Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистинска помош за семејството

Вистинска помош за семејството

Вистинска помош за семејството

„Фер е да се каже дека во Америка постои криза на семејството. Од стапката на развод, статистиката за вонбрачни раѓања [и] од случаите на злоупотреба на малолетници и на брачниот партнер, не е возможно да се изведе ниеден друг заклучок.“

ОВИЕ зборови на телевизискиот коментатор од Соединетите Држави Том Брокоу би можеле да се применат во повеќе земји. Што значи оваа криза?

Семејството е основниот градежен блок на општеството во многу погледи. Ако семејството е во неволја, тогаш и општеството е во неволја. Понатаму, семејството е извор на емоционална и финансиска поддршка на децата. Во него тие ги учат првите и најважните лекции во животот. Кога семејството е во неволја, тогаш што учат децата? Каде е нивната безбедност? Какви возрасни ќе бидат кога ќе пораснат?

Дали во ова време на криза постои некаква помош за семејството? Да. Семејството е институција која ја основал самиот Бог (1. Мојсеева 1:27, 28). Неопходното водство за семејството, пак, го дал во својата Реч, Библијата (Колосјаните 3:18—21). Точно, ние не можеме да го промениме општеството како целина, но можеме да го применуваме библискиот совет во сопственото семејство. Би сакале да ти раскажеме за некои луѓе кои го сториле тоа, како и за добрите резултати кои ги постигнале.

Спречување развод

Околу 50 проценти од сите бракови во извесен број земји завршуваат со развод. Во човечките односи тоа е неуспех од широки размери! Навистина, многумина кои од таа причина завршуваат како самохрани родители јуначки ги подигаат своите деца. Но, повеќето сигурно би се сложиле дека е подобро кога една двојка може да ги реши проблемите и да остане заедно.

Бракот на една двојка од Соломонските Острови одел кон катастрофа. Сопругот, син на еден поглавар, бил насилен и имал многу лоши навики. Животот на жената ѝ бил толку тежок што дури се обидела да се самоубие. Тогаш, сопругот се сложил да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Дознал дека секој кој сака да му угоди на Бог, не само што мора да знае што е погрешно туку мора и да ‚го мрази злото‘ (Псалм 96:10). Тоа вклучува да се мразат работи како што се лажењето, крадењето, насилството и пијанството. Тој го зел тоа при срце и наскоро ги победил лошите навики и својот насилен карактер. Неговата сопруга била вчудовидена поради таа промена, и нивниот брак во голема мера се подобрил, благодарение на влијанието од Божјата Реч.

Една жена Јеховин сведок од Јужна Африка чула дека нејзината работодавачка и сопругот размислувале да се разведат. Жената ѝ кажала на својата шефица за Божјето гледиште за бракот и ѝ ја покажала книгата со наслов Тајната на семејната среќа. Оваа книга, објавена од Јеховините сведоци, ги истакнува библиските начела кои важат за бракот и посебно нагласува како Библијата им помага на брачните двојки да ги решат проблемите. Работодавачката и нејзиниот сопруг ја прочитале книгата и се обиделе искрено да го применуваат изнесениот библиски совет. Како резултат на тоа, решиле да не се разведуваат — така бил спасен уште еден брак преку примена на библиските начела.

Различни религии

А што е со бракот во кој сопружниците имаат различни религии? Библијата реалистично ги советува христијаните да се венчаваат „само во Господа“ (1. Коринтјаните 7:39). Но, понекогаш, едниот брачен партнер ја менува религијата. Дали тоа треба да значи крај на бракот? Никако.

Една жена од Боцвана која неодамна станала Јеховин сведок била запрашана како нејзината нова вера лично ја променила. Таа го замолила својот сопруг да одговори наместо неа, а еве што рекол тој: „Откако мојата сопруга стана Јеховин сведок, кај неа видов многу позитивни промени. Таа сега има една смирена и мудра сила која порано ја немаше. Имаше сила и уверување да прекине со пушењето, слабост која јас сѐ уште не можам да ја надминам. Мојата сопруга стана помила и посрдечна кон децата и кон мене, а и кон другите. Таа е потолерантна, особено кон децата. Ја гледам како поминува време во службата, обидувајќи се да им помогне на другите да си го подобрат животот. Исто така, увидов позитивни промени и кај себе. Верувам дека тоа е само поради нејзиниот пример“. Колку само убав ефект имале библиските начела врз овој брак! Многумина кои не се Сведоци дале слични коментари за својот брачен партнер кој е Сведок.

Кога таткото ги занемарува своите одговорности

Односот меѓу таткото и децата е клуч за градење јаки семејства. Апостол Павле советувал: „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!“ (Ефесјаните 6:4). Тогаш, не е ни чудо што за многуте социјални проблеми, една статија во The Wilson Quarterly ги обвинила татковците кои не ја исполнуваат својата улога. Статијата навела: „Помеѓу 1960 и 1990, процентот на децата кои живеат одвоено од своите биолошки татковци се зголеми за повеќе од двапати . . . Опаѓањето на татковството е главна сила која стои зад многуте вознемирувачки проблеми кои го мачат американското општество“.

Дали ова значи дека децата кои немаат водство од своите татковци се осудени на неуспех? Не. Псалмистот од старо време рекол: „Зашто татко ми и мајка ми ме оставија, но Господ ме прими“ (Псалм 26:10). Тоа било случај и со едно деветгодишно момче од Тајланд. Останал без мајка уште кога бил бебе, а татко му, затоа што не го сакал, го оставил кај баба му. Чувствувајќи се непожелно и несакано, момчето станало бунтовно и стекнало глас на тиранин. Дури ѝ се заканувало на бабата. Забележувајќи го дека честопати стои надвор од локалната Сала на Царството, еден ден двајца полновремени евангелизатори на Јеховините сведоци го поканиле во својот дом.

Му кажале за Бог — дека Тој, како еден татко, ги љуби своите деца. Исто така, му зборувале за земниот рај кој Бог им го ветил на верните луѓе (Откровение 21:3, 4). Сето тоа му се допаднало на момчето и тоа доаѓало секој ден за да научи повеќе. Сведоците му рекле дека, ако сака Бог да биде негов Татко, тоа ќе мора да престане да биде тиранин. Ова било во склад со зборовите на Павле до Римјаните: „Доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). Исто така, требало да постапува љубезно и со својата баба (1. Тимотеј 5:1, 2). Наскоро, тоа почнало да ги спроведува во пракса библиските начела и, несомнено, во голема мера го подобрило семејниот живот со својата баба (Галатјаните 5:22, 23). Соседите биле толку импресионирани од промените што ги забележале кај него што сакале и нивните деца да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци!

Мирољубив дух

Апостол Павле на колосјаните им напишал: „Облечете се во љубов, која е врска на совршенството, и мир Божји да владее во срцата ваши“ (Колосјаните 3:14, 15). Мирољубивиот дух и искрената љубов не можат а да не го поврзат семејството. Тие можат и да ги залечат долгогодишните поделби во семејството. Рукија, која живее во Албанија, не зборувала со својот брат повеќе од 17 години поради семејна неслога. Кога почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, дознала дека секој Божји слуга е поттикнат да негува мир со другите. „Нека бара мир и нека се стреми кон него“ (1. Петрово 3:11).

Рукија увидела дека таа мора да бара мир со својот брат. Цела ноќ се молела и, следното утро, додека срцето брзо ѝ чукало, отишла во куќата на својот брат. Вратата ја отворила нејзината внука и изненадено ја прашала: „Што правиш ти тука?“ Рукија смирено замолила да го види брата си, објаснувајќи дека сака да се смири со него. Зошто? Затоа што сега сфатила дека тоа е Божја волја. Нејзиниот брат реагирал поволно, и нивното повторно обединување било одбележано со прегратки и солзи радосници — едно семејство било повторно обединето поради тоа што биле следени библиските начела.

Лоши друштва

„Просечното денешно дете гледа телевизија седум часа дневно. До крајот на основното училиште, тоа веќе видело над осум илјади убиства и сто илјади чинови на насилство.“ Така вели книгата The 7 Habits of Highly Effective Families. Каков ефект има таквото изложување на детето? „Експертите“ не се сложуваат меѓу себе околу тоа, но Библијата силно предупредува против лошите друштва. На пример, таа вели: „Кој другарува со безумни, глупав ќе биде“ (Изреки 13:21). Исто така, таа вели: „Лошите зборови [друштва, NW] ги расипуваат добрите обичаи!“ (1. Коринтјаните 15:33). Семејниот живот може да се подобри ако мудро гледаме на ова начело како на вистинито, без разлика на тоа дали лошите друштва се во живо или на некоја телевизиска програма.

Една мајка од Луксембург ја проучувала Библијата со една жена Јеховин сведок. Еден ден таа ѝ рекла на жената сведок дека нејзините две ќерки кои имаат седум и осум години, навечер стануваат многу кавгаџиски настроени и агресивни. Жената сведок ја прашала што прават девојчињата навечер. Мајката рекла дека додека таа ја чисти кујната, тие гледаат телевизија. Каква програма? „Ох, па некои цртани филмови“, одговорила мајката. Кога посетителката спомнала дека таквите програми честопати се насилни, мајката на девојчињата ветила дека ќе ги следи.

Мајката известила дека следниот ден била шокирана од цртаните филмови кои ги гледале нејзините ќерки. Тие прикажувале некои измислени чудовишта од вселената кои пакосно уништуваат сѐ што им стои на патот. Им објаснила на ќерките дека Јехова го мрази насилството и дека не е среќен кога ние гледаме таква суровост (Псалм 11:5NW). Девојчињата, сакајќи да му угодат на Јехова, се сложиле да си цртаат и бојат наместо да гледаат телевизија. Нивното агресивно однесување веднаш се променило и семејната атмосфера се подобрила.

Ова се само неколку примери кои покажуваат дека применувањето на библиските начела го подобрува семејниот живот. Библискиот совет ги опфаќа сите ситуации. Тој е автентичен и има моќно влијание на добро (Евреите 4:12). Кога луѓето ја проучуваат Библијата и искрено се трудат да го применат она што го вели таа, тогаш семејствата се зајакнуваат, личностите се подобруваат, а грешките се избегнуваат. Дури и ако само еден член на семејството го следи Божјиот совет, работите се подобруваат. Навистина, на сите подрачја од животот треба да гледаме на Божјата Реч онака како што гледал псалмистот кој запишал: „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Псалм 118:105).

[Слика на страница 5]

Со примена на библиските начела биле решени семејни проблеми