Печатење библиска литература под забрана
Печатење библиска литература под забрана
РАСКАЖАЛ МАЛКОМ Г. ВАЛ
„Печати ја книгата Деца.“ Овој неочекуван налог го добив од надгледникот на подружницата на Јеховините сведоци во Австралија додека траеше Втората светска војна, недолго по нејзиното излегување на конгресот во Сент Луис (Мисури, САД), на 10. август 1941. Зошто беше налогот неочекуван?
ПА, НАШЕТО дело на проповедање беше под забрана од јануари 1941 и затоа секакво понатамошно печатење, дури и под ограничени услови, беше предизвик. Освен тоа, Деца беше книга од 384 страници во боја. Требаше да се усоврши и нашата печатарска опрема, постоеше недостиг на хартија, а персоналот не беше обучен за производство на подврзани книги.
Пред да опишам како успеавме да печатиме додека бевме под забрана, дозволете ми да ви раскажам како се случи да служам во австралиската подружница како надгледник на одделот за печатење.
Детството
Татко ми поседуваше печатница во богатиот град Баларат (Викторија) каде што сум и роден во 1914 година. Така, го научив печатарскиот занает работејќи во печатницата на татко ми. Бев исто така вклучен во активностите на Англиканската црква, пеејќи во црковниот хор и служејќи како ѕвонар. Дури имав предност да поучувам во неделното училиште, но не ми беше угодно поради тоа.
Причината беше што имав сериозни прашања за одредени црковни науки. Тие го вклучуваа Тројството, пеколниот оган и бесмртноста на човечката душа, а никој
не ми беше дал задоволителни одговори. Исто така, ми звучеше загадочно што одвреме навреме нашиот свештеник гневно зборуваше за една малечка религиозна група чии припадници себе си се нарекуваа Јеховини сведоци. Се чудев зошто една толку безначајна група би била од толкав интерес за еден град од 40.000 луѓе.Една недела, стоев надвор од црквата после вечерната служба кога поминуваше една група девојки од соседната Методистичка Црква. Се запознав со една од нив, се викаше Луси. Најпосле ме повика дома за да се запознаам со нејзините родители. Претставете си го моето изненадување кога дознав дека нејзината мајка, Вера Клоган, е Јеховин сведок. Уследија многу занимливи библиски разговори, и она што таа го рече навистина имаше смисла.
Набргу, Луси и јас се венчавме, и од 1939 живеевме во Мелбурн, главниот град на Викторија. Иако Луси стана Јеховин сведок, јас сѐ уште не се бев решил. Меѓутоа, кога изби Втората светска војна, во септември таа година почнав сериозно да размислувам за она што го дознав од Библијата. Забраната на делото на Јеховините сведоци во јануари 1941 навистина ми помогна да се одлучам. Му го предадов мојот живот на Јехова Бог и набргу се крстив.
Возбудливи промени во нашиот живот
Во тоа време, најмувавме покомфорен стан во Мелбурн. Меѓутоа, набргу бевме повикани да се преселиме во една куќа со уште неколку други Сведоци. Го продадовме сиот мебел освен спалната и се преселивме во т. н. пионерски дом. Продолжив да работам како печатар и така бев во можност да придонесам за издатоците при раководење со домот. И останатите сопрузи го сторија истото. Со тоа нашите сопруги можеа да учествуваат во полновремената проповедничка активност, а ние им се придружувавме во делото на евангелизација и на христијанските состаноци навечер и во викендите.
Набргу потоа, жена ми и јас добивме писмо од подружницата на Друштвото Стражарска кула со кое бевме повикани да дојдеме во Сиднеј. Ја продадовме спалната и ги плативме неколкуте долгови што ги имавме, но за да имаме пари за воз до Сиднеј, моравме да го продадеме венчалниот прстен на Луси!
Поради воените рестрикции и штотуку донесениот закон за забрана, ниту една Библија или библиска литература не можеше да биде увезена од странство. Од тие причини подружницата во Австралија реши да воведе илегално печатење за да го одржи дотекот на духовна храна, а јас бев повикан да го надгледувам делото. Имав предност да работам заедно со еден Шкотланѓанец, Џорџ Гиб, кој во печатницата на австралиската подружница служеше речиси 60 години. * Тогаш јас го добив налогот: „Печати ја книгата Деца“.
Обновување на печатарската опрема
Имаше многу возбудливи, понекогаш дури и опасни ситуации во кои се најдувавме во текот на тие значајни воени години. На пример, за да почнеме со нашата печатарска активност, ни беше потребна опрема. Опремата која беше користена за печатење на малку литература пред војната, ни ја одзедоа властите и
затоа Заедницата ја заклучи и ја вардеше малечката печатница. Како можевме да ја преместиме опремата на погодно место за илегално печатење?Вооружени патроли, кои постојано се менуваа, го надгледуваа имотот на Заедницата нон-стоп. Сепак, еден од ѕидовите одзади беше покрај една споредна железничка пруга која ретко се користеше. Така, ноќе, користејќи ги методите кои потсетуваа на Језекиил 12:5-7, неколку храбри бетелски работници влегуваа низ ѕидот со отстранување на неколку цигли. Кога веќе ќе се најдеа внатре, повторно ги враќаа циглите назад за да не бидат откриени. Со ваквите ноќни акции во текот на две седмици грижливо ја размонтираа малечката печатарска машина Линотип, како и неколку други машини. Потоа внимателно ги изнесуваа деловите надвор, дури пред очи на стражарите!
Со текот на времето добивме додатна опрема од други извори и набргу имавме илегална печатница која енергично работеше на различни места низ целиот Сиднеј. На тој начин можевме да ја отпечатиме и увеземе не само книгата Деца, туку и книгите во природна величина Новиот свет, „Вистината ќе ве ослободи“ и Царството е близу, како и Годишникот на Јеховините сведоци за 1942, 1943, 1944 и 1945. Што е уште поважно, за сите тие години на забрана во текот на војната, Јеховините сведоци во цела Австралија редовно го добиваа секое издание на Стражарска кула. Тоа повторно лично нѐ увери дека Јеховината рака никогаш не е куса (Исаија 59:1).
Соочување со неочекуваните посети
Низ целиот воен период на строга цензура, комерцијалните печатници често пати беа неочекувано посетувани од владините службеници кои проверуваа што се печати. Затоа, една од нашите тајни печатници беше опремена со изум за предупредување, копче на подот кое рецепционерот можеше лесно да го докачи. Кога ќе наидеше некој кого не го познаваше или ако се сомневаше за некого дека е инспектор кој се качува по скалите, ќе го притиснеше копчето.
Кога копчето ќе беше притиснато, за браќата тоа беше знак да избегаат во различни правци! Работниците кои беа регистрирани како вработени остануваа позади за да ги покријат брзо сите печатени листови од Стражарска кула или друга библиска литература на која се работеше. За да го сторат тоа, употребуваа листови за печатење со иста величина како за останатите публикации кои се подготвуваа за комерцијалните купувачи.
Во текот на една таква посета, двајца инспектори седнаа на стриповите кои сѐ уште беа во зголемена величина, но под нив беа листови на Стражарска кула кои беа печатени претходната ноќ. Во една печатница на другиот крај од градот, дење печатевме за комерцијални цели, а публикациите на Стражарска кула ги печатевме ноќе и во текот на викендите.
Задоволување на нашите потреби за хартија
Да се добие хартија за печатење беше голем проблем. Меѓутоа, некои големи печатници на кои не им беше потребна целокупната количина на хартија поради редуцираната работа за време на војната, беа расположени да ни го продадат нивниот вишок — секогаш по пониска цена, се разбира. Меѓутоа, во една прилика добивме хартија од друг извор.
Еден товарен брод кој пристигнуваше во Австралија носеше голем контингент на кафеава хартија, но бродот се оштетил на морето и во хартијата навлегло прилично вода. Целиот контингент беше понуден на аукција и, на наше изненадување, ние бевме единствените побараувачи. Тоа ни овозможи да ја купиме по најниска цена. Ја исушивме хартијата на сонце, така спасувајќи го поголемиот дел, а потоа
ја исековме на листови погодни за нашата печатарска машина.Како можевме да ја користиме кафеавата хартија? Сметавме, и тоа сосем исправно, дека нашите читатели на стрипови и понатаму ќе уживаат во своите стрипови со обоена хартија. Така, белата хартија која ни беше дадена за стриповите ја користевме за печатење на Стражарска кула и друг материјал на Заедницата.
Важната улога на жените
За време на војната, многу христијанки во Австралија научија да подврзуваат книги. Едно особено жешко летно попладне, некои од нив работеа сами во малечка гаража која ја изнајмивме на една споредна улица во предградието на Сиднеј. Од безбедносни причини, секој прозорец и врата ги држеа затворени. Лонците за туткал ширеле загреана смрдлива пареа, па жештината била речиси неподнослива. Поради тоа тие се соблекле по долна облека.
Одненадеж, се зачуло тропање на вратата. Кога христијанските сестри запрашале кој е се јавил владин службеник од одделот кој во воено време имаше моќ да распределува поединци во било кое подрачје каде што беше потребна работна сила. Сестрите гласно одговориле дека моментално не можат да го пуштат внатре затоа што поради жештината се наоѓаат само во долна облека.
Службеникот застанал за момент; тогаш извикал дека има уште некое задолжение на подрачјето. Рекол дека ќе се врати следниот ден за да изврши инспекција. Веднаш после тоа христијанските жени ни телефонираа, и ние испративме камион кој ноќта собра сѐ што беше работено за подврзување, преместувајќи го на друго место.
Повеќето од оние кои беа вклучени во нашето илегално печатење немаа претходно искуство што се однесува до печатарскиот занает, па затоа не се сомневав, поради сето она што беше постигнато, дека Јеховиниот дух ја пружаше потребната помош и упатство. За мене и мојата сопруга Луси, која работеше на подврзување, беше голема предност што учествувавме во сето тоа.
Како беше раководена нашата работа во тие искушувачки времиња? Надгледникот на подружницата на Јеховините
сведоци, кој привремено служеше на таа задача, од владата прими налог за ограничување кој од него бараше да живее во еден град на околу 100 километри од Сиднеј. Налогот му забрануваше да се движи вон радиус од 8. километри од центарот на градот. Бензин се даваше само по 4 литри месечно по автомобил. Но браќата изумија една генијална направа позната како произведувач на гас — цилиндричен контејнер од метален лим кој тежеше околу половина тон, монтиран на задниот дел од автомобилот. Во него согоруваше дрвен јаглен, произведувајќи јаглероден моноксид како гориво. Неколку ноќи секоја седмица, заедно со други одговорни браќа патувавме со ова превозно средство за да се сретнеме со надгледникот во едно суво речно корито близу до градот каде што тој беше протеран. Така, можевме да разговараме за многу работи пред повторно да го запалиме произведувачот на гас и да се одвеземе назад во Сиднеј во раните утрински часови.Конечно, забраната за Јеховините сведоци се најде пред Врховниот Суд на Австралија. Судијата ја опиша забраната како „арбитрарна, каприциозна и тиранска“ и потполно ги ослободи Јеховините сведоци од обвинение за било каква бунтовна активност. И останатите од Врховниот Суд ја поддржаа оваа одлука така што веќе можевме да излеземе од илегала и да продолжиме со нашите озаконети активности за Царството.
Понатамошни задачи и благослови
После војната, многумина кои работеа на печатење во илегала прифатија пионерска служба. Некои од нив подоцна ја посетија Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула во Њујорк. Јас Луси исто така ја имавме на ум таа цел, но ни се роди ќерка и јас решив да се вратам повторно на печатарскиот занает. Се молевме Јехова секогаш да ни помога интересите за Царството да ги ставаме на прво место, и тој ни помагаше. Бев вклучен во друга службена задача на следниов начин.
Лојд Бери, кој денес служи како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, во Бруклин (Њујорк) ми се јави по телефон. Во тоа време тој беше патувачки надгледник во Сиднеј. Ме праша дали го знам датумот за претстојниот конгрес. Кога потврдно одговорив, рече: „Одлучивме ти да се грижиш околу подготовката за храна“.
Вчудоневиден за момент, реков пригушено: „Но јас никогаш во животот не сум работел такво нешто“.
„Па, брате“, ми одговори шеговито, „време е да научиш!“ Научив, уште како, и понатаму, повеќе од 40 години, ја имав предноста да ја надгледувам службата за исхрана, дури и на огромни конгреси.
Со годините, нашата фирма за комерцијално печатење се прошири, и за тоа беа потребни повеќе службени патувања преку океанот. Секогаш уредував тоа да се совпадне со меѓународните конгреси кои се одржуваа во Њујорк и на други места во Соединетите Држави. Тоа ми пружи можност да го поминам времето со оние кои ги надгледуваа различните конгресни оддели, особено службата за исхрана. Така, кога ќе се вратев во Австралија, можев подобро да се грижам за потребите на нашите конгреси.
Со нашиве поодминати години, Луси и јас понекогаш се прашуваме дали сме можеле да сториме повеќе кога би се родиле нешто подоцна. Од друга страна, и тоа да бидеш роден 1916, односно 1914, го сметаме за прекрасна предност, да се види откривањето на библиските пророштва пред нашите очи. И му се заблагодаруваме на Јехова за благословите кои ги добивавме додека проучувавме со многумина и им помагавме да научат за вистината и да се види како денес тие му служат како крстени слуги. Наша молитва е да можеме да продолжиме да му служиме во цела вечност, признавајќи го засекогаш како големиот Суверен Владетел на универзумот.
[Фуснота]
^ пас. 14 Види Стражарска кула од 15. септември 1978 стр. 24-27 (англ.)
[Слики на страница 29]
Одделот за печатење во Бетелот во Стратфилд 1929-73
Џорџ Гиб стои покрај една од машините кои беа земени од печатницата низ задниот ѕид