Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Настојувам да бидам „работник кој нема од што да се срами“

Настојувам да бидам „работник кој нема од што да се срами“

Настојувам да бидам „работник кој нема од што да се срами“

РАСКАЖАЛ АНДРЕ СОПА

Беснееше II светска војна, оставајќи зад себе неопислив колеж и очај. Како сигналист во германската воена морнарица стационирана во близината на Нарвик (Норвешка), можев од прва рака да ја видам нечовечноста на човек кон човек. Навечер, во заветрината на фјордовите, божествената убавина на поларната светлина ме наведуваше длабоко да размислувам за животот. Бев сигурен дека Богот кој ги создал тие работи не би можел да биде одговорен за лудилото на војната.

РОДЕН сум 1923 година во малото село Ласот (сега во Полска), близу чешката граница, и пораснав во едно сиромашно земјоделско семејство. Моите родители беа оддадени католици, и религијата имаше многу голем удел во нашиот живот. Меѓутоа, уште рано почнаа да ми се јавуваат некои сомненија во врска со мојата религија. Во нашето село имаше три протестантски семејства, кои беа избегнувани од католичката средина. Не можев да разберам зошто беше така. На училиште бевме поучувани за катехизам. Но, еден ден кога го замолив свештеникот да ми го објасни тројството, сѐ што добив како одговор беа десет удари со стап. Сепак, тоа што се случи кога имав 17 години ја потврди мојата неостварена надеж во црквата. Родителите на мајка ми умреа еден по друг, за еден месец. Мајка ми немаше доволно пари за да ѝ ги плати на црквата двете погребни служби. Затоа, го праша свештеникот дали ќе може да му плати подоцна. „Твоите родители имаа некои работи, зарем не?“ беше неговиот одговор. „Продај ги, и парите искористи ги за погребот.“

Неколку години пред тоа, откако Хитлер дојде на власт, во 1933, повеќе не ни беше дозволено да зборуваме полски; моравме да зборуваме германски. Подоцна ни беше кажано дека оние кои го одбивале тоа или кои не можеле да научат германски, постепено исчезнувале — биле испраќани во концентрациони логори. Дури и името на нашето село беше променето во германско име, Гринфлис. Прекинав со училиштето на 14 години, и затоа што не бев во Хитлеровата младинска организација, беше проблем да најдам работа. Но, на крај, бев најмен како чирак кај еден ковач. Штом започна војната, во црквата беа кажувани молитви за Хитлер и за германските војски. Се прашував дали и на другата страна беа кажувани слични молитви за победа.

Служба во германската воена морнарица

Во декември 1941 потпишав за германската воена морнарица, и во почетокот на 1942 бев испратен на норвешкиот брег да служам на еден извиднички брод. Бевме доделени како вооружена придружба меѓу Ронјем и Осло, придружувајќи ги бродовите кои пренесуваа војска, муниција или товар. Додека бев на море, наслушнав како двајца морнари зборуваа за крајот на светот кој е претскажан во Библијата. Иако се плашеа отворено да разговараат, тие ми рекоа дека нивните родители се поврзани со Јеховините сведоци, но дека тие не го следеле нивниот пример. Тогаш за првпат чув за Јеховините сведоци.

На крајот од војната, бевме заробени од Британците кои нѐ предадоа на Американците за да нѐ вратат во Германија. Ние, кои имавме домови што сега се наоѓаа во советската зона, бевме испратени во еден заробенички логор во Ливан (северна Франција) да работиме во рудници за јаглен. Тоа беше во август 1945. Се сеќавам дека прашав еден од моите француски чувари на која религија ѝ припаѓа. „На католичка“, одговори тој. Бидејќи и јас бев католик, го прашав: ‚Па што си правиме еден на друг?‘ „Не вреди да се обидуваме да го разбереме тоа. Како е, така е“, беше неговиот одговор. За мене беше апсурдно тоа што луѓе од иста религија се бореа и се убиваа меѓу себе.

Зрак светлина во еден рудник за јаглен

Првиот ден во рудникот заедно со локалните рудари, некој Еванс Емијот ги подели своите сендвичи со мене. По потекло беше од Охајо (Соединетите Држави), но извесен број години живеел во Франција. Ми зборуваше за еден свет каде што повеќе нема да има војни. Неговиот љубезен став ме збуни. Не беше непријателски настроен иако бев Германец, а тој Американец. Потоа изгубивме контакт сѐ до почетокот на 1948, кога ми даде една џебна брошура со наслов „Кнез на мирот“. Тука најпосле дознав за еден Бог на добрината кој ја мрази војната — Богот кој си го замислував додека ја набљудував поларната светлина. Одлучив да ја најдам религијата која поучува за тоа. Но, бидејќи Еванс работеше во еден друг дел од рудникот, не можев да стапам во контакт со него. Одев наоколу кај сите различни религиозни групи низ заробеничкиот логор, прашувајќи ги дали тие знаат нешто за џебната брошура — но без успех.

Конечно, во април 1948, бев ослободен од заробеничкиот логор и станав слободен работник. Следната недела бев изненаден кога чув ѕвонење на мало ѕвонче на улицата. Колку само бев среќен кога го видов Еванс! Тој беше со една група Јеховини сведоци што носеа рекламни плакати на кои беше објавен насловот на едно јавно предавање. Сведокот кој ѕвонеше со ѕвончето беше Марсо Лерој, сега член на Одборот на подружницата во Франција. Ме запознаа со еден Полјак што зборуваше германски, по име Јозеф Кулцак, кој страдал во концентрационите логори заради неговата вера. Тој ме покани да појдам на состанок таа вечер. Не разбрав многу од она што беше кажано, но кога сите присутни кренаа рака, јас го прашав лицето кое седеше до мене зошто го прават тоа. „Тоа се оние кои можат да одат во Денкерк следната седмица за да проповедаат.“ „Може ли да дојдам и јас?“ — прашав. „Па, да!“ — беше одговорот. Така, следната недела отидов на проповедање од куќа до куќа. Иако не секој од оние кои ги сретнавме се сложи со нас, сепак јас уживав и наскоро редовно проповедав.

Учам да го контролирам мојот карактер

Кратко после тоа, Сведоците почнаа да проповедаат во бараките каде што живееја ослободените германски затвореници. Тоа не беше лесно за мене, бидејќи бев добро познат по мојот жесток карактер. Кога некој ќе одбиеше да ме сфати сериозно, му се заканував, велејќи: „Ако не внимаваш, ќе има проблеми“. Еднаш, додека работев во рудникот, дури удрив со тупаница еден кој му се исмејуваше на Јехова.

Меѓутоа, со Јеховина помош, можев да правам промени во мојата личност. Еден ден, додека проповедавме во тие бараки, една група мажи кои имаа испиено премногу алкохол, почнаа да им прават неприлики на некои Сведоци. Знаејќи го мојот избувлив карактер, браќата со кои бев се обидоа да ме спречат да интервенирам, но еден од мажите заканувачки тргна кон мене со брзи чекори и почна да си го соблекува палтото. Се симнав од велосипедот, му го дадов да го придржи и си ги ставив рацете во џебовите. Тој беше толку изненаден од тоа, што го сослуша она што имав да му го кажам. Му реков да си оди дома, да отспие и после тоа да дојде на јавното предавање. Навистина, во 15.00 часот тој беше таму. На крај, околу 20 поранешни затвореници ја прифатија пораката. Јас, пак, се крстив во септември 1948.

Исполнет, но наградувачки распоред

Мене ми беше дадена одговорност да се грижам за подрачјата во кои одевме да проповедаме и да наоѓам места каде би можеле да одржуваме јавни предавања. За таа цел, понекогаш патував и по околу 50 километри на мојот мал мотоцикл пред да одам на работа во рудниците во доцните смени. Потоа, за време на викендите одевме до подрачјето со автобус и префрлувавме по двајца или четворица објавители заедно со говорникот. Кога ќе најдевме погодно место во поголемите градови, ги стававме на куп нашите куфери за да служат како пулт за говорникот. Честопати носевме рекламни плакати за да ја објавиме темата на јавното предавање на кое ги каневме луѓето.

Во 1951 ја сретнав Жанет Шофур, Сведок од Ремс. Тоа беше љубов на прв поглед. Се венчавме една година подоцна, на 17 мај 1952. Се преселивме во Пекакур, рударски град близу Дуе. Меѓутоа, наскоро се појавија здравствени проблеми. Ми беше дијагностицирана силикоза, респираторна болест која се јавува при работа во рудници. Не можев да најдам никаква друга работа. Затоа, кога во 1955 за време на меѓународниот собир во Нирнберг (Германија) бевме замолени да помогнеме во едно мало собрание во Кел — мал индустриски град на Рајна, можевме слободно да се преселиме таму. Во тоа време, во собранието имаше само 45 објавители. Во следните седум години во кои работевме со тоа собрание, бројот на објавителите порасна на 95.

Понатамошни предности во службата

Гледајќи дека собранието е цврсто утврдено, ја замоливме Заедницата да ни даде доделба во Франција како специјални пионери. На наше големо изненадување, бевме доделени во Париз. Осумте месеци кои ги поминавме таму беа исполнети со голема радост. Жанет и јас имавме предност да водиме вкупно 42 библиски студии. Петмина од нашите студенти се крстија во текот на нашиот престој, а 11 други ја прифатија вистината подоцна.

Бидејќи живеевме во Латинскиот кварт, честопати среќававме професори од Сорбона. Еден пензиониран професор по филозофија кој практикувал лечење со вера, почна да ја проучува Библијата и на крај стана Јеховин сведок. Еден ден започнав библиска дискусија со еден градежен инженер кој бил во близок контакт со језуитските учители. Тој дојде во нашиот стан во три часот попладне и остана до десет навечер. На наше изненадување, после час и половина пак беше на нашата врата. Разговарал со некој језуит кој не можел да му одговори на неговите прашања за библиските пророштва. Во еден часот наутро си замина дома и пак се врати во седум часот. Со текот на времето, и тој стана Јеховин сведок. Таквата жед за вистината беше големо охрабрување за мојата сопруга и за мене.

После служењето во Париз, бев замолен да служам како патувачки надгледник за источниот дел на Франција. Ни причинуваше вистинска радост да ги посетуваме собранијата кои зборуваа француски и германски и да ги зајакнуваме браќата. Додека го посетував собранието Ромбас (Лорена), го запознав Станислав Амброшчак. Тој беше Полјак кој служел во една подморница на Алијансата за време на војната и се борел во норвешките води. Сме биле на спротивните страни додека сме пловеле во истите мориња. Сега веќе бевме браќа кои заедно работат во службата на нашиот Бог Јехова. Во една друга прилика, на еден собир во Париз здогледав еден човек кого го препознав. Тоа беше командирот на логорот каде што бев затвореник во северна Франција. Колку само бевме среќни што работевме заедно за време на конгресот! Таква е моќта на Божјата Реч која поранешните непријатели ги претвора во браќа и блиски пријатели!

За жал, после 14 години морав да прекинам со патувачкото дело поради моето сѐ послабо здравје. Меѓутоа, мојата сопруга и јас бевме одлучни да продолжиме да му служиме на Јехова, колку што можеме најдобро. Затоа, најдовме сместување и вработување во градот Милуз, во источна Франција, и станавме пионери (полновремени евангелизатори).

Друга голема радост низ годините беше мојата вклученост во изградбата на Сали на Царството. Во 1985 бев замолен да организирам тим за источниот дел на Франција. Користејќи вешти занаетчии и обучувајќи спремни волонтери, можевме да формираме тим кој учествуваше во изградба или реновирање на над 80 сали, правејќи ги погодни за Јеховиното обожавање. И колку само бев среќен што во 1993 работев на изградбата на една Собирна сала и пет Сали на Царството во Француска Гвајана (Јужна Америка)!

Да се продолжи и покрај испитите

Со сигурност можам да кажам дека низ изминатите 50 години теократска активност, мојот живот беше исполнет со голема радост и предности на службата. За жал, во декември 1995 умре мојата драга сопруга, со која поминав 43 години. Иако тоа беше време на голема жалост — а и денес сѐ уште жалам — Јехова ми дава сила, а моите духовни браќа и сестри ми даваат љубов и поддршка која некако ја намалува болката со одминувањето на времето.

Сѐ уште јасно се сеќавам на зборовите на еден од помазаните браќа на еден собир во Минхен (Германија) во 1963. „Андре“, ми рече тој, „не гледај ни лево ни десно. Браќата во концентрационите логори издржаа испити. Сега е ред на нас да продолжиме. Никогаш не смееме да се сожалуваме. Затоа, продолжи!“ Секогаш го имам тоа на ум. Сега, кога не можам да правам толку многу поради тоа што здравјето ми е влошено и сум сѐ постар, зборовите кои се наоѓаат во Евреите 6:10 ми се постојан извор на утеха: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име“. Да, работењето во Јеховината служба е најголемата предност што некој може да ја има. Во изминативе 50 години, моја цел беше — а и сѐ уште е — да бидам „работник кој нема од што да се срами“ (2. Тимотеј 2:15NW).

[Слика на страница 22]

На ваков брод служев на фјордовите во Норвешка

[Слика на страница 23]

Проповедање со велосипед во северна Франција

[Слика на страница 23]

Куфери кои беа ставени на куп и служеа како пулт за говорникот за јавното предавање

[Слики на страница 24]

Со мојата сопруга Жанет на нашата венчавка во 1952