Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ероним — полемичен пионер во преведувањето на Библијата

Ероним — полемичен пионер во преведувањето на Библијата

Ероним — полемичен пионер во преведувањето на Библијата

НА 8 АПРИЛ 1546 Концилот од Трент донел одлука со која латинската Вулгата „е одобрена од [Католичката] црква . . . и дека никој не треба да се осмели или да си допушти под некаков изговор да ја отфрли“. И по повеќе од илјада години откако била завршена, Вулгатата и нејзиниот преведувач Ероним долго време биле во средиштето на полемиката. Кој бил Ероним? Зошто биле полемични тој и неговиот превод на Библијата? Како неговата работа влијае врз преведувањето на Библијата денес?

Развој на еден изучувач

Латинското име на Ероним било Евзебиј Хиеронимус. Тој е роден околу 346 н. е. во Стридон, во римската провинција Далмација, близу денешната граница меѓу Италија и Словенија. a Неговите родители биле средно богати, па така ги вкусил предностите на парите уште на рана возраст, здобивајќи се со образование во Рим кај прочуениот граматичар Донат. Ероним се покажал како надарен студент по граматика, реторика и филозофија. Во текот на тој период, почнал да студира и грчки јазик.

Откако во 366 н. е. го напуштил Рим, Ероним лутал наоколу и конечно завршил во Аквилеја (Италија) каде што се запознал со концептот на аскетизам. Привлечен од овие гледишта за крајно самоодрекување, тој и една група пријатели ги поминале следните неколку години водејќи еден аскетски начин на живот.

Во 373 н. е. еден неочекуван метеж предизвикал групата да се растури. Поради тоа што биле разбиени неговите очекувања Ероним се упатил кон исток преку Витинија, Галатија и Киликија, и на крај стигнал во Антиохија (Сирија).

Долгото патување го зело својот данок од него. Исцрпен и со слабо здравје, Ероним бил речиси совладан од треска. „Ох, кога само Господ Исус Христос одеднаш би ме пренел кај тебе“, му напишал тој на еден пријател. „Моето бедно тело, кое е бедно дури и кога сум здрав, е уништено.“

Болеста, осаменоста и внатрешниот судир како да не биле доволни, па така Ероним наскоро се соочил со уште една криза — духовна. Во сон се видел себеси „како го влечат пред судската столица“ на Бог. Кога бил замолен да се идентификува, Ероним одговорил: „Јас сум христијанин“. Но, оној кој претседавал се распалил: „Лажеш, ти си следбеник на Цицерон, а не на Христос“.

Сѐ дотогаш, страста на Ероним кон учењето првенствено била сосредоточена на проучувањето на паганските класици, а не на Божјата Реч. „Ме измачуваше“, рекол тој, „огнот на совеста.“ Надевајќи се дека ќе ги исправи работите, Ероним во сон се заветувал: „Господе, ако некогаш повторно поседувам световни книги или ако некогаш повторно ги читам, значи сум се откажал од тебе“.

Подоцна, Ероним тврдел дека не можел да се смета одговорен за заветот кој го дал во сон. Сепак бил одлучен да го исполни својот завет — барем во принцип. Затоа, ја напуштил Антиохија и се повлекол во Халкис во Сириската пустина. Живеејќи како пустиник, тој се задлабочил во проучување на Библијата и на теолошка литература. Ероним рекол: „Ги прочитав Божјите книги со поголема ревност отколку ревноста со која ги читав човечките книги“. Исто така, тој го научил локалниот сириски јазик и почнал да студира хебрејски со помош на еден Евреин кој бил преобратен во христијанството.

Налог од папата

После отприлика пет години монашко живеење, Ероним се вратил во Антиохија за да продолжи со студиите. Меѓутоа, откако пристигнал, тој увидел дека црквата е длабоко поделена. Навистина, додека сѐ уште бил во пустината, Ероним се обратил кај папата Дамас за совет, велејќи: „Црквата е расцепкана на три фракции, и секоја од нив е желна да ме присвои за себе“.

Со текот на времето, Ероним одлучил да го поддржи Паулинус, еден од тројцата мажи кои имале претензии за титулата бискуп на Антиохија. Ероним се сложил да биде ординиран од страна на Паулинус под два услова. Прво, сакал да биде слободен за да тежнее кон своите монашки амбиции. И второ, инсистирал да остане изземен од секакви свештенички обврски да служи во некоја поединечна црква.

Во 381 н. е. Ероним го придружувал Паулинус на Концилот во Константинопол и после тоа продолжил со него во Рим. Папата Дамас брзо ја препознал наобразбата и лингвистичките вештини на Ероним. Во рок од една година Ероним бил издигнат на една престижна положба — приватен секретар на Дамас.

Како секретар, Ероним не се плашел од полемика. Напротив, се чинело дека самиот ја привлекува. На пример, тој продолжил да живее аскетски среде луксузниот папски двор. Освен тоа, унапредувајќи го својот строг начин на живот и жестоко говорејќи против световното изобилие на свештенството, Ероним си создал приличен број непријатели.

Меѓутоа, и покрај тоа што имал критичари, тој добивал целосна поддршка од папата Дамас. Папата имал добра причина да го охрабри Ероним да продолжи со истражувањето на Библијата. Тоа време, во употреба биле голем број латински верзии на Библијата. Многу од нив биле невнимателно преведени и содржеле очигледни грешки. Друга грижа на Дамас било тоа што јазикот ги делел источните и западните подрачја на црквата. Малкумина на Исток знаеле латински; а уште помалку на Запад знаеле грчки.

Затоа папата Дамас бил желен да има еден ревидиран латински превод на евангелијата. Тој сакал еден превод кој точно би го одразувал оригиналниот грчки јазик, а кој сепак би бил речит и јасен на неговиот латински јазик. Ероним бил еден од неколкуте изучувачи кои можеле да направат таков превод. Затоа што течно говорел грчки, латински и старосириски јазик и имал практично познавање на хебрејскиот, тој бил добро квалификуван за таа работа. Затоа, по налог на Дамас, Ероним започнал еден проект кој требало да одземе повеќе од следните 20 години од неговиот живот.

Полемиката се засилува

Иако работел со голема брзина во преведувањето на евангелијата, Ероним покажувал јасна изучувачка техника. Споредувајќи ги сите грчки манускрипти кои тогаш биле на располагање, тој направил корекции во латинскиот текст, како во стилот така и во суштината, за да го доведе во поцелосен склад со грчкиот текст.

Еронимовиот превод на четирите евангелија главно бил добро примен, како што била и неговата латинска ревизија на Псалмите, која се темелела на текстот од грчката Септуагинта. И покрај тоа, сѐ уште имал критичари. „Некои суштества кои заслужуваат презир“, напишал Ероним, „намерно ме напаѓаа со обвинение дека сум настојувал да коригирам делови од евангелијата, против авторитетот на античките народи од стариот век и мислењето на целиот свет.“ Таквите поткажувања се засилиле после смртта на папата Дамас во 384 н. е. Односот на Ероним со новиот папа не бил баш поволен, па затоа решил да го напушти Рим. Уште еднаш се упатил кон исток.

Развој на еден хебрејски изучувач

Во 386 н. е. Ероним се населил во Витлеем, каде што останал во преостанатиот дел од животот. Бил придружуван од една мала група лојални следбеници, вклучувајќи ја и Паола, една богата благородничка од Рим. Како резултат на проповедањето на Ероним, таа го усвоила аскетскиот начин на живот. Со нејзина финансиска поддршка, под водство на Ероним бил отворен еден манастир. Таму ја вршел својата изучувачка работа и го довршил најголемиот труд во својот живот.

Живеењето во Палестина му дало на Ероним прилика да го подобри своето разбирање на хебрејскиот јазик. Платил неколку еврејски приватни учители за да му помогнат да разбере некои од потешките аспекти на јазикот. Но, дури и со приватен учител не било лесно. Во врска со еден учител, Баранинас од Тиберија, Ероним рекол: „Колкава само неволја и трошок беше за мене Баранинас да ме подучува во закрилата на ноќта“. Зошто учеле ноќе? Бидејќи Баранинас се плашел од тоа како еврејската заедница ќе гледа на неговото дружење со „христијанин“!

Во времето на Ероним, Евреите честопати им се исмејувале на не-Евреите кои говореле хебрејски заради тоа што не можеле правилно да ги изговараат грлените гласови. Сепак, после голем напор, Ероним успеал да ги совлада овие гласови. Исто така, тој транскрибирал голем број хебрејски зборови на латински. Овој чекор не само што му помогнал да ги запомни зборовите туку и го сочувал хебрејскиот изговор од тоа време.

Најголемата полемика на Ероним

Не се знае каква била намерата на Дамас во врска со тоа колкав дел од Библијата требало да преведе Ероним. Но, нема големо сомнение околу тоа како Ероним гледал на таа работа. Тој бил многу сконцентриран и одлучен. Имал огнена желба да направи нешто што ќе биде „корисно за Црквата, вредно за потомството“. На тој начин, решил да направи еден ревидиран латински превод на целата Библија.

Во врска со Хебрејските списи, Ероним имал намера да ја темели својата работа врз Септуагинтата. Оваа грчка верзија на Хебрејските списи која првпат била преведена во третиот век пр. н. е. многумина ја сметале како директно инспирирана од Бог. На тој начин, Септуагинтата имала широк тираж меѓу христијаните во тоа време кои зборувале грчки.

Меѓутоа, како што Ероним напредувал со својата работа, откривал недоследности меѓу грчките манускрипти, слични на оние на кои наишол во латинските. Фрустрацијата на Ероним растела. На крај дошол до заклучок дека, за да направи еден веродостоен превод, ќе мора да ги заобиколи грчките манускрипти, вклучувајќи голем дел од почитуваната Септуагинта, и да оди директно на оригиналниот хебрејски текст.

Оваа одлука предизвикала негодување. Некои го етикетирале Ероним како фалсификатор на текстот, богохулник кој ги напушта традициите на црквата во полза на Евреите. Дури и Августин — најистакнатиот црковен теолог од тоа време — го молел Ероним да се врати на текстот на Септуагинтата, велејќи: „Ако во многу цркви стане повообичаено да се чита твојот превод, ќе биде жалосно кога при читањето на Писмото ќе мораат да се појават разлики меѓу латинските и грчките цркви“.

Да, Августин се плашел од тоа дека црквата би можела да се подели доколку западните цркви го користат латинскиот текст на Ероним, темелен на хебрејските текстови, додека грчките цркви на Исток сѐ уште ја користеле верзијата Септуагинта. b Освен тоа, Августин изразил загриженост околу запоставувањето на Септуагинтата во прилог на еден превод кој можел да го брани само Ероним.

Како реагирал Ероним на сите овие гласови против него? Верен на својот карактер, тој ги игнорирал критичарите. Продолжил да работи директно од хебрејскиот, и така до 405 н. е. ја довршил својата Библија на латински. После неколку години неговиот превод бил наречен Вулгата што укажува на една заеднички прифатена верзија (на латински вулгатус значи „заедничко, она што е популарно“).

Долготрајни остварувања

Еронимовиот превод на Хебрејските списи бил многу повеќе отколку само ревизија на постоечкиот текст. За генерациите кои доаѓале, тој го сменил правецот на проучување и преведување на Библијата. „Вулгатата“, рекол историчарот Вил Дјурант, „останува најголемото и највлијателното книжевно остварување од четвртиот век.“

Иако Ероним поседувал остар јазик и бил кавгаџија, тој без ничија помош го вратил истражувањето на Библијата кон инспирираниот хебрејски текст. Со остро око ги проучил и споредил древните хебрејски и грчки библиски манускрипти кои денес повеќе не ни се на располагање. Исто така, неговото дело му претходело на делото на еврејските масорети. Според тоа, Вулгатата е вредна референца за споредување на наизменичните преводи на библиските текстови.

Без да го одобруваат неговото екстремно однесување или религиозните гледишта, љубителите на Божјата Реч можат да ги ценат марливите напори на овој полемичен пионер во преведувањето на Библијата. А да, Ероним навистина ја исполнил својата цел — тој направил нешто што е „вредно за потомството“.

[Фусноти]

a Сите историчари не се сложуваат со датумите и редоследот на настаните од животот на Ероним.

b Како што испаднале работите, преводот на Ероним станал основната Библија за христијанството на Запад, додека христијанството на Исток и понатаму ја користи Септуагинтата сѐ до ден-денес.

[Слика на страница 28]

Статуа на Ероним во Витлеем

[Извор на слика]

Гаро Налбандијан

[Извори на слики на страница 26]

Горе лево, хебрејски манускрипт: Со љубезна дозвола на The Shrine of the Book, Israel Museum, Ерусалим; долу лево, сириски манускрипт: Репродуциран со дозвола на управниците на Chester Beatty Library, Даблин; горе во средина, грчки манускрипт: Со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority