даниел и Марина Сидлик (1977)

Брат Нор почина во 1977 год., но оние што го познаваа и го сакаа беа утешени бидејќи му остана верен на Јехова до крајот на својот живот на Земјата (Отк. 2:10). Потоа, брат Франц почна да го предводи нашето дело.

Во тоа време, служев како секретар на Милтон Хеншел, кој со децении соработуваше со брат Нор. Брат Хеншел ме извести дека сега моја главна обврска во Бетел треба да ми биде да му помагам на брат Франц за сѐ што му е потребно. Затоа, редовно му читав материјал што требаше да биде испратен на печатење. Брат Франц имаше одлична меморија и извонредна способност да се концентрира на она што му го читав. Ми претставуваше големо задоволство што можев да му помагам на тој начин сѐ до декември 1992 год., кога го заврши својот живот на Земјата.

Колумбија Хајтс бр. 124, каде што служев со децении

Во Бетел служам веќе 61 година. Ова време многу брзо ми помина. Моите родители му останаа верни на Јехова сѐ до својата смрт, и едвај чекам повторно да ги видам во новиот свет (Јован 5:28, 29). Ништо од овој свет не може да се спореди со честа што ја имав да соработувам со верни мажи и жени во корист на Божјиот народ низ целиот свет. Јас и Ливија можеме да потврдиме дека Јеховината радост навистина беше наша тврдина во сите овие години на полновремена служба (Неем. 8:10).

Никој не е незаменлив во Јеховината организација, и делото со кое се објавува вистината за Божјето Царство незапирливо продолжува. За мене беше големо задоволство и чест сите овие години што можев да соработувам со голем број непоколебливи и верни браќа и сестри. Повеќето од помазаниците со кои соработував веќе не се на Земјата. Но, благодарен сум што му служев на Јехова рамо до рамо со тие духовно зрели браќа.

^ пас. 5 Во некои преводи на Библијата, хебрејскиот и грчкиот збор за „гроб“ се преведени со зборот „пекол“.