Христијаните и човечкото општество денес
Христијаните и човечкото општество денес
„Ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име“ (МАТЕЈ 24:9).
1. Што требало да биде посебно обележје на христијанството?
ОДВОЕНОСТА од светот била карактеристично обележје на првите христијани. Во молитва до својот небесен Татко, Јехова, Исус рекол за своите ученици: „Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се [дел, NW] од светот, како и Јас што не сум [дел, NW] од него“ (Јован 17:14). Кога бил повикан пред Понциј Пилат, Исус изјавил: „Моето царство не е од овој свет“ (Јован 18:36). Одвоеноста на првобитното христијанство од светот ја потврдуваат и Христијанските Грчки списи и историчарите.
2. а) Дали требало со текот на времето да има некакви промени во односот меѓу Исусовите следбеници и светот? б) Дали требало Исусовото Царство да дојде преку преобраќање на народите?
2 Дали Исус подоцна открил дека требало да настапи промена во односот меѓу неговите следбеници и светот и дека неговото Царство требало да дојде така што светот ќе се преобрати во христијанство? Не. Ништо од она што неговите следбеници го напишале под инспирација по Исусовата смрт ни најмалку не навестило такво нешто (Јаков 4:4 [пишувано кратко пред 62. н. е.]; 1. Јованово 2:15-17; 5:19 [пишувано околу 98. н. е.]). Напротив, Библијата ги поврзува Исусовата „присутност“ и подоцнежното „доаѓање“ во моќта на Царството со „завршетокот на системот на ствари“, што ќе кулминира во неговиот „крај“, односно уништување (Матеј 24:3, 14, 29, 30, NW; Даниил 2:44, New World Translation of the Holy Scriptures; 7:13, 14). Во знакот којшто Исус го дал за својата паруси́ја, односно присутност, за своите вистински следбеници рекол: „Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име“ (Матеј 24:9).
Вистинските христијани денес
3, 4. а) Како ги опишува раните христијани една католичка енциклопедија? б) Со кои слични термини се опишани Јеховините сведоци и раните христијани?
3 Која религиозна група денес си стекнала добар глас на верност спрема христијанските начела и одвоеност од овој свет, чии членови се мразени и прогонувани? Па, која ширум светот раширена христијанска организација во секој поглед одговара на историскиот опис на раните христијани? Во врска со нив, New Catholic Encyclopedia тврди: „Иако во почетокот била сметана само за обична секта во еврејска средина, првобитната христијанска заедница се покажала единствена во своето теолошко учење, а посебно во ревноста на нејзините членови, кои служеле како сведоци за Христос ‚по сета Јудеа и Самарија и дури до краевите на земјата‘ (Дела 1.8)“ (том 3, страница 694).
4 Забележи ги изразите „сметана само за обична секта“, „единствена во своето . . . учење“, „ревноста . . . како сведоци“. А сега забележи како истата енциклопедија ги опишува Јеховините сведоци: „Секта . . . Сведоците се длабоко уверени дека крајот на светот ќе дојде по неколку години. Се чини дека ова живо верување е најголемата мотивирачка сила која стои зад нивната неуморна ревност. . . . Темелната обврска на секој член на сектата е да сведочи за Јехова преку објавување на Неговото Царство кое наближува. . . . Библијата ја сметаат за нивни единствен извор на верување и правило на однесување . . . За да биде вистински Сведок, лицето мора да проповеда делотворно на еден или на друг начин“ (том 7, страници 864-865).
5. а) Во кој поглед се единствени учењата на Јеховините сведоци? б) Дај примери кои покажуваат дека верувањата на Јеховините сведоци се во склад со Писмата.
5 Во кои погледи се единствени учењата на Јеховините сведоци? New Catholic Encyclopedia споменува неколку: „Тие [Јеховините сведоци] го осудуваат Тројството како паганско идолопоклонство . . . Исус го сметаат за најголем Јеховин сведок, ‚бог‘ (така тие го преведуваат Јован 1.1), подреден никому друг освен на Јехова. . . . Тој умрел како човек и бил подигнат како бесмртен духовен Син. Неговото Страдање и смртта биле цената што ја платил за човештвото повторно да го постигне правото да живее вечно на Земјата. Всушност, ‚големото мноштво‘ (Откр 7.9) од вистински Сведоци се надева на земски Рај; само 144.000 верни (Откр 7.4; 14.1, 4) можат да уживаат небесна слава со Христос. Злобните ќе претрпат потполно уништување . . . Крштевањето — коешто Сведоците го практицираат со потопување . . . [е] надворешен симбол на нивното предание за служење на Јехова Бог. . . . Јеховините сведоци го привлекоа вниманието на јавноста со одбивањето на трансфузија на крв . . . Нивната брачна и сексуална моралност е навистина строга“. Јеховините сведоци можеби се единствени во овие погледи, но нивниот став по овие прашања е цврсто темелен на Библијата (Псалми 36:29; Матеј 3:16; 6:10; Дела на св. апостоли 15:28, 29; Римјаните 6:23; 1. Коринтјаните 6:9, 10; 8:6; Откровение 1:5).
6. Каков став задржале Јеховините сведоци? Зошто?
6 Ова римокатоличко дело додава дека во 1965 (очигледно годината кога бил напишан овој дел) „Сведоците сѐ уште не мислат дека му припаѓаат на општеството во кое живеат“. Авторот изгледа мислел дека со текот на времето и штом Сведоците ќе станат побројни и ќе „примат сѐ повеќе обележја на црква како спротивност на секта“, тие ќе станат дел од овој свет. Но тоа не се покажало точно. Денес, со четирипати повеќе Сведоци отколку во 1965, Јеховините сведоци доследно го држат нивниот став во поглед на светот. „Тие не се дел од светот“, како што и Исус ‚не бил дел од светот‘ (Јован 17:16, NW).
Одделени, но не непријателски настроени
7, 8. Што важи за Јеховините сведоци денес, како што важело за раните христијани?
7 Цитирајќи ја одбраната на раните христијани од страна на Јустин Маченик, апологет од 2. век, Роберт М. Грант во својата книга Early Christianity and Society (Раното христијанство и општеството), напишал: „Да биле револуционери, христијаните би останале скриени за да ја постигнат својата цел. . . . Тие се најдобрите сојузници на императорот по прашањето на мирот и добриот ред“. На сличен начин, Јеховините сведоци денес се познати по целиот свет како мирољубиви и уредни граѓани. Владите, сеедно од каков вид, знаат дека не треба воопшто да се плашат од Јеховините сведоци.
8 Еден северноамерикански уводничар напишал: „Би била нетрпелива и параноична фантазија да се верува дека Јеховините сведоци претставуваат некаква опасност за било кој режим; тие не се превратници и се мирољубиви, какво што и треба да биде едно религиозно тело“. Во својата книга L’objection de conscience (Приговор на совеста), Жан-Пјер Катлен пишува: „Сведоците се совршено подложни на властите и воглавно ги слушаат законите; ги плаќаат даноците и не бараат да ги оспорат, променат или уништат владите, бидејќи не се занимаваат со прашањата на овој свет“. Катлен понатаму додава дека, само ако државата ги бара нивните животи коишто тие потполно му ги посветиле на Бог, Јеховините сведоци одбиваат да послушаат. Во ова тие се многу слични на раните христијани (Марко 12:17; Дела на св. апостоли 5:29).
Погрешно сфатени од владејачките класи
9. Во поглед на одделеноста од светот, која е една истакната разлика меѓу раните христијани и современите католици?
9 Повеќето римски императори погрешно ги сфатиле раните христијани и ги прогонувале. Покажувајќи зошто, The Epistle to Diognetus (Послание до Диогнет), за кое некои мислат дека датира од 2. век н. е., изјавува: „Христијаните живеат во светот, но не се неразделно вмешани во светот“. Од друга страна, Вториот Ватикански концил во својот Догматичен Црковен Устав изјавил дека католиците треба „да го бараат Божјето царство преку ангажирање во световни работи“ и „да работат за посветување на светот одвнатре“.
10. а) Како гледале владејачките класи на раните христијани? б) Честопати, како се гледа на Јеховините сведоци, и каква е нивната реакција?
10 Историчарот Е. Г. Харди изјавува дека римските императори ги сметале раните христијани за „некакви презрени ентузијасти“. Францускиот историчар Етјен Трокме зборува за „презирот со кој културните грчки и римски службеници гледале на она што го сметале за многу чудна Ориентална секта [христијаните]“. Преписката меѓу Плиниј Помладиот, римски намесник на Витинија, и императорот Трајан, покажува дека владејачките класи воглавно биле во незнаење за вистинската природа на христијанството. Слично и денес, Јеховините сведоци честопати се погрешно сфатени и дури презрени од владејачките класи во светот. Меѓутоа, ова ниту ги изненадува ниту ги обесхрабрува Сведоците (Дела на св. апостоли 4:13; 1. Петрово 4:12, 13).
„Насекаде се противречи“
11. а) Што се зборувало за раните христијани, и што било речено за Јеховините сведоци? б) Зошто Јеховините сведоци не учествуваат во политика?
11 За раните христијани било речено: „Познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи“ (Дела на св. апостоли 28:22). Во 2. век н. е., паганинот Целзус тврдел дека христијанството му се допаѓа само на отпадокот од човечкото општество. Слично и за Јеховините сведоци било речено дека тие „во најголемиот дел доаѓаат од експлоатираните во нашето општество“. Црковниот историчар Августус Неандер известил дека „христијаните биле прикажувани како луѓе кои се мртви за светот и бескорисни за за сите работи во животот; . . . и било поставувано прашањето: Што би станало со животните текови кога сите би биле како нив?“ Бидејќи Јеховините сведоци се воздржуваат од учество во политика, често се обвинувани дека се товар на човечкото општество. Но како би можеле да бидат политички активисти и во исто време да бидат бранители на Божјето Царство како единствена надеж за човештвото? Јеховините сведоци ги земаат при срце зборовите на апостол Павле: „Учествувај во страдањето како добар војник на Исус Христос. Ниеден војник на служба не се вплеткува во цивилни тежнеења, зашто негова цел е да му удоволи на оној којшто го примил во служба“ (2. Тимотеј 2:3, 4, Revised Standard Version, екуменско издание).
12. Во кој важен аспект на одвоеноста Јеховините сведоци се слични на раните христијани?
12 Во својата книга A History of Christianity, професор К. С. Латурет пишува: „Едно од спорните прашања по кое раните христијани биле неединствени со грчко-римскиот свет било учеството во војна. Бидејќи, во првите три века, ниеден христијански спис што преживеал до наше време, не го оправдувал учеството на христијаните во војна“. Делото на Едвард Гибон, The History of the Decline and Fall of the Roman Empire (Историја за подемот и падот на Римското Царство), изјавува: „Било невозможно христијаните, без да се одречат од една посвета должност, да прифатат улога на војници, магистрати или принцови“. Јеховините сведоци исто така заземаат став на стриктна неутралност и ги следат библиските начела што се истакнати во Исаија 2:2-4 и Матеј 26:52.
13. Какво обвинение е упатено до Јеховините сведоци, но што покажуваат фактите?
13 Јеховините сведоци се обвинувани од нивните непријатели дека ги растураат семејствата. Вистина, постојат случаи некои семејства да се раздвоиле кога еден или повеќе членови станале Јеховини сведоци. Исус прорекол дека тоа ќе се случува (Лука 12:51-53). Меѓутоа, статистиките покажуваат дека браковите што се растураат заради оваа причина се исклучок. Меѓу Јеховините сведоци во Франција, на пример, секој трети брак вклучува партнер кој не е Сведок. Сепак, стапката на разводи во ваквите мешани бракови не е поголема од националниот просек. Зошто? Апостолите Павле и Петар им дале мудар, инспириран совет на христијаните кои се венчани со неверници, а Јеховините сведоци настојуваат да ги следат нивните зборови (1. Коринтјаните 7:12-16; 1. Петрово 3:1-4). Ако некој мешан брак се растури, иницијативата скоро секогаш доаѓа од партнерот кој не е Сведок. Од друга страна, многу илјади бракови биле сочувани затоа што брачните партнери станале Јеховини сведоци и почнале да ги применуваат библиските совети во својот живот.
Христијани, а не тринитаријанци
14. Кое обвинение било покренато против раните христијани, и зошто е иронично тоа?
14 Иронично е што во Римското Царство едно од обвиненијата што било изнесено против раните христијани гласело дека тие биле атеисти. Д-р Августус Неандер пишува: „Негатори на боговите, атеисти, . . . било вообичаеното име со коешто христијаните биле означувани во народот“. Колку чудно е христијаните кои го обожавале живиот Творец и не си намножувале богови да бидат наречени атеисти од страна на пагани кои обожавале „не . . . богови, туку изработки од човечки раце, дрво и камен“ (Исаија 37:19).
15, 16. а) Што рекле некои религионисти за Јеховините сведоци, но кои прашања ги наметнува тоа? б) Што покажува дека Јеховините сведоци се вистински христијани?
15 Еднакво ироничен е и фактот што денес некои авторитети во т. н. христијанство негираат дека Јеховините сведоци се христијани. Зошто? Затоа што Сведоците го отфрлаат Тројството. Според пристрасната дефиниција на т. н. христијанство, „христијани се оние кои го прифаќаат Христос како Бог“. Спротивно на ова, еден современ речник именката „христијанин“ ја дефинира како „лице кое верува во Исус Христос и кое ги следи неговите учења“, а „христијанство“ како „религија која се темели на учењата на Исус Христос и на верувањето дека тој бил син Божји“. Која група одговара подобро на оваа дефиниција?
16 Јеховините сведоци го прифаќаат Исусовото сопствено сведоштво во врска со тоа кој е тој. Тој изјавил: „Јас сум Син Божји“, а не „Јас сум Бог Син“ (Јован 10:36; спореди Јован 20:31). Тие ја прифаќаат инспирираната изјава на апостол Павле во врска со Христос: „Кој, иако беше во Божји облик, не сметаше дека еднаквоста со Бог е нешто по кое треба да се граба“ * (Филипјаните 2:6, The New Jerusalem Bible). Книгата The Paganism in Our Christianity (Паганството во нашето христијанство) тврди: „Исус Христос никогаш не споменал таков феномен [еднакво Тројство], и никаде во Новиот Завет не се појавува зборот ‚Тројство‘. Идејата била само усвоена од Црквата триста години по смртта на нашиот Господ; а потеклото на поимот во потполност е пагански“. Јеховините сведоци го прифаќаат библиското учење за Христос. Тие се христијани, а не тринитаријанци.
Нема екуменизам
17. Зошто Јеховините сведоци не соработуваат со екуменското, т. е. меѓуверско движење?
17 Други две поплаки против Јеховините сведоци се дека тие одбиваат да учествуваат во екуменското движење и дека се ангажираат во т. н. „агресивно преобраќање“. Обата прекора биле изнесувани и против раните христијани. Т. н. христијанство со неговите католички, православни и протестантски компоненти неоспорно е дел од овој свет. Како Исус, Јеховините сведоци „не се дел од светот“ (Јован 17:14, NW). Како би можеле преку меѓуверски движења да се здружуваат со религиозни организации кои унапредуваат нехристијанско однесување и верувања?
18. а) Зошто не може Јеховините сведоци да бидат критикувани заради тврдењето дека само тие ја практицираат вистинската религија? б) Што не победуваат римокатолиците, иако веруваат дека само тие ја имаат вистинската религија?
18 Кој може оправдано да ги критикува Јеховините сведоци затоа што, како и првите христијани, веруваат дека само тие ја практицираат единствената вистинска религија? Дури и Католичката црква, додека лицемерно тврди дека соработува со екуменското движење, објавува: „Ние веруваме дека оваа една вистинска религија и понатаму постои во Католичката и Апостолска Црква, на која Господ Исус ѝ ја доверил задачата да ја шири меѓу сите луѓе кога им рекол на своите апостоли: ‚Затоа одете и правете ученици од сите народи‘“ (II Ватикански концил, „Проглас за религиозната слобода“). Но, очигледно дека таквото верување не е доволно за да им влее на католиците неуморна ревност да одат и да прават ученици.
19. а) Што се решени да прават Јеховините сведоци, и со каков мотив? б) Што ќе биде испитано во следната статија?
19 Јеховините сведоци имаат таква ревност. Тие се решени да продолжат да сведочат сѐ додека Бог тоа го бара од нив (Матеј 24:14). Нивното сведочење е ревносно, но не агресивно. Тоа е мотивирано од љубов кон ближниот, а не од омраза кон човештвото. Тие се надеваат колку што е можно поголем дел од човештвото да се спасат (1. Тимотеј 4:16). Како раните христијани, настојуваат да бидат „во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). Како го остваруваат тоа, ќе биде разгледано во следната статија.
[Фуснота]
^ пас. 16 За дискусија на овој дел во врска со догмата за Тројството види Стражарска кула од 15. јуни 1971, стр. 355-356 (англ.).
За повторување
◻ Што ги карактеризирало раните христијани, и како Јеховините сведоци се слични на нив?
◻ Во кој аспект Јеховините сведоци покажуваат дека се добри граѓани?
◻ Како гледале владејачките класи на раните христијани, и дали постои денеска некаква разлика?
◻ На што ги поттикнува Сведоците нивното уверување дека ја поседуваат вистината?
[Прашања]
[Слика на страница 12]
Јеховините сведоци се решени да продолжат да сведочат сѐ додека Бог тоа го бара од нив
[Слика на страница 17]
Пилат рекол: „Еве Го Човекот!“ — оној кој не бил дел од светот (Јован 19:5)
[Извор на слика]
„Ecce Homo“ од А. Чизери: Фиренца, Galleria d’Arte Moderna / Alinari/Art Resource, N.Y.