Раните христијани и светот
Раните христијани и светот
ПРЕД околу две илјади години, на Средниот Исток се случил најпрекрасниот настан. Единородниот Божји Син бил испратен од неговото место на небото за кратко време да живее во светот на човештвото. Како реагирал најголемиот дел од човештвото? Апостолот Јован одговара: „[Исус] во светот беше и светот преку Него стана, но светот не Го позна. Дојде при Своите [Израел] и Своите не Го примија“ (Јован 1:10, 11).
Светот едноставно не го прифатил Исус, Божјиот Син. Зошто? Исус објаснил една причина кога рекол: „Светов . . . Мене Ме мрази, оти Јас сведочам за него, дека делата му се лоши“ (Јован 7:7). Впрочем, истиот тој свет — претставен од некои еврејски религиозни водачи, еден едомски цар и еден римски политичар — го осудил Исус на смрт (Лука 22:66–23:25; Дела на св. апостоли 3:14, 15; 4:24-28). Што се случило со Исусовите следбеници? Дали светот бил поспремен да ги прифати нив? Не. Кратко пред својата смрт, Исус ги предупредил: „Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот — затоа светот и ве мрази“ (Јован 15:19).
Во времето на апостолите
Исусовите зборови се покажале точни. Само неколку недели по неговата смрт, апостолите биле уапсени, им се заканувале и ги тепале (Дела на св. апостоли 4:1-3; 5:17, 18, 40). Набргу потоа, ревниот Стефан бил одвлечкан пред еврејскиот Синедрион, а потоа го каменувале до смрт (Дела на св. апостоли 6:8-12; 7:54, 57, 58). Подоцна, цар Ирод Агрипа I го убил апостолот Јаков (Дела на св. апостоли 12:1, 2). За време на своите мисионерски патувања, Павле бил прогонуван на иницијатива на Евреите од дијаспората (Дела на св. апостоли 13:50; 14:2, 19).
Како реагирале првите христијани на таквото противење? Кога на почетокот религиозните авторитети им забраниле на апостолите да проповедаат во името на Исус, тие изјавиле: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела на св. апостоли 4:19, 20; 5:29). Тоа бил нивни став секогаш кога ќе се појавел отпор. Сепак, апостолот Павле ги советувал христијаните во Рим да ‚им се потчинуваат на претпоставените [владините] власти‘. Тој исто така ги советувал: „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18; 13:1). Затоа раните христијани морале да се напрегаат за да ја зачуваат рамнотежата. Тие го слушале Бог како нивни првостепен Владетел. Во исто време, биле подложни на националната власт и се обидувале да живеат мирољубиво со сите луѓе.
Христијаните во римскиот свет
Некаде во првиот век, во светот на Римската Империја, христијаните несомнено имале корист од Пакс Романа, односно од Римскиот мир поддржуван од римските легии. Стабилната влада во која владеел закон и ред, добрите патишта и релативно безбедниот поморски сообраќај создале околности кои помогнале во ширењето на христијанството. Првите христијани очигледно биле свесни за нивниот долг кон општеството и ја држеле Исусовата изрична заповед да му го ‚подадат царевото на царот‘ (Марко 12:17). Пишувајќи му на римскиот цар Антонио Пио (138-161. н. е.), Јустин Маченик изјавил дека христијаните „поспремно од другите луѓе“ ги плаќаат даноците (Прва апологија, 17. поглавје). Во 197. н. е., Тертулијан им рекол на римските владетели дека нивните даночници им „должат благодарност на христијаните“ поради совесниот начин на кој ги плаќале даноците (Апологија, 42. поглавје). Тоа бил еден начин на кој христијаните го следеле Павловиот совет да им бидат подложни на вишите власти.
Што е уште позначајно, раните христијани се обидувале да живеат мирољубиво со своите соседи, колку што им дозволувале нивните христијански начела. Но, тоа не било лесно. Светот околу нив бил во голема мера неморален и вмешан во грчко-римското идолопоклонство на кое, како најново, му било додадено обожавањето на царот. Римската паганска религија во суштина била државна религија, така секое одбивање да се извршува истата се сметало за непријателство кон државата. Дали ова ги заобиколило христијаните?
Оксфордскиот професор Е. Г. Харди напишал: „Тертулијан набројува многу работи кои биле невозможни за еден совесен христијанин, доколку вклучувале идолопоклонство: на пример, усна заклетва при склучување на договори; осветлување на вратите на празници и сл.; сите пагански религиозни церемонии; игрите и арените; професијата на поучување на световна [паганско-класичната] книжевност; воената служба; јавна служба“ — Christianity and the Roman Government (Христијанството и римската влада).
Да, не било лесно да се живее во римскиот свет, а да не се издаде христијанската вера. Францускиот католички писател А. Аман пишува: „Невозможно било да се направи чекор, а при тоа да не е вклучено некакво божество. Положбата како христијанин му донесувала секојдневни проблеми; тој живеел на маргините на општеството . . . Секогаш одново во домот се соочувал со проблеми; на улица; на пазар . . . На улица, без обѕир дали бил римски граѓанин или не, христијанинот морал покрај храм или статуа да поминува гологлав. Како можел да одбие да стори такво нешто без да предизвика сомнителност, а сепак, како можел тоа да го исполни без да изврши чин на лојалност? Доколку водел трговија во работа и потребно било да зајми пари, морал да му се заколне на оној од кого што зајмел во името на боговите. . . . Доколку прифаќал јавна служба, се очекувало од него да принесе жртва. Ако бил повикан во војска, како можел да одбие да положи заклетва и да учествува во обредите на воената служба?“ — Секојдневниот живот на раните христијани, (95-197. н. е.) (La vie quotidienne des premiers chrétiens 95-197).
Добри граѓани, а сепак оцрнувани
Околу 60. или 61. н. е., кога Павле бил во Рим и чекал судење од цар Нерон, водечките Евреи рекле за раните христијани: „Познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи“ (Дела на св. апостоли 28:22). Историските записи сведочат дека се зборувало против христијаните — но неправедно. Во својата книга The Rise of Christianity, Е. В. Барнс раскажува: „Во раните владини документи, христијанското движење е претставено во суштина како морално и кое го почитува законот. Неговите членови имале желба да бидат добри граѓани и лојални поданици. Ги избегнувале лагите и заблудите од паганизмот. Во приватниот живот гледале да бидат мирољубиви соседи и доверливи пријатели. Поучени биле да бидат скромни, марливи и чисти. Меѓу расипаноста и разузданоста која преовладувала, тие, лојални на своите начела, биле чесни и вистинољубиви. Нивните мерила за половиот живот биле високи: брачната врска била почитувана, а семејниот живот чист. Со такви доблести тие не би можеле, некој би помислил, да бидат проблематични граѓани. Сепак, долго време биле презирани, оцрнувани и мразени“.
Како што древниот свет не го разбрал Исус така не ги разбрал ниту христијаните и затоа ги мразел. Бидејќи тие одбивале да го обожаваат царот и паганските божества, ги обвинувале за атеизам. Ако се случела катастрофа, биле обвинувани дека ги разгневиле боговите. Затоа што не ги посетувале неморалните игри или крвавите гладијаторски претстави, ги сметале за недруштвени, дури и ‚мрзители на човечкиот род‘. Нивните непријатели тврделе дека семејствата им биле разделени заради христијанската „секта“ и затоа претставувале опасност за стабилноста на општеството. Тертулијан зборувал за паганските сопрузи кои повеќе претпочитале нивните сопруги да направат прељуба, отколку да станат христијанки.
Христијаните биле критикувани затоа што биле против абортусот, кој во тоа време масовно бил практикуван. Сепак, нивните непријатели ги обвиниле дека убиваат деца. Тврделе дека на нивните состаноци пијат крв од жртвувани деца.
Во исто време, нивните непријатели се обидувале да ги принудат да јадат крвавици, знаејќи дека тоа е против нивната совест. Според ова, овие противници самите биле во контрадикторност со сопствените обвиненија (Тертулијан — Апологија, 9. поглавје).Презирани како нова секта
Историчарот Кенет Скот Латурет напишал: „Некои го исмејувале христијанството поради неговото нововремено потекло, за разлика од древноста на неговите ривали [јудаизмот и грчко-римските пагански религии]“ (A History of the Expansion of Christianity, том I, страница 131). На почетокот од вториот век н. е., римскиот историчар Светониј го нарекол христијанството „ново и штетно празноверие“. Тертулијан сведочел дека самото име христијанин било омразено и дека христијаните биле неомилена секта. Зборувајќи за начинот на кој службениците во Римската Империја ги гледале христијаните во вториот век, Роберт М. Грант напишал: „Основното гледиште било дека христијанството едноставно била непотребна, а веројатно, дури и штетна религија“ (Early Christianity and Society).
Обвинети за агресивен прозелитизам
Во својата книга Les premiers siècles de l’Eglise (Првите векови на црквата), сорбонскиот професор Жан Бернарди напишал: „[Христијаните] оделе и зборувале секаде и секому. На главните патишта и во градовите, на градските плоштади и по домовите. Добредојдени или недобредојдени. На сиромаси и на богати, оптоварени со своите имоти. На малите луѓе и на владетелите на римските провинции . . . Морале да патуваат по патишта, со бродови и да одат до крајот на земјата“.
Дали го сториле тоа? Очигледно да. Професорот Леон Омо раскажува дека за раните христијани постоело јавно мнение против нивниот „ревен прозелитизам“. Професор Латурет изјавува дека Евреите ја изгубиле нивната ревност за прозелитизам, „додека христијаните, од друга страна, биле нападно мисионерски настроени и затоа предизвикувале гнев“.
Во вториот век н. е., римскиот филозоф Целзус ги критикувал христијанските методи на проповедање. Изјавил дека христијанството е за необразованите и дека тоа може да ‚ги убеди само глупавите, робовите, жените и малите деца‘. Ги обвинил христијаните за индоктринација на „лекомислените луѓе“ бидејќи „веруваат без здрава памет“. Тврдел дека на своите нови ученици им велеле: „Не поставувајте прашања; само верувајте“. Сепак, според Ориген, самиот Целзус признал дека „од Исусовата наука не биле водени само неуки луѓе за да ја прифатат Неговата религија“.
Никаков екуменизам
Првите христијани уште биле критикувани бидејќи тврделе дека ја имаат вистината за единиот вистински Бог. Не биле отворени за екуменизам или меѓуверство. Латурет напишал: „За разлика од повеќето вери во тоа време, тие [христијаните] биле непријателски настроени спрема другите религии. . . . Спротивно на прилично големата толеранција која ги карактеризирала останатите култови, тие изјавувале дека ја имаат неоспорната вистина“.
Во 202. н. е., императорот Септим Север поставил еден едикт со кој на христијаните им било забрането да прават преобратеници.
Меѓутоа, тоа нив не ги спречило да сведочат за нивната вера. Латурет го опишува резултатот: „Во неговото одбивање да направи компромис со тогашниот паганизам и со многуте општествени обичаи и морални навики на времето, [раното христијанство] развило доследност и организација кои го поставиле наспроти општеството. Самата промена која се барала од следбениците за да можат да се приклучат, им давала увереност која создала извор на сила против прогонствата и ревност во добивањето на преобратеници“.Историскиот запис според ова е јасен. Во суштина, раните христијани настојувале да бидат добри граѓани и да живеат мирољубиво со сите луѓе, но одбивале да станат дел „од светот“ (Јован 15:19). Властите ги почитувале, но кога царот им забранил да проповедаат, немале друга алтернатива освен да продолжат да проповедаат. Се труделе да живеат мирољубиво со сите луѓе, но одбивале да направат компромис во врска со моралните мерила и паганското идолопоклонство. И покрај сето тоа, биле презрени, оцрнувани, омразени и прогонувани, токму онака како што Исус прорекол дека ќе бидат (Јован 16:33).
Дали и понатаму биле одвоени од светот? Или пак, оние кои тврделе дека практикуваат христијанство со текот на времето го смениле својот став што се однесува до сето ова?
[Истакната мисла на страница 4]
„Положбата како христијанин му донесувала секојдневни проблеми; тој живеел на маргините од општеството“
[Истакната мисла на страница 6]
„Христијанството [било исмејувано] поради неговото нововремено потекло, за разлика од древноста на неговите ривали“
[Слика на страница 3]
Бидејќи христијаните одбиле да го обожаваат римскиот цар и паганските божества, биле обвинети за атеизам
[Извор на слика]
Museo della Civiltà Romana, Рим
[Слика на страница 7]
Христијаните од првиот век биле познати како ревни проповедници на пораката за Царството
[Извор на слика на страница 2]
Cover: Alinari/Art Resource, N.Y.