Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Одлучни да го следиме Божјиот пат на живот

Одлучни да го следиме Божјиот пат на живот

Одлучни да го следиме Божјиот пат на живот

Конгресите „Божјиот пат на живот“ имаа многу да им понудат на оние кои сакаат да му служат на Бог! Еден делегат го опишал конгресот како „прекрасен период на поучување, охрабрување и просветлување“.

ДРУГ рекол дека „имало многу работи за радување, за размислување, за примање“. Сега да ја разгледаме самата програма.

Исус Христос — патот, вистината и животот

Тоа беше темата на првиот ден од конгресот (Јован 14:6). Првиот говор ја изложи целта на нашето заедничко собирање на конгресот: да бидеме и понатаму поучени за најдобриот можен пат на живот, за Божјиот пат на живот. Јехова го поучува својот народ како да оди по неговите патишта. Тоа го прави преку Библијата, преку „верниот и разборит роб“ и преку светиот дух (Матеј 24:45—47NW; Лука 4:1; 2. Тимотеј 3:16). Колкава само предност е да се биде поучен од Суверенот на универзумот!

Во склад со темата на денот, клучното предавање беше „Христовата откупнина — Божји пат за спасение“. Во приспособувањето кон Божјиот пат на живот, животоважно е да се признае улогата на Исус Христос во Јеховината намера. Говорникот рече: „Без откупната жртва на Исус Христос, ниту еден човек, без разлика на неговите верувања или дела, не би можел да добие вечен живот од Бог“. Потоа, тој го цитираше Јован 3:16 кој вели: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“. Практикувањето вера во Христовата откупна жртва бара да дојдеме до точно спознание на вистината. Исто така, тоа вклучува да му ги предадеме своите животи на Јехова, симболизирајќи го тоа со крштавање во вода и да живееме во склад со примерот кој го дал Исус Христос (1. Петрово 2:21).

Попладневната сесија започна со говорот со наслов „Патот на љубовта никогаш не изневерува“. Тој вклучуваше дискусија, стих по стих, за Павловиот возбудлив опис на љубовта кој е запишан во 1. Коринтјаните 13:4—8. Публиката беше потсетена дека самопожртвуваната љубов е обележје по кое се препознава христијанството и дека љубовта кон Бог и кон ближниот се неопходни обележја на обожавањето кое го одобрува Јехова.

Потоа следеше триделниот циклус со наслов „Родители — всадете го Божјиот пат во вашите деца“. Родителите можат да им помогнат на своите деца да му служат на Бог така што ќе им даваат добар пример во читањето и проучувањето на неговата Реч. Тие можат да ја всадат вистината во своите деца преку редовна семејна студија која ќе ја кројат според потребите на семејството. Исто така, важно е да им се помогне на децата да се вклучат во собраниските активности и во службата на теренот. Иако подигањето богобојазливи деца во овој злобен свет е предизвик, тоа донесува големи награди.

После овој циклус следеше говорот „Јехова нека те обликува за почесна употреба“. Токму како што грнчарот обликува еден глинен сад, така и Бог ги обликува оние кои сакаат да му служат (Римјаните 9:20, 21). Тоа го прави на тој начин што обезбедува совет во својата Реч и преку организацијата. Јехова ќе ни помогне во потполност да ги искористиме нашите способности доколку се ставиме на располагање, се одѕвиеме на приликите и спремно му дозволиме да управува со нашите чекори.

Потоа следеше еден возбудлив дел од програмата — „Служба на мисионерското поле“. Моментално, ширум Земјата во 148 земји служат 2.390 христијански министри за кои се смета дека имаат мисионерски статус. Тие даваат сјаен пример на лојалност и ревност, и се длабоко благодарни за предноста што можат да служат на странските полиња. Во текот на овој дел од програмата на меѓународните конгреси, мисионерите зборуваа за предизвиците и радостите на мисионерскиот живот.

Последниот говор од првиот ден имаше наслов „Постои ли живот после смртта?“ Ова прашање го збунува човештвото со милениуми. Луѓето од секое општество се зафаќале со таа тема. Не недостигаат наводни одговори. Тие се толку различни колку и обичаите и религиите на оние кои ги нудат. Сепак, луѓето треба да ја научат вистината.

После тоа, говорникот го објави излегувањето на една нова брошура во боја од 32 страници — Што ни се случува кога ќе умреме? Оваа брошура го објаснува потеклото на учењето за бесмртност на душата и покажува како тој концепт станал централен во речиси сите религии на денешниот свет. На еден јасен и привлечен начин, таа разгледува што вели Библијата за душата, зошто умираме и што ни се случува при смртта. Исто така, брошурата објаснува каква надеж постои за умрените и за живите. Колкав само благослов ќе биде оваа публикација за трагачите по вистината насекаде!

Строго пазете како одите

Колку само прикладна тема беше тоа за вториот конгресен ден! (Ефесјаните 5:15NW). Претпладневната програма се сосредоточи на делото на проповедање и правење ученици. После дискусијата за дневниот стих, програмата продолжи со говорот „Да им се помогне на луѓето да дојдат на патот кој води во живот“. При извршувањето на ова итно дело, важно е да се има позитивен став и да се признае дека споделувањето на вистината со другите е и предност и должност. Во првиот век н. е. повеќето луѓе ја отфрлиле Речта Божја. Меѓутоа, и покрај противењето, имало такви ‚кои биле исправно настроени за вечен живот и станале верници‘ (Дела 13:48, 50NW; 14:1—5). Ситуацијата денес е слична. Иако многумина ја отфрлаат библиската вистина, ние продолжуваме да ги бараме оние кои ќе реагираат поволно (Матеј 10:11—13).

Следниот говор дискутираше за предизвикот да се достигнат другите со пораката за живот. Со оглед на тоа што сега е потешко да се најдат луѓето дома, треба да бидеме темелни и снаодливи доколку сакаме да достигнеме колку што е можно повеќемина со пораката за Царството. Објавителите на добрата вест во многу земји постигнуваат добри резултати сведочејќи по телефон и проповедајќи во деловно подрачје, достигнувајќи ги на тој начин оние со кои инаку тешко може да се стапи во контакт.

Говорот со наслов „Да се поучуваат учениците за сѐ што заповедал Христос“ се сосредоточи на важноста да станеме вешти во нашата служба. Нашите вештини за поучување се изоструваат додека учиме од другите и го применуваме одличното обучување кое го добиваме на собраниските состаноци. Како што стануваме повешти во нашето поучување, така наоѓаме поголема радост и задоволство во нашето дело на помагање на луѓето да ја научат библиската вистина.

Претпладневната сесија заврши со еден говор за значењето на преданието и крштавањето. Една од точките кои ги изнесе говорникот беше дека, доколку имаме целосна доверба во Бог и искрено настојуваме да ја вршиме неговата волја, тој ќе нѐ благословува и ќе нѐ поддржува. Мудриот човек запишал: „По сите свои патишта размислувај за Него [Бог], и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“ (Изреки 3:6). Самото радосно крштавање беше врвна точка на конгресот и покажа дека многумина почнале да се приспособуваат кон Божјиот пат на живот.

После паузата за ручек, попладневната сесија започна со говорот „Да се служи со изглед за бескраен живот“. Намерата на Бог — послушните луѓе да му служат засекогаш на Земјата — ќе се исполни. Тогаш, колку само е прикладно нашето размислување, нашите планови и надежи да ги сосредоточиме на служењето на Јехова со изглед за вечност! Додека сакаме цврсто да го држиме на ум ‚Јеховиниот ден‘ (NW), животоважно е да запомниме дека нашата цел е да служиме вечно (2. Петрово 3:12). Тоа што не го знаеме точното време кога Исус ќе ја изврши Божјата освета, нѐ држи будни и ни дава секојдневни прилики да докажеме дека му служиме на Јехова со несебични мотиви.

Двата говора кои следеа после тоа го разгледаа 4. поглавје од писмото на Павле до ефесјаните. Меѓу работите кои беа разгледани беше благословот што го имаме во „облик на луѓе“ — духовно квалификувани мажи кои се наименувани со светиот дух. Овие старешини даваат совет и упатство за наша духовна корист. Исто така, Павловото инспирирано писмо ги поттикнува христијаните да ја облечат „новата личност“ (Ефесјаните 4:8, 24). Побожната личност вклучува особини како што се: сожалување, љубезност, понизност на умот, благост, долготрпеливост и љубов (Колосјаните 3:12—14NW).

Строго да пазиме како одиме вклучува и да се држиме неизвалкани од светот — а тоа беше темата на следниот говор. Потребна е рамнотежа во изборот на забавата, друштвените активности и материјалните тежнеења. Применувајќи го советот од Јаков 1:27, да се држиме неизвалкани од светот, ние уживаме чиста положба пред Бог и добра совест. Исто така, можеме да живееме смисловен живот и ќе бидеме благословени со мир, духовна благосостојба и прекрасно друштво.

Потоа следеше триделниот циклус со наслов „Млади — следете го Божјиот пат“. Знаејќи дека Бог ги љуби и ги цени нивните напори во поддржувањето на чистото обожавање, младите луѓе треба да ја обучуваат својата моќ на согледување за да му служат верно. Еден начин да се развие моќта на согледување е секојдневно читање на Божјата Реч и медитирање за неа. Ако го правиме тоа, тогаш можеме да ги запознаеме Јеховините патишта (Псалм 118:9—11). Исто така, моќта на согледување се развива преку прифаќање на зрелиот совет од родителите, старешините и публикациите на Заедницата. Користејќи ја својата моќ на согледување на исправен начин, младите се спротивставуваат на преокупацијата со материјалните поседи, на нечистиот говор и претерувањето во рекреацијата, кои го карактеризираат овој свет кој е отуѓен од Бог. Следејќи го Божјиот пат на живот, младите и старите можат да се радуваат на вистински успех.

Последниот говор на денот беше „Творецот — неговата личност и неговите патишта“. Откако истакна дека милијарди луѓе не го познаваат Творецот, говорникот рече: „Вистинското значење на животот е поврзано со: спознанието за Творецот, нашиот Бог кој е личност; со препознавањето на неговата личност и со соработувањето во склад со неговите патишта . . . Постојат факти за нашиот свет и за нас кои можеш да ги употребиш за да им помогнеш на луѓето да го прифатат Творецот и да пронајдат значење во поврзаност со него“. Потоа, говорникот дискутираше за доказот кој укажува на постоењето на еден мудар Творец кој е полн со љубов. Говорот кулминираше со објавувањето на новата книга Постои ли Творец кој се грижи за тебе?

„Ете го патот, врвете по него!“

Тоа беше темата на третиот конгресен ден (Исаија 30:21). Програмата започна со еден возбудлив циклус од три предавања кој се сосредоточи на Језекииловата визија за храмот. Оваа визија има големо значење за Божјиот народ денес, бидејќи се однесува на чистото обожавање во нашево време. Клуч за разбирање на визијата е следново: Јеховиниот голем духовен храм ја претставува неговата подготовка за чистото обожавање. Додека беше дискутирано за обележјата на таа визија, слушателите размислуваа за својата активност во поддршка на делото што го вршат надгледниците од помазаниот остаток кои се полни со љубов и потенцијалните членови на класата на кнезот.

Подоцна истото претпладне имаше една возбудлива библиска драма со костимирани учесници. Драмата носеше наслов „Семејства — направете го секојдневното читање на Библијата свој начин на живот!“ Таа ја прикажа верата и храброста на тројцата Евреи кои одбиле да се поклонат на златниот лик што го подигнал вавилонскиот цар Навуходоносор. Целта на драмата беше да се покаже дека Библијата не е само книга на древна историја, туку дека нејзиниот совет денес е навистина корисен како за младите така и за возрасните.

Попладневната сесија беше време за јавното предавање „Единствениот пат до вечен живот“. Откако ја проследи историјата за падот на човештвото во грев и смрт, говорникот заклучи со овие зборови кои поттикнуваат на размислување: „Библискиот стих за темата на овој конгресен ден е Исаија, поглавје 30, стих 21, кој гласи: ‚Ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!‘ Како го слушаме овој глас? Со тоа што ја слушаме Божјата Реч, Светото писмо, и со тоа што го следиме водството кое преку неа, како и преку својата современа христијанска организација, го обезбедува нашиот Голем Поучувач, Јехова Бог. Всушност, ова да се прави е единствениот пат до вечен живот“.

После резимето на статијата од студијата на Стражарска кула за таа седмица, дојде последниот говор со наслов „Продолжи да одиш по Јеховиниот пат“. Во него делумно беа разгледани главните точки на програмата. Потоа, говорникот изнесе една резолуција која ја изрази решеноста и понатаму да живееме по Божјиот пат.

Резолуцијата заврши со овие возбудливи зборови: „Уверени сме дека живеењето според библиските начела, совет и предупредување придонесува за најдобриот пат на живот денес и полага еден добар темел за иднината, така што можеме цврсто да се држиме за вистинскиот живот. Над сѐ, ја донесуваме оваа резолуција затоа што го љубиме Јехова Бог со сето свое срце, душа, ум и сила!“ Сите присутни ја потврдија својата согласност со едно гласно „Да!“

[Рамка/слика на страница 8]

Постои ли Творец кој се грижи за тебе?

Новата книга која го носи овој наслов претставува убедлив доказ за постоењето на Творецот, Јехова, и таа дискутира за неговите особини. Наменета е особено за оние кои се доста световно образовани, но не веруваат во Бог. Исто така, оваа книга од 192 страници ќе ја зголеми верата на поединците кои веќе веруваат во Бог и ќе изгради ценење за неговата личност и неговите патишта.

Постои ли Творец кој се грижи за тебе? не претпоставува дека читателот веќе верува во Бог. Напротив, таа дискутира за тоа како неодамнешните научни откритија и концепти го потврдуваат постоењето на Творецот. Меѓу поглавјата има наслови како, на пример: „Што може да го осмисли твојот живот?“, „Како настанал нашиот универзум? — Контроверзија“ и „Колку само си уникатен!“ Другите поглавја разгледуваат зошто можеме да бидеме сигурни дека Библијата е божествено инспирирана. Исто така, новата книга дава севкупен преглед на Библијата која ги открива личноста и патиштата на Творецот. Книгата не само што дискутира за тоа зошто Бог дозволил толку многу страдања туку објаснува и како тој засекогаш ќе ги отстрани.

[Слики на страница 7]

Беа крстени многу луѓе

[Слики на страница 7]

Новата брошура ја објави А. Д. Шродер, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци

[Слики на страници 8 и 9]

Возбудлива драма која охрабри на секојдневно читање на Библијата