Да му принесуваме на Јехова прифатливи жртви
Да му принесуваме на Јехова прифатливи жртви
ВО ЕДЕН период од историјата, на источниот влез од градината Едем можел да се забележи еден извонреден феномен. a Таму моќните херувими чувале стража, а нивниот злокобен изглед давал до знаење дека никој не смее да помине. На подеднаква закана укажувала и пламената острица на мечот кој кружно се движел и веројатно фрлал грозоморен блесок врз околните дрвја навечер (1. Мојсеева 3:24). Колку и да било ова фасцинантно, сите посматрачи стоеле на прилично растојание.
Веројатно Каин и Авел го посетиле тоа место многупати. Затоа што им се родиле на Адам и Ева надвор од градината, тие можеле само да нагаѓаат како изгледало да се живее во рајот, како што некогаш живееле нивните родители, со неговото добро наводнето бујно зеленило, како и со изобилното овошје и зеленчук. Сега, она малку од Едем што можело да се види, несомнено изгледало необработено и обраснато.
Адам и Ева сигурно им објасниле на своите деца зошто градината е запуштена и зошто тие биле истерани од неа (1. Мојсеева 2:17; 3:6, 23). Колку само фрустрирани мора да се чувствувале Каин и Авел! Тие можеле да ја гледаат градината, но не можеле да влезат во неа. Биле толку близу до рајот, а сепак толку далеку од него. Несовршеноста ги извалкала, а Каин или Авел можеле малку да сторат во врска со тоа.
Односот на нивните родители сигурно не можел многу да ги подобри работите. Кога ја осудил Ева, Бог ѝ рекол: „Ќе копнееш по својот сопруг, а тој ќе господари над тебе“ (1. Мојсеева 3:16, NW). Верно на тоа пророштво, сега Адам сигурно го покажувал своето господарство над својата сопруга, можеби така што повеќе не ја сметал како придружничка и помошничка. А се чини дека и Ева покажувала нездрава зависност од тој човек. Еден коментар оди уште подалеку со тоа што нејзиното „копнеење“ го опишува како „желба која се граничи со болест“.
До која мера оваа брачна ситуација влијаела врз почитувањето на момчињата кон своите родители, Библијата не кажува. Но, очигледно е дека Адам и Ева им дале вознемирувачки пример на своите деца.
Избирање различни патеки
На крај, Авел станал пастир, а Каин се зафатил со земјоделство (1. Мојсеева 4:2). Додека ги чувал своите стада, Авел несомнено имал многу време да размислува за необичното пророштво кое било изречено пред неговите родители да бидат истерани од Едем: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја повреди главата, а ти ќе му ја повредиш петицата“ (1. Мојсеева 3:15, NW). Сигурно Авел се прашувал: ‚Како ќе се изврши Божјето ветување во врска со семето кое ќе ја повреди змијата, и како ова семе ќе биде повредено во петицата?‘
После извесно време, веројатно кога биле доволно возрасни, Каин и Авел му дале принос на Јехова. Бидејќи Авел бил пастир, не изненадило тоа што тој изнел „од првината на стадото свое и од маста“. За разлика од него, Каин принел „од плодовите земни“. Јехова ја прифатил жртвата на Авел, но ‚на Каина и на неговите дарови не погледнал милозливо‘ (1. Мојсеева 4:3—5). Зошто не?
Некои укажуваат на фактот дека жртвата на Авел била од „првината на стадото“, додека жртвата на Каин била само „[некои, NW] од плодовите земни“. Но, проблемот не бил во квалитетот на производот што го принел Каин, зашто извештајот вели дека Јехова со наклоност погледнал „на Авела и на неговите дарови“, а со неодобрување „на Каина и на неговите дарови“. Значи, Јехова гледал првенствено на состојбата на срцето на обожавателот. Што согледал при тоа? Евреите 11:4 вели дека Авел ја принел својата жртва „со вера“. Значи, на Каин очигледно му недостасувала верата која ја направила прифатлива жртвата на Авел.
Во тој поглед, вредно е да се забележи дека приносот на Авел вклучувал пролевање крв. Можеби тој со право заклучил дека Божјето ветување во врска со семето кое требало да ја повреди петата ќе вклучува жртвување живот. Затоа, приносот на Авел бил молба за искупување, и тој изразил вера дека во одредено време Бог ќе обезбеди помирбена жртва за гревовите.
За разлика од него, Каин веројатно сосема површински размислувал за приносот што го дал. „Неговиот принос бил само признание на Бог како добротвор“, укажал еден библиски коментатор од 19 век. „Очигледно тој принос откривал дека тој не признавал дека постои вистински јаз меѓу него и неговиот Творец ниту, пак, некоја потреба да признае грев или зависност од искупување.“
Освен тоа, како првороден, Каин можел дури и дрско да претпоставува дека тој е ветеното семе кое требало да ја уништи Змијата, Сатана. Можеби и Ева негувала такви амбициозни стремежи за својот првороден син (1. Мојсеева 4:1). Се разбира, ако тоа било она што го очекувале Каин и Ева, тие биле во голема заблуда.
Библијата не наведува како Јехова го покажал своето одобрување на жртвата на Авел. Некои укажуваат дека ја изгорел оган од небото. Каков и да бил случајот, откако увидел дека неговиот принос бил отфрлен, ‚Каин се огорчил многу [вриел од лутина, NW], и лицето му потемнело‘ (1. Мојсеева 4:5). Каин одел кон пропаст.
Јеховиниот совет и Каиновата реакција
Јехова резонирал со Каин. „Зошто се огорчи [вриеш од лутина, NW]? Зошто се помрачи лицето твое?“ — прашал тој. Тоа му дало на Каин голема шанса да ги испита своите чувства и мотиви. „Зарем, кога правиш добро“, продолжил Јехова, „не го креваш ли лицето [нема да има возвишување, NW]? А ако не [се обратиш да, NW] правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!“ (1. Мојсеева 4:6, 7; види ја рамката на страница 23).
Каин не послушал. Наместо тоа, го однел Авел во едно поле и го убил. Подоцна, кога Јехова го прашал каде е Авел, Каин го зголемил својот грев со лага. „Не знам“, возвратил тој. „Зар сум јас чувар на братот мој?“ (1. Мојсеева 4:8, 9).
И пред и после убиството на Авел, Каин одбил да ‚се обрати да прави добро‘. Дозволил гревот да завладее со него, и заради тоа бил протеран од подрачјето каде 1. Мојсеева 4:15).
што живеело човечкото семејство. Бил утврден „знак“ — можеби само сериозен указ дека никој не смее да го убие Каин во одмазда за смртта на Авел (Подоцна Каин изградил еден град и го именувал според својот син. Не изненадува тоа што неговите потомци станале познати по нивното насилство. На крај, лозата на Каин завршила кога поплавата од времето на Ное ги очистила сите неправедни луѓе (1. Мојсеева 4:17—24; 7:21—24).
Библискиот извештај за Каин и Авел не бил сочуван само заради читање од забава. Напротив, тој бил ‚напишан за наша поука‘ и е ‚корисен за поучување, укорување‘ (Римјаните 15:4; 2. Тимотеј 3:16, NW). Што можеме да научиме од овој извештај?
Поука за нас
Слично на Каин и Авел, денешните христијани се поканети да му принесуваат на Бог жртва — не дословен пален принос, туку „пофална жртва [жртва на фалба, NW], односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (Евреите 13:15). Тоа моментално се врши на светско ниво додека Јеховините сведоци ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство во повеќе од 230 земји (Матеј 24:14). Дали ти имаш удел во тоа дело? Тогаш можеш да бидеш сигурен дека ‚Бог не е неправеден, та да го заборави делото твое и трудот на љубовта, што си ги покажал во Негово име‘ (Евреите 6:10).
Како и приносите на Каин и Авел, твојата жртва не се суди според нејзиниот надворешен изглед — на пример, само според бројот на часови кои ги поминуваш во службата. Јехова гледа подлабоко. Јеремија 17:10 вели дека тој ‚проникнува во срцето‘, па дури и ‚ја испитува утробата [срцето, NW]‘ — најдлабоките мисли, чувства и мотиви на личноста. Затоа, вистинското прашање е мотивот, а не количината. Навистина, без разлика дали е голема или мала, жртвата е вредна кај Бог кога се принесува од срце кое е мотивирано од љубов. (Спореди Марко 12:41—44 со 14:3—9.)
Истовремено, треба да бидеме свесни дека Јехова нема да прифати сакати жртви, исто како што не го прифатил приносот на Каин кој бил даден со половина срце (Малахија 1:8, 13). Јехова бара да му го дадеш своето најдобро, да му служиш со цело срце, душа, ум и сила (Марко 12:30). Дали го правиш тоа? Тогаш имаш добра причина да гледаш на својата жртва со задоволство. Павле напишал: „Секој нека си ги испита делата свои и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред друг“ (Галатјаните 6:4).
Каин и Авел го имале истото воспитување. Но, времето и околностите му дале на секого од нив прилика да развие посебни особини. Ставот на Каин постепено бил измачуван од љубомора, натпреварување и напади на гнев.
За разлика од него, Бог се сеќава на Авел како на праведен човек (Матеј 23:35). Неговата решеност да му угоди на Бог по секоја цена го направила освежувачки поинаков од неблагодарните од неговото семејство — Адам, Ева и Каин. Библијата ни кажува дека иако Авел умрел, сепак тој „уште зборува“. Неговата верна служба на Бог е дел од трајниот историски запис кој се наоѓа во Библијата. Нека сите го следиме примерот на Авел така што постојано ќе му принесуваме на Бог прифатливи жртви (Евреите 11:4).
[Фуснота]
a Некои мислат дека градината Едем била сместена во некој планински регион во источниот дел на денешна Турција.
[Рамка/слика на страница 23]
Модел за христијанските советници
„ЗОШТО се огорчи [вриеш од лутина, NW]? Зошто се помрачи лицето твое?“ Со ова прашање Јехова љубезно го разубедувал Каин. Тој не го присилувал да се промени, зашто Каин бил човек со слободна волја. (Спореди 5. Мојсеева 30:19.) Сепак, Јехова не се колебал да ги изложи последиците на тврдоглавиот правец на Каин. Тој го предупредил: „А ако не [се обратиш да, NW] правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе [длабоко копнее по тебе, NW]“ (1. Мојсеева 4:6, 7).
Вредно е да се забележи дека дури и покрај овој силен укор, Јехова не го сметал Каин за ‚изгубен случај‘. Наместо тоа, тој му ги кажал на Каин благословите што го очекувале доколку ги промени своите патишта и изразил уверување дека Каин би можел да го надмине овој проблем доколку го избере тоа. „Зарем, кога правиш добро“, рекол Јехова, „не го креваш ли лицето?“ Исто така, тој го прашал Каин во врска со неговата убиствена лутина: ‚А ти, дали ќе ја надвладееш?‘
Старешините во христијанското собрание денес треба да го имитираат Јеховиниот пример. Како што е забележано во 2. Тимотеј 4:2 (NW), тие понекогаш мора да ‚караат‘ и ‚укоруваат‘ отворено изложувајќи ги последиците на тврдоглавиот правец на лицето кое греши. Истовремено, старешините треба ‚силно да поттикнуваат‘. Грчкиот збор паракале́о значи „да охрабри“. „Опомената не е остра, полемична или критизерска“, забележува Theological Dictionary of the New Testament. „Фактот што утехата може да има друго значење укажува на истата мисла.“
Значајно е тоа што еден сроден грчки збор, пара́клетос, може да укажува на помошник или застапник во законски поглед. Затоа, дури и тогаш кога старешините даваат умесен совет, треба да запомнат дека тие се помошници — а не непријатели — на поединецот кому му треба совет. Исто како Јехова, старешините треба да бидат позитивни, да покажуваат доверба дека оној кој добива совет може да го надвладее проблемот. (Спореди Галатјаните 6:1.)
На крајот на краиштата, секако дека поединецот е тој кој треба да ја примени опомената (Галатјаните 6:5; Филипјаните 2:12). Можеби советниците ќе увидат дека некои не внимаваат на нивните предупредувања, токму како што Каин избрал да го игнорира укорот од самиот Творец. Сепак, кога старешините го имитираат Јехова — совршениот Модел за христијанските советници — можат да бидат сигурни дека тие го сториле она што требало.