Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Еден чин на простување го отвора патот за спасение

Еден чин на простување го отвора патот за спасение

Тие ја извршувале Јеховината волја

Еден чин на простување го отвора патот за спасение

ДЕСЕТТЕ синови на Јаков кои стоеле пред премиерот на Египет, споделиле една ужасна тајна. Со години пред тоа, тие го продале својот полубрат Јосиф во ропство и испланирале да му кажат на својот татко дека го убила дива ѕверка (1. Мојсеева 37:18—35).

Сега, после скоро 20 години, суров глад ги присилил овие десет мажи да дојдат во Египет за да купат жито. Но, работите не течеле така глатко. Премиерот, кој служел и како управител над храната, ги обвинил дека се шпиони. Тој ставил еден од нив в затвор и барал останатите да се вратат дома и да го доведат нивниот најмлад брат Венијамин. Кога го сториле тоа, премиерот сковал план Венијамин да биде уапсен (1. Мојсеева 42:1—44:12).

Јуда, еден од синовите на Јаков, протестирал. ‚Ако се вратиме дома без Венијамин‘, рекол тој, ‚нашиот татко ќе умре.‘ Потоа се случило нешто што ни Јуда ниту, пак, кој и да било друг од неговите придружници во патувањето го очекувале. Откако наредил сите, освен синовите на Јаков, да ја напуштат просторијата, премиерот заплакал на глас. Потоа, откако се прибрал, тој изјавил: „Јас сум Јосиф“ (1. Мојсеева 44:18—45:3).

Милост и ослободување

„Дали е уште жив татко ми?“ — ги прашал Јосиф своите полубраќа. Немало одговор. Навистина, на Јосифовите полубраќа им се врзал јазикот. Дали да бидат восхитени или, пак, преплашени? На крајот на краиштата, кога биле 20 години помлади, тие го продале овој човек во ропство. Јосиф имал власт да ги затвори, да ги испрати дома без храна или, пак, — најстрашната можна работа — да ги погуби! Од добра причина Јосифовите полубраќа ‚не можеле да му одговорат, бидејќи се смутиле пред него‘ (1. Мојсеева 45:3).

Јосиф брзо ги опуштил овие мажи. „Дојдете поблизу до мене!“ — им рекол. Тие го послушале. Потоа им рекол: „Јас сум Јосиф, братот ваш, кого го продадовте во Египет. А сега, пак, не жалостете се ниту да жалите што ме продадовте ваму, оти Бог ме прати мене пред вас, за да ви го запази животот ваш“ (1. Мојсеева 45:4, 5).

Милоста на Јосиф не била покажана без некаква основа. Тој веќе забележал доказ за нивното каење. На пример, кога Јосиф ги обвинил своите полубраќа дека се шпиони, тој начул како меѓу себе си зборуваат: „Тешко нам! Ова е казната поради братот наш; не ја почувствувавме маката на душата негова . . . О затоа и нѐ снајде ова зло“ (1. Мојсеева 42:21). Исто така, Јуда се понудил да стане роб на местото на Венијамин за да може тој млад човек да се врати кај својот татко (1. Мојсеева 44:33, 34).

Според тоа, Јосиф оправдано покажал милост. Навистина, тој увидел дека тоа би можело да доведе до спасение за целото негово семејство. Затоа, Јосиф им рекол на своите полубраќа да се вратат кај нивниот татко Јаков и да му кажат: „Вака вели синот твој Јосиф — Бог ме постави за господар над целиот Египет; дојди при мене, не одлагај. Ќе живееш во земјата Гесем Арабиски и ќе бидеш близу до мене, ти и синовите твои, и внуците твои, и овците твои, и воловите и сѐ што е твое. А јас ќе се грижам ваму за прехраната твоја“ (1. Мојсеева 45:9—11).

Поголемиот Јосиф

Исус Христос може да се нарече Поголемиот Јосиф зашто постојат забележителни сличности меѓу тие двајца мажи. Слично на Јосиф, Исус бил малтретиран од своите браќа, останатите потомци на Авраам. (Спореди Дела 2:14, 29, 37.) Сепак, обајцата мажи доживеале извонреден пресврт. Со текот на времето, Јосифовиот статус на роб се променил во статус на премиер, втор веднаш после фараонот. На сличен начин, Јехова го подигнал Исус од мртвите и го возвишил до една супериорна положба на „десницата Божја“ (Дела 2:33; Филипјаните 2:9—11).

Како премиер, Јосиф можел да им подели храна на сите кои доаѓале во Египет да купат жито. Денес, Поголемиот Јосиф има на Земјата една класа на верен и разборит роб преку која дели духовна храна „во право време“ (Матеј 24:45—47; Лука 12:42—44). Навистина, оние кои доаѓаат кај Исус „нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат . . . бидејќи Агнецот, Кој е среде престолот, ќе ги пасе и води на живи извори водни“ (Откровение 7:16, 17).

Поука за нас

Јосиф дава еден извонреден пример на милост. Строгата правда барала да ги казни оние кои го продале во ропство. За разлика од тоа, чувството можело да го покрене едноставно да го превиди нивниот престап. Јосиф не го сторил ниту едното ниту другото. Наместо тоа, тој го испитал покајанието на своите полубраќа. Потоа, откако видел дека нивната жалост е вистинска, тој им простил.

Ние можеме да го имитираме Јосиф. Кога некој кој ни згрешил покажува вистинска промена на срцето, треба да му простиме. Се разбира, никогаш не треба да дозволиме чувството само по себе да нѐ заслепи за големото злодело. Од друга страна, пак, не треба да дозволиме чувствата на огорченост да нѐ заслепат за делата на вистинско каење. Затоа, да ‚продолжиме да се поднесуваме еден со друг и да си простуваме спремно еден на друг‘ (Колосјаните 3:13NW). Со тоа ќе го имитираме нашиот Бог Јехова кој е „спремен да прости“ (Псалм 86:5NW; Михеј 7:18, 19).