Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Усниот закон — зошто бил изнесен на писмено?

Усниот закон — зошто бил изнесен на писмено?

Усниот закон — зошто бил изнесен на писмено?

ЗОШТО многу Евреи од првиот век не го прифатиле Исус како Месија? Еден очевидец известува: „И кога дојде Он [Исус] во храмот и поучуваше, пристапија кон Него првосвештениците и старешините народни и рекоа: ‚Со каква власт [авторитет, NW] го вршиш тоа и кој Ти ја дал таа власт [авторитет, NW]?‘“ (Матеј 21:23). Во нивни очи Семоќниот ѝ ја дал на еврејската нација Тората (Законот), а таа им дала на извесни мажи авторитет добиен од Бог. Дали Исус имал таков авторитет?

Исус покажал крајно почитување кон Тората и кон оние на кои таа им дала вистински авторитет (Матеј 5:17—20; Лука 5:14; 17:14). Но, тој честопати ги осудувал оние кои ги пречекорувале Божјите заповеди (Матеј 15:3—9; 23:2—28). Тие мажи ги следеле традициите кои станале познати како устен закон. Исус го отфрлил неговиот авторитет. Многумина, пак, од своја страна, го отфрлиле него како Месија. Тие верувале дека само оној кој ги поддржува традициите на оние кои имаат авторитет меѓу нив би можел да ја има Божјата поддршка.

Од каде потекнувал овој устен закон? На кој начин Евреите почнале да гледаат на него како да има авторитет кој е еднаков на пишаниот Закон што е изнесен во Писмото? И ако целта била тој да биде усна традиција, зошто на крај бил изнесен во писмен облик?

Од каде потекнале традициите?

Во 1513 пр. н. е. на гората Синај Израелците дошле во еден заветен однос со Јехова Бог. Тие преку Мојсеј ги добиле уредбите на тој завет (2. Мојсеева 24:3). Следењето на тие уредби би им овозможило да ‚бидат свети како што е свет нивниот Господ Бог‘ (3. Мојсеева 11:44). Под заветот на Законот, обожавањето на Јехова вклучувало жртви кои ги принесувало назначено свештенство. Требало да има едно централно место на обожавање — на крај тоа бил храмот во Ерусалим (5. Мојсеева 12:5—7; 2. Летописи 6:4—6).

Мозаитскиот закон ја дал целокупната структура за обожавање на Јехова од страна на Израел како нација. Меѓутоа, некои поединости не биле конкретно наведени. На пример, Законот забранувал да се работи на Сабат, но тој не подвлекувал јасна линија меѓу работата и другите активности (2. Мојсеева 20:10).

Доколку Јехова сметал дека е погодно да даде детални уредби кои би го опфаќале секое можно прашање, можел да го стори тоа. Но, тој ги создал луѓето со совест и им дозволил да имаат иницијатива да му служат со извесна мера флексибилност во рамките на неговите уредби. Законот направил подготовка судските случаи да ги решаваат свештениците, Левитите и судиите (5. Мојсеева 17:8—11). Како што бројот на случаите се зголемувал, биле поставувани извесни преседани и несомнено некои од нив се пренесувале од генерација на генерација. Методите за грижата за свештеничките должности во Јеховиниот храм биле исто така пренесувани од таткото на синот. Како што колективното искуство на нацијата се зголемувало, така се зголемувале и нејзините традиции.

Меѓутоа, во средиштето на обожавањето во Израел останал пишаниот Закон кој му бил даден на Мојсеј. 2. Мојсеева 24:3, 4 наведува: „Дојде Мојсеј и му ги повтори на народот сите зборови Божји и сите заповеди. И сиот народ одговори во еден глас, и рече: ‚Сите зборови што ги кажал Господ ќе ги помниме и ќе слушаме.‘ И ги напиша Мојсеј сите зборови Господови“. Бог го склучил својот завет со Израелците во склад со овие пишани заповеди (2. Мојсеева 34:27). Всушност, Писмото никаде не спомнува постоење на устен закон.

„Кој Ти го дал тој авторитет?“

Мозаитскиот закон на јасен начин го оставил главниот религиозен авторитет и поучувањето во рацете на свештениците, потомците на Арон (3. Мојсеева 10:8—11; 5. Мојсеева 24:8; 2. Летописи 26:16—20; Малахија 2:7). Меѓутоа, со текот на вековите, некои свештеници станале неверни и расипани (1. Царства 2:12—17, 22—29; Јеремија 5:31; Малахија 2:8, 9). Во ерата на грчката доминација, многу свештеници направиле компромис во врска со некои религиозни прашања. Во вториот век пр. н. е. фарисеите — една нова група во рамките на јудаизмот која немала доверба во свештенството — почнале да воведуваат традиции со кои обичниот човек можел да се смета себеси толку свет колку и свештеникот. Овие традиции им се допаднале на многумина, но сепак тие биле еден неприфатлив додаток на Законот (5. Мојсеева 4:2; 12:32, во еврејските изданија 13:1).

Фарисеите станале нови изучувачи на Законот и ја вршеле работата која сметале дека свештениците не ја вршат. Бидејќи Мозаитскиот закон не го земал предвид нивниот авторитет, тие развиле нови методи на интерпретирање на Писмото преку тајни алузии и преку други методи кои навидум ги поддржувале нивните гледишта. a Како главни чувари и унапредувачи на овие традиции, тие создале нов темел за авторитет во Израел. До првиот век н. е. фарисеите станале доминантна сила во јудаизмот.

Додека ги собирале постоечките усни традиции и барале библиска поврзаност за да воведат што повеќе од сопствените, фарисеите ја увиделе потребата да си дадат додатен авторитет на својата активност. Се родил еден нов концепт во врска со потеклото на овие традиции. Рабините почнале да поучуваат: „Мојсеј ја добил Тората на Синај и му ја предал на Исус Навин, Исус Навин на старешините, а старешините на пророците. Пророците, пак, им ја предале на мажите од поголемиот собир“ (Авот 1:1, Мишна).

Кога велеле „Мојсеј ја доби Тората“, рабините не укажувале само на пишаните закони туку и на сите свои усни традиции. Тие тврделе дека овие традиции — кои ги смислиле и развиле луѓе — Бог на Синај му ги дал на Мојсеј. И тие поучувале дека Бог не им оставил на луѓето да ги пополнуваат празнините, туку дека усно го дефинирал она што пишаниот Закон го оставил недоискажано. Според нив, Мојсеј го предавал овој устен закон низ генерациите, не на свештениците туку на другите водачи. Фарисеите тврделе дека тие се природните наследници на овој „непрекинат“ синџир на авторитет.

Законот во криза — ново решение

Исус, чиј авторитет добиен од Бог еврејските верски водачи го довеле во прашање, го претскажал уништувањето на храмот (Матеј 23:37—24:2). Откако Римјаните го уништиле храмот во 70 н. е., барањата на Мозаитскиот закон кои вклучувале жртви и свештеничка служба веќе не можеле да се исполнат. Бог воспоставил еден нов завет на темел на Исусовата откупна жртва (Лука 22:20). Заветот на Мозаитскиот закон бил доведен до крај (Евреите 8:7—13).

Наместо на овие настани да гледаат како на доказ дека Исус бил Месијата, фарисеите нашле друго решение. Тие веќе имале присвоено голем дел од авторитетот на свештенството. Кога храмот бил уништен, можеле да одат еден чекор понатаму. Рабинската академија во Јавнех станала центар на еден реорганизиран Синедрион — еврејскиот врховен суд. Под водство на Јоханан бен Цаки и Гамалиил II од Јавнех, јудаизмот бил потполно реструктуиран. Службите во синагогата кои ги воделе рабините го замениле обожавањето во храмот, кое го надгледувале свештениците. Молитвите, особено оние на Денот на искупување, ги замениле жртвите. Фарисеите резонирале дека усниот закон кој му бил даден на Мојсеј на Синај веќе го предвидел тоа и направил подготовка за него.

Рабинските академии се здобиле со додатен углед. Нивниот главен наставен план бил интензивна дискусија, памтење и примена на усниот закон. Основата за усниот закон претходно била поврзувана со интерпретацијата на Писмото — мидрах. Сега почнале да се поучуваат и одвоено да се организираат традициите кои биле во сѐ поголем пораст и кои се натрупувале. Секоја одредба на усниот закон била поедноставена во кратки фрази кои биле лесни за памтење и честопати биле музички обработени.

Зошто да се запише устен закон?

Изобилството рабински академии и сѐ повеќето рабински одредби создале еден нов проблем. Рабинскиот изучувач Адин Стаинсолц објаснува: „Секој учител имал сопствен метод и ги изразувал своите усни одредби во свој единствен стил . . . Повеќе не било доволно да се биде запознат со учењата на личниот ментор, и студентот бил принуден да се запознае со работата на другите изучувачи . . . На тој начин, поради ‚експлозијата на знаењето‘, студентите биле принудени да запамтат огромни количини материјал“. Среде морето од несредени информации, меморијата на студентот била оптоварена до критична точка.

Во вториот век н. е. еврејската побуна против Рим, предводена од Бар Кокба, довела до силно прогонство на рабинските изучувачи. Акиба — најистакнатиот рабин кој го поддржувал Бар Кокба — како и многу други водечки изучувачи, бил погубен. Рабините се плашеле дека повторно прогонство би можело да го загрози самото постоење на нивниот устен закон. Тие верувале дека традициите најдобро се пренесувале усно од учителот на ученикот, но овие променливи околности довеле до зголемен обид да се создаде една организирана структура за да се сочуваат учењата на мудреците — за да не се заборават засекогаш.

Во текот на еден подоцнежен период на релативен мир со Рим, Јуда Ха-Наси, водечкиот рабин од крајот на вториот и почетокот на третиот век н. е., собрал голем број изучувачи и го уредил големиот број усни традиции во еден организиран систем составен од шест Поделби, од кои секоја била поделена на помали делови — вкупно 63. Ова дело станало познато како Мишна. Ефрем Урбах, авторитет за усниот закон, коментира: „На Мишната . . . ѝ било дадено одобрување и авторитет каков што не ѝ бил даден ниту на една друга книга освен на самата Тора“. Месијата бил отфрлен, храмот лежел во урнатини, но усниот закон бил сочуван на писмено во облик на Мишната — започнала нова ера во јудаизмот.

[Фуснота]

a Овој стил на интерпретација на Писмото се нарекува мидрах.

[Слика на страница 26]

Зошто многу Евреи го отфрлиле Исусовиот авторитет?