Како можеш да покажеш вистинска понизност?
Како можеш да покажеш вистинска понизност?
ВИСТИНСКАТА понизност има голема вредност во Божји очи. Јаков напишал: „Бог се противи на горделивите, а на смирените [понизните, NW] им дава благодат“ (Јаков 4:6). Можеби тука Јаков алудирал на неколку мисли кои се изнесени во Хебрејските списи. „Зашто возвишен е Господ: и смирениот [понизниот, NW] го гледа, а горделивиот оддалеку го познава.“ „Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден.“ „Над оние што се подигруваат, Он се потсмева, а на смирените им дава благодат“ (Псалм 137:6; Исаија 2:11; Изреки 3:34).
И апостол Петар охрабрил на понизност. Тој напишал: „Здобивајте се со понизност [на умот, NW], бидејќи ‚Бог им се противи на горделивите, а на смирените [понизните, NW] им дава благодат‘“ (1. Петрово 5:5).
Христовиот пример на понизност
Можеби прашуваш: ‚Каква доблест или корист има во тоа да се биде понизен?‘ За лицето кое се стреми да биде вистински христијанин, одговорот е фундаментален — да се биде понизен значи да се биде како Христос. Исус ја покажал својата понизност така што ја прифатил посебната задача да дојде на Земјата од небесното подрачје и да стане понизен човек, понизок од ангелите (Евреите 2:7). Иако бил Син Божји, тој ги поднел понижувањата со кои го опсипале неговите религиозни непријатели. Тој останал спокоен во текот на испитите, макар што можел да повика на помош легиони ангели (Матеј 26:53).
На крај, иако Исус висел срамно на маченичкиот столб, сепак му останал верен на својот Татко. Затоа, Павле можел за него да напише: „Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше [размислуваше да присвои нешто сосила, NW] многу до тоа што е [да биде, NW] еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек; Сам се смири [понизи, NW], откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст“ (Филипјаните 2:5—8).
Тогаш, како можеме да покажеме вистинска понизност? Како можеме во практични ситуации да реагираме на еден понизен, а не на горделив начин?
Како реагира едно понизно лице
Да ја разгледаме понизноста во службени рамки, без разлика дали е тоа на работа или во христијанската служба. За да биде работата извршена успешно, можеби се потребни надгледници, раководители и надзорници. Некој мора да донесува одлуки. Како реагираш? Дали размислуваш: „Што се замислува, кој е пак тој да ми кажува што треба јас да правам? Јас ја вршам оваа работа повеќе години отколку тој!“ Да, ако си горделив, ќе се раздразнуваш при подложност. Од друга страна, пак, едно понизно лице се стреми да ‚не прави ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност ги смета другите за погорни од себе си!‘ (Филипјаните 2:3).
Како реагираш кога предлогот доаѓа од помладо лице или од жена? Ако си понизен, барем ќе го разгледаш. Ако си горделив, ќе негодуваш или ќе го отфрлиш без размислување. Дали повеќе сакаш фалба и ласкање кои ќе водат до твое уништување или, пак, конструктивен совет за твое изградување? (Изреки 27:9; 29:5).
Можеш ли да го пресретнеш предизвикот да западнеш во неволја? Понизноста ќе ти овозможи да се соочиш со тешки околности и да истраеш, токму како Јов. Ако си горделив, ќе бидеш склон да се исфрустрираш и можеби да се побуниш на сериозните околности и наводните навреди (Понизноста е полна со љубов и простува
На некои луѓе им е тешко да кажат: „Жал ми е. Згрешив. Ти беше во право“. Зошто? Па, премногу се горди! Сепак, колку само често едно вистинско извинување може лесно да стави крај на една брачна препирка.
Дали си спремен да простиш кога некој те вреѓа? Или, пак, во својата гордост држиш лутина, можеби со денови и месеци, одбивајќи да зборуваш со оној кој наводно те навредил? Дали дури негуваш огорченост со цел да се одмаздиш? Во некои освети убиени се луѓе. Во други, пак, методата е обид да се уништи нечиј углед со клевета. Спротивно на тоа, понизното лице е полно со љубов и простува. Зошто? Бидејќи љубовта не води евиденција за навредата. Јехова бил спремен да им прости на Израелците доколку тие ја проголтале својата гордост. Понизниот следбеник на Исус е спремен да прости, дури и секогаш одново! (Јоил 2:12—14; Матеј 18:21, 22; 1. Коринтјаните 13:5, NW).
Понизното лице ‚се натпреварува во почитувањето еден кон друг‘ (Римјаните 12:10). New International Version гласи: „Почитувајте се еден со друг повеќе од себеси“. Дали ги пофалуваш другите и ги цениш нивните способности и таленти? Или, пак, секогаш мора да најдеш некоја маана за да ја оцрниш нивната репутација? Да, дали си способен вистински да ги пофалиш другите луѓе? Ако имаш тешкотија во тој поглед, можеби имаш проблем со личната несигурност и гордоста.
Гордото лице е нестрпливо. Понизното лице е стрпливо и долготрпеливо. А како е со тебе? Дали те заболува секое неповолно однесување кое го согледуваш? Таквата реакција е спротивна на долготрпеливоста. Ако си понизен, нема да имаш превисоко мислење за себе. Сети се што се случило кога Исусовите ученици имале превисоко мислење за себе — западнале во вжештени спорови околу тоа кој од нив е најважен. Заборавиле дека сите се „слуги негодни“! (Лука 17:10; 22:24; Марко 10:35—37, 41).
Францускиот писател Волтер ја опишал понизноста како „скромност на душата . . . противотров на гордоста“. Да, понизноста е скромност на умот. Понизното лице е скромно во духот, а не горделиво. Тоа има длабоко почитување и учтивост.
Тогаш, зошто да се стремиме да бидеме понизни? Бидејќи понизноста го има Божјето одобрување и ни помага да добиеме божествено водство. Делумно поради понизноста на Даниил, Јехова го сметал тој пророк како некој кој е „[многу, NW] сакан“ и му испратил еден ангел со визија! (Даниил 9:23; 10:11, 19). Понизноста донесува многу награди. Таа донесува вистински пријатели кои те љубат. И повеќе од тоа, таа донесува Јеховин благослов. „Резултат на понизноста и стравот Јеховин е богатство и слава и живот“ (Изреки 22:4, NW).
[Слика на страница 7]
Еден понизен збор на извинување може да го направи животот помирен