Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали другите го прифаќаат твојот совет?

Дали другите го прифаќаат твојот совет?

Дали другите го прифаќаат твојот совет?

ДОБРИОТ совет кој е даден на исправен начин секогаш донесува добри резултати. Дали тоа е точно? Не! Дури и одличниот совет даден од способни советници честопати се игнорира или се отфрла (Изреки 29:19).

Ова се случило кога Јехова му дал совет на Каин кој развил омраза кон својот брат Авел (1. Мојсеева 4:3—5). Знаејќи дека ова за Каин претставувало опасност, Бог му рекол: „Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое? Зарем, кога правиш добро, не го креваш ли лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!“ (1. Мојсеева 4:6, 7).

На тој начин Јехова го поврзал гревот со грабливец кој чекал да му се нафрли на Каин доколку тој упорно негувал кимка против својот брат. (Спореди Јаков 1:14, 15.) Сѐ уште имало време Каин да го промени својот став, да ‚прави добро‘, наместо да тежнее кон еден катастрофален правец. За жал, Каин не обрнал внимание. Го отфрлил Јеховиниот совет — со ужасни последици.

Некои се огорчуваат и отфрлаат секаков совет (Изреки 1:22—30). Дали е можно отфрлањето на советот да биде по грешка на советникот? (Јов 38:2NW). Дали ти, кој даваш совет, им отежнуваш на другите да го прифатат? Поради човечката несовршеност, тоа претставува вистинска опасност. Но, ти можеш да ја минимизираш можноста да се случи тоа, ако внимателно ги следиш библиските начела. Да разгледаме неколку од нив.

‚Исправај со дух на благост‘

„Браќа, ако човек и направи некој погрешен чекор пред да биде свесен за тоа, вие кои имате духовни квалификации обидете се да го исправите таквиот човек во дух на благост, додека секој од вас пази на себе и самиот да не биде искушан“ (Галатјаните 6:1NW). На тој начин апостол Павле истакнал дека оние кои имаат „духовни квалификации“ треба да се обидат да го исправат христијанинот кој ‚прави погрешен чекор пред да биде свесен за тоа‘. Понекогаш се чини дека оние кои се најмалку квалификувани да дадат совет, се посклони да го прават тоа. Затоа, не биди пребрз да им даваш совети на другите (Изреки 10:19; Јаков 1:19; 3:1). Собраниските старешини се тие кои се првенствено духовно квалификувани да го прават тоа. Се разбира, секој зрел христијанин треба да даде предупредување ако види дека некој брат оди во опасност.

Ако ти даваш мислење или совет, погрижи се она што ќе го кажеш да се темели на побожната мудрост, а не на човечки теории и филозофии (Колосјаните 2:8). Биди како еден внимателен готвач кој се грижи сите состојки кои ги користи да бидат здрави и без нешто што би можело да биде отровно. Погрижи се твојот совет да биде цврсто темелен на Божјата Реч а не само на лично мислење (2. Тимотеј 3:16, 17). На тој начин можеш да бидеш сигурен дека твојот совет нема никому да му наштети.

Целта на советот е да го „исправи“ оној што греши, а не да го присили на некоја несакана промена. Грчкиот збор кој е преведен со „исправи“ е поврзан со еден термин кој се однесува на местење изместена коска за да се спречи понатамошна штета. Според лексикографот В. Е. Вајн, тој укажува и на „неопходноста од стрпливост и истрајност во тој процес“. Замисли си ја нежноста и вештината кои се потребни за да се избегне нанесување непотребна физичка болка. На сличен начин, еден советник треба да покаже голема грижа за да избегне да го рани оној кого го советува. Тоа е доста тешко кога некој бара совет. А кога не се бара твојот совет, потребна е уште поголема вештина и такт.

Сигурно дека нема да ‚исправиш‘ некого ако го одвраќаш од себеси. За да го избегнеш тоа, имај ја на ум потребата да покажуваш „нежна наклоност на сочувство, љубезност, понизност на умот, благост и долготрпеливост“ (Колосјаните 3:12NW). Ако лекарот е нестрплив и непотребно груб, пациентот може да го игнорира неговиот совет и никогаш повеќе да не се врати за потребното лечење.

Ова не значи дека на советот треба да му недостига цврстина. Исус Христос бил цврст кога ги советувал седумте собранија во областа на Азија (Откровение 1:4; 3:1—22). Тој им дал некои многу директни совети што тие требало да ги чујат и применат. Но, Исусовата цврстина секогаш била урамнотежена со особини како што се сожалување и љубезност, одразувајќи го притоа љубезниот дух на својот небесен Татко (Псалм 22:1—6; Јован 10:7—15).

Советувај со учтивост

„Зборот ваш секогаш да биде благодатен [со учтивост, NW], зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате!“ (Колосјаните 4:6). Солта може да го подобри вкусот на храната и да ја направи привлечна. За да биде твојот совет пријатен, мора да се изнесе „со учтивост, зачинет со сол“. Меѓутоа, дури и со најдобрите состојки, храната може лошо да се подготви или да се натрупа во чинијата така што ќе изгледа одбивно. Тоа не го подобрува апетитот. Всушност, може да биде тешко да се проголта дури и еден невкусен залак.

При давањето совет, важно е да се изберат вистинските зборови. Мудриот Соломон рекол: „Како златни јаболка во сребрени резби е збор кажан во вистинско време за тоа“ (Изреки 25:11NW). Веројатно тој имал на ум едно убаво изгравиран сребрен сад со прекрасно изрезбани златни јаболка на него. Колку само би било пријатно за окото и колку само би ценел да го добиеш како подарок! На ист начин, добро избраните, љубезни зборови можат силно да го привлечат лицето на кое се обидуваш да му помогнеш (Проповедник 12:9, 10).

За разлика од тоа, „навредлив збор јарост [лутина, NW] предизвикува“ (Изреки 15:1). Лошо избраните зборови можат лесно да резултираат во болка и лутина наместо во благодарност. Всушност, не само лошо избраните зборови туку и погрешниот тон на гласот може да предизвика лицето да отфрли некој совет кој во суштина е добар. Давањето совет на еден нетактичен, нечувствителен начин може да предизвика исто толкава штета како кога би нападнал некого со оружје. „Празнословецот [Оној кој зборува непромислено, NW] ранува како меч, а јазикот на мудрите исцелува“, вели Изреки 12:18. Зошто да зборуваме непромислено и да му отежнеме на некого да го послуша советот? (Изреки 12:15).

Како што рекол Соломон, советот треба да ‚се каже во вистинско време за тоа‘. За да биде советот успешен, многу е важно да се одбере времето! Очигледно е дека некој кој го изгубил апетитот можеби нема да ја цени храната. Можеби неодамна јадел обилен оброк или, пак, е болен. Да се храни сосила некој кој не сака да јаде не е ни мудро ни прифатливо.

Советувај со понизност на умот

„Исполнете ја радоста моја . . . не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност [на умот, NW] сметајте се еден друг за погорен од себе си! Не грижете се секој само за себе, туку [од личен интерес, NW] и за другите!“ (Филипјаните 2:2—4). Ако си добар советник, тогаш ќе бидеш мотивиран од „личен интерес“ за благосостојбата на другите. Исто така, „понизност на умот“ ќе покажуваш и кога имаш работа со духовните браќа и сестри сметајќи ги другите за супериорни во однос на тебе. Што значи тоа?

Понизноста на умот ќе те спречи да усвојуваш супериорен став или тон. Никој од нас нема основа да се чувствува супериорен во однос на соверниците. Одвреме навреме секој од нас потфрла. Бидејќи не можеш да го читаш срцето, особено е важно да не ги судиш мотивите на оној кого го советуваш. Можеби тој нема никаков лош мотив и не е свесен за некој погрешен став или постапки. Дури и ако донекаде е свесен дека е во расчекор со Божјите барања, несомнено ќе му биде полесно да прифати совет ако истиот му се даде понизно и со вистински интерес за неговата духовна благосостојба.

Замисли како би се чувствувал ти да си бил поканет на некој оброк, а притоа твојот домаќин да се однесувал со тебе на еден студен, презирен начин! Сигурно не би уживал во оброкот. Навистина, „подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза“ (Изреки 15:17). На сличен начин, може да биде тешко да се прифати дури и најдобриот совет доколку советникот покажува антипатија кон оној кого го советува или, пак, го омаловажува и го доведува во непријатна положба. Меѓутоа, љубовта, взаемното почитување и довербата ќе олеснат да се даде и да се прифати советот (Колосјаните 3:14).

Совет кој бил прифатен

Пророкот Натан покажал понизност на умот кога го советувал цар Давид. Љубовта и почитувањето кон Давид биле очигледни во она што Натан го рекол и сторил. Натан започнал со една илустрација во која зел предвид дека на Давид можеби ќе му биде тешко да го послуша советот (2. Царства 12:1—4). Пророкот апелирал на Давидовата љубов кон правдата и праведноста, иако таа не се гледала во неговите постапки во врска со Вирсавија (2. Царства 11:2—27). Кога била нагласена поентата на илустрацијата, искрената реакција на Давид била: „Згрешив пред Господа“ (2. Царства 12:7—13). За разлика од Каин кој не го послушал Јехова, Давид понизно ја прифатил исправката.

Несомнено, Јехова го водел Натан, земајќи ја предвид Давидовата несовршеност и веројатноста дека тој би можел да реагира неповолно. Натан продолжил со голем такт и очигледно го сметал Давид супериорен поради неговата положба на Јеховин наименуван цар. Ако ти имаш положба на некаков авторитет, би можел да дадеш исправен совет, но може да биде тешко тој да биде прифатен ако си пропуштил да покажеш понизност на умот.

Натан го исправил Давид со дух на благост. Зборовите на пророкот биле љубезни и внимателно подготвени така што Давид можел да реагира на начин кој би бил во негов најдобар интерес. Натан не бил мотивиран од личен интерес ниту, пак, се обидувал да заземе став на морална или духовна супериорност во однос на Давид. Колку само убав пример — да се кажат исправни зборови на соодветен начин! Ако покажуваш сличен дух, постои далеку поголема веројатност другите да го прифатат твојот совет.

[Слика на страница 22]

Слично на хранливо јадење, твојот совет треба да биде здрав

[Слика на страница 23]

Дали правиш твојот совет да биде привлечен како златни јаболка во сребрени резби?

[Слика на страница 24]

Пророкот Натан понизно апелирал на Давидовата љубов кон правдата и праведноста