Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали имаш вера како Авраамовата?

Дали имаш вера како Авраамовата?

Дали имаш вера како Авраамовата?

„Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (ЛУКА 18:8).

1. Зошто денес е тешко да се задржи јака вера?

 ДЕНЕС не е лесно да се задржи јака вера. Светот ги става христијаните под тежок притисок за да го одврати нивното внимание од духовните работи (Лука 21:34; 1. Јованово 2:15, 16). Многумина мораат да се борат за да преживеат наспроти војните, катастрофите, болестите или гладот (Лука 21:10, 11). Кај извесен број нации постои силна световна култура, и на сите кои живеат според својата вера се гледа како на неразумни, па дури и фанатични. Освен тоа, многу христијани се прогонувани заради нивната вера (Матеј 24:9). Секако дека е соодветно Исусовото прашање кое го поставил пред речиси 2.000 години: „Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука 18:8).

2. а) Зошто јаката вера е витална за христијанинот? б) Чиј пример на вера ќе биде добро да го разгледаме?

2 Но, факт е дека јаката вера е витална ако сакаме да водиме успешен живот сега и да го добиеме ветениот вечен живот во иднина. Цитирајќи ги Јеховините зборови до Авакум, апостол Павле напишал: „Праведниот преку верата ќе биде жив“ и ‚ако отстапи, нема да Ми биде по волјата Моја‘ . . . без вера не е можно да Му се угоди на Бога“ (Евреите 10:38—11:6; Авакум 2:4). Павле му рекол на Тимотеј: „Бори се во добриот подвиг на верата; држи се за вечниот живот, за кој си и повикан“ (1. Тимотеј 6:12). Тогаш, како е можно да се има нескршлива вера? При разгледувањето на тоа прашање ќе биде добро ако обрнеме внимание на еден човек, кој иако живеел пред околу 4.000 години, сепак неговата вера сѐ уште е длабоко ценета во три главни религии — исламот, јудаизмот и христијанството. Тој човек е Авраам. Зошто неговата вера била толку извонредна? Можеме ли ние денес да го имитираме?

Послушност на Божјето упатство

3, 4. Зошто Тара го преселил своето семејство од Ур во Харан?

3 Авраам (првобитно наречен Аврам) првпат е спомнат во самиот почеток на Библијата. Во 1. Мојсеева 11:26 читаме: „Тара . . . го роди Аврама, Нахора и Арана“. Тара и неговото семејство живееле во Ур халдејски, напреден град во јужна Месопотамија. Меѓутоа, тие не останале таму. „И го зеде Тара синот свој, Аврама, и внукот од синот свој, Лот, син Аранов, и Сара, снаата своја, жената на неговиот син Аврам; па излегоа заедно од Ур Халдејски за да појдат во земјата Хананска; и дојдоа до Харан, каде што се и населија“ (1. Мојсеева 11:31). Авраамовиот брат Нахор исто така го преселил своето семејство во Харан (1. Мојсеева 24:10, 15; 28:1, 2; 29:4). Но, зошто Тара се преселил од напредниот Ур во далечниот Харан?

4 Отприлика 2.000 години после времето на Авраам, верниот човек Стефан, говорејќи пред еврејскиот Синедрион, ја објаснил оваа необична селидба на семејството на Тара. Тој рекол: „Бог на славата му се јави на таткото наш Авраама, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан, и му рече: ‚Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татка ти, па дојди во земјата, што ќе ти ја покажам.‘ Тогаш тој излезе од земјата Халдејска и се насели во Харан“ (Дела 7:2—4). Кога го преселил своето потесно семејство во Харан, Тара всушност се подложил на Јеховината волја за Авраам.

5. Каде отишол Авраам по смртта на својот татко? Зошто?

5 Семејството на Тара се населило во својот нов град. Со години подоцна, кога Авраам говорел за „земјата моја“, мислел на подрачјето на Харан, а не на Ур (1. Мојсеева 24:4). Сепак, Харан не бил постојан дом на Авраам. Според Стефан, „по смртта на неговиот [Авраамовиот] татко, Бог го пресели во оваа земја, каде што живеете вие сега“ (Дела 7:4). Послушен на Јеховиното упатство, Авраам, придружуван од Лот, го преминал Еуфрат и влегол во земјата Ханан. a

6. Кое ветување му го дал Јехова на Авраам?

6 Зошто Јехова предизвикал Авраам да се пресели во Ханан? Причината била поврзана со Божјите намери за тој верен човек. Јехова му рекол на Авраам: „Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата, што ќе ти ја покажам Јас! А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен. Ќе ги благословам оние, што тебе ќе те благословуваат, и ќе ги проколнам оние, што тебе ќе те проколнуваат и преку тебе ќе бидат благословени сите родови на земјата“ (1. Мојсеева 12:1—3). Авраам требало да биде татко на една голема нација која би ја уживала Јеховината заштита и која би ја поседувала земјата Ханан. Прекрасно ветување! Но, за да ја наследи таа земја, Авраам морал да направи коренити промени во својот живот.

7. Кои промени морал Авраам да биде подготвен да ги направи за да го наследи Јеховиното ветување?

7 Со напуштањето на Ур, Авраам напуштил еден напреден град и веројатно поширокото семејство на татко му — важни извори на сигурност во тие патријахални времиња. Со напуштањето на Харан, тој се одвоил од домаќинството на својот татко, вклучувајќи го и семејството на својот брат Нахор, и се преселил во непозната земја. Во Ханан тој не побарал сигурност во ѕидините на градот. Зошто не? Кратко откако Авраам влегол во земјата, Јехова му рекол: „Стани и изоди ја оваа земја во должина и во широчина, зашто ќе ти ја дадам тебе (1. Мојсеева 13:17). 75-годишниот Аврам и неговата 65-годишна сопруга Сара ги следеле тие упатства. „Со вера се пресели Авраам во ветената земја, како во туѓа, и се настани под шатори“ (Евреите 11:9; 1. Мојсеева 12:4).

Вера како Авраамовата денес

8. Со оглед на примерот на Авраам и на другите древни сведоци, што треба да негуваме ние?

8 Авраам и неговото семејство се вброени меѓу големиот „облак од [претхристијански] сведоци“ (NW) кои се спомнати во Евреите, поглавје 11. Со оглед на верата на тие рани Божји слуги, Павле ги охрабрува христијаните да „отфрлиме од себеси секакво бреме и грев [недостиг на вера], што лесно нѐ окружува [заплеткува, NW]“ (Евреите 12:1). Да, недостигот на вера може ‚лесно да нѐ заплетка‘. Но, во времето на Павле и во наше време, вистинските христијани можеле да негуваат јака вера која може да се спореди со верата на Авраам и на другите од старо време. Говорејќи за себе и за сохристијаните, Павле вели: „Ние, пак, не сме од оние, што се отстрануваат за погибел, туку од оние, кои веруваат за спасение на душата“ (Евреите 10:39).

9, 10. Кој доказ постои дека многумина денес имаат вера како Авраамовата?

9 Точно, од времето на Авраам па наваму светот се променил. Сепак, ние сѐ уште му служиме на истиот „Бог Авраамов“, кој не се менува (Дела 3:13; Малахија 3:6). Јехова заслужува да биде обожаван и денес токму како што заслужувал и во времето на Авраам (Откровение 4:11). Многумина целосно му се предаваат на Јехова и, слично како Авраам, ги прават сите потребни промени во својот живот за да ја вршат Божјата волја. Минатата година, 316.092 лица дадоа јавен доказ за своето предание подложувајќи се на крштавање во вода „во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Матеј 28:19).

10 Повеќето од овие нови христијани не морале да патуваат во далечни странски земји за да го исполнат своето предание. Но, во духовна смисла, многумина од нив патувале прилично растојание. На пример, Елси од Маврициус била маѓесница. Сите се плашеле од неа. Еден специјален пионер договорил библиска студија со ќерката на Елси, а тоа го отворило патот Елси ‚да се обрне од темнината во светлина‘ (Дела 26:18). Со оглед на интересот на нејзината ќерка, Елси се сложила да ја проучува Моја книга со библиски приказни. Нејзината студија била водена трипати седмично бидејќи ѝ било потребно постојано охрабрување. Нејзините окултни практики не ѝ донеле среќа, и имала многу лични проблеми. Но, на крај, таа можела да го заврши долгото патување од демонизмот до вистинското обожавање. Кога луѓето доаѓале да ги бараат нејзините услуги, таа им објаснувала дека само Јехова може да ги заштити од злото. Сега Елси е крстен Сведок, а 14 луѓе од нејзиното семејство и од познаниците ја прифатиле вистината.

11. Кои преиначувања се спремни да ги прават оние кои му се предаваат на Јехова?

11 Повеќето од оние кои минатата година се предадоа за да му служат на Бог не морале да прават такви коренити промени. Но, сите се промениле — од духовно мртви во духовно живи (Ефесјаните 2:1NW). Иако физички сѐ уште се наоѓаат во светот, тие повеќе не се дел од него (Јован 17:15, 16). Слично на помазаните христијани, чие „живеалиште е на небесата“, тие се како „туѓинци и привремени доселеници“ (Филипјаните 3:20; 1. Петрово 2:11NW). Тие ги довеле своите животи во склад со Божјите мерила, мотивирани пред сѐ од љубовта кон Бог и кон ближниот (Матеј 22:37—39). Тие не тежнеат кон себични, материјалистички цели ниту, пак, чувствуваат потреба од лична исполнетост во овој свет. Наместо тоа, ги сосредоточуваат очите на ветеното „ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13; 2. Коринтјаните 4:18).

12. Која активност за која беше известено минатата година дава доказ дека за време на својата присутност Исус нашол „вера на земјата“?

12 Кога Авраам се преселил во Ханан, тој и неговото семејство биле таму сами, имајќи го само Јехова кој ги поддржувал и штител. Меѓутоа, овие 316.092 новокрстени христијани воопшто не се сами. Точно, Јехова ги поддржува и заштитува со својот дух, како што правел со Авраам (Изреки 18:11). Но, освен тоа, тој ги поддржува и преку една меѓународна „нација“ која е полна со живот и е побројна отколку некои световни нации денес (Исаија 66:8). Минатата година, највисок број од 5.888.650 жители на таа нова нација дадоа доказ за својата активна вера разговарајќи со своите соседи за Божјите ветувања (Марко 13:10). Тие поминаа извонреден износ од 1.186.666.708 часа во ова дело, настојувајќи да најдат заинтересирани лица. Како резултат на тоа, се водеа 4.302.852 библиски студии со другите кои сакаат да негуваат вера. Како понатамошен показател на својата ревност, 698.781 лица од таа „нација“ учествуваа во пионерска служба, било полновремено било еден месец или повеќе. (Поединости за активноста на Јеховините сведоци во минатата година се наоѓаат на страници 12—15.) Овој извонреден извештај е позитивен, жив одговор на Исусовото прашање: „Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“

Верни и покрај испити

13, 14. Опиши некои тешкотии на кои наишле Авраам и неговото семејство во Ханан.

13 На Авраам и неговото домаќинство честопати им било тешко во Ханан. Најмалку во една прилика имало суров глад кој го протерал од Ханан во Египет. Освен тоа, и владетелот на Египет и владетелот на Герар (близу Газа) се обиделе да си ја земат за себе Авраамовата сопруга, Сара (1. Мојсеева 12:10—20; 20:1—18). Исто така, имало конфликти меѓу овчарите на Авраамовата стока и овчарите на Лотовата стока, што предизвикало одвојување меѓу тие две домаќинства. Авраам несебично му дозволил на Лот прв да ја избере земјата, и Лот избрал да живее во областа на Јордан, која изгледала едемски по својата плодност и убавина (1. Мојсеева 13:5—13).

14 Потоа, Лот бил вмешан во една војна меѓу царот на далечниот Елам и неговите сојузници од една страна, и царевите на пет градови во долината Сидим од друга страна. Странските цареви ги победиле локалните цареви и извршиле голема пљачка, во која бил вклучен Лот со неговите добра. Кога Авраам чул што се случило, тој бестрашно ги гонел странските цареви и бил во можност да го ослободи Лот и неговото домаќинство, како и неговите добра од локалните цареви (1. Мојсеева 14:1—16). Меѓутоа, тоа не било најлошото искуство на Лот во Ханан. Од некоја причина тој се населил во Содом, и покрај тоа што тој град бил на глас како неморален b (2. Петрово 2:6—8). Кога двајца ангели го предупредиле дека градот ќе биде уништен, Лот побегнал со својата сопруга и со ќерките. Меѓутоа, сопругата на Лот ги игнорирала конкретните упатства на ангелите и, како резултат на тоа, била погребана во сол. Извесно време Лот бил понижен да живее во една пештера во Сихор со своите две ќерки (1. Мојсеева 19:1—30). Овие настани сигурно многу го вознемириле Авраам, особено со оглед на тоа што Лот дошол во Ханан како дел од Авраамовото домаќинство.

15. И покрај проблемите со кои се соочил Авраам додека живеел во шатори во непозната земја, кое негативно размислување очигледно го избегнувал?

15 Дали Авраам некогаш се прашувал дали тој и Лот требало да останат во сигурноста на Ур со поширокото семејство на неговиот татко или во Харан со својот брат Нахор? Дали некогаш посакувал да може да пушти корени во сигурноста на некој град опколен со ѕидини наместо да живее во шатори? Дали можеби ја довел во прашање мудроста на жртвите кои ги правел со тоа што бил патешественик во непозната земја? Говорејќи за Авраам и за неговото семејство, апостол Павле забележал: „И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа време да се вратат“ (Евреите 11:15). Сепак, тие не се вратиле. Незаплашени од тешкотиите, останале онаму каде што Јехова сакал да бидат.

Истрајност денес

16, 17. а) Со какви тешкотии се соочуваат многу христијани денес? б) Кој позитивен став го имаат христијаните? Зошто?

16 Слична истрајност се гледа кај христијаните денес. Иако за нив служењето на Бог е извор на голема радост, животот на вистинските христијани во овие последни денови не им е лесен. Иако живеат во еден духовен рај, тие ги поднесуваат истите економски притисоци како и нивните соседи (Исаија 11:6—9). Многумина станале недолжни жртви на војните на нациите, а некои биле доведени до крајна сиромаштија без своја вина. Освен тоа, тие поднесуваат проблеми како непопуларно малцинство. Во многу земји ја проповедаат добрата вест наспроти огромна апатија. Во други, пак, трпат измамнички напади од оние кои ‚измислуваат неволји преку законот‘ (NW) и „осудуваат невина крв“ (Псалм 93:20, 21). Дури и во земји каде што христијаните не се изложени на напад и каде што некои ги пофалуваат заради нивните високи мерила, тие се свесни дека се разликуваат од своите школски другари и колеги — слично на Авраам, кој живеел во шатори додека повеќето луѓе наоколу живееле во градови. Да, не е лесно да се живее во светот и, сепак, да ‚не се биде дел‘ од него (Јован 17:14NW).

17 Тогаш, дали жалиме што сме му се предале на Бог? Дали посакуваме да сме останеле дел од светот и да сме биле како и сите други? Дали жалиме поради жртвите што сме ги направиле во Јеховината служба? Никако! Наместо копнежливо да гледаме наназад, ние признаваме дека сѐ што можеби сме жртвувале нема вистинска вредност во споредба со благословите кои ги уживаме сега, како и оние кои ќе ги уживаме во иднина (Лука 9:62; Филипјаните 3:8). Освен тоа, дали луѓето во светот се среќни? Вистината е тоа дека многумина од нив ги бараат одговорите кои ние веќе ги имаме. Тие страдаат затоа што не го следат водството од Бог кое го следиме ние преку страниците на Библијата (Псалм 118:105). А многумина од нив копнеат по христијанското другарство и пријатното друштво кое го уживаме ние со соверниците (Псалм 132:1; Колосјаните 3:14).

18. Каков е крајниот резултат кога христијаните покажуваат храброст како Авраамовата?

18 Точно, понекогаш мора да бидеме храбри како Авраам кога ги гонел поробувачите на Лот. Но, кога сме храбри, Јехова го благословува исходот. На пример, како резултат на секташкото насилство во Северна Ирска, вкоренета е омразата и потребна е храброст за да се биде неутрален. Сепак, верните христијани ги следеле Јеховините зборови упатени до Исус Навин: „Биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај; зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш“ (Исус Навин 1:9; Псалм 26:14). Поради својот бестрашен став низ годините тие се здобиле со почитување, а денес можат слободно да проповедаат во сите средини на таа земја.

19. Каде се среќни христијаните, и каков исход со доверба очекуваат кога го следат Јеховиното упатство?

19 Никогаш не треба да се сомневаме во тоа дека ако го следиме Јеховиното упатство, без разлика на тоа со каква ситуација ќе се соочиме, конечниот исход ќе биде за негова слава и за наша долгорочна корист. И покрај предизвиците и жртвите, не постои место каде што повеќе би сакале да бидеме отколку во Јеховината служба, уживајќи другарство со нашите христијански браќа и со доверба чекајќи ја вечната иднина која ја ветил Бог.

[Фусноти]

a Веројатно Авраам го усвоил својот внук Лот кога умрел таткото на Лот, братот на Авраам (1. Мојсеева 11:27, 28; 12:5).

b Некои укажуваат дека Лот се населил во град заради поголема сигурност, откако го заробиле четирите цареви.

Се сеќаваш ли?

◻ Зошто е неопходна јака вера?

◻ Како Авраам покажал дека има јака вера?

◻ Како преданието е проследено со промени во животот?

◻ Зошто сме среќни што му служиме на Бог и покрај сите проблеми со кои можеби се соочуваме?

[Прашања]

[Слики на страница 7]

Авраам бил спремен да направи големи промени во својот живот за да го наследи ветувањето

[Слики на страница 9]

Доказот покажува дека за време на својата присутност Исус нашол „вера на земјата“